ЈорданПетровски
ЈорданПетровски-ЦРНИ
      
Posts: 17,674
Joined: Mar 2010
Reputation:
36
|
На реакцијата на емејството, почитувачите и истражувачите на делото на Драган Богдановски одговрија и издавачите:
Quote:ОДГОВОР НА ИЗДАВАЧИТЕ НА „ДНЕВНИКОТ НА МАКЕДОНСКИОТ МАЧЕНИК ДРАГАН БОГДАНОВСКИ“ -ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ Е ЦЕЛОСНО АВТЕНТИЧЕН
Го пренесувам одговорот на издавачите на „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски“ на реакцијата на дел од семејството и на пријатели на Драган Богдановски објавено во НЕТПРЕС,под наслов: Реакција во врска со публикувањето на „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски“ бидејки одговорот не е објавен во ниту еден медиум во Македонија а за да се дознае вистината секогаш треба да се слушнат и двете страни!
(Делови од овој Дневник своевремено се објавени уште додека Драган беше жив и со негова дозвола)
На 14.12.2021 на порталот Нетпрес објавена е реакција со забелешки за книгата „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски“, која неодамна е објавена во Австралија. Потписници на Реакцијата се: Раде Станковски, брат на Драган Богдановски; Драган Петковски, внук на Драган Богдановски; Владо Транталовски, потпишан како еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и близок пријател на Драган Богдановски; Диана Транталовска, една од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и м-р Марјан Гијовски, докторант на докторски студии за македонската политичка емиграција, за кого не знаеме во какво својство ја потпишал оваа реакција кога (според нашите сознанија) нема објавено ништо за ликот и делото на Драган Богдановски. Очигледно овој млад историчар уште на почетокот на својата кариера направил сериозно промашување кога наивно потпишал писмо во кое, без никакви аргументи, Дневникот на Драган Богдановски се прогласува за „лажен“. Иако потписниците на оваа реакција се обидуваат да се прикажат како „добронамерници“, суштината и содржината на нивната реакција недвосмислено е злонамерна со крајна цел: Дневникот да се прогласи за „лажен“, а книгата да се повлече од јавноста. Јасно е дека тие тоа го прават поради неостварени лични амбиции на некои од нив што во продолжение ќе го објасниме. А сега, да поминеме на фактите. Ќе направиме осврт на нивните забелешки во врска со книгата заедно со нашите одговори. На почетокот тие пишуваат (цитираме):
„Според Законот за авторски права на Република Македонија издавачите требало да побараат авторско право за издавање на овој ракопис од семејството (правни наследници на Драган Богдановски). Носителот на авторското право треба да се наведе во изданието, а тоа не е направено. Член 64 од истоимениот закон вели дека авторското право тече и до 70 години по создавањето на делото.“
НАШ ОДГОВОР: Точно е дека во Законот за авторски права на РМ пишува така, но не знаеме каква врска има тоа со потписниците на оваа реакција. Имено, во истиот закон точка 64 став 3 пишува: „На наследувањето на авторското право, доколку со овој закон поинаку не е определено, се применуваат прописите за наследување“. Значи наследувањето на авторското право е регулирано според прописите за наследување. Во самиот Закон за наследувањето, пак, јасно пишува што се подразбира под наследници кои (во случајов) би можеле да го наследат авторското право. Во Глава II, 1 член 13, пишува: „Оставината на умрениот ја наследуваат пред сите неговите деца и неговиот брачен другар.“ Значи доколку некој треба да праша за авторските права на овој Дневник, тоа треба да биде единствениот жив син на Драган Богдановски по име Пер-Арне Богдановски, а не негови браќа, внуци, правнуци, снаи или зетовци... Понатаму, во продолжение ќе видиме дека делови од Дневникот на Драган Богдановски (објавени во оваа книга) веќе беа објавени и во в. „Маcedonia Weekly Herald“ од Мелбурн уште кога Драган беше жив, т.е. со негово знаење и дозвола, па ние овде само направивме дополнето издание на тој веќе објавен материјал.
Во продолжение „добронамерните“ потписници на реакцијата пишуваат:
„Доколку постои оригинален ракопис од т.н. „Дневник“, издавачот претходно требало да му го достави во оригинална, или во скенирана форма на семејството. Тоа е морална и етичка должност“.
