Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
НАУЧИ ДА ПИШУВАШ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Секој ден во Плусинфо ќе објавувам по една статија со практични совети за сите луѓе што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, без оглед со каква професија се занимаваат. Почитувани пријатели, сигурен сум дека многумина од вас можат да споделат искуства, примери од секојдневната пракса, сопствени видувања и совети. Коментирајте! Во две-три книжарници во Скопје ќе оставам педесеттина примероци од мојата книга „Научи да пишуваш“ (2009), од која се споделени овие статии. Тие ќе бидат подарок за читателите што најревносно ќе ја збогатат дебатата. Во овие денови на социјално дистанцирање, да се обидеме да се зближиме со нашиот прекрасен македонски јазик.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар




Quote: Пишувањето не е привилегија само на талентираните, тоа се учи – уверете се самите!

25.04.2020
Во 2009 година, под наслов „Научи да пишуваш“, објавив книга со малку теорија и многу практичните совети кои можат да им помогнат на сите луѓе што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, без оглед со каква професија се занимаваат. Книгата беше отпечатена во стандардниот тираж од петстотини примероци (мислам дека стотина имам дома) и не помина толку „славно“ како мојата книга „Биди новинар“ од 2005 година, која се продаде брзо и сега ја подарувам само во ПДФ формат.
Од друга страна, нескромно мислам дека станува збор книга со многу корисни совети за подобрување на вештината на пишување (како што кажува и нејзиниот поднаслов). Заблуда е мислењето дека доброто пишување и креативното изразување се привилегија на талентираните автори и вештина нужна само за тие чија работа е секојдневно да пишуваат текстови што ги чита широката публика. Новинарите, писателите и другите луѓе од перо не се единствените што треба на научат да пишуваат коректно и убаво.
Речиси и да не постои професија за која оваа вештина не е од суштинско значење. Не велам дека еден правник, лекар или инженер треба да знае да пишува убаво, пластично и допадливо како еден новинар или писател, но секако треба да умее коректно да се изразува. Уште повеќе што правникот може да биде судија, лекарот да дотурка до директор на болница, а инженерот можеби ќе стане дури и политичар – во таков случај тие мора да ѝ се обраќаат и на општата јавност. Впрочем, живееме во време кога сите професии се под лупата на јавноста и не можеме да се надеваме дека нашите интерни дописи и извештаи засекогаш ќе останат далеку од очите на широката публика и така „безбедни“ од критичка анализа не само на она што е напишано, туку и на тоа – како е напишано.

Што мораме да знаеме, пред да се откажеме?

Иако таа книга пред сѐ им ја посветив на луѓето за кои Сомерсет Мом вели дека пишуваат не зашто сакаат, туку зашто мораат – тоа се вљубениците во пишаниот збор – одлучив во овие денови на социјална изолација, тоа четиво, во форма на статии што ќе ги објавувам ден за ден, да им го приопштам на читателите на Плусинфо. Истовремено, ги повикувам сите читатели на овие статии, да коментираат на мојот личен профил на Фејсбук, на мојата ФБ страница и на ФБ групата ТОП КОЛУМНИ И КОМЕНТАРИ што јас ја администрирам. Имам желба да развиеме дебата за тоа како пишуваме и како говориме денес, со кои проблеми се соочуваме и најмногу за тоа што можеме да сториме за да ја унапредиме употребата на нашиот убав македонски јазик, таа наша татковина, што би рекол великанот Блаже Конески, која нема да биде тоа ако за неа не се грижиме повеќе.
На почетокот, морам да предупредам на советот што познатиот афористичар Станислав Ј. Лец им го дава на писателите: „Понекогаш едноставно мора да престанете да пишувате. Дури и пред да почнете“. Еве седум причини кои би можеле да не наведат да престанеме да пишуваме дури и пред да почнеме:
Првата причина е неспремноста да се соочиме со потребата да ги обновиме своите познавања на граматиката и на правописот и да ги збогатиме со нови сознанија од другите јазични науки (лингвистика, синтакса, семантика, стилистика итн). Граматиката и правописот на македонскиот литературен јазик се изучуваат во текот на основното и на средното образование, па затоа се претпоставува дека секој завршен средношколец има солидни основни предзнаења. За жал, таа претпоставка многу често се покажува како погрешна.
За некои од граматичките правила ќе стане збор во овие статии. За правописот – не. Мораме да тргнеме од претпоставката дека секој просечно образован граѓанин знае кога во нашиот јазик се употребува мала, а кога голема буква, на пример. Сепак, искуството од секојдневната работа со студентите и со помладите новинари ме опоменува дека од секого треба да се бара да ги обнови и да ги продлабочи своите знаења. Разочарувачки е колку често се греши дури и при примената на основните правописни правила.
Кога ја пишував мојата  книга, некој беше забележал дека на почетната страница на сајтот на ресорот задолжен да ја креира образовната политика во земјата, пишува Министерство за Образование на Република Македонија. Замислете, во целото министерство немало човек што знае дека во македонскиот јазик името на оваа институција треба да се напише поинаку, со едно мало наместо големо „о“ – Министерство за образование на Република Македонија (грешката е под влијание на англискиот јазик и е многу модерна во последно време). Затоа, да не бидеме мрзеливи – и граматиката и правописот можат лесно да се најдат и на интернет и секогаш да ни бидат при рака.

Јасно во главата, јасно на хартија

Второ, човек треба веднаш да се откаже од овој занает ако не планира да се потруди добро да ги запознае областите и темите за кои пишува. Мојата книга „Научи да пишуваш“ не се занимаваше со прашањето што се пишува, туку со тоа како се пишува. Иако таа им беше наменета пред сѐ на студентите на Високата школа за новинарство и односи со јавноста на Македонскиот институт за медиуми, како и на другите млади новинари кои сѐ уште ги совладуваат основните правила на новинарско изразување, тој труд не се занимаваше со методологијата на новинарското истражување и на собирањето информации, ниту со структурирањето на новинарските текстови, со новинарските жанрови и со слични теми. За тие прашања упатувам на мојата книга „Биди новинар“, како и на неколку други изданија што можат да се најдат во нашите книжарници и во библиотеките. Но, овде нагласувам дека тие методолошки прашања се многу важни за секој што сака да научи да пишува.
При тоа, треба да бидеме свесни дека правилата за структурирање на новинарски текст се различни од правилата за структурирање на книжевно дело, политички есеј, научен реферат или на лекарски извештај. Сепак, сите тие состави имаат една битна заедничка карактеристика – нивната функција е да ги пренесат мислите и идеите на авторот до определена публика. Според тоа, и новинарските и книжевните и научните текстови мора да содржат макар минимална комуникациска вредност. Во оваа книга ќе зборуваме за потребата нашиот текст да биде така напишан што лесно ќе допре до умот, но и до срцата на што повеќе читатели.
Трето, секој текст мора да биде разбирлив и јасен – ако нашата цел не е тој да биде прочитан и разбран од сите на кои им е наменет, воопшто ме треба да се измачуваме себеси, а не треба да ги мачиме ни другите. Ако текстот биде неразбирлив, тој нема да ја заврши својата основна функција и ќе стане бесмислен и непотребен.
Можеби ќе ве интересира
Разбирливