Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ГОШЕВ. ЧОВЕКОТ СО НАЈВАЛКАНАТА УЛОГА ВО МАКЕДСКОТО ЛАЖНО ОСАМОСТОЈУВАЊЕ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:После АСНОМ ни ги зедоа граѓанските права, а во 1991 година сакаа од Македонија да направат бановина!

Веднаш по формирањето на првите органи на новата држава (на Републиката во составот на СФРЈ), ги „снемало“ правото на загарантираниот имот, правото на сопственост, приватната иницијатива во стопанскиот живот, слободата на совеста, слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружувањето. Сите тие права беа гарантирани во декларацијата на АСНОМ. Безмалку пет децении подоцна, Македонија се соочи и со опасноста од губење на својот изворен суверенитет.

КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 25/09/2023 8:00:55

[Image: gosev-prvo-prodolzenie-750x430.jpg]

Кога зборувам за 2 август 1944 година и за измамата на тoгашните комунисти, се разбира, не се работи за чинот на конституирањето на македонската држава. Од тој чин нема, ниту ќе има поголем во нашата историја.
Се работи за она „внатре“ во новата држава; за ветеното внатрешно уредување – за економскиот, социјалниот и за политичкиот систем. Тоа ветување е претворено во огромна измама.
Како?
Па еве, едно потсетување за оние што никогаш не помислиле на тоа и никогаш не ја прочитале славната Декларација на АСНОМ за правата на граѓаните на Демократска Македонија. Клучните точки од неа:
Точка 3: „На секој граѓанин му се гарантира сигурноста на личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната (приватната) иницијатива во стопанскиот живот.
Точка 4: „На секој граѓанин му се гарантира слободата на вероисповед и слободата на совеста“.
Точка 5: „На сите граѓани им е гарантирана слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружувањето.
Веднаш по формирањето на првите органи на новата држава (на Републиката во составот на СФРЈ) ги „снемало“ правото на загарантираниот имот, правото на сопственост, часната (приватната) иницијатива во стопанскиот живот, слободата на совеста, слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на здружувањето. Настапува ерата на национализацијата, конфискацијата, секвестрацијата, колективизацијата, цензури на напишаното, санкциите за изреченото, лишувањето на луѓето од дотогаш веќе прифатените „неотуѓиви права на човекот и граѓанинот“. Извојувани и применувани, чекор по чекор, првично во атарот на т.н. „западна цивилизација“.

Како е изведена оваа голема измама?

Со репресија! Но, која била тактиката?
За тоа пишува и проф. Дејан Јовиќ (не само тој), во својата книга од 530 страници, под наслов „Југославија, држава која је одумрла“. Значи, на следниов начин:
„Во Втората светска војна… југословенските комунисти го истакнуваа принципот на националната еманципација многу повеќе од идејата за социјалната правда и за социјалистичката револуција. Тоа не било само последица на сопствениот прагматизам, туку и израз на лојалноста спрема главните сојузници, Лондон и Москва, кои препорачувале да не се отвораат политички прашања (посебно не во форма на граѓанска војна) во текот на војната за ослободување на земјата од окупаторот. По почетниот драматичен пораз, на врвот на партизанското движење му требало долго време отворено да признае дека го води комунистичката идеја. Наместо тоа, партизаните го истакнувале патриотскиот карактер на својата борба, говорејќи за братство и единство, идеал кој лесно може да се идентификува со братство, единство, слобода, значи, со темелите на либерално-демократските барања. Дури кон крајот на 1943 година станало јасно дека нова Југославија нема да биде само козметички поинаква од старата. Но, ни тогаш, во програмата на настапувачката власт, не се нашол социјализмот, а ни монархијата не била забранета еднаш засекогаш. Партизанската реторика вешто ги обединувала патриотските (југословенски) елементи (кои биле популарни не само кај Србите), со ветувањата за радикални (но неспецифицирани) промени… По многу нешта партизанското движење било широка ‘црква’ во која можеле да застанат разни струи и групи“.

„Една држава една партија, една идеологија“
 

На лидерите на КПЈ им било совршено јасно што би можело да се случи доколку уште во текот на војната ги соопштеле плановите за лишување на граѓаните од приватната сопственост, лишувањето од земјата преку колективизацијата (селските работни задруги), укинувањето на правото на политичко здружување итн. Затоа, одбегнувале да одат понатаму од синтагмата „социјална и национална правда“ (за народите и малцинствата, подоцна народностите) кон спецификација на личните права и слободи на поединецот.
Бидејќи политиката на КПЈ се „варела“ и се „печела“ во самиот врв на Партијата, во тоа време во никој случај без Коминтерната (читај: СССР) и се дистрибуирала „надолу“ преку фамозните „директиви“, воопшто не треба да изненадува што ни во Декларацијата, ни во Манифестот, усвоени на Првото собрание на АСНОМ, нема ни збор за она што потоа фактички ќе се случи со фундаменталните слободи и права на граѓаните.
Сѐ било „потопено“ од  геслото: „Една држава – една партија, една идеологија“.
И една голема лага, бездруго. На следната, Македонија ќе почека безмалку пет децении…

Зошто се одолговлекуваше закажувањето на Референдумот за независност?

Од филмуваните прикази за Референдумот за осамостојувањето на Македонија, посебно од финалната снимка, кога Киро Глигоров, на плоштадот Македонија, вечерта по гласањето, со пискав глас ќе изрече „Нека ни е честита слободна, суверена и самостојна Македонија“, сѐ изгледа така едноставно, чисто, величествено, храбро. Но, до тој ден, но и прилично време потоа, целиот процес беше исполнет со надмудрувања, симулирања, итроштини, резервни опции.
Две прашања посебно ги интригираа политичките актери и поинформираната јавност: Зошто се одолговлекуваше закажувањето на Референдумот? И од кои причини референдумското прашање, најблаго речено, беше формулирано на противречен, контроверзен начин?
За да може читателот подобро да го разбере ова прашање, особено тој што бил вон професионалните политички процеси, ќе се позанимаваме со некои важни настани, пред, за време на одржувањето и пропаѓањето на 14. Вонреден конгрес на СКЈ и по него.

Претконгресно „млатење празна слама“

Уште пред да бидам избран за претседател на ЦК СКМ, бев остро напаѓан од српските медиуми, контролирани од нивните политички газди. Не им се допаѓаа моите ставови за реформите на економскиот и политичкиот систем на земјата. Патем, барав систем без доминантност на т.н. општествена сопственост, комплетен пазар –  не само пазар на  стоки, туку и пазар на капитал и работна сила – и партиска политичка конкуренција.
Во тоа време, можеби поради тоа, можеби поради нешто друго, тие отворено навиваа на таа функција (во Македонија) да биде избран мојот противкандидат, Михаил Данев. Во нивниот печат (многу застапен во Македонија) објавија повеќе текстови со директни напади врз мене непосредно пред одржувањето на 10. конгрес на Сојузот на комунистите на Македонија (ноември 1989 година), со намера да повлијаат врз изборот за претседател на Партијата. Како што можев да се уверам, мене тоа повеќе ми помогна, отколку спротивното.
Од 20 до 22 јануари 1990 година, се одржа пропаднатиот конгрес на СКЈ. Учествував директно во неговата подготовка, преку членството во проширениот состав на Претседателството на ЦК СКЈ (проширен со учество на претседателите на републичките сојузи на комунисти, меѓу кои бев и јас). Со недели „млатевме празна слама“. Бадијала летаа државните авиони за Белград. Ќе се одржи, нема да се одржи, која е минимум платформата прифатлива за сите републички организации, по кои прашања најмногу се разликуваме итн.

Што бараа Словенците во Белград?

Клучното: Словенците бараа СКЈ да се трансформира во сојуз на самостојни републички организации, што значеше: да нема надгласување за прашања што секоја република ги смета дека се од витален интерес за неа и напуштање на таканаречениот демократски централизам при одлучувањето во органите на посакуваниот сојуз на сојузите на комунисти.
Србите жестоко се спротивставуваа на тоа. Знаеја дека потоа следува и таква дефиниција за асоцијацијата на шесте републики што ќе треба да се впише во новиот устав: целосно трансформирање на федерацијата во конфедерација. По тешки натегања, конечно, сите се согласивме со напишана препорака од Претседателството на ЦК СКЈ, дека на Конгресот нема да има надгласување за прашања што републиките ќе ги кандидираат дека се од посебен интерес за нив. Дека за такви е потребно одлучување со консензус. Кога почна Конгресот, настапи српското стампедо. Сите амандмани за кои Словенците инсистираа да нема надгласување, беа одбиени со надгласување.
Словенечкиот предлог за дефинирање на СКЈ како организација на републичките организации на СК, кои рамноправно се здружуваат во СКЈ, доби поддршка од само 169 делегати, од вкупно 1156 присутни. Предлогот на Миран Потрч (познат повеќегодишен словенечки функционер) во документите од Конгресот јасно да биде запишано дека „Народите здружени во Југославија го исполнуваат својот суверенитет внатре во републиките и имаат право да одлучат кои од своите суверени права сакаат да ги остваруваат преку демократските институции во Југославија“, доби поддршка од 526 делегати. Солидна бројка, но не и мнозинство за да биде прифатен. Потоа уследи уште еден амандман од Словенците: „Политички да се осудат економските блокади што некои републики им ги наметнуваат на други“. И овој амандман не доби мнозинство.
Веднаш потоа, словенечките делегати објавија дека го напуштаат Конгресот, а по нив истото го сторија и хрватските. Слободан Милошевиќ побара продолжување на Конгресот, со утврдување „нов кворум“. Не се прифати, настана голема мешаница и мораше да има пауза. Во текот на паузата, ги свикав нашите делегати на состанок „од нога“. Кратко образложив дека без полн состав (присуство на сите делегации) нема југословенски конгрес. Си ги спакувавме куферите и ние се вративме назад во Македонија. Добив информација дека истото, но со голема поделеност, го сториле и делегатите од БиХ, а малку изненадувачки, и делегацијата од ЈНА констатирала дека нема услови за продолжување на конгресот.

Збеснаа кога кажавме: „Нема конгрес без сите шест републики“

По 14. Вонреден конгрес на СКЈ настана вистинско лудило од напади и притисоци врз оние што не сакаа да продолжи без Словенците и без Хрватите (тоа, пред сѐ, бевме ние Македонците): жестоки напади од српските медиуми, вистинско черечење и притисоци од врвот на ЈНА, кој неколкупати ме „удостои“ со делегации во мојот кабинет, во мисија за негово продолжување на линијата на српската позиција  – „кого нема, без него се може!“
Притоа, секој од највисоките офицери, не пропушташе да додаде: „Оваа земја е со крв градена, со крв ќе ја браниме“. Не правеа разлика дека таа не е нападната однадвор, туку некои од тие што се внатре, што биле дел од основачите и од градителите, не сакаат под секакви услови да продолжат со другите. Во делегациите на ЈНА секогаш имаше и по некој генерал или полковник Македонец – на служба во Белград, или во Македонија.
Јас, пак, исто така, секому од нив морав да му повторувам: „Нема конгрес без сите шест републики. Ако интервенирате, ќе се распаднете како кула од карти. Размислете добро, како ќе ги натерате ‘децата’ (војниците) да пукаат во своите родители, браќа, сестри. И вие во врвот нема да одржите единство, не само зашто не сте еднонационален состав!“ (Патем, еден од нив, адмиралот Божидар Грубишиќ, кој на еден од состаноците прилично го подигна тонот кон мене, потоа стана прв соработник на Фрањо Туѓман, од кого беше и одликуван).
Во тој период нападите врз мене ги вжештив со дополнителни две изјави, што предизвикаа вистински изливи на бес. Во едната изјава реков: „Македонија повеќе нема да биде ничија бановина, покраина, протекторат и понтификат“. Во втората: „Ако една република ја напушти Југославија, за самостојност ќе се определи и Македонија“. Вторава ја повторувавме речиси сите од Претседателството и беше запишана во Изборната програма на СКМ-ПДП за претстојните избори во ноември 1990 година, па затоа не беше поштедено ни потесното раководство на Партијата, набедувано дека „се одметнало од сопствената база“. Дека, наводно, мнозинството членови на Партијата не го поддржувале таквиот став. Да бидам прецизен: секогаш префериравме опстанок на Југославија, во каков било формат на асоцијација, но под услов со сите шест рамноправни републики.
Во српскиот печат, насловите против мене се редеа како на филмска лента. Само во месец април 1990 година, и тоа само во белградска „Политика“, беа објавени 37, притоа 7 само во еден број (10 април).
За илустрација, еве некои наслови и поднаслови:
  • Лажна демократија Петар Гошева!“ (7 април)
  • За Гошев је наставак 14-ог конгреса разбијање СКЈ“ (9 април)
  • Петар Гошев се залаже за авнојску Југославију, а ради на Југославију словенечког типа“ (10 април)
  • Понашање Гошева је исто као и  понашање Методија Шаторова Шарло, који је 1941 г. одвоио КП Македоније од КПЈ“ и „Гошев је забранио растурање српске новине у Македонији“, заклучок од дискусијата на СУБНОР, Белград (12 април)
  • „Гошев и његове клевете на рачун Србије“ (14 април)
  • Гошев завађа македонски народ“ (18 април, спакувано во антрфиле)
  • „Ко стоји иза изречених тврдњи Петра Гошева да је СРМ бановина, покрајина или понтификат северне републике, питају кумановски борци“ (18 април). Всушност, реков дека „Македонија нема никогаш повеќе да биде…“
  • Разбијачке намере Петра Гошева“ (18 април) итн.
„Лесно“ ги најдоа и „причините“ за моите ставови. Сум бил „словенечки докторант“.