НАШ ОДГОВОР: Се согласуваме со ова, но повторно не знаеме зошто тоа ги засега потписниците на реакцијата. Единствен законски наследник на Драган е неговиот син, со кого ние направивме напори (и ќе правиме и во иднина) да му доставиме копија од Дневникот, иако тој засега не покажува интерес за такво нешто. Немаме намера копија од Дневникот да испраќаме на сите роднини на Драган, туку само на неговиот единствен законски наследник.
Во продолжение на реакцијата читаме:
„Во самото издание не е вклучен ниту еден факсимил од оригиналот на т.н. „Дневник“, а тоа е задолжително за да се потврди автентичноста на она што го содржи изданието, кое во овој случај е само компјутерски обработено“.
НАШ ОДГОВОР: Во ниту еден закон не пишува дека е задолжително да се објави факсимил од Дневник. Постојат бројни изданија кај нас и во светот со историски документи каде не е наведен ниту еден факсимил, туку е наведен нивниот извор. Многу поважно е дали тој Дневник е автентичен или не, а во случајов се работи за автентичен Дневник (мемоари) на Драган Богдановски од кои делови веќе беа објавени уште додека тој беше жив.
Понатаму „добронамерните“ автори на Реакцијата пишуваат:
„Стручно-методолошкиот пристап за подготовка на издание подразбира пред печатењето издавачот да го достави изданието на историчари и истражувачи чија потесна специјалност е дејноста на Богдановски за да утврдат дали оригиналот на т.н. „Дневник“ е навистина ракопис на Драган Богдановски врз основа на критички и компаративен метод, или е подметнат од Службата за државна безбедност, која долги години го следеше, го тормозеше и правеше обиди за негова компромитација“.
НАШ ОДГОВОР. Дневникот пред неговото објавување го прегледа д-р Виолета Ачкоска која во моментов е најголемиот експерт за македонските илегални организации по Втората светска војна. Во врска со Дневникот, во неговиот Предговор, д-р Ачкоска пишува (цитираме): „Дневникот на македонскиот маченик Драган Богдановски е последниот напишан документ за неговите страданија и мачеништво од страна на македонските, југословенски удбаши... Благодарение на ЗК на ВМРО-ДПМНЕ од Перт и Аделаид дневникот ќе биде само уште еден дел од историската борба и страдања на духовниот водач и основоположникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Богдановски.“ Д-р Ачкоска и на својот фејсбук профил објави текст со поддршка на Дневникот и тоа откако ја прочита Реакцијата на „добронамерниците“.
Во продолжение на Реакцијата читаме:
„Содржината на изданието не е стручно-методолошки обработена односно нема појаснувања, фусноти и обработка на ракописот, туку како „суров“ материјал е препуштен на читателот самиот да вади заклучоци врз основа на неговите претходни знаења“.
НАШ ОДГОВОР: Ова е субјективно мислење. Во книгата се објавени податоци за тоа кој бил Драган и каква била неговата активност, т.е. негова кратка биографија, но наша цел беше во книгата доминантен да биде неговиот автентичен Дневник (мемоари).
Во продолжение читаме:
„Изданието нема свој ЦИП-запис и ИСБН број и не е регистрирано во Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, што е исто така задолжително за секое издание.“
НАШ ОДГОВОР: Навистина се чудиме на ваквата забелешка. Авторите на реакцијата добро знаат дека книгата е објавена во издание на австралиски субјекти (иако формално е печатена во Македонија – таа сепак е издадена во странство). Ова значи дека законите на РМ од областа на издаваштвото не важат за оваа книга.
Во продолжение на Реакцијата нејзините автори пишуваат:
„Од анализата на содржината на изданието, која ја направија семејството и соработници на Драган Богдановски како и истражувачи што многу години го истражуваат неговото дејствување, заклучивме дека овој ракопис не е на Драган Богдановски. Според сите параметри, почнувајќи од стилот на пишување и изразување, многуте неточни податоци за местото каде што бил испрашуван Богдановски, фактографските грешки и низа други пропусти, сметаме дека т.н. „Дневник“ се состои од надградени полициски конструкции од времето на постоење на Службата за државна безбедност. Постојат живи сведоци на присилниот престој на Богдановски, чии тврдења за условите и за објектот во кои бил сместен и престојувал се сосема спротивни од она што го пишува во т.н. „Дневник“.
