Санданиста! (прв дел)
Иако по етничка припадност Сандански се декларирал како македонски Бугарин, тој по политичките ставови јавно се изјаснувал како автономист, односно приврзаник на идејата за автономна Македонија во нејзините географски граници, како заедничка татковина на сите етницитети што живеат во неа
Еден од (за мене подрагите) албуми на омилениот ми панк-бенд „Клеш“ се вика „Сандиниста!“, наречен според социјалистичкото никарагванско движење што го носи името на Аугусто Цезаро Сандино, кој го предводел никарагванското движење на отпорот против американската окупација на Никарагва во триесеттите години на минатиот век. Мене насловот на овој албум отсекогаш ми звучел како да се однесува на мојата лична политичка определба: санданиста, термин скован според Јане Сандански, водач на радикално левото крило на македонското национално движење во почетокот на дваесеттиот век.
Иако по етничка припадност Сандански се декларирал како македонски Бугарин, тој по политичките ставови јавно се изјаснувал како автономист, односно приврзаник на идејата за автономна Македонија во нејзините географски граници, како заедничка татковина на сите етницитети што живеат во неа. Во писмото упатено во 1904 година до грчките граѓани на Мелник, Сандански вели: „Не бугарска Македонија сакаме ние, ами Македонија на Македонците, Македонија ослободена од тиранијата!“ (при што треба да се има на ум дека под „Македонци“ ги сметал сите жители на Македонија, словенските еднакво како и грчките, албанските, влашките и турските). Ваквите ставови биле во спротивност со залагањата на кнезот Фердинанд (татко на подоцнежниот цар Борис Трети) и неговите поддржувачи што се залагале за присоединување на Македонија кон Бугарија. Разликите помеѓу Врховниот македоно-одрински комитет (лојален на бугарскиот двор) и Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (создадена од револуционери што се родени и живеат во Македонија), Сандански го дефинира во обраќањето до своите политички противници: „Вие ја сакате слободата на Македонија како етапа на идните ваши завојувања и анексии, додека кај нас слободата е основната цел. Ние не сакаме тиранијата на турските султани да ја замениме со ниту една друга, па ни со деспотијата на бугарскиот кнез. Ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас - внатрешните, и вас - врховистите!“.
За да се разбере длабочината на овие зборови, треба да се имаат на ум историските околности и духот на времето во кое ова е изговорено. Имено, очигледно е дека серското крило или левата фракција на ВМРО (приврзаниците на Сандански, погореспомнатите „санданисти“) се залагала за воспоставување мултиетничка демократска република - концепт сосема непознат во времето кога Македонија била дел од феудална монархија (Турција) опкружена исклучиво со уставни монархии (Бугарија, Србија, Грција), а за иднината на Европа одлучувале речиси само крунисани глави (Русија, Австро-Унгарија, Германија, Велика Британија, Италија). Денес политичкиот концепт на Сандански го земаме здраво за готово, како дел од нашата здодевна политичка стварност - но во тоа време неговите идеали биле барем половина век пред неговото време. Во таа смисла дури не би претерале ако Сандански го наречеме Абрахам Линколн на раната македонска политичка еманципација.
Во годините што следуваат по Илинденското востание и Рилскиот конгрес, десницата на ВМРО го обвинува Сандански за идеолошкиот раскол и почетокот на оружените пресметки помеѓу левото (Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Пере Тошев, Тодор Паница) и десното крило (Дамјан Груев, Борис Сарафов, Христо Матов, Иван Гарванов) на организацијата. Токму Сандански е тој што ќе зададе наредба за ликвидација на Сарафов и Гарванов, те со тоа ќе ја отвори пеколната Пандорина кутија од која ќе се изроди повеќедецениската низа на политички атентати што македонските револуционери ќе ги извршуваат едни врз други (затоа оваа наредба денес и во Македонија и во Бугарија му се памети како негов најголем политички грев). Но истовремено, во борбата за своите прогресивни идеали за национална еднаквост и социјална правда, Сандански отишол подалеку од кој било член на ВМРО: во текот на Младотурската револуција од 1908 година четата на Сандански вмарширува во Истанбул за да го спречи контрареволуционерниот преврат на султанот, а во 1912 како борец во Првата балканска војна влегува во Солун, каде што наздравува за автономна Македонија (од денешна перспектива: ужасно наивен говор!). Во првите години на Првата светска војна, заедно со идниот бугарски премиер Стамболиски, е огорчен противник на Валандовската афера што на долги патеки ги завојувала Бугарија и Србија, а поради пацификација на балканските простори заедно со група левичари подготвува и атентат врз милитантната бугарска круна.