Quote:Ова е текст за нашата „култура на мамење“. Посебно во моменти кои слободно може да ги наречеме „соочувања со историјата“. За упорноста на нашите претставници на власта, секогаш на својот народ да му „скројат капа“, според сопствената, а не според неговата глава. Секогаш „лагата да блесне посилно од вистината“. Притоа, ќе се обидам тоа да биде што повеќе во согласност со геслото на Огист Конт (Auguste Compte): „Ништо не претпоставувам, ништо не предлагам, јас изложувам“, што, признавам, воопшто не е лесно. Па, ако покажам недоследност во таа смисла, однапред се извинувам.
Авторот

Од Ѕинго, преку „Писмата на читателите“ во „Нова Македонија“ и до МАНУ

Наведените политички позиции (во кои услови и Македонија би се определила за целосна самостојност) имаа поддршка од убедливо мнозинство граѓани на Македонија. Во самата партија, најшироки артикулирани противења беа искажани од кумановската партиска организација. Во некои други делови од партијата, несогласувањата беа ограничени на некои тесни раководни кругови и на поединци. Во Кратово, во рамки на најтесното раководство, под влијание на Љубисав Иванов-Ѕинго, на поединци од битолската и кичевската партиска организација, имаше почетна, но брзо коригирана реакција и од тесното раководството во општината Карпош (Скопје) и сé друго, небитно за спомнување.
Во вонпартиската јавност забележав несогласување кај еден дел од членовите на Сојузот на борците на Македонија, без некоја поголема јавна артикулација и сведено на некои текстови против мене, објавувани во „Нова Македонија“, на страницата „Писма од читателите“. Отворено против беше и  новоформираната „Партијата на Југословените“ (некои други од новоформираните не се изјаснуваа по тоа прашање), знаев за некои групи од поголемите бизнисмени со силни трговски врски со Србија (како потврда на Марксовиот став дека идеологијата доаѓа од стомакот), а ми беа познати и поединци од универзитетската средина, вклучително и неколку членови на МАНУ.
Сѐ на сѐ, слаба (барем јавно) опозиција на нашиот, прилично рано деклариран став.
Во сите анализи, распаѓањето на СКЈ се посочува како главна причина за распаѓањето на Југославија. Во таа смисла имаше повеќе наслови од типот „Исчезна партијата, исчезна државата“. Бездруго, наведеното воопшто не беше без основа, зашто градбата на Југославија, доминантно базираше на идеологијата на СКЈ. Односно, може да се каже дека Југославија, пред сѐ, беше „идеолошка конструкција“. Сепак, тоа не е сѐ и не може баш толку да се поедноставува.

(Во второто продолжение: Србија прва ја напушти Југославија, а ние патевме од комплекс на помала вредност и од вазалски сентимент кон Белград)
19-10-2023, 07:06 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:Србија прва ја напушти Југославија, а ние патевме од комплекс на помала вредност и од вазалски сентимент кон Белград

Традиционално, најголемиот број македонски политичари, од формирањето на АСНОМ-ска Македонија до осамостојувањето, не се одважуваше да зборува за погрешните политики на кое било српско раководство -  важни за Југославија и за сите во неа. Дури и во последните години пред распадот, тие што се одважуваа можеше да се избројат на прстите од едната рака. И повеќето од нив кога не беа на некоја државна, или друга важна функција.
КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 26/09/2023 8:00:50

[Image: gosev-vtoro-prodolzenie-750x430.jpg]

Распаѓањето на Југославија започна далеку пред фамозниот конгрес на СКЈ. А Словенците и Хрватите не се ни единствените, ни најголемите виновници за тоа. Тоа, практично започна, како што предвидуваа разузнавачките служби на најголемите држави, веднаш по смртта на Тито. Но, идеолошкото ткиво за тој чин се ткаеше далеку пред тоа – посебно со повторното повампирување на големосрпскиот национализам. Да потсетам на некои важни моменти од настаните во Србија, без претензии за поголема исцрпност.

Памфлетот на Добрица Ќосиќ

Уште во далечната 1970 година, подоцна прогласениот „татко“ на српската нација, Добрица Ќосиќ, во неговата пристапна беседа за член на САНУ, искажа една голема будалаштина, со уште поголема опасност за односите во Југославија: Српскиот народ добиваше во војна, а губеше во мир!“
Истата, во 1986 година, најде место и во фамозниот Меморандум на Српската академија на науките и уметностите, наведена, како (наводно) главна причина за заостанувањето на Србија во нејзиниот општествено-економски развиток. Како што Југославија запаѓаше во сѐ поголема (севкупна) криза и, еден по еден, го напуштаа овој свет нејзините основачи, така оваа памфлетска, популистички разорна реченица, стануваше сѐ посветол факел (аксиоматска вистина) за сите видови српски националисти. Се чекаше само водачот и моментот кога ќе се киниса во исправка на тоа што Србија „го добивала во војна, а го губела во мир“.
Водачот се најде, а и времето му се совпадна. Во 1987 година, власта во Србија ја зграпчи вештиот популист Слободан Милошевиќ, откако ги ликвидира политички, а некои од нив и физички (Иван Стамболиќ), неговите опоненти. Тој беше „избраниот“ што Србите ќе ги поведе во исправките на неправдите што ѝ биле нанесени на Србија, како што потоа ни се разјасни, преку две алтернативи – или со реконструкција на Југославија, во која одлучувачки ќе доминира Србија, односно претворање на Југославија во „проширена Србија“ (што би рекла Латинка Перовиќ); или, одвоено од неа, но со физички проширени граници на Србија на сметка на Хрватска и БиХ.
И, борбата почна: „институционално и вонинституционално“!

Уставниот удар на Слободан Милошевиќ

Во 1988 и 1989 година, Милошевиќ ги организираше познатите митинзи за де факто укинување (раздржавување) на покраините Косово и Метохија, и Војводина, како и за целосно „прибирање“ на Црна Гора во рамките на тогаш  нарекуваните „српски земји“, денес, поперфидно, нарекуваниот „српски свет“. И, брзо успеа во тоа. Ги смени раководствата и „инсталира“ подобни, послушни, лојални. Зошто? Затоа што двете покраини биле членки на Федерацијата, а истовремено имаа и свои делегати (пратеници) во Собранието на Србија. Па, така, тие можеле да влијаат врз политиката на Србија, а Србија не можела битно да влијае врз нивната сепаратистичка политика. Го смени и раководството во Црна Гора и доведе негови приврзаници.
На почетокот на 1989 година, Милошевиќ ја најави промената на уставната положба на Србиja. Тоа што го стори со митинзите во покраините, да го вгради во Уставот на Србија. На тоа, со штрајк, реагираа рударите во рудникот Стари Трг кај Приштина. За да го задуши штрајкот, Милошевиќ побара од југословенскиот државен и партиски врв одобрување да употреби сила. Бидејќи на одржаниот митинг во Белград (19 ноември 1988 година), според некои проценки, доби поддршка од над 1 милион луѓе, на 28 февруари 1989 година, Претседателството на СФРЈ немаше каде. Ја одобри употребата на војската. Паралелно со тоа, српските полициски сили упаднаа во рудникот и го задушија отпорот на рударите, а на 23 март 1989 година косовскиот парламент беше принуден да ги прифати амандманите на Уставот со кои Покраината ги изгуби атрибутите на државност.
Пет дена подоцна, на 28 март 1989 година, Собранието на Србија ги прогласи амандманите на српскиот Устав, со честитки дека ја исправиле историската грешка со која било „намалено влијанието на српската држава врз својата територија“.
Борисав Јовиќ, тогаш претседател на Собранието на Србија, го квалификуваше Уставот на Југославија од 1974 г. како  устав што ѝ бил наметнат на Србија – репетиција на запишаното од академиците на САНУ во 1986 година, во прочуениот Меморандум: „Србија мора отворено да каже дека тоа уредување (југословенското) ѝ е наметнато“.
Став на српското водство: „Македонија нема да ја молиме“
На 10 јануари 1990 година, десет дена пред почетокот на 14. Вонреден конгрес на СКЈ, српскиот државно-политички врв одржал координативен состанок, во состав: Слободан Милошевиќ (претседател на Србија), Петар Грачанин (министер за внатрешни работи), Богдан Трифуновиќ (претседател на ЦК СК Србија) и Борисав Јовиќ (потпретседател на Претседателството на СФРЈ).
Според записите на Б. Јовиќ, ја договориле „минималната стратегија“ на Србија. Денес би рекле, црвената линија:
  • Зачувување на СКЈ како единствена организација;
  • Зачувување на принципот на демократски централизам;
  • Изолација на Словенија (така што, Хрватска, Македонија и БиХ да не можат да ѝ се придружат).
Во март 1990 година (истиот извор, 1990:1995:152-3) само два месеца по неуспешниот конгрес на СКЈ и месец дена пред првите парламентарни избори во Словенија и во Хрватска, наспроти јавните ламентации за Југославија, српското раководство почнува да ја напушта југословенската идеја. Одлучува да го прифати распадот на Југославија како готова работа. Со алтернатива,  прифатена од Милошевиќ, дека таа може да биде и во помали географски димензии. Таков став бил заземен на неформалната политичка координација на врвот на Србија, на 26 март 1990 година, по поразот на комунистите и победата на националистите во Хрватска.
Заклучокот што го наведува Б. Јовиќ од таа координација е: „Оценуваме дека се остварува процес на распаѓање на Југославија на сличен начин како што се случи со СКЈ. Ни изгледа незапирлив. Србија ќе води искрена политика за опстанок на Федерацијата, но ќе се спреми да живее без Југославија. Во евентуалниот распад на земјата сметаме на единство со Црна Гора. Македонија нема да ја молиме. Ако она замоли, мора да се извини за гревовите спрема жртвите од Првата светска војна (кои ги смета за окупатори). Наша цел е да избегнеме крвопролевање, да воспоставиме граници во кои нема да се војува. Вон тие граници војната нема да може да се избегне, бидејќи БиХ нема да може да опстане како држава, а битка за територии без крв тешко може да е замислива. Србија нема да пристане на конфедерација. Единствен начин тоа да се прифати, но кој е неостварлив, би бил договорена гаранција за правата на српскиот народ во другите југословенски републики. Бидејќи тоа би било провокативно барање, и неостварливо, бидејќи српскиот народ на крајот би бил измамен, дури и кога сите би се согласиле на тоа, реално Србија нема ни една причина да прифати конфедерација….“ (Б. Јовиќ, 26 март 1990:1995:131-2)

Како Милошевиќ ги кроеше границите на скратената Југославија

На 28 јуни 1990 година, Борисав Јовиќ и Милошевиќ разговарале за новите граници на Србија и за географски помалата Југославија. Јовиќ, за тоа, во веќе цитираниот извор, пишува:
„Он се согласува со идејата за исфрлање на Словенија и Хрватска од Југославија, но ме прашува дали војската ќе изврши таква наредба? Му велам, мора… да не се сомнева во тоа, само ми е проблем што со Србите во Хрватска и како да се обезбеди мнозинство во Претседателството на СФРЈ за таква одлука. Слобо даде две идеи: прво,„отсекувањето“ на Хрватска да се изврши така што личко-банијските и кордунашките општини, кои создадоа заедница, да останат на наша страна, со тоа што подоцна народот на референдум да се изјасни дали сака да остане или да излезе; и второ, членовите на Претседателството на СФРЈ од Словенија и Хрватска да се исклучат од гласањето на одлуката, зашто не го претставуваат оној дел од Југославија кој сака таа одлука да ја донесе. Ако Босанецот биде ЗА, тогаш имаме двотретинско мнозинство. Слобо апелира таа одлука да ја донесеме најдоцна за недела дена, ако сакаме да ја спасиме државата. Без Хрватска и Словенија, Југославија ќе има околу 17 милиони жители, а тоа за европски прилики е доволно“.
Краток коментар на ова:
  • Милошевиќ и натаму не го заборава „новиот кворум“ што го бараше за време на 14. Вонреден конгрес на СКЈ, откако словенечката и хрватската делегација го напуштија конгресот.
  • Да го цитирам Дејан Јовиќ: „Иако Милошевиќ зборува за етнички (српски) граници, и натаму таа нова држава ја нарекува Југославија. За него, во тој момент, значи, нема разлика помеѓу српството и југословенството“. („Југославија, држава која је одумрла“, стр. 483.)
  • Милошевиќ и Борислав Јовиќ воопшто не се сомневаат дека македонскиот претставник во Претседателството на СФРЈ ќе гласа за таква одлука. А можеби и затоа што сѐ уште еднопартиските органи во тоа време во Македонија (Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и колективното Претседателство на СРМ), не го увериле со ништо поинакво. Напуштањето и на нашата делегација на Конгресот на СКЈ, кој тој сакаше (со утврдување нов кворум) да продолжи и без Словенците и Хрватите, тој како да не го сфатил доволно сериозно, или знаел дека во Македонија има или ќе дојдат некои други луѓе кои „работите ќе ги средат поинаку“.

