hristo
Super Moderator
     
Posts: 2,955
Joined: Dec 2009
Reputation:
33
|
Монтехристо, ако си алергичен на Љубчо Георгиевски еве ти размисла за ова прашање од проф. Димитар Димитров. Него, можеби, повеќе ке го респектираш:
Quote: Датум: 17.06.2011, 21:35
КОЛУМНА
ЧЕКАЈЌИ ГО СПОМЕНИКОТ
Импликации на антиквизацијата
Овој текст е должен одговор на веста од леарницата од Фиренца дека скулптурата на Александар е излеана и дека споменикот на античкиот јунак, качен на Букефал и наднесен над фалангата, бргу може да биде поставен. Чекајќи да се заокружи изборниот процес, дочекавме на плоштадот Македонија да осамнат деловите на „воинот на коњ“. Сега, текстот што беше замислен како уште едно предупредување, нека биде „добродошлица“!
Во принцип државата Македонија нема потреба од антиквизацијата. Таа си има свои реални историски рамки во движењето на отпорот раководено од ВМРО, во АСНОМ и во договорното, мирно, со референдумско изјаснување, етаблирање во самостојна држава по распадот на Југославија. Тие рамки, со јасно утврдени, неспорни државни граници, не само што ја прават доволно легитимна - тие рамки прават златен легитимитет, безусловно потврден и од Бадентеровата комисија на ЕУ.
Обратно, „засилувањето“ на легитимитетот со протегање на тие рамки до античка Македонија („Македонија вечна“), го проблематизира легитимитетот, правејќи „од готово - вересија“, т.е. сведувајќи ја актуелната држава (РМ) на „македонско прашање“, кое во оваа држава си добило практичен одговор. Таквата постапка нема внатрешна логика, не произлегува од системот на државата, туку му противречи на тој систем, бидејки ја доведува државата во зависност од имагинарно минато, од пред два и пол милениума, категоријално неподатливо за компарабилност и национални идентификации. Тоа минато не само што не било дел од нејзиното создавање, туку било инструментализирано во негативна корелација со државотворниот процес од страна на неговите српски и грчки противници. Силата на „бандите“ на ВМРО во „македонската борба“ (македоникос агон) тие ја релативизирале со теоријата за античко-македонскиот идентитет на нашите предци како синоним на грчкиот идентитет. Превоспитаните/“преродените“ во потомци на Александар се свртувале против своите во братоубиствена војна, напуштајќи ја позицијата на ВМРО за политичка автономија, односно за самостојна држава, поминувајќи на позицијата за нејзино освојување и делба меѓу Грција и Србија. Тоа е имено смислата на евокацијата на античко-македонскиот мотив.
Државната творба НРМ/СРМ/РМ и бега на таа стратегија. Во актуелниот облик на самостојна држава таа е дел на паневропскиот обединувачки процес во кој еволуира Европа на раздорот, со балканизацијата како нејзина негативна парадигма. Со оглед на хипотеката како дел од такво негативно наследство, наш примарен државен интерес е што поскорешна формална интеграција во ЕУ, и тоа претпоставува не просто исполнување на европските стандарди, туку стратегија за пример на тие стандарди. За натпреварот во древност тука нема место. Во таа перспектива нашите претензии на античките Македонци се контрапродуктивни. Научната јавност вон државата тоа го идентификува како школски пример на идеологизирана историографија која во посткомунизмот мутира во етномитологија. За Грција тоа е иредентизам. За ЕУ тоа е регионално позиционирање некомпатибилно со процесот на евро-атлантското интегрирање. На внатрешен план тоа е отклон од свети Климентовата- преродбенската- ВМРО-вската традиција, која го бранела јужното славјанство имено од грчката асимилација.
Актуелната „преродба“ од историската преродба, е реплика на „преродбата“ на грчката стратегија, што исходува од нашето Александрово потекло. Репликата дотолку се разликува од оригиналот, што авторите на оригиналот со неа се служеле како со пропаганден маневар и измама, во функција на освојување на Македонија, додека авторите на репликата го игнорираат ВМРО и АСНОМ, па една реална држава (РМ) ја враќаат на состојбата од „македонската борба“ и објективно посредуваат уште една победа на нејзините противници. Овојпат, кон надвор, таа победа има вид на антигрчки иредентизам, што ни го блокира патот кон НАТО И ЕУ; кон внатре има вид на одведување од идентитетот, бидејки на нацијата и импутира митски идентитет, па во име на тој идентитет го жртвува внатрешното и европското нејзино етаблирање.
Еден од најголемите раководители на ВМРО Васил Чекаларов проповедањето за Александар го објаснува со непознавањето на својата историја и го дочекува со иронија, како нешто „многу смешно!“ и „губење време“. Во македонското издание на неговиот Дневник тоа место е изоставено, зашто и противречи на актуелната античко-македонска опседнатост. Тоа е многу симптоматична постапка, што асоцира на Чекаларов заклан од македономахите: тоа е образецот на односот меѓу ВМРО и античко-македонскиот идентитет и на односите на едната и другата позиција спрема формирањето на Македонија во самостојна држава, изразени во извиците на убијците на војводата: „Нема Чекаларо“! Нема Македонија!“.
Денес кога државата Македонија е реалност, антиквизацијата зад која стои партија со предзнак ВМРО, историската ВМРО ја деградира на нивото на колаборационистите на Грција и на Србија од „македонската борба“ - Гоце Делчев го прави Коте Христов, Дамјан Груев го прави Глигор Соколов(иќ). Овој атентат врз ВМРО се врши преку апликацијата на акронимот ВМРО (одржуван во меморијата како синоним за самостојна држава) во името на партијата, што доведува до гласови и до власт. Сама по себе таквата апликација противречи и на системот на ВМРО, и на уставното уредување. ВМРО била движење на отпорот за политичко ослободување. Штом се дојде до своја држава, таа (ВМРО) - категоричен е творецот на системот Христо Матов - го “губи правото на своето постоење“.
Партизацијата на ВМРО (аналогно, проблематични се и трансферите СКМ -СДСМ и ССРНМ - СПМ) под знакот на сонцето од Вергина и на лавот, на штитот и мечот на Александар и на камата и пиштолот на Гоце, прогласувањето на сонцето од Вергина за државно знаме; од друга страна, обидот на Милошевиќ и на Мицотакис за делба на државата, блокадата од Грција, спорот за името - објективно претставуваат регионална коалиција која РМ ја влече век назад, како „македонско прашање“ и „македонска борба“, ја разјадува одвнатре и ја попречува нејзината евро и евроатлантска интеграција. Точно е дека го сменивме државното знаме, но за жал, ја чекаме инаугурацијата на бесмртниот Александар како апсолутен победник од „македонската борба“, во вид на грандиозен бронзен коњаник, надреден над Делчев, Груев, Ченто.
Се разбира, ова “освојување” на античка Македонија, не ја загрозува Грција. Тоа ја загрозува Република Македонија. Затоа не поради Грција, туку заради нас, нашето национално и човечко достоинство, добро би било примерот со корекцијата на државното знаме да го примениме на целата антиквизација - како добар влог и за решавање на спорот за името и за зачленување во НАТО и ЕУ.
Димитар ДИМИТРОВ #
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?It...CC286780EE
|
|