Но се чини дека Сандански бил наполно свесен дека нема да го дочека остварувањето на идеалите за кои се борел. Во една пригода рекол: „Јас не очекувам брзо ослободување на Македонија. Тоа може да не дојде дури и во моите денови“, а во друга пригода додал „Кога и да е, ќе ме убијат. Бесцелно е да се чувам“. Кој точно стои зад убиството на првенецот на републиканската мисла и огорчениот антимонархист, можеме само да нагаѓаме. Извесно е дека кнезот (во тоа време веќе цар) Фердинанд бил меѓу првите што испратиле венец на неговиот гроб. А како што рекол дон Вито Корлеоне: „Варди се од оној што прв ќе ти изрази сочувство“.
Елефтериос Ставридис за погибијата на Сандански напишал дека „бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зашто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија“. Но токму во модерната бугарска држава еден град (Свети Врач) е преименуван во Сандански, а на годишнината од неговата погибија секоја година бугарски делегации положуваат венци. Во Македонија, пак, според него, е наречена една од поголемите скопски населби, од неодамна украсена со негов споменик. И ден-денес е нејасно дали Македонците и Бугарите, левите и десните, внатрешните и врховистите, републиканците и монархистите, либералите и конзервативците од двете земји политичкото наследство на Сандански повеќе ги поврзува или раздвојува.
Но како и да е, едно е сигурно: републиката за која сонуваше постои речиси цели седум децении.
Авторот е режисер и сценарист
Автор: Дарко Митревски
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDet...anie=22618
Санданиста! (втор дел)
Се разбира, од денешна перспектива знаеме дека Младотурската револуција завршила со неуспех – а балканските војни им ставиле крај на мечтите на Сандански
Бранислав Нушиќ, роден како Алкибијад Нуша во имотно влашко семејство во Белград, без дилеми е едно од најголемите имиња на српската драма и театар. Неговата писателска слава е толку голема што денес никој не памети дека Нушиќ бил и новинар – меѓу другото и дописник на белградскиот весник „Политика“, за којшто објавил серија репортажи за Младотурската револуција од Македонија.
Благодарение на извесен турски офицер по име Џафер Бег, Нушиќ успеал да резервира место во возот што патувал од Скопје за Солун, композиција во која патувале околу 1.200 души – и тоа не само во купеата и ходниците туку и на покривот (залегнувајќи секојпат кога возот ќе наиде на тунел). Возот бил закитен со црвени турски знамиња, а музиката којашто започнала да свири уште на скопската железничка станица не престанала сѐ додека не ги здогледале водите на Солунскиот залив. Во Солун ги пречекала огромна толпа демонстранти, кои ја поздравувале слободата, а разни говорници (офицери, политичари, оџи и попови) држеле тиради во чест на новиот устав. Нушиќ побрзал до својот хотел „Англетер“, каде што му ја доделиле собата број 15. Само еден ѕид го делел од собата во која бил сместен Јане Сандански, еден од водачите на македонската револуционерна организација.
Утредента преку еден комита од личното обезбедување на војводата Нушиќ успеал да се избори да добие интервју – за тоа време интересно и егзотично четиво, но од денешен аспект скапоцен документ за личните ставови на една од најконтроверзните личности од македонската историја.
Во собата на дрвен стилски мебел седеле Сандански и Тодор Паница, опкружени со пушки, бомби и реденици, налик на ајдути што провалиле во модерен салон. Нушиќ го опишува Сандански како „човек со високо чело, со бистри очи, кои ве фиксираат додека зборувате… На прашањата одговара кратко, прецизно и одлучно. Се чини дека длабоко верува во тоа што го зборува“. Интервјуто започнало така што Нушиќ им ја честитал извојуваната слобода и им посакал добредојде од оваа страна на законот. Сандански започнал да се интересира за состојбите во Србија, па додал: „И Србија и Бугарија досега грешеа што се водеа од своите најтесни интереси. Ним главната цел не им е слободата на овој народ овде, туку проширувањето на нивните држави. По овие настани, тие ќе си останат таму кај што се, а ние овде ќе си правиме Татковина“. На забелешката на Нушиќ дека младотурската револуција е само обид да се спречат европските реформи, Сандански дал одговор што дури и денес болно одекнува со својата актуелност: „Овој чин не само што ги сузби реформите, кои и онака беа неискрени, туку ги сузби и претензиите на малите околни држави. Нивната девиза за ослободување на своите браќа загуби секаква основа и стана беспредметна“.
Разговорот продолжил понатаму:
- Мислите ли, господине Сандански, дека јас и вие ќе можеме и за три месеци вака слободно да се состанеме во Солун?