Една „нова Југославија“

На 2 јули 1990 година, Србите на референдум го поддржаа  новиот Устав. На 28 септември, истата година, Собранието на Србија го изгласа и го стави во функција. Со тој устав, Србија фундаментално ја промени својата позиција во однос на федерацијата и односите со другите републики:
  • Со член 72, став 1, таа целосно се позиционираше како конфедерална држава, во некој остаток од југословенската заедница. Тој член гласи: „Република Србија ги уредува и обезбедува: 1. суверенитетот, независноста и територијалната целовитост на Република Србија и нејзината меѓународна положба и односи со другите држави и меѓународни организации“;
  • Со членот 135, Србија своето законодавство целосно го постави над федералното. Став 2 од тој член вели: „Кога со актите на органите на федерацијата, или актите на друга република, спротивно на правата и должностите што она ги има по Уставот на СФРЈ или на друг начин се загрозуваат нејзините интереси, а при тоа не е обезбедена компензација, републичките органи донесуваат акти за заштита на интересите на Република Србија“; и
  • Србија дефинитивно им ги одзеде на покраините сите елементи на  државност.
Со тоа, во Претседателството на СФРЈ и во Сојузното собрание, Србија ја наруши рамнотежата на застапеноста на републиките. Во Претседателството на СФРЈ стана „господар“ на 3+1 од неговите вкупно девет члена. Еден од т.н. потесна Србија (термин што посебно ја нервираше) и по еден од двете развластени (и дисциплинирани) покраини и еден од десубјективизираната, политички подјармена Црна Гора. Па, со евентуално приклонување кон неа на претставникот од БиХ (особено кога е етнички Србин), Милошевиќ сметаше дека го добива петтиот, мнозински глас. Тоа, бездруго, веќе не беше Југославија базирана на Уставот од 1974 година.
На 2 јули 1990 година, Србите на референдум го изгласаа новиот Устав (пред, на 28 септември, да го потврдат двата републички собори), а истиот ден, 114 албански делегати во Собранието на Косово ја прогласија покраината за независна република. Така добивме уште поразлична (и уште помалку) Југославија од онаа дефинирана со Уставот од 1974 година.
На 3 јули 1990 г. (акцијата раѓа реакција) словенечкото собрание ја прогласи Словенија за суверена држава (без зборот независна), а во декември истата година, знаеме дека го одржаа референдумот за целосна независност.
На 5 јули 1990 година, Србија го суспендира Собранието на Косово, а безбедносните служби ја запоседнаа радио-телевизиската установа  во Приштина. Се воведе вонредна состојба.
Во август 1990 година, новооснованата „заедница на општини“ со мнозинство етнички Срби во Хрватска, објави референдум за создавање „Српска автономна област – Краина“. Потоа зазеде повеќе полициски станици и владини служби во тие општини, истерувајќи ги од некои од нив (и насилно) реформираните комунисти. Хрватската влада се обиде да ги спречи. Интервенираше ЈНА испречувајќи се меѓу нив – владините сили од една и Србите од друга страна – за да спречи судир. Во суштина, ги обезбедуваше новите етнички граници помеѓу Србите и Хрватите на територијата на Хрватска. Посебно од август 1991 година настануваат судири што ќе го спржат сѐ она што некогаш беше Југославија.

Разбојнички упад во монетарниот систем на Југославија

Ноќта помеѓу 25 и 26 декември 1990 година, за време на владата на Анте Марковиќ, во моменти кога високата инфлација почна драматично да се намалува, српските власти извршија „упад во монетарниот систем на Југославија“. Од сметката на Народната банка на Југославија (најразбојнички) симнале 1,8 милијарди долари и ги пренеле на сметката на Народната банка на Србија. Кога Борисав Јовиќ (цитирам извор) го прашал Станко Радмиловиќ, тогашен премиер на српската влада, зошто е сторено тоа, вториов му одговорил: „Без тоа, половина од Србија ќе останеше без плата и би ги изгубиле изборите“.
Како одговор на тоа, словенечкото раководство одлучи нивните граѓани, плаќајќи со чекови на просторот на Југославија, да можат да влегуваат во минусни салда од по 100.000 динари, кои словенечките банки нема никогаш да ги исплатат на имателите надвор од Словенија. Истото разбојништво се префрли и на теренот меѓу фирмите од различните републики. Многу од нив не им ги исплаќаа долговите на партнерските компании од „другата република“. Како никогаш повеќе дека нема да се сретнат на кој било пазар. Тоа веќе беше и период кога републиките престанаа да уплаќаат пари во сојузната каса, потребни за финансирање на Федерацијата и невидени напори од српското раководство да ја блокира работата на Сојузната влада.
На 9 март 1991 година, во Белград, предводени од СПО на Вук Драшковиќ, се случија едни од најголемите и најдраматични (крвави) демонстрации – поради внатрешните состојби во Србија. Српското раководство (кое де факто капитулираше), на чело со Милошевиќ, ги „нанижа“ следните дејствија:
На седницата од 12 март 1991 година, преку своите членови  Претседателството на СФРЈ, побара да донесе одлука за прогласување вонредна состојба во Југославија, со која ЈНА би се „справувала“ со „нередот“ во државата – создаден  токму од тие што ја повикуваат да ја преземе власта. Претседателството не ја изгласа одлуката. Во знак на револт (бездруго, по барање на Милошевиќ) Борисав Јовиќ, претседавач, на 15 март поднесе оставка и од членството во Претседателството. Во обраќањето пред јавноста, го реафирмираше членот 135 од нивниот нов Устав  (усвоен осум месеци пред тоа) па соопшти: „Србија повеќе нема да ги признава одлуките на федералните установи ако процени дека се спротивни на нејзините интереси“.
Ден потоа (16 март 1991 година), во телевизиското обраќање, Милошевиќ ѝ соопшти на јавноста и на цела Југославија:  „Југославија остана без Претседателство! […] Блокирано е од оние што ја рушат Југославија, а ја руши антисрпската коалиција во соработка со надворешни фактори […] Србија нема да признае ниту една одлука на Претседателството во такви околности“. Го пофали чинот на оставката на Јовиќ од претседател и член на Претседателството на СФРЈ, којашто всушност тој му ја побарал, за подоцна да го враќа, како покиснат глушец, на истата позиција.
Сиве набројани (и уште многу неспомнати) настани, без сомнеж, беа дел од сценариото на Милошевиќ: или модерна федерација (што подразбира еден човек еден глас во носењето на одлуките и на федерално ниво, зашто Србите беа најбројна нација во СФРЈ (37% од вкупното население); или Југославија нема да ја има. Ги изложувам овде, како потсетување до „плејадата борци“ за осамостојување на Македонија, дека заклучно со 25 јуни 1991 година, не една, не две, туку три републики веќе ја имаа и де јуре и де факто погребано Југославија.

Зошто за нас Словенците и Хрватите беа главни виновници за распадот на Југославија?

Во Македонија до тоа време имавме усвоено само една „итроманска“ декларација за потврдување на „постојниот“ суверенитет, евидентно без никакви сериозни подготовки за опцијата  суверена и самостојна Македонија.
Зошто политиката на српското раководство во Македонија не се доживуваше како пресудна за распаѓањето на Југославија?
И покрај клучната улога на политиката на српското раководство за распадот на Југославија, во Македонија надвладеа мислењето дека главните виновници за тоа се прво Словенија, а потоа  Хрватска.
Еве, според мене, барем неколку причини за тоа мислење:
Српското раководство првично немаше намера да ја растура Југославија. Според планот „А“, сакаше да ја „освои“ под истото име. Прво, внатре во неа, да ги укине покраините (како што стори), а потоа радикално да ги зголеми ингеренциите на федералните органи и како мнозинска нација во неа (37%), со примена на либерално-демократскиот принцип на надгласување, да доминира во одлучувањето. Ова беше планот за „Југославија сфатена како проширена Србија“ (Латинка Перовиќ). Беше уверена дека тоа решение ќе го наметне. Кога Словенците први се заканија дека наметнувањето на таква Југославија ќе ги натера да излезат од неа, Србите го соопштија нивното „теоретско“, „стручно“, „научно“, образложение. Дека тоа не е можно, зашто би значело „отцепување“, повреда на територијалниот интегритет на Југославија, менување на нејзините граници, а тој чин ќе мора да се спречи и со интервенција на ЈНА.

Пропагандата за „цврста рака“ и „модерна федерација“

Имено, ја „извадија“ (од некаде) тезата дека правото на народите на самоопределување до отцепување е супсумирано (потрошено) со формирањето на Авнојска Југославија. И уште нешто, во прилог на тоа: етничките браќа и сестри кои живеат вон  „матичната република“, не се малцинства. Туку, заедница со статус на  народ, нераскинлив дел од матичниот, од браќата и сестрите кои живеат во единствената земја – само одвоени со формални меѓурепублички граници. Ова требаше да значи дека републиките немаат свој изворен државно-правен суверенитет, наспроти Авнојските принципи за настанокот на повоена Југославија и одредбите на Уставот од 1974 година. (Види прв став од основните начела на тој Устав).
Испраќањето на ЈНА на 27 јуни 1991 година да интервенира во Словенија (огромна грешка на Анте Марковиќ) беше практична неуспешна одбрана на оваа „теорија“. Сите што не беа на линијата на овој „концепт“ беа прогласувани за „разбивачи“, противници на Авнојска Југославија, завереници против Србија и српскиот народ.  Развија невидена медиумска кампања за да се претстават како бранители на Југославија, која е можна само како цврста, унитарна држава, со силно сојузно водство што ќе може успешно да ги реши веќе големите проблеми во кои западна. Кампања од која и мртвиот Гебелс би посакал да научи нешто ново. Фразите „модерна федерација“, „единствена“ и „цврста“ Југославија, се повторуваа милиони и милиони пати.
Во средини (од културолошки аспект) во кои е поизразен таканаречениот „строг татковски модел“, модел на цврста рака,  која раководи со „фамилијата“ (државата) и е најодговорна за решавање на проблемите (како на пример, во Македонија) таа пропаганда за „цврста Југославија“, „силно сојузно водство“ (со што самите сме ослободени од одговорност), плус соседските и историските врски, успеа подобро да ги врами српските ставови во мислењето на луѓето кај нас, наспроти оние на „непринципиелната коалиција“.
За мобилизација на своите граѓани на таа линија, пак, на српското раководство воопшто не му беше многу тешко. Ја крена српската позиција за таканаречените „идни односи“ во заедничката држава на ниво на библиска инструкција, претставувајќи го српскиот народ (токму како што халуцинираше Добрица Ќосиќ) како „вечна жртва и праведник“, „предаден и измамен од браќата за кои се борел“ (односно од другите народи во Југославија)  и од целиот свет“.

Фабриките за лаги за ужасот на војната ја „обработуваа“ и Македонија

Планот „А“ не успеа. Почнаа да се редат референдумите за „отцепување“, или „раздружување“. Словенија – 23 декември 1990 година, Хрватска 19 мај, или нивно, заедничко правно активирање на 25 јуни 1991 година. На 17 декември 1991 година беше објавена Бриселската декларација за Југославија, која, по препорака на Меѓународната арбитражна комисија, предводена од Роберт Бадинтер, претседателот на Уставниот суд на Франција (патем, предложен за тоа место од Милошевиќ), ја констатира дисолуцијата на СФРЈ и ги повика сите тогашни републики да се изјаснат за независноста. Истовремено, републиките добија ветување дека до 15 јануари 1992 ќе бидат меѓународно признати. Ситуацијата драстично се промени за Србија.
На сцена стапи планот „Б“, со соодветно адаптирање на „теоретското“ образложение за кое погоре зборувавме. „Ако народите имаат право на самоопределување до отцепување (како што Словенците и Хрватите тоа веќе го сторија) тогаш и Србите во Хрватска и Босна, кои не се малцинства, туку народ, имаат право да се самоопределат и да се отцепат“. И така почна (малку и пред тоа подготвувана) битката за физичко проширување на границите на Република Србија – ужасот на војната, со соодветна медиумска кампања за оваа етапа.
Кој е окупатор, кој над кого врши геноцид, кому колку му убиле, кој прв почнал, па Србија не војува, туку таму се самоорганизира и брани недолжното население од „терор и геноцид“… Фабриките на лажни информации, монтираните снимки, конструкциите на разузнавачките служби, работеа 24×7, дисеминирајќи ги на сите страни. Во Македонија беа емитирани претежно од српските медиуми во служба на режимот на Милошевиќ.  Кај нас, имаа на располагање и најмалку една телевизија за национална фреквенција и мноштво разузнавачи во спрега со нашите сили за статус-кво. Многу погребани вистини, кои и до денешен ден не се откопани. И, нормално, тоа не можеше да биде без влијание врз перцепцијата на луѓето за тоа кој е „маченикот“, кој е „измачувачот“, кој се бори за правда, а кој ја нарушува.
Излажаа многу луѓе во Македонија, најмногу во Србија. Не ги излажаа западните цивилизирани држави, кои, целата приказна за распадот на СФРЈ и граѓанските војни во спомнатите делови, како и она што потоа се случуваше на Косово, подобро го документираа од сите нас.
Подоцна извршениот атентат врз Глигоров (казна за договарано, а неиспорачано), скандалозно неистражуван и фрлен во заборав од сите гарнитури на власт од тогаш до денес, беше (е) производ на таа соработка на „силите за статус-кво“, како од геополитичка така и од идеолошка гледна точка.

Комплекс на помала вредност и вазалски сентимент

И уште нешто, можеби поважно од досега наведеното, во врска со прашањето во овој поднаслов на текстов. Традиционално, најголемиот број македонски политичари, од формирањето на АСНОМ-ска Македонија до осамостојувањето, не се одважуваше да зборува за погрешните политики на кое било српско раководство –  важни за Југославија и за сите во неа. Дури и во последните години пред распадот, тие што се одважуваа можеше да се избројат на прстите од едната рака. И повеќето од нив кога не беа на некоја државна, или друга важна функција.
На неоснованите напади кон Македонија, на измислиците, клеветите, потценувањата, искривувањата на историјата, подобро парираа новинарите од тогашната НИП „Нова Македонија“, отколку државните функционери. Кои, преку изданијата на издавачката куќа, посебно на страниците на дневниот весник „Нова Македонија“, достојно им реплицираа на политички диригираните медиумските хајки од северниот сосед. Во еден момент, изнервирани од однесувањето на сопствените државни функционери, им се обратија со отворено писмо, насловено: „Зошто молчите?“ Тој сентимент кај нашите политичари, амалгам од комплексот на помала вредност, од историските наслаги на вазалство и постојаниот калкулус за користа и штетата по личните кариери, не се менуваше лесно. Не е воопшто непознато дека не само што функциите на нашите луѓе во федерацијата им зависеа од српското аминување, туку и оние во самата Република. Речиси 50 години, на најголемиот број и истовремено на најзначајните функционери во Републиката и во својство на претставници во Федерацијата, беа пред сѐ кадри од таканаречената „белградско-крагуевачка школа“.

(Во третото продолжение: Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!)
19-10-2023, 07:10 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

Quote: Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!