НАШ ОДГОВОР: Овде авторите на реакцијата го направиле најголемото промашување! Тие тврдат дека Дневникот не бил напишан од страна на Драган Богдановски (!?). Пак ќе повториме дека делови од овој автентичен Дневник ВЕЌЕ БЕА ОБЈАВЕНИ УШТЕ ДОДЕКА ДРАГАН БЕШЕ ЖИВ!!! Со негова дозвола и знаење, извадоци од неговиот Дневник, како мини фељтон, беа објавени во в. „„Маcedonia Weekly Herald“ од Мелбурн и тоа уште во 1990 година. Овие весници со малку труд секој може да ги набави и да се увери во тоа, а овде приложуваме копија од првото продолжение каде јасно се гледа дека текстот е сосема ист како во книгата во која само се преобјавени сите овие делови дополнети со други делови од неговиот Дневник. Навистина нѐ интересира каков коментар ќе дадат на ова „добронамерните“ потписници на реакцијата.
Во продолжение читаме:
„Понатаму, не постои ниту еден документ во огромното досие на Драган Богдановски, ниту, пак, тој некогаш му се доверил на некој од семејството, или на соработниците дека пишува дневник. Општо е познато дека кога се пишува дневник се пишува според денови, недели или месеци и најчесто се почнува од раното детство, што во овој случај не е така. Тука е обработен само периодот кога Драган Богдановски е испрашуван од иследниците на УДБА. Мораме да потенцираме дека содржината го наведува читателот да мисли дека Богдановски е патриот, но и соработник на југословенските служби, теза која самата Служба за државна безбедност му ја прилепува за да го дискредитира и да создаде недоверба кај неговите најблиски соработници. Следствено, избраниот наслов „Дневникот на македонскиот страдалник Драган Богдановски“ е циничен и спротивен на делови од содржината на изданието.
НАШ ОДГОВОР: Овде авторите на реакцијата го достигнале дното на својот памфлет. Како прво во книгата е јасно наведено дека ова е само ДЕЛ од неговиот Дневник, што значи дека постои и друг дел или делови кои нам не ни се достапни. Понатаму, поимот „Дневник“ овде е употребен во поширока смисла на зборот (во смисла на мемоари) од аспект дека тој самиот запишувал што му се случувало за време кога бил во затвор. Ирелевантно е дали Драган известил некого од потписниците на оваа реакција околу тоа дали пишува дневник (мемоари) или не (иако ни ваквото нивно тврдење не е точно). Имено, Драган почнал да го пишува својот дневник (мемоари) недолго по излегувањето од затвор. На 10 јуни 1990 година, тој лично му го дал првиот дел од дневникот (мемоарите) на долупотпишаниот Јордан Груев во Шведска и тоа скенирани во ПДФ формат. Тогаш Драган го известил Јордан дека вториот дел дополнително ќе им го достави откако истиот ќе го заврши. Истата година Груев го доставил делот од дневникот што го добил до Панко Стамкоски, сопственик и уредник на в. „Маcedonia Weekly Herald“ од Мелбурн. Веднаш потоа (со знаење и дозвола од Драган) истата 1990 година Панко почнал со објавување на овој материјал во форма на фељтон. Во меѓувреме Драган го доставил до Панко и вториот дел од Дневникот (мемоарите). По неколку објавени продолженија Панко предложил сето тоа да се објави како книга, а не како фељтон. Но, поради низа главно објективни околности оваа иницијатива прво се одложила, а потоа останала во мирување заради други обврски од страна на Панко. Во 2007 година Панко почина, а копија од првиот и примерок од вториот дел од Дневникот (мемоарите) на Драган останаа кај сопругата на Панко, која потоа ги продала на лице од Мелбурн, кој пак ги доставил до еден поранешен премиер. По безуспешните напори да дојдеме до вториот дел, ние долупотпишаните решивме да го објавиме само првиот дел што му беше доставен на Јордан. Значи, не е точно дека никој не знаел за постоењето на овој Дневник. Освен Груев, Стамкоски, неговата сопруга и други лица, за постоењето на овие материјали знаеја и бројните читатели на в. „Маcedonia Weekly Herald“, каде истите беа делумно објавени во продолженија. Конечно, за постоењето на овој Дневник сосема добро знаеше и потписничката на Реакцијата Диана Транталовска која во 2015 година и самата безуспешно се обиде да го набави од Австралија за што постојат сведоци. Се прашуваме доколку таа го набавеше и го објавеше овој материјал, дали сега ќе се критикуваше самата себе? Или доколку сметала дека овој Дневник е „фалсификат“ зошто толку упорно се