- Јас говорам за денешнава ситуација бидејќи верувам во неа. Ако се измени и кога ќе се измени – тогаш ќе збориме.
- Но се разбира, амнестијата за вас и господинот Паница важи само за Турција. Вие во Бугарија не смеете да одите?
- Не, во Бугарија не смеам. Но не ми е ниту потребно – ова овде е мојата Бугарија!
Утредента Сандански издал манифест во кој од свое лично име се обраќа до сите народи што живеат во Отоманската Империја: „Народот од роб стана господар. И неговата прва пресуда е осуда на апсолутизмот и тиранијата на смрт!” А некој ред подолу им се обраќа и на своите сонародници: „Не подавајте им се на лекомислените агитации, кои допираат од официјална Бугарија против нашата заедница со Турците и заедничката борба за слобода“.
Според извештаите на Нушиќ, на попладневниот митинг заеднички марширале турските офицери со лидерите на ВМРО: Сандански, Паница, Делиманов, Чернопеев и Делирадев, а пак ениџе-вардарскиот војвода Апостол Петков и неговата чета на коњи вмарширале во градот каде што се сретнале со своите некогашни лути непријатели, грчките андарти (коишто Нушиќ ги опишува како „здодевни оперетски чаламџии“). Следувала уште една долга низа говори пред насобраниот народ, крунисани со покличот на војводата Делирадев, кој како најголеми непријатели на слободата ги посочил крунисаните балкански глави: отоманскиот Султан, српскиот крал Петар, грчкиот крал Јорго и бугарскиот кнез Фердинанд.
Се разбира, од денешна перспектива знаеме дека Младотурската револуција завршила со неуспех – а балканските војни им ставиле крај на мечтите на Сандански. Но денес, кога во соседните држави се подготвуваат фанфари во чест на крунисаните глави што повеле крвави империјалистички војни за „ослободување на браќата“, овие оригинални написи се добредојдени да нѐ потсетат што навистина мислеле поробените „браќа“.
Авторот е режисер и сценарист
Автор: Дарко Митревски
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDet...anie=22624
Нашите историски дилеми (прв дел)
Но кога велиме вера не мислиме на црква. По укинувањето на Охридската архиепископија, богослужењето во Македонија го извршувала Цариградската патријаршија (во која богослужбите биле на грчки јазик, а фреските и книгите испишани со грчки букви)
Разногласни беа коментарите на моите читатели во прилог на изминатите две мои колумни посветени на Јане Сандански: едни се жалат што сум напишал дека Јане се изјаснувал како македонски Бугарин (небаре јас да сум го измислил тоа!), други ме опоменуваат дека во текстовите од тоа време никаде не се спомнувале Македонци (како па јас да сум напишал дека се спомнувале), а за трети пак е недолично да го славиме Јане како дел од нашето минато (како Јане да бил од Варна, или пак да го носел прекарот Пловдивски фризер наместо Пирински цар). Интересни се ваквите реакции, карактеристични за балканското сфаќање на историјата: како тоа да не е наука, ами некаковси библиски свет создаден цакум-пакум во само седум дена. Но напротив, историјата ја создавале милиони луѓе низ многубројни генерации - а немале баш сите иста идеја, цел и намера (а честопати не ни можеле да ги претпостават резултатите на своите дела: замислете колку Колумбо би се изненадил кога би можел да ја види денешната Америка!). Од наша перспектива историјата честопати изгледа матно и контрадикторно, па ја поедноставуваме дефинирајќи ги нејзините главни текови - иако честопати забораваме дека зборуваме за луѓе што не живееле во нашето, туку во своето време, со сите идеи, норми, лимити и заблуди што си ги носело времето.
Ќе посочам само еден пример: многумина корените на развојот на граѓанското општество им ги припишуваат на развојот на средновековните градови, на хуманизмот и ренесансата, на просветителските идеи, на индустриската револуција… Сето тоа е делумно точно, но коренот треба да се бара таму каде што корењата се наоѓаат: не во стеблото од кое расте плодот, туку на местото од кое изртило семето. А семката на прогресивната мисла изникнала во едно масовно убиство! Да, да, токму така: убиство. Имено, нултата точка од која почнува да се развива модерното општество бил изумот на самострелот, првпат употребен во Битката кај Хестингс, од страна на норманската пешадија против англиската коњица. Од денешна гледна точка - ништо особено. Да, но тоа не се случило денес, туку во 1066 година, кога пешадијата била регрутирана од селаните-кметови, а коњицата ја сочинувале великодостојниците-рицари. Сѐ дотогаш кметот (беден припадник на најнискиот феудален сталеж) во рицарот гледал речиси полубог, аристократ чие лице не можел да го види, чиј коњ не можел да го запре и чиј оклоп не можел да го пробие. Но со примената на самострелот нештата нагло се смениле: првпат кметот од битката излегол како победник. И не само што победил туку сфатил дека полубоговите се само обични еднакво ранливи луѓе - па дошол до сознание дека, наспроти сталешките поделби, сите луѓе всушност се раѓаат еднакви! Ќе поминат векови пред Томас Џеферсон со овие зборови („сите луѓе се создадени еднакви“) да ја почне американската декларација на независноста, еден од симболите на модерните општества.