Киро Глигоров ми одржа лекција за тоа како треба да се чисти околу себе, за да се „стрчи“ што повисоко и да немаш пречка да реализираш нешто што не е добро навреме да го знаат други луѓе. Особено, ако играш на повеќе карти. Очигледно, затоа ја одбил и понудената соработка од Лазар Мојсов, Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски, во жешкиот период на распаѓањето на Југославија и жестоката активност на Грција (со сите материјални и кадровски ресурси) за негирање на нашите права. Па така, чест на некои поединци, „царот“ војуваше со прилично малку и прилично лити војници.
КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 27/09/2023 8:00:28
[Image: gosev-treto-prodolzenie-750x430.jpg]

Господинот Стојан Андов сведочи дека „кадровската рака“ на Србија била испружена во Македонија и за време на конституирањето на првите демократски институции во Македонија.  Вмешувањето од  северниот сосед и прифаќањето на тоа вмешување сѐ уште траело, бездруго, не за џабе.
Во „Фокус“ од 18.02.2021 година, опишувајќи што се случило на седницата на веќе распаднатото Претседателство на СФРЈ, одржана на 10 јануари 1991 година, со учество на претседателите на републиките (Андов присутен зашто сѐ уште немавме избранo претседател на државата), тој пишува: „На излегување од салата за состаноци (по дадената пауза) ми пријде Слободан Милошевиќ, ме изгушка и ми рече: ‘Ти честитам, Стојане! Добро е што те избраа за претседател на Собранието на Македонија. Да средиш оној Гошев да не стане премиер’. Па продолжува: „Му одговорив дека ништо не можам да му ветам, појаснувајќи дека мојата партија има 18 пратеници од вкупно 120 и ние не можеме да одлучиме кој да биде премиер“. На тоа, Милошевиќ додал: „Добро, ќе дојде Киро и ќе го среди тоа“.
За мене, таквиот разговор не е никакво изненадување, познавајќи ја историската „соработка“ на двете страни и со оглед (како што наведов погоре) на медиумската хајка што српскиот печат ја водеше против мене, како „разбивач на Југославија“, „словенечки докторант“, „копија на Методија Шаторов Шарло“…, хајка што траеше скоро две години. Сепак, чудни се постапките и одговорите на луѓе што се опишуваа(т) себеси како главни актери на осамостојувањето на Македонија. Сaкајќи-несакајќи, господинот Андов ни соопштува дека тој и Глигоров биле подобни кадри за српскиот политички врв. Гошев никако. И дека Андов не му рекол на Милошевиќ да не се плетка во нашите внатрешни работи, туку дека „самиот не е доволно моќен“ да му ја исполни желбата. Па, затоа Милошевиќ однапред му го соопштил името на човекот кој ќе дошол во Македонија, кој ќе ги „фател“ работите во свои раце, пред за тоа да знаат и одлучат надлежните институции во Македонија и ќе ги средел работите според волјата и интересите на српскиот вожд.
Но, клучното од оваа елаборација е следното: српската политика и пропаганда успеа да се замеша во некои прашања на Македонија, да забави некои активности и да наметне мислење дека другите, не Србија, се поголемите разбивачи на Југославија, креатори на ЈУ-армагедонот. Сепак, со тоа не успеа, во настанатите околности, да влијае врз конечната одлука на огромното мнозинство граѓани на Македонија да се определи за опцијата за самостојна држава.

Глигоров не дојде сам во Македонија, јас го донесов!

Кога и како се појави Киро Глигоров во Македонија?
На денот кога Словенија ги усвои измените на нејзиниот Устав (декември 1989 година), со кои примат им даде на своите републички закони пред федералните (со што јасно ја озакони својата конфедерална позиција); на денот на распаѓањето на СКЈ (јануари 1990 година), кога, де факто, соопштивме  во која ситуација и Македонија ќе тргне по својот пат на самостојност; на денот на референдумското потврдување на новиот устав на Србија (2 јули 1990 година) со кој и таа ја „развласти“ федерацијата на својата територија; на денот на  Референдумот за осамостојување на Словенија (декември 1990 година) и при други слични настани на исчезнување на Југославија, Глигоров сѐ уште живееше во Белград.
Ја минуваше (континуирано) петтата деценија од неговиот живот – по заминувањето од Македонија. Знаеше како (не) заврши 14. Вонреден конгрес на СКЈ. Знаеше дека и ние, делегатите од Република Македонија, не останавме со оние кои сакаа продолжување на конгресот „без  кого било“. Му беа добро познати и причините за нашиот (на СКМ, односно СКМ-ПДП) став. Во една прилика ми соопшти дека сосема се согласува со тоа.
Во јануари 1990 година, го вклучив во Комисијата за општествени реформи, замолувајќи некои луѓе да му помагаат во превозот на релацијата Белград – Скопје – Белград (веќе беше со примања на пензионер), а во октомври-ноември 1990 година го вклучив и во изборната кампања за првите парламентарни избори. Сепак, во книгата „Македонија е сѐ што имаме!“, запишал дека сам си дошол (па, излегува дека, онака, самоиницијативно зел учество во Комисијата за реформи, во кампањата за изборите и слично)
И, за да скратам, во оваа прилика, само ќе кажам: како „награда“ за учеството во кампањата, на 27 јануари 1991 година, го избравме за претседател на Македонија, по што, по децениското отсуство, повторно стана жител на Македонија. Пред кампањата му реков: „Ако победиме, ќе бидеш претседател на државата“. На што ми одговори: „Ако ти не бидеш премиер, јас во ни една комбинација, нема да бидам претседател!“

„Стариот лисец“ ем „просрпски комунист“ ем „Бугарин од доверба“?!

Веднаш по неговиот избор за претседател, нашата комуникација „испари“. До изборот за претседател ми се јавуваше најмалку три до четири пати неделно. По влегувањето во претседателскиот кабинет, го заборави мојот телефонски број, особено по завршувањето на мојот мандат како претседател на СКМ-ПДП (на конгресот во април 1991 година, кога ја реализиравме претходно договорената промена на името на партијата во СДСМ). Ги презеде „конците“ во свои раце и ги носеше (формално-неформално) главно сите клучни одлуки; не само до и за 8 Септември 1991 година, туку и многу подолго потоа, особено во првиот негов мандат, 1990-1994 година.
Глигоров, несомнено, беше вешт политичар. Еден од нашите подобро образовани политичари. Способен да преживее секакви тешки политички моменти во својот долг политички и физички живот. Способен да создаде слика за себе дека секогаш бил на страната на попрогресивните тенденции во општеството.
Неговите обожувачи, во доцните години го нарекоа „стариот лисец“. Не знам колку од тоа беше мотивирано од увереноста во неговата опитност да решава компликувани прашања, колку од снаодливоста да се извлекува себеси од периоди на самраци во неговата кариера. Зашто, тој бил апсен од  бугарската полиција, со образложение дека е просрпски комунист. Но, ослободен од истата со гаранција на Спиро Китинчев (вршител на должноста градоначалник на Скопје, 1941-1944 година), дека, тој, Киро Глигоров е „Бугарин од доверба“, кој во партизани заминал на почетокот на мај 1944 година (три месеци пред општата мобилизација, со која бил опфатен и мојот татко, седум години помлад од него).

„Егзекутор“ на „либералната“ струја во СКЈ, но и во СКМ

На познатата 21-ва, драматична седница на Претседателството на СКЈ,  одржана во Караѓорѓево (започната во 10 часот претпладне на 30 ноември 1971 година, завршена следниот ден во 6 часот утрото), според сведоштвото на Ангел Чемерски (исклучително чесен човек, претседател на ЦК СКМ од 1969 до 1982 година), присутен на таа седница, Глигоров побарал збор последен, дури и откако Тито веќе почнал да ја заклучува седницата – за да ги егзекутира политички  тогаш, па и сега, нарекуваните хрватски либерали, водачи на т.н. МАСПОКРЕТ (Савка Дапчевиќ Кучар, Мика Трипало и други), следствено и на сличните во Србија (Латинка Перовиќ, Марко Никезиќ и другите).
Човек кој на (историската) 36-та седница на ЦК СКМ, во јануари 1973 година, повторно зема збор на самиот крај од расправата (по повеќе од 30 дискутанти), за да ги дотолчи, политички, Крсте Црвенковски и Славко Милосавлевски во полза на подогматската струја на Лазар Колишевски, која, поради исходот од спомнатата седница во Караѓорѓево, веќе беше победник над другата. Сето тоа, како продолжение на „чистењето“ на полибералното крило (комунисти) од редовите на СКЈ.
Човек кој, како претседател   на Собранието на СФРЈ (1976 година) му чита ода на Законот за здружениот труд, со што беше инаугурирарана Кардељевата „договорна економија“, кога, всушност, започна и периодот на најголемата неефикасност на ју-економијата.
Човек кој (1981-1982) му беше десна рака на Сергеј Крајгер во подготовката на Програмата за економска стабилизација (колоквијално нарекувана Крајгерова програма) и беше  официјален документ на 12. Конгес на СКЈ, 1982 година. Напишана на 1500 страници, со зацементираниот став дека: „Југославија мора да му остане верна на самоуправувањето зашто нема алтернатива, бидејќи либерализмот и државниот социјализам се целосно неприфатливи“. На Крајгер,  кој  во образложенијата на таа Програма тврдеше дека „Кејнсијанизмот и монетаризмот (двете економски доктрини) се покажале неспособни да ги решат економските проблеми на современиот капитализам“, а патем и дека „општата криза на капитализмот е подлабока од кога било и дека нема никакви изгледи да биде надмината“, истовремено отфрлајќи ја можноста Југославија да се врати на некои облици на „стариот буржоаски парламентаризам“.
Всушност, таа, „Програмата…“, не пронајде никаква вина за тогашната економска кризата ни во Уставот од 1974 година, ни во самоуправувањето, ни во концептот „договорна економија“. И по сето тоа,  да успее да создадете слика за себе како за „умерен“ „недогматичен“ политичар, згора на тоа и на „економски реформатор“ (на поширокиот простор на Југославија) нема сомнеж дека се работи за поседување врвни квалитети за „адаптирање“, „постројување“, „престројување“, способност за „фаќање на моментумот“ за политичко преживување. Високите функционери во Македонија не го милуваа многу, во што самиот сум се уверил. Не ретко раскажуваа една метафора што за него често ја употребувал Лазар Колишевски. Од пристојност нема да ја цитирам, но нејзиното образложение гласеше: „Ако го удриш од левата страна, веднаш свртува на десната, ако го удриш од десната, веднаш свртува на левата!“

„Царот“ војуваше со прилично малку и прилично лити војници

По ова, се разбира, секој има право да ме праша: па, зошто си му помогнал повторно да оживее во политиката во Македонија?
Е, тоа е дел од тогашниот мој поглед за актуелните и претстојните искушенија за Републиката и дел од мојот тогашен пристап и ентузијазам. Сметав дека Македонија нема многу опитни кадри. Всушност, ги немала никогаш. Дека треба да се ангажира сѐ што е поопитно и со авторитет, а Глигоров бездруго го имаше и едното и другото, респектиран од општата јавност во Југославија. За жал, без да знам навреме и некои особини и постапки на поединци (вклучително и негови), кои, бавејќи се со политика, сум требало, или сум морал да ги знам.
Потоа Глигоров ми одржа лекција за тоа како треба да се чисти околу себе, за да се „стрчи“ што повисоко и да немаш пречка да реализираш нешто што не е добро навреме да го знаат други луѓе. Особено, ако играш на повеќе карти. Очигледно, затоа ја одбил и понудената соработка од Лазар Мојсов, Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски, во жешкиот период на распаѓањето на Југославија и на жестоката активност на Грција (со сите материјални и кадровски ресурси) за негирање на нашите права. Па така, чест на некои поединци, „царот“ војуваше со прилично малку и прилично лити војници.

(Во следното продолжение: Љубчо сонуваше конфедерација со Бугарија и со Грција, Бранко веруваше во Југославија, а Глигоров матеше со Изетбеговиќ)
19-10-2023, 07:13 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#4

Quote: Љубчо сонуваше конфедерација со Бугарија и со Грција, Бранко веруваше во Југославија, а Глигоров матеше со Изетбеговиќ

По влегувањето на Глигоров во претседателскиот кабинет, веќе никој не го спомнуваше цитираниот ставот „Ако една република излезе од составот на СФРЈ и Македонија ќе прогласи самостојност!“ , кој беше важен дел од политиката на СКМ-ПДП и како што потсетивме, впишан во програмата   за изборите во 1990 година. Глигоров одлучи да му даде дополнително време на „времето“. Наместо одлука за придружување кон одлуките на Словенија и на Хрватска и интензивна подготовка за самостојниот  живот на Македонија, тој беше прилично преокупиран со активности за спасување на Југославија.

КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 28/09/2023 8:00:29

[Image: gosev-cetvrto-prodolzenie-750x430.jpg]

По завршувањето на првите парламентарни избори, водевме мачни преговори за конституирање на државните органи. Компромис по компромис, со премногу водење сметка за галамџиите во јавноста, но не и со здрав, нужен, темелен, компромис со партиите што ги претставуваа Албанците. На крајот во власта влегоа голем број луѓе без политичка и без изборна легитимација. Ако не се смета нивниот труд во тајните мешетарења зад јавната сцена.
Уште на 8 јануари, денот на конституирањето на првиот повеќепартиски парламент, се виде дека чекорите кон осамостојување на Македонија нема да одат лесно, дури и да беше уште појасно дека од Југославија веќе нема ништо. Иако и дотогаш беше прилично јасно. Заглавивме, срамно, на пример, на прашањето на химните: левиот блок бараше да се отсвири само југословенската, десниот само македонската.