обидуваше да го добие? И конечно, ако Дневникот бил „фалсификат“ зарем Драган немаше да реагира на објавувањето делови од истиот во 1990 година од страна на неговиот близок соработник Панко Стамкоски? По потреба можеме да приложиме страници од Дневникот заедно со други писма од Драган, за да се види дека се пишувани со иста машина за пишување. Значи премногу докази има за да се побие дрската лага на „добронамерниците“ според која овој Дневник наводно бил „фалсификат“. Потписниците на Реакцијата, велат дека наводно УДБ-а стоела зад овој Дневник, па поради фактот што лично Драган го одобрил неговото објавување, испаѓа дека тие инсинуираат дека тој дозволил да се објават во негово име материјали подготвени од УДБ-а (!?). Ако некој навистина така мисли тогаш самиот тој го понижува и потценува Драган Богдановски. Впрочем, за карактерот на Дневникот зборува и самата негова содржина. Дневникот е полн со критики и омраза против УДБ-а и поедини нејзини инспектори, а во него Драган графично ги опишува и методите на измачување што биле применувани против него. Еве еден извадок од книгата каде Драган ги опишуватортурите што ги доживеал:
„...Ги собув чорапите и милиционерите ме легнаа на мевот. Притоа двајцата од нив ми седнаа на грбот. Третиот од нив ми ги превитка нозете кај колениците и триножното столче го подметна под нив, така да стапалата стоеја во хоризонтална положба врз столчето. Од првите удари со гумениот пендрек по стапалата ми севнаа искри во мозокот. Болките беа толку длабоки и остри што ми се чинело дека ме сечат на парчиња со ножови. Знам дека при првите удари извикав колку што можев: „Убијци! Фашисти! Српски џандари!“, но после од мене се слушаше слабо офкање и гргорење на човек во агонија. По моите стапала со пендрек маваше удбашкиот началник Илиевски и од време на време повторуваше: „Ќе признаеш ли да престанам да мавам“. Јас не одговарав на неговите прашања. Почувствував како од стапалата џврка топла крв. Тепањето продолжуваше и јас потонав во несвест. Ме пробуди ладната вода што ми ја истурија врз главата. Ги гледав ѕверските лица на удбашките началници како душмански ме гледаат. Милиционерите ми врзуваа синџири околу глуждовите на рацете, потоа ме кренаа на раце ме однесоа до дрвениот столб, ја завртеа рачката на механизмот и јас виснав во воздухот обесен на алките за столбот за мачењето. Испружен на синџирот со сета моја тежина и со боловите од тепањето по стапалата ми се чинеше дека моето тело пукна на илјадници парчиња.
„Ќе зборуваш ли сега или нема да зборуваш?“ – ме праша Илиевски.
„Се зборува со луѓе, а не со кучиња. Вие сте кучиња, а не луѓе.“ – одговорив.“
„Ќе зборуваш, ќе зборуваш, мамето твое фашистичко.“ –рече Илиевски и ми ги повлече долните гаќи и ги фрли на подот во ќелијата. Потоа со обете раце ме фати за тестисите, ги стегна колку што можеше и со сета своја тежина се обеси на нив. Крикнав од болка и паднав во некое бунило на полусвест...“ (стр. 102 - 104 од книгата).
Зарем некој навистина може да верува дека УДБ-а би напишала вакво нешто за самата себе? Вакви потресни сведоштва провејуваат низ целата книга од Драган Богдановски и надвор од здравиот разум е да се тврди дека УДБ-а „напишала книга“ против самата себе... Вон секаква логика е и тврдењето дека од книгата се „стекнувало впечаток“ дека Драган бил „соработник на УДБ-а“ (!?). Само човек со бујна фантазија може да помисли такво нешто, посебно по читањето на сите измачувања низ кои поминал Драган.
Што се однесува до барањето на потписниците на реакцијата книгата да биде „привремено повлечена“ (веројатно мислејќи дека тие треба да ја одобрат), таквото барање е смешно и е во спротивност со нивното декларирање дека се почитувачи на делото на Драган Богдановски. Доколку и навистина се почитувачи на неговото дело, нека објават и тие нешто корисно, наместо да се обидуваат залудно да го попречат објавувањето на оваа книга со автентични сведоштва за тортурите над Драган Богдановски, која веќе предизвикува голем интерес во јавноста.
За издавачите на книгата од Австралија:
Ангело ВРЕТОСКИ vretoski@gmail.com
Мендо ВУЛКАНОВСКИ xyzalki@gmail.com
Јордан ГРУЕВ jordan.gruev@gmail.com
Трајче Т. ТРАЈКОСКИ vmro@bigpond.net.au
Предраг ИВАНОВСКИ predragivanovski@hotmail.com
и други кои помогнаа во објавувањето на книгата
|
|