А каква врска има ова со нашата македонска историја? Па, ете, во Македонија пред 120 години немале ниту држава, ниту литературен јазик, ниту кошаркарска репрезентација за која би навивале, ниту пак слободни весници во кои би дебатирале за вакви теми. Биле под окупација на Отоманската Империја, еден, од денешна гледна точка, сегрегациски тоталитарен режим во кој припадниците на неисламските религии биле граѓани од втор ред, а секој (не само национален туку и граѓански) обид за спротивставување на султанската деспотија завршувал со драконски казни (од повеќегодишна робија, преку изгон во пустински предели, до смртна казна). И што е најстрашно, никој во тоа време не паметел некои подобри времиња: окупацијата навлегла во петтиот век од своето постоење, а сите остатоци на претходните државни устројства биле одамна избришани (како на пример автономијата на локалните христијански феудалци, која постоела во времињата на Крале Марко). Најшироките слоеви биле базично неписмени, православната популација била главно рурална (по планинските села било полесно да не си им пред очи на агите и на беговите), а верата била единствена институција што им давала некаков идентитетски белег.
Но кога велиме вера не мислиме на црква. По укинувањето на Охридската архиепископија, богослужењето во Македонија го извршувала Цариградската патријаршија (во која богослужбите биле на грчки јазик, а фреските и книгите испишани со грчки букви). Кога во 1872 година се формирала бугарската егзархија, мнозинството македонски верници со гласање (според денешни стандарди: референдумско изјаснување) се приклониле кон оваа црква во која се пишувало со словенски букви и се зборувало со нивен разбирлив јазик. Многумина, но не сите: дел од словенските христијани (особено во јужните делови на географската област Македонија) продолжиле да одат во грчки цркви и да го употребуваат грчкото писмо. Егзархистите себеси се нарекувале „македонски Бугари“ и во својата преписка го користеле бугарскиот јазик (иако, според нивниот современик Мисирков, во секојдневната комуникација си зборувале македонски дијалекти), а патријаршистите биле нарекувани „гркомани“. Неслогата помеѓу едните и другите била голема: кога во Втората балканска војна грчката војска во Серес и во Струмица ги палела „бугарските“ куќи, соседите „гркомани“ ја поздравувале со аплауз. На ова некако истовремено влијаела и српската пропаганда, па така имало случаи во едно семејство едниот брат да се изјаснува како Бугарин, а другиот како Србин. Во вакви услови настанало и се развивало она што денес го викаме „национална преродба и револуција“.
Авторот е режисер и сценарист
(продолжува)
Автор: Дарко Митревски
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDet...anie=22630
Попаднах на тези текстове на Дарко Митревски – неговите колонки в съботните Нова Македония.
Напомня по нещо на Виктор Цветаноски – а какво става с него – не се вижда на страниците на Утрински?
Изглежда не така добре информиран и по-малко подробен, и като че ли по-добронамерен (от някаква бг / филска гледна точка) в сравнение с Цветаноски.
Питах се дали е искрен или просто прави някакъв опит да се адаптира към българските реакции (предишният му филм – Балканкан, имаше успех в България, мисля); рационално гледано – независимо от различия, противоречиви интерпретации и т.н. – България е потенциален пазар за македонски медийни и др. продукти...
Иначе през тази година в Македония като че ли не забелязаха, че българските власти не се „занимаваха” със събора на ОМО в Мелник...
За запалените „бугарски” куки и „гркоманите” – в Кукуш/Килкис днес пред църквата има паметници на десетина гръцки андарти или общественици, не знам точно – и нищо, никакъв спомен за Гоце Делчев.
За Македония не знам – но не виждам защо България да не излезе с инициатива да бъде поставен паметник на Гоце Делчев в града...
Христо, ако не се лъжа, по Анри Пози дори в България никой не е посмял да прави филм...Преди сигурно би бил "обявен" за шовинист и иванмихайловист, а днес – за каракачановист...