Левите пратеници не сакаа да се интонира македонската химна

Од десниот блок не бев изненаден. Добар дел од нивното раководство (и околу него) беше од оние кои веруваа дека Југославија била зло за Македонија. Едни, зашто некој ги уверил дека без неа „ќе била цела од три дела“, други (од притаените) зашто можеби ќе била во големото бугарско царство. Од левите не бев изненаден што инсистираа да се свири југословенската химна: сите бевме  приврзаници на таа идеја, повеќето родени во неа, сите бевме (кој повеќе, кој помалку) членови на  комунистичката партија, државата официјално сѐ уште постоеше – без изненаден што бараа да не се свири и македонската химна.
Не можев да поверувам дека Андовите пратеници тој став го имаат зашто нивниот главен шеф беше Анте Марковиќ, еден од амбицираните  наследници на Тито. Уште помалку, зашто добар дел од мојата пратеничка група го  бараше истото, кога и оние од Андов и од мојата партија, со децении им стоеле мирно на двете химни. За инает на другите, во период кога зборуваме за можното целосно осамостојување на Републиката?
На паузата, малку се вмешав. Им предложив на колегите од мојата пратеничка група  (СДСМ) да прифатиме да бидат интонирани двете химни. И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за време на паузата, малку се оладиле, па така, почетната лакрдија на конститутивната седница  заврши со исполнување на двете химни.
Веќе на една од следните седници, ВМРО-ДПМНЕ бараше Собранието да усвои декларација за осамостојување на Македонија. За левиот блок (поточно за неговиот државно-инаугуриран врв), тоа беше прерано, а за некои во него – чудно што тоа воопшто се бара. За амортизација на тоа барање и за добивање во време, од левиот блок беше подготвена Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, што беше усвоена на 25 јануари 1991 година. Таа, всушност, го потврдуваше тоа што веќе го имавме со Уставот на Југославија и со Уставот на СРМ, но со додавка, слична на содржината на цитираниот член 135 од новиот Устав на Србија: „Уставот на СФРЈ, сојузните закони и другите сојузни прописи и општи акти ќе се применуваат на територијата на СРМ доколку не се во спротивност на Уставот на СРМ, републичките закони и одлуките на Собранието“.
Значи, Србите со устав ја конфедерализираа Југославија, пред тоа во декември 1989 година, Словенците со ист акт; двете републики без да се  договараат со кого било. Ние тоа го искажавме со една бенигна декларација. Независно кој што мислеше, декларацијата ја усвоивме со акламација. Сите што чекаа бродот (Југославија) што тоне повторно да се подигне на површината, добија во време, другите коишто брзаа со осамостојувањето, добија една мала отстапка од „сомнителните“ комунисти.

Дуелот меѓу Георгиевски и Црвенковски: ќе се распадне ли Југославија?

На една од седниците (мислам, крајот на јануари 1991 година), на којашто Љубчо Георгиевски беше кандидиран за потпретседател на претседателот на Републиката, имаше интересен дуел помеѓу него и Бранко Црвенковски – веќе сигурниот нареден претседател на СКМ-ПДП, односно СДСМ). Првиот, зборувајќи за осамостојувањето, рече: „Југославија сигурно ќе се распадне, но сама Македонија тешко ќе може да остане независна. Можеби за неа е најдобро да влезе во конфедерација со Бугарија и со Грција“. Вториот веднаш како оса му  одговори: „Југославија нема никогаш да се распадне. Цело време во расправите во Собранието, дури и до крајот на животот, ќе те потсетувам на овие твои бесмислени тврдења дека Југославија ќе се распадне“.
Од првиот не бев изненаден. Дури и да немаше факти (а имаше веќе многу), тоа ќе го кажеше. Уверувањето за нашата „сЪштост“ со Бугарите, што и денес не го напушта, го туркаше кон тоа. И тој е од оние, што веруваа(т) дека Југославија била зло за Македонија.
Од вториот, да, бев изненаден! Зашто, опцијата за распаѓање на Југославија беше евидентна, а освен тоа третирана во изборната програма на СКМ-ПДП (1990 година) и во одговорот што Република Македонија треба да го има на тоа, а тој  беше дел од тоа раководство. Згора на тоа, секој ден таа опција стануваше сѐ поверојатна, а во јануари 1991 година многу, многу поочигледна, отколку во есента 1990 година, кога ја објавивме изборната програма. Но, дозволено е и wishful thinking, ако од таквиот не се очекува навреме да презема мерки во име на државата.

Лагата на Стојан Андов и кафеанскиот „фронт“ на Блаже Ристовски и Глигоров

Можеби господинот Стојан Андов од такви секвенци добил инспирација да напише (Фокус, 8/4/2021) дека на конгресот на СКМ-ПДП, на кој партијата ја преименувавме во СДСМ (а јас сѐ уште претседавав во својство на претседател, пред да се изврши изборот на новите органи и на новиот претседател, како последна точка) наводно била донесена кекларација, во која, наводно, било запишано дека „СДСМ не прифаќа раздружување од Југославија“ и дека „не прифаќа ниту евентуално барање за распишување референдум за осамостојување од Југославија“. Се разбира, ноторна невистина.
Како многу други и како и онаа (непозната за јавноста, впишана во  биографиите) дека во февруари 1990 година Киро Глигоров и Блаже Ристовски формирале некаков „Национален фронт за подготовка на национална програма на Македонија“ ((односно првиот му се приклучил), за што изворно знам за што се работи и од самиот Глигоров. Имено, неколку пати, во просториите на МАНУ, академиците Георги Старделов и Блаже Ристовски, Глигоров, можеби уште некој, си направиле кафе-муабет дека треба да се подготви некоја национална програма на Македонија. Но, како што кај нас бива, целата работа завршила со испиените кафиња. Без јавно обзнанување на било што, без напишана една реченица – но со бесрамно впишување во кариерните достигнувања на двајцата, како што имав прилика да прочитам.
Овие неколку работи ги спомнувам само малку да доловам како „фуриозно“ (и „темелно“) тргнавме во осамостојувањето на Македонија. Како се подготвуваме за тој чин. Колку позата е поважна од дозата труд и посветеност за креирање место во историјата.

Исчезна ветувањето: „Ако една република излезе од составот на СФРЈ и Македонија ќе прогласи самостојност!“
 

По влегувањето на Глигоров во претседателскиот кабинет, веќе никој не го спомнуваше цитираниот ставот „Ако една република излезе од составот на СФРЈ и Македонија ќе прогласи самостојност!“ , кој беше важен дел од политиката на СКМ-ПДП и како што потсетивме, впишан во програмата   за изборите во 1990 година. Притоа, не мислам на ВМРО-ДПМНЕ, кои од почетокот бараа радикална и брза одлука, ниту на другите од левиот блок, зашто тоа никогаш и не го спомнувале. Зошто? Зашто фактичката состојба на теренот го имаше испорачано наведениот услов, но некому, очигледно веќе не му бил доволен.
Иако, со редицата настани што погоре беа изложени, уште во јануари 1991 година, не една, туку сите три стожерни републики на Југославија (Словенија, Србија, Хрватска) – која де јуре, која де факто, а некоја од нив и според едното и другото – веќе ја имаа отпишано Југославија. Како што рековме погоре, Словенците одлуката на референдум ја донесоа уште на 23 декември 1990 година, само 10 месеци по распаѓачкиот конгрес на СКЈ. Србите, без референдум, но со усвојување нов републички устав, само 5 месеци по тој конгрес (2 јули, 1990 година), со кој го суспендираа Уставот на СФРЈ (член 135). Фрањо Туѓман, најрадикалниот против Југославија, анатемата врз Југославија ја фрли уште пред победата на парламентарните избори, по неа веднаш почна подготовки за „раздружување“, но формалниот чин (со референдум) го стори 6 месеци по Словенија, на 19 мај 1991 година. Во Хрватска ситуацијата беше многу посложена и му беше важен секој ден да се подготви за неизбежната војна со Србите.
Глигоров, во тој период „алфа и омега“, одлучи да му даде дополнително време на „времето“. Наместо одлука за придружување кон одлуките на Словенија и на Хрватска и интензивна подготовка за самостојниот  живот на Македонија, тој беше прилично преокупиран со активности за спасување на Југославија. Меѓу другото, со Алија Изетбеговиќ, претседателот на БиХ, ја подготвија, според нив именуваната платформа за некој вид асоцијација која нема да има назив ни „федерација“ ни „конфедерација“. Таа платформа беше фина „читанка“, изгледаше дека е зготвена со добра намера. Во дискусијата во нашиот парламент, тоа го констатирав. Но, истовремено и дека таа е прилично зад настаните на теренот. Подоцна ќе разбереме уште нешто во врска со таа платформа. Но, на тоа ќе се задржиме подооцна. Дека тој обид за „спасување“ на Југославија беше „зад настаните на теренот“, мал милион пати изјави и словенечкиот претседател Милан Кучан, велејќи: „Словенија одлучи (уште во декември 1990), нема назад. Ќе биде самостојна држава и членка на ЕУ“. А тоа значеше дека веќе и за нив не беше прифатлива опцијата конфедерација.
Многубројните вонинституционални средби на претседателите на шесте републики, за наводно изнаоѓање прифатлива формула за задржување некој вид на Југославија, за разлика од нас, наведената „тројка“ ги користеше за добивање време во процесот на легитимирање, за легализирање и за практично остварување на нивната целосна независност. Словенија да го заокружи системот, Хрватска и тоа и да се подготви за војната. Србија, пак, како да го изведе и оправда нејзиното планирано територијално проширување. Опозицијата го критикуваше Глигоровото одолговлекување. Сомничеше дека нѐ води во друга насока. „Неговите“ го прифаќаа секое негово образложение за тоа зошто не треба да се брза. А му веруваше и мнозинството од јавноста.

(Во следното продолжение: Додека Милошевиќ ја ограбуваше Македонија со безвредните српски динари, Глигоров беше против воведување македонска валута)
19-10-2023, 07:17 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#5

Quote: Додека Милошевиќ ја ограбуваше Македонија со безвредните српски динари, Глигоров беше против воведување македонска валута

„Топчидерски динари“ пливаа и на пазарите на Македонија. Со возила на ЈНА, полни со неограничени износи на динари, доаѓаа од Србија и ги прибираа и онака дефицитарните девизни средства (германските марки), скапоцени метали (злато) и други важни стоки, недоволни за домашното население, туркајќи ги цените секој ден до невидени височини. А Киро Глигоров во тој период беше против монетарното осамостојување.

КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 29/09/2023 8:00:05

[Image: gosev-petto-prodolzenie-750x430.jpg]

На Киро Глигоров не му се брзаше. За тоа имаше многу настапи во парламентот. Како што веќе потсетив, таков бил во целата негова кариера. Најчесто практикувал да се изјасни меѓу последните. Успеваше да го скроти мнозинството во парламентот, наведувајќи, главно, две причини кои станаа дневна мантра на целиот тогашен државно-политички врв.
Првата: „Судбината на Југославија сé уште не е решена, треба да сториме сѐ таа да се сочува“. Наспроти веќе опишаната фактичка состојба. Таа мантра се повторуваше дури и тогаш кога на просторот на Хрватска веќе започна крвавиот пир (летото 1991 година), според  планот „Б“ на Слободан Милошевиќ – план за  поголема Србија на сметка на Хрватска и на БиХ. Планот за исправка на „неправедните“ граници кои на Србија ѝ ги скроиле Тито и некои други сили, политички спакуван како одбрана од „нов геноцид над Србите“, кои мора да се заштитат од „хрватските усташи“ и од бошњачките „исламски фундаменталисти“.
Втората причина, која Глигоров и другите од врвот ја повторуваа како уште поголема мантра, гласеше:  „Доколку избрзаме и нам може да ни се случи војна“! Ова им беше најсилното оружје.

Можеше ли, во тогашните околности, на Македонија да ѝ се „случи“ војна?

Многу луѓе би рекле (и рекоа) дека е добро да не се брза, да се биде претпазлив. Тоа е особина на мудрите луѓе. Особено е уверливо ако на тоа инсистира еден искусен (познат) политичар во поодминати години, во време кога една погрешна одлука може да има големи последици. Уште повеќе, ако се работи за предупредување од потенцијална војна. За мала нација, опкружена од поголеми од неа, плус негирана, нема посилен аргумент. Затоа, повеќе жолчни дебати, започнати со намера да се забрза процесот на осамостојување, да не се потклекне пред барањата на Грција, побрзо да се поднесе кандидатурата за прием на Македонија во ОН, завршуваа со заклучокот: „Да го овластиме претседателот…“ Иако „овластувањето“ можеше секој да го разбира различно.
Можеше, ако самите се почувствувавме толку силни и ако државните органи извршеа напад врз некоја соседна држава! Ако со нашите „големи воени сили“ се упатевме да го „враќаме назад“ она што ни било земено со Букурешкиот договор. Сите други приказни на таа тема (во тој период), на Глигоров и најблиските со него, им служеа за сеење дневно-политичка магла: затскривање на личното  двоумење: дали тоа да се стори; дали ќе се „намести“ некоја друга варијанта за нешто што  и натаму може да го нарекуваме Југославија, а сепак тоа да може да го „голтнат“ Македонците – што појасно ќе се види понатаму во текстов.
Да бидам фер, неколкуте клучни луѓе во Владата на Никола Кљусев не беа за такво одложување на одлуката за осамостојувањe. Но, фактот што биле група (со Глигоров) која уште пред изборите меѓусебно и потајно си распоредувала функции и без да учествуваат на изборите и самото сознание колку, во дадениот момент, нивниот опстанок во Владата е зависен од влијанието на Глигоров, ги скротуваше нивните импулси (како Влада), за „истрчано“ и неусогласено со Глигоров носење на владини одлуки и иницијативи до парламентот.  Згора на тоа, пак, со секој изминат ден, таа „експертска влада“ стануваше сѐ поничија, сѐ до моментот додека јавно – на седница на парламентот,  токму за прашања поврзани со осамостојувањето, не влегоа во конфликт со Глигоров, па така „тиквата“ меѓу нив сосема се расцепи.

Глигоров и Андов слушале гласини, го читале Шешељ и правеле „анализи“

Како Глигоров и државниот врв ги анализирале „заканите“ од можна војна во Македонија?
Нема поилустративен пример за тоа од напишаното од Стојан Андов, во едно од изданијата на Фокус. Да се потсетиме!
Господинот Андов во тој период беше претседател на парламентот. Според протоколот на државата, втор човек во неа – што значи дека на располагање ги имал сите материјали (информации, анализи) од нашите безбедносни и разузнавачки служби, со втиснат печат за највисок степен на тајност.
Сепак, тој објаснува: „Во тие денови се слушнаа гласови од средбата меѓу Милошевиќ и Мицотакис. (Се слушнале „гласови“?) Милошевиќ му предложил на Мицотакис, Грција и Србија да си ја поделат Македонија“. Па, продолжува Андов: „Воислав Шешељ изјави дека ќе испрати две дивизии да ја среди Македонија…
„Загрижени од тие гласини“, како што вели Андов, на замолница од Глигоров, тој заминал во Франција „да ја провери сериозноста на гласините“ (во врска со средбата Милошевиќ – Мицотакис), зашто знаел некого од порано што „можел  да го замоли да ни помогне тоа да не се случи“. Ете, така, Андов и Глигоров слушнале „гласини“, прочитале изјава од Шешељ и решиле да ја проверат нивната сериозност.
Вториот човек во државата, кој според Уставот во пропишани ситуации го заменува претседателот на државата (Андов), не се повикува на ниту една информација/анализа од нашите безбедносни служби (полициски, воени), туку на гласини и изјави на будали што се редовен фолклор во секоја земја. На такви гласини се повикува, ги третира како релевантни знаци за загрозеност на нашата република, но не се повикува на гласните шепотења во белградските кругови – ни за тоа не знаеме дали добиле информација од  нашите разузнавачки служби – за вистинскиот состанок, што веќе го спомнав, што е одржан уште на 26 март 1990 година, само два месеци по распаѓањето на СКЈ, на кој српскиот државен и политички врв заклучил:
„Во евентуалниот распад на земјата, смета(ме) на единство со Црна Гора. Македонија нема да ја молиме. Ако она моли, ќе мора да се извини за гревовите спрема жртвите од Првата светска војна (кои ги смета за окупатори)…“ А знаеме дека во тоа време, како главна закана ни се посочуваа наводните апетити на „северниот сосед“, кој може да ја искористи ситуацијата што дел од ЈНА сѐ уште е во Македонија.

Зошто соседите на Македонија би се конфронтирале секој против секого?

Да се потпираа на анализи од безбедносните служби (и доколку такви беа правени), господинот Андов веројатно ќе користеше аргументи од нив, а не „гласини“ без извор и фолклорни изјави во борбата за власт во една држава. Зошто Милошевиќ би презел таков чекор кон Македонија? Како би го оправдал тоа? Ќе се повикал ли на Букурешкиот договор од 2013 година, по сѐ што се случило потоа? Би сметал ли дека отворањето воен фронт против Македонија би му помогнало во остварувањето на плановите за анектирање територии од Хрватска и од БиХ – неговата главна цел? Би ги користел ли истите аргументи и за Македонија, како оние  за Србите во БиХ и во Хрватска – во кои, во првата тогаш живееја 37 % Срби од нејзиното вкупното население, во втората 12 %, во прилично хомогенизирани етнички средини, наспроти раселените 3-4 % во Македонија?  Ќе пронајдеше ли доволен број „самоорганизирани“ Срби во Македонија што би кренале востание за да се одбранат од „геноцидните“ Македонци?
Да се потпираа на анализи (факти) за можна агресија врз Македонија ние би прочитале – ете, и од Андов! – зошто и со кои аргументи Грција би влегла во авантура за освојување нови делови од Македонија, која најмалку 100 години е фокусирана како да ја избрише историјата на тлото на Егејска Македонија и сите траги од Македонците во нејзиниот сегашен северен дел. Би прочитале зошто Бугарите, по првиот „романтичен чекор“ кон нивниот Санстефански сон (одвојувањето на Македонците од Србите, односно „Србославија“, според нивните националисти) веднаш би покажале нестрпливост за окупација на Македонија (покрај својот внатрешен хаос од падот на комунизмот и разводот со Русија) и би провоцирале нова Балканска војна? Би прочитале и за тоа зошто на Албанија, или, ете на Албанците во регионот, во виорот на настаните на Косово, токму тогаш би им одговарало (и да имале сила за тоа) да посегнат по територии од Македонија,  за реализација на „вечниот“ проект за „Голема Албанија“?
Како на сите наведени би им било од полза да тргнат во  конфронтација секој со секого и со силните западни држави, коишто безброј пати повторија дека постоечките републички граници се  границите на раздвојување меѓу конституентите на СФРЈ и дека не поддржуваат нивно насилно менување.
Се разбира, можеше да има и анализи колку безбедноста на Македонија е загрозена од внатрешниот распоред на силите, токму поради одолговлекувањето, или евентуалното од одбегнување на осамостојувањето на Републиката.
Наместо од анализи од наведениот вид, нашето високо државно раководство безбедносни заклучоци влечело од „гласини“, од изјави на Шешељ, Драшковиќ и слични. Го изнесувам ова, но знам дека ништо од ова не вреди за оние што ја „спасија“ Македонија од војна и нивните „зилоти“.  Но, ете, колку да не остане неспомнато.
Меѓутоа, од сѐ што непосредно доживував тогаш и од нештата што потоа стануваа појасни, признавам, with the hindside (што би рекле Англичаните), всушност, можев да заклучам дека вистинските ставови и намери на Глигоров си ги знаел само тој: ни премиерите што соработуваа со него, ни господинот Андов, ни тогашниот министер за надворешни работи (си дозволувам да кажам без да го прашам за тоа) професорот Денко Малески. Ако не друго, не ги знаеле во соодветниот момент.

Штетите од одолговлекувањето на осамостојувањето беа огромни

Имавме ли штета од одолговлекувањето на одлуката за осамостојување на Македонија?
Сигурно, не е мал бројот на оние што би рекле: „голема работа, шест месеци или година дена подоцна или порано – биле, та не биле!
Дали?
Инфлацијата во тој период беснееше. Рушеше светски рекорди. Ги „убиваше“ сиромашните, ги „гореше“ тешко заработените заштеди на нискиот и на средниот слој граѓани.  Ја произведуваше целиот систем, но во тоа најмногу помагаше однесувањето на српското раководство – со големо предничење во минирањето на  мерките и одлуките на сојузната влада. „Топчидерски динари“ пливаа и на пазарите на Македонија. Со возила на ЈНА, полни со неограничени износи на динари, доаѓаа од Србија и ги прибираа и онака дефицитарните девизни средства (германските марки), скапоцени метали (злато) и други важни стоки, недоволни за домашното население, туркајќи ги цените секој ден до невидени височини.
Згора на тоа, како што спомнав погоре, Србија во тој период (ноќта помеѓу 25 и 26 декември 1990 година) го изуми дотогаш непознатиот феномен во историјата на економијата – именуван како „упад во монетарниот систем“ на својата држава, вршејќи кражба на 18 милијарди и 242 милиони динари, или 1,8 милијарди долари, и од оние на кои ултумативно им наметнуваше заедно да изградат „цврста федерација“. За да исплаќала плати на своите работници и за да купува вредни стоки од сите подрачја на Југославија за динари кои следната недела не вредат ни половина од вредноста на денот на плаќањето.
Поттикнат од горенаведеното (и од многу други примери), неколку месеци пред воведувањето на „боновите“ како сурогат за претстојната македонска валута, денарот, од говорницата на Собранието ги прашав членовите на Владата на Македонија, на чело со премиерот Кљусев: „Што правиме со монетарното прашање? Што чекаме“? Се погледнаа меѓу себе, одговор не добив.
И еве една вистинска анегдота во врска со ова. Недела дена потоа, Глигоров, гостин-соговорник во саботната пладневна емисија на починатиот новинар Ѓорѓи Варошлија. Познатиот новинар го прашува: „Претседателе, некои (без да ме именува) го покренаа прашањето на монетарното осамостојување на Македонија, воведувањето на домашна валута“. „Реформаторот“ Глигоров испалува како топ: „Тие што го бараат тоа, ја научиле првата лекција од економијата, но не ја научиле втората“. Па додава дека воведувањето сопствена валута бара располагање со доволно количини девизни средства за да се брани девизниот курс на домашната валута. А нашите, во моментот, објаснува, се минорни – помалку од 50-тина милиони германски марки.
Следната сабота, господинот Варошлија ме кани мене во истата емисија. Започнува: „Господине Гошев, минатата сабота мој гостин соговорник беше претседателот Глигоров. Го прашав, тоа и тоа, ми одговори вака…“ На тоа, јас му одговорив: „Оној што рекол така, не ја научил ни првата лекција од економијата“. Епилог: по неполна половина година (26 април 1992 година) премиерот Кљусев, од собраниската говорница го промовираше воведувањето на „бонот“ (при истата количина државни девизни резерви), како средство за плаќање во Македонија, а беа усвоени и некои мерки за соборување на инфлацијата. Инфлацијата набргу потоа почна да паѓа и престана пљачкосувањето однадвор на нашите девизи и на другите важни стоки преку безвредните „топчидерски динари“.

Каква Југославија сакаше Глигоров?

Сеењето страв од војна и во Македонија, одложувањето побрзо да се комплетира правниот систем на земјата, дополнително ја ширеа несигурноста за живот во Републиката. Извршениот попис на населението на Македонија во 1991 година покажа дека бројот на жителите изнесува 2.033.946. На повторениот во 1994 година, 1.936.877 – помалку за 97.087. Осамостојувањето го дочекавме со формулацијата: „Законите на СФРЈ се применуваат како закони на Република Македонија до нивната замена…“
Во досега изложеното, редоследно ги наведовме главните одлуки на триото СХС (Србија, Хрватска, Словенија) до изборот на Глигоров за претседател на (Социјалистичка) Република Македонија и еден дел потоа. Уште со оние до неговиот избор, пред неговото доаѓање во Македонија, видовме дека сите три републики, де факто и де јуре, веќе се беа откажале од Југославија. Го разграбуваа заедничкото, вршеа меѓусебни кражби, ги подготвуваа, еден по еден, сите правни акти за самостоен живот. И дека партијата што му ја даде на Глигоров членската карта со бројот 0001, многу пред неговото доаѓање во Македонија, го имаше депонирано ставот дека и само без една република, Македонија нема да остане во никаков остаток. Но, и тоа дека по неговото доаѓање на функцијата, тој став веќе не се изустуваше.
Беше евидентно дека трите републики веќе не можат заедно. Но, беше евидентно дека Глигоров вложува големи напори да се најде решение за спас на југословенската асоцијација, исто како и најразвиените западни држави, на чело со САД – последниве плашејќи се од непредвидливи геополитички поместувања и можна крвава граѓанска војна. Во рамките на неговите напори за опстанок на Југославија, тој ја претстави и платформата што ја изготвиле со Алија Изетбеговиќ, без оглед што настаните на „теренот“ беа веќе далеку пред нејзината содржина.
Јас не се сомневам воопшто дека тој искрено сакал да опстане Југославија. Сакав и јас, често мислејќи на еден познат афоризам – само будалите ги прекинуваат врските, паметните ги преуредуваат. Но, беше јасно, уште пред да стапи на функцијата претседател, дека будалите го поведоа орото во Југославија и дека нема кој да ги изгони. Беше одлично информиран, беше позната неговата лукавост, но некои постапки што ги преземаше, не само што не го исклучуваа туку и го наметнуваа прашањето: дали Глигоров, од некои причини, работел и чекал момент за вклопување на Македонија во некоја друга варијанта – во некоја скратена асоцијација, скратена, или како што велеа Србите, „крња“ Југославија?

(Во следното продолжение: Референдумското прашање беше договорено меѓу Глигоров и Милошевиќ)
19-10-2023, 07:21 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#6

Quote: Референдумското прашање беше договорено меѓу Глигоров и Милошевиќ

Не е случајно тоа што и Бадинтеровата комисија за ден на осамостојувањето на Македонија го смета денот на усвојувањето на Уставот на Република Македонија, 17 ноември 1991 година, а не денот на одржувањето на референдумот, 8 септември.
КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 30/09/2023 8:00:28

[Image: gosev-sesto-prodolzenie-750x430.jpg]
 
Во продолжение, ќе се задржам на уште две прашања, кои можат да фрлат светло врз оваа загатка: на една дополнителна информација за соработката помеѓу Глигоров и Изетбеговиќ и посебно на некои важни аспекти поврзани со референдумот одржан на 8 септември.

Вук Драшковиќ за соработката Глигоров –  Изетбегoвиќ

Минатата година (2022), во издание на „Лагуна“, Белград, беше објавена книгата на Вук Драшковиќ, „Ожиљци живота“. Некои од неговата бранша (на пример, извонредниот писател Светислав Басара), велат дека тоа е веројатно неговото најдобро дело досега. Во книгата, меѓу другото, го пренесува разговорот што на 12  јануари 1992 година, го водел со Алија Изетбеговиќ, тогаш претседател на Претседателството на БиХ. Период: четири месеци по нашиот референдум за „осамостојување“, со целосно независна и мирна Словенија, почеток на претстојното големо клање на луѓе во БиХ, крвави борби во Хрватска кога мртвите веќе немаа име, туку беа само статистика.
Дел од разговорот гласи:
Драшковиќ: „Дали ви е жал за Југославија“?
Изетбеговиќ: „Душата ме боли“
Драшковиќ: „И мене“.
Изетбеговиќ: „Се надевам, сепак, Југославија може да оживее“.
Драшковиќ: „Како го замислувате тоа“?
Изетбегoвиќ: „Во согласност со добрите намери на лордот Карингтон, да се основа нова асоцијација или пазарно-монетарна унија на шест независни југословенски држави. Помеѓу нив, на границите да нема војска и полиција, ниту царински премини… Луѓето би носеле само лични карти, а не пасоши. Ваква заедница брзо би добила статус на придружен член на Европската заедница, каков што имаат Унгарија, Полска и Чехословачка“.
Драшковиќ: „Што со ЈНА“?
Изетбеговиќ: „Тоа прашање би го решиле така што секоја од шесте држави би имала своја војска, а најскапите родови, како што се воздухоплови, ракетни единици, би биле заеднички, со паритетна команда. Добиваме пораки од Брисел дека во таков случај Европа би ни дала пари за професионално устројување на војската и за чесно згрижување на вишокот офицери и граѓански лица од сегашната ЈНА“.
Драшковиќ: „Нешто од тоа е можно, а нешто не е можно“.
Изетбеговиќ: „А што не е можно“?
Драшковиќ: „Хрватска и Словенија заминаа. Нема да прифатат каков било облик на заедничка воена команда, ниту какво било здружување со остатокот на Југославија. Пред два месеци сакаа да го прифатат планот на Карингтон, веќе не. Сега е доцна. Затоа, господине претседателе, да се свртиме кон она што сѐ уште остана и е сѐ уште заедно“.
Изетбеговиќ: „Четворна федерација, Србија, БиХ, Македонија и Црна Гора? На тоа мислите“?
Драшковиќ: Да, ако федерацијата сега е можна“!
Изетбеговиќ: „Не е можна. До неодамна беше можна таква федерација во лабав сојуз со Словенија и со Хрватска. Ја предлагавме Киро Глигоров и јас. Загреб и Љубљана сакаа, Милошевиќ одби. Во овие околности е можна само заедница на овие четири суверени републики. И тоа во нивните постојни граници“.
Драшковиќ: „Тогаш таа заедница да ја направиме… Нека секоја од овие четири држави има своја војска, или своја гарда, а елитните и најскапи родови да бидат заеднички… Зошто, го прашувам, таа заедница, по угледот на Европскиот парламент, не би имала и свој парламент и совет на министри, кои по година дена би заседавал во Белград, Сараево, Скопје и Подгорица? Отворени граници, заедничка монета и единствен пазар. Ваква уредена четворна заедница би стапила во царинска и економска унија со Хрватска и со Словенија. И би требало, нагласив, да се потпишат низа нови историски спогодби. Прво помеѓу Србите и Хрватите, бидејќи тоа е епицентарот на сите ломови. Потоа помеѓу Србите и Муслиманите, Србите и Албанците, Македонците и Албанците’’
Изетбеговиќ: Ме радува што го сакаме истото и што слично мислиме,  ја спушти раката на моето рамо“.

Планот Глигоров – Изетбеговиќ бил четворна, а не асиметрична федерација

На овој исказ не му е потребен опширен коментар. Само накусо, да потенцираме.
Според тоа што Изетбеговиќ му го соопштил на Драшковиќ, Глигоров и Изетбеговиќ предлагале четворна (скратена) федерација, која ќе договори некаков лабав сојуз со Словенија и со Хрватска. Всушност, тоа е идејата за „скратената држава“, сеедно дали ќе се нарекува Југославија или проширена Србија, која Глигоров ја прифаќал, но Милошевиќ ја одбил зашто се косела и со неговиот план „А“ (шесте републики во цврста централизирана федерација) и со планот „Б“. А според вториов план, Словенија може(ше) да си замине и може(ше) да има, ако сака и конфедерални врски со остатокот, но Хрватска не можеше ни да си замине, ни да биде во конфедерални односи. Зашто, со тоа таа де факто и де јуре би била самостојна држава со сите територии во неа населени со Србите.
А планот „Б“ беше план за проширување на Србија на сметка на БиХ и Хрватска. Затоа, ништо од таа „асиметрична федерација“. Погрешен термин, точниот би бил „четворна федерација“ плус две сосема самостојни држави (со некакви врски за соработка), Хрватска и Словенија.
И бидејќи тоа не било можно, Изетбеговиќ рекол дека во такви околности е можна само заедница на четирите суверени републики/држави во рамките на постојните граници. Тоа му го рекол, без трошка резерва дали Македонија е подготвена за такво нешто. А знаеме дека Глигоров и Изетбеговиќ посебно соработуваа за време на спомнуваната платформа „Глигоров-Изетбеговиќ“ и имаа едно загадочно заедничко патување во Либија, на разговор со тогашниот нејзин претседател, Муамeр ел Гадафи.

Референдум, ама со скриена намера!

По ова, да се задржиме малку на некои прашања во врска со референдумот, зошто беше така формулирано референдумското прашање и да видиме што тоа дополнително разјаснува.
На 6 август Собранието на Република Македонија донесе одлука референдумот на кој граѓаните на Македонија ќе одлучат дали сакаат или не сакаат да живеат во самостојна и суверена држава, да се одржи на 8 септември. Поставеното прашање испорачано од „Стариот лисец“ (со неговите помошници) гласеше мошне загадочно и противречно: „Дали сте за самостојна и суверена Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Иако мојата комуникација со веќе востоличениот државно-политички врв беше прилично ослабена, да не речам повеќе од тоа, не беше тешко да се види што прави тој „врв“. Како го доживува настанот. Каква е атмосферата.
Пред и веднаш по закажувањето на референдумот, политичката динамика како да не соодветствуваше на ваков настан. Беше прилично тивко. Можеби и месецот август имаше удел во тоа, но државниот врв процени дека тогаш треба да го закаже референдумот. Дури во последната седмица пред неговото одржување, се раздвижија парламентарните партии за организирање средби со граѓаните и почнаа поупадливите прилози на единствената телевизија (МРТВ) со мотивирачки пораки граѓаните да излезат на местата за гласање и позитивно да одговорат на поставеното прашање.
Не повеќе од десетина дена пред денот на референдумот, во просториите на СДСМ, во тркалезната сала на бившата зграда на ЦК СКМ (денес владини простории) се одржа заеднички состанок на членовите на Централниот одбор на СДСМ со пратеничката група во Собранието на РМ. Тема, средбите со граѓаните во општините низ Македонија што треба да се одржат во неделата пред референдумот: како е замислено да се одвива промотивната активност, што е добро да се акцентира во говорите и дека ќе добиеме некаков распоред на говорниците во конкретните општини.
Од сѐ што се случи на таа средба, најинтересна беше сугестијата на еден од најдолговечните во повисоката партиската хиерархија, во тој период максимално зближен со претседателот Глигоров. Меѓу другото (ништо битно) одеднаш тој препорача: пред граѓаните воопшто да не влегуваме во дискусија дали референдумот значи „отцепување“ или „раздружување“. Не кажа што да се каже, ако  некој постави прашање во врска со таа полемика што се водеше надвор од Македонија. И, за чудо, никој не го праша што би било третото, ако некој од граѓаните сепак праша.
Не беше тешко да се погоди од каде доаѓаше инструкцијата. Па, така, словенечкото раководство зборуваше дека е тоа чин на „раздружување“ – зашто, како суверен ентитет донеле одлука да се здружат во ДФРЈ, па ФНРЈ и СФРЈ, кој произлегува од суверенитетот на нивните граѓани во републиката, оформени како нација; Србите, согласно со нивната политичка цел, инсистираа на терминот „отцепување“, зашто, наводно, со влегувањето во СФРЈ, правото на самоопределување до отцепување згаснало, трајно било пренесено, со тоа и потрошено; нам, пак, ни се сугерираше, од „највисокото место“ дека излегувањето од Југославија не е ни чин на „раздружување“, а ни чин на „отцепување“.

Лага е дека народот беше во дилема и дека постоеше опасност референдумот да не успее

 Наведената теза на блискиот човек на Глигоров во стилот „ни девојка ни риба“, „ни кисело ни солено“ „ни мокро ни суво“, „ни раздружување ни отцепување“, прво слушнав дека е пласирана затоа што во врвот на државата (поточно во кругот на Глигоров) се стравувало од неуспешен референдум. Наводно, Македонците биле многу поприврзани кон Југославија од некои други во неа. Истите „аргументи“ ги шепотеа и во врска со матната (противречната) формулација на референдумското прашање.
За жал, во ваквата приказна Глигоров ги уверил и некои од академиците во тогашната влада. Го чув тоа од некои од нив лично, наспроти фактот што погоре го потенцирав, дека токму тие академици во тогашната влада сакаа одвојувањето на Македонија да се случи многу побрзо. Настаните потоа покажаа дека тие „образложенија“ биле извадени од „заматен бунар“.
Во врска со тврдењето за расположението на граѓаните дали се за самостојна држава, се уверивме веднаш. За второто, за противречно формулираното прашање, вистинските причини ги дознававме постепено. Воопшто не било поради стравот на Глигоров и на некои до него за исходот од гласањето, туку поради нешто сосема друго.
Таа предреферендумска недела, од повеќе општини ми се јавуваа партиски функционери барајќи јас да говорам во нивните општини. Ги упатував на одговорните во партијата за распоредот на говорниците. Ми соопштија дека сум определен да говорам во три, или во четири општини. Се сеќавам дека двете беа Гевгелија и Валандово, за третата и четвртата, не сум стопроцентно сигурен, па нема да именувам. Салите беа преполни. На влегување во нив, наместо добро вечер, велев: „Има ли некој овде што не е за суверена и самостојна држава?“ Веднаш следеа стоечки овации од повеќе минути. Кога ќе почнеше разговорот, ќе се најдеше некој од „стопанствениците“, со деловни врски со Србија, кој ќе поставеше прашање од неговиот стомак: „Од каде ќе набавуваме тоа и тоа…“? Ќе го добиеше заслужениот одговор и толку.
Го гледав на лице место тој спој на огромна желба Македонија да биде самостојна држава и надежта дека така, конечно, ќе ни биде подобро, и се прашував: врз кои сознанија Глигоров и некои луѓе околу него шепотеа дека постои опасност од неуспешен референдум, па, наводно, затоа така се однесувале и така го стокмиле „трик-прашањето“ за референдумот?

Сведочењето на професорот Владо Поповски во Плусинфо

И тогаш имав повеќе сознанија за причините зошто Глигоров ја одолговлекува одлуката за осамостојување на Македонија и зошто издејствува така да биде формулирано прашањето. И до мене допреа некои информации дека формулирањето на прашањето за референдумот е извршено во договор со Милошевиќ. Но, не си дозволив за тоа јавно да зборувам. Не можев да приложен конкретен факт/доказ, очевиден за јавноста, која во тој период нему многу му веруваше. Ќе беше само „збор против збор“ и ќе се сместуваше во контекст на нашите лични односи. Но, сведоците и сведоштвото што не ги знаев, цело време биле меѓу нас. Во  кругот на луѓето со кои Глигоров соработуваше.
Од 21 до 27 јули 2022 година, во Плусинфо, прочитавме анализа за тоа време и за тие настани, од поранешниот професор на Правниот факултет во Скопје, Владо Поповски, учесник  во многу од тогашните  настани – како министер во некои од владите и како советник на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров. Насловот на анализата, за оние што не ја читале, гласи: „Сите македонски влади и претседатели во 1990-тите“. Во неа, Поповски (кој во текот на професорската кариера го предавал и предметот Историја на правото), меѓу другото, пишува:
Лојалноста кон Милошевиќ Глигоров ја покажа и во врска со референдумот […] Глигоров очигледно добил инструкции од Милошевиќ како да гласи прашањето за нашиот референдум закажан за 8 Септември 1991.
И, продолжува:
„Пред официјализирањето и објавувањето на референдумското прашање со спомнатата ‘опашка’, бевме повикани… јас и Гордана Сиљановска, како членови на Уставната комисија, од страна на тогашниот министер во владата на Никола Кљусев, одговорен за политички систем, Љубомир Данаилов Фрчкоски, ‘да сме помогнеле во формулирањето на прашањето за референдумот’. […] Во кабинетот на министерот ги затекнавме Владимир Кутлешиќ и Касим Трнка […] првиот, правен советник на претседателот на Србија Слободан Милошевиќ и универзитетски професор по уставно право, а вториот, професор по уставно право во Сараево и, веројатно, советник на претседателот на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ“.
По влегувањето во кабинетот, Фрчковски им го изложил на Поповски и на Силјановска веќе формулираното референдумско прашање: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“, со образложение дека така треба да гласи „со оглед на преземените обврски на Глигоров пред Милошевиќ“.
Откако Поповски рекол тека тоа правно не е во ред, дека е противречно, дека секоја држава прво треба да стане суверена и самостојна па потоа да може, според пропишана законска процедура, да прави сојузи со други, настанала непријатна ситуација. Поповски пишува: „Господинот Кутлешиќ и нашиот министер, покажаа видлива нервоза, веројатно поради позицијата и улогата што ја имаа, првиот во однос на неговиот претседател Слободан Милошевиќ, а вториот во однос на својот претседател Киро Глигоров, кои им дале задача да го утврдат прашањето за референдумот во Република Македонија, како што тие, претходно, се договориле“.
„Поради тоа – продолжува Поповски – реакциите на нашиот министер, беа во стилот ‘сме биле повикани за да помогнеме, а не за да комплицираме’“.

Слуги на двајца политичари си играле мајтап со правото

Значи, тројца професори од три републики и од три правни факултети (од кои двајцата по Уставно право), „правно“ ја врамиле политичката ујдурма на Глигоров и Милошевиќ, практично да го измамат македонскиот народ и да го стокмат референдумот според договорената цена што Глигоров  требало да му ја плати на српскиот вожд, како надомест за нешто што тој го добил од него.
Дека професорите, во улога на слуги на двајца политичари си играле мајтап со правото (и не само со правото) констатираше и Бадинтеровата комисија. Имено, во нејзиното мислење од 10 декември 1991 година, на што Поповски потсетува во истата анализа, Арбитражната меѓународна комисија констатирала дека: „Македонија со референдумот одржан во септември 1991 година се заложила за суверена и независна Македонија во рамките на асоцијација на југословенските држави и  дека, поради тоа, таа спаѓала… во оние републики кои сакале да создадат нова асоцијација која би имала демократски институции по нивен избор…“ Затоа Бадинтеровата комисија смета дека на тие републики, кои сакале да создадат таква асоцијација, е да работат заеднички за да ја постигнат таа цел.
„Таквиот епилог (продолжува Поповски) укажува дека референдумот од 8 септември 1991 година, според логиката на референдумското прашање, значел пред сѐ изјаснување на граѓаните за влегување на Република Македонија во иден сојуз на југословенски држави, а не за формирање на македонска самостојна и суверена држава – меѓународно призната и токму во тоа е манипулацијата со волјата на граѓаните, изразена на референдумот“.
Затоа, Бадинтеровата комисија за ден на осамостојувањето на Македонија го смета денот на усвојувањето на Уставот на Република Македонија, 17 ноември 1991 година, а не денот на одржувањето на референдумот, 8 септември.

(Во следното продолжение: Случајно ли, по средбата со Глигоров и Изетбеговиќ, Гадафи на генералот Кадијевиќ му предлага да изврши воен удар и да го собори Милошевиќ)
19-10-2023, 07:25 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*******

Posts: 17,686
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#7

Quote: Случајно ли, по средбата со Глигоров и Изетбеговиќ, Гадафи на генералот Кадијевиќ му предлага да изврши воен удар и да го собори Милошевиќ?

Долгорочно воспоставениот однос помеѓу нашиот народ и неговите делегирани вршители на функциите на власта е однос помеѓу господари и поданици. Бесконечно толериран од оние што треба вистински да владеат, наместо да бидат владеани - на кои, им е поприфатливо да  бидат секојдневно тормозени, ограбувани, по пократка или по подолга процедура убивани, отколку да ја земат својата судбина во своите раце. Затоа власта лесно се издвојува од народот. Лесно си обезбедува позиција на „надзаконитост“, однесувајќи се спрема сопствениот народ полошо и од класичен надворешен окупатор.
КолумниСлајдер
Од Петар Гошев Објавено 01/10/2023 8:00:02

[Image: gosev-sedmo-prodolzenie-750x430.jpg]

Каква е поврзаноста на ујдурмата за прашањето на референдумот и цитираниот разговорот на Вук Драшковиќ со Алија Изетбеговиќ, воден на 12 јануари 1992 година, во кој се спомнува планот на Глигоров и Изетбеговиќ за четворна федерација, нема потреба да елаборираме.
Но, има уште нешто, на што потсетува професорот Владо Поповски, во својата анализа објавено во Плусинфо, што дополнително ја разјаснува врската меѓи Киро Глигоров и Слободан Милошевиќ, што го дополнува контекстот на „заемно договорени цели и задачи“, односно преземени обврски на едниот кон другиот.
Средбата Милошевиќ – Глигоров во Белград, ден пред атентатот
Тоа е средбата Милошевиќ – Глигоров, што се одржа на 2 октомври 1995 година во Белград, позната за јавноста, но не и нејзината содржина. А дел од содржината, вознемирениот Глигоров, веднаш по враќањето од Белград, им пренел на своите соработници, меѓу нив и професорот Поповски.
Вознемирен, Киро Глигоров ја опишал средбата како мошне „тензична“. Милошевиќ, веројатно, потсетувајќи го Глигоров на некои меѓусебни договори (Поповски вели – „тестирајќи го“), меѓу другото, побарал од Глигоров Македонија и Србија да формираат царинска унија. „Нашиов“, со оглед на сѐ што се случи до 1995 година, не можел ништо друго да прави, освен да бега од директниот одговор на тоа барање и да говори дека „Македонија може на Србија многу да ѝ помогне од позиција на членка на ЕУ – за што веќе се определила“.
Одејќи од една кон друга лага, говорејќи му секому тоа што сака да го слушне,  иако интелигентен, Глигоров влегува во „небрано“, па се брани со мошне неинтелигентни изговори. Знаеме дека следниот ден, на 3 октомври, следеше обидот за убиство на Глигоров, што мене ме затекна во Америка реализирајќи го едномесечниот престој во организација на УСАИД.
Да имавме безбедносни служби кави што требало да имаме, да сакаа да ги пронајдат „организаторите, налогодавачите и извршителите“ на атентатот врз Глигоров од 1995 година, сигурно подобро ќе ја анализираа релацијата Глигоров – Милошевиќ, наместо да нѐ упатуваат кон планината Рила и кон контроверзната компанија „Мултигруп“ од Бугарија, замајувајќи ја јавноста.

Кој го наговорил Гадафи да предложи воен удар за соборување на Милошевиќ?

Да беа какви што треба, можеби тие ќе собереа и информации и ќе ја обработеа и заедничката посетата на Глигоров и Изетбеговиќ на Либија, есента 1991 година. Ќе прочитаа што вели (отворено претпоставувајќи) геералот Вељко Кадијевиќ, началник на Генералштабот на војската на ЈНА, за таа средба.
Тој исто така го посетил Муамер ел Гадафи, само ден-два по посетата на Глигоров и Изетбеговиќ. Кадијевиќ сведочи дека на таа негова средба со либискиот лидер, Гадафи му предложил да изврши воен удар, но со цел да биде симнат од власт Слободан Милошевиќ и така да се решат проблемите во Југославија, на што адмиралот, со насмевка, само му рекол: „Знам кој ве посети пред мене!“ (Вељко Кадијевиќ, „Против удар“, 2010 година, стр. 161).
Точен, или неточен „убод“ на Кадијевиќ, тој предлог на Гадафи, поврзан со Глигоров и Изетбеговиќ, сигурно му бил пренесен на Милошевиќ. Па во склопувањето на мозаикот за причините и за правецот од каде можело да биде пукано во Глигоров, можеби и ова фрла дополнително светло.

Од кого се „ослободи“ Македонија на 8 септември 1991 година?

Како и да е, на 8 септември 1991 година се случи важен настан, кој сепак заврши според волјата на мнозинството на граѓаните на Македонија, и покрај игрите „под маса“. Тој настан, бездруго, ќе биде трајно врежан во меморијата на граѓаните на Македонија, главно преку сликата од Плоштадот Македонија, вечерта на 8 септември, кога Глигоров со пискав глас ќе извика: „Нека ни е честита слободна, суверена и самостојна Македонија“.
И никој не мора да се праша, а би требало, кога ќе го погледне редот и изборот на придавките во оваа изговорена историска реченица, од кого се „ослободила“ Македонија? Од кого дотогаш била „поробена“? Како тоа еден федерален функционер, записничар на заседанието на АСНОМ во 1944 година, педесет години на чело или дел од сојузните функции, ја предводеше Македонија во битката за „ослободување“ од нивната окупација?

30 јули 2018: Трик-прашање и на референдумот за промена на името на државата

Волкот влакно менува, нарав никогаш! Продолжуваат нашите репрезенти во власта со навиките да ги мамат своите граѓани, за „нивно добро“!?
На 30 јули 2018 година, власта, предводена од СДСМ, ги повика граѓаните на Македонија да се изјаснат дали го прифаќаат т.н. Договор од Преспа, со кој Владата на Република Македонија прифати промена на нашето уставно име, поставувајќи го прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“?
Повторно трик-прашање. Зашто, апсурдно беше да се верува дека веднаш потоа и само затоа, ќе не примат во ЕУ. И, како што знаеме, (власта) прво вети дека референдумот ќе биде обврзувачки, зашто за такво прашање една „демократска“ власт (како што велеа) „не може да си дoзволи да донесе одлука без согласност на мнозинството граѓани“. Потоа сфати дека битката со мнозинството граѓани ќе ја загуби.
Измамникот од Струмица, нормално, го „заборави“ сопственото ветување (вообичаено) и го прогласи референдумот за „консултативен“. Имало „правна можност“ и за таков вид референдум. Што значи дека и да нема поддршка од мнозинството граѓани, власта може да одлучи и спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Па, така, референдумот го сведе на залудно арчење на време, на пари во морето на општата сиромаштија во земјата и на длабоко потценување на граѓаните. Алтернативата за „легалност“ ја најде меѓу деперсонализираните и криминализирани членови на парламентот.  Но, за жал, и во него го немаше двотретинското мнозинство. Па реши да го докусури судството.
Премина на крупно купување (подмитување) на пратеници и нивно аболирање од бројни кривични дела. Операцијата течеше како подмачкана. За дотогаш корумпираното, клиентизирано судство, тоа беше уште една рутинска работа. Паролата „нема правда нема мир“ ја фрлија во нивните полски нужници. „Докторите“ за оценување на состојбата во општеството, можеа само да запишат: болеста прогресира!

Манипулациите за т.н. „Француски предлог“

На 16.07.2022 година, Собранието на Македонија го прифати  таканаречениот „Француски предлог“, преку усвојување заклучоци (препораки) за неговото спроведување.
Како што, дознавме, Франција, во својство на претседавач со Советот на Европската Унија, подготвила Предлог-преговарачка рамка за отпочнување на пристапните преговори на Македонија во ЕУ, заедно со неколку оперативни документи. Клучното во тој, наводно, компромисен предлог, како што знаеме, е обидот да се најде излез од историските недоразбирања помеѓу Македонија, како непрекинато посакувана територија и Бугарија, како историски самопрогласен сопственик над неа, врз основа на тврдењето дека сме биле „с’што“ во секој поглед: според историјата, говорот, вкупната култура, дезоксирибонуклеинската киселина.
Нашите челници од извршната власт, свесни дека прифатиле експлозивни средства кои  атакуваат на кристализираната самосвест кај Македонците, свесни за реакциите и политичката казна што би ги снашла по објавувањето на наведената „Преговарачка рамка“, и во овој случај прибегнаа кон примена на традиционалната технологија на манипулации со народот, опишана во претходните случаи: дисеминација на купишта дезинформации, невистини и полувистини, наместо транспарентен процес и мачна, отворена, аргументирана дебата во општеството, каква што, се разбира, можат да водат само одважни лица со интегритет, на кои функцијата не им е поважна од државата.
Кога протече веста дека постои некаква преговарачка рамка, некој „француски предлог“, а јавноста побара да се обелодени, власта мамеше дека не постои. Лажеа редум: министерот за надворешни работи, претседателот на државата, премиерот, заменик премиерот за европски прашања… Кога излезе на виделина дека сепак постои, ја криеја нејзината содржина. Кога опозицијата и голем дел од поедуцираната јавност навали да бара расправа во парламентот, првично власта одбиваше таква расправа. Потоа, принудена да прифати, одбиваше на пратениците да им го достави пакетот документи од „Преговарачката рамка“ (исто како и Договорот со Бехтел и Енка и во многу други случаи).
Пратениците требаше да одлучуваат на „невидено“, како стара, „добра“ практика, испробана на обезличени суштества. Па им сервираше дополнително понижување, ако за самопонижените има некое понижување: „информација“ за што станувало збор во тој пакет, напишана на еден лист хартија. Па откако и на тоа уследија големи противења од опозицијата и на дел од јавноста, власта овозможи дигитален пристап до материјалите каде што можеше да се прочитаат тоа што до тогаш беше скриено.
И потоа стигнавме до сегашната фаза: неточна интерпретација на обврските од „Преговарачката рамка“, лажно интерпретирање на содржината, редуцирање на обврските на Македонија што Бугарија успеала да ги вгради во т.н. „Француски предлог“, кој стана, всушност обврска кон Европската Унија. За да можат сега, нео-фашистите од Бугарија цинично да велат: „Вие немате обврска кон нас, туку кон Европската Унија“.
И оваа фаза трае и ќе трае и по евентуалната промена на Уставот. Арамиите и измамниците, најмалку и во следната декада, ќе го користат/злоупотребуваат истото за оттргнување на вниманието на граѓаните од сѐ позабрзаната девастација на општеството во секој негов сегмент. Копајќи му на нашето дно низа скалести подруми.

Власта кон сопствениот народ се однесува полошо од надворешен окупатор

Изложеното, повеќе од јасно го покажува карактерот на долгорочно воспоставениот однос помеѓу нашиот народ и неговите делегирани вршители на функциите на власта: однос помеѓу господари и поданици. Бесконечно толериран од оние што треба вистински да владеат, наместо да бидат владеани – на кои, им е поприфатливо да  бидат секојденвно тормозени, ограбувани, по пократка или по подолга процедура убивани, отколку да ја земат својата судбина во своите раце.
Затоа власта лесно се издвојува од народот. Лесно си обезбедува позиција на „надзаконитост“, однесувајќи се спрема сопствениот народ полошо и од класичен надворешен окупатор. За неа не постои ни политичка, ни морална ни кривична одговорност. Просто, ужива во бесконечното  фабрикување лажни вести, во котењето на напишани и ненапишани дискрециони права, во произволното класифицирање на државни договори од најширок јавен интерес како „државна тајна“ и „строго доверливо“, во суштина алатки за прикривање и за попречување на сите видови нејзина одговорност, вклучително и кривичната за неброените коруптивни зделки.
И не треба никој да бара други причини за тоа што ни се случува веќе со децении. Од каде „извира“ нашава социјална беда. Демографскиот егзодус што ја пустоши земјата. Која е причината, кој е (ин)директниот убиец на 24 удавени од поројниот дожд во Стајковци; 14 загинати кај Ласкарци; 14 спржени во пожарот во „модуларната“ ковид-болница во Тетово; 46 македонски патници загинати на автопатот Струма во Бугарија; двојно повеќе починатите од официјално објавените за време на ковид-пандемијата; најновиот обелоденет монструозен скандал на Клиниката за онкологија; сѐ побројните жртви од загадените води и од загадениот воздух…
Сѐ е тоа резултат на наведениот однос за чие менување ова општество не демонстрира елементарна духовна и морална сила. Лагите, интригите, најбруталната корупција, станаа поважни од нашите животи.

(Крај на фељтонот)
19-10-2023, 07:28 PM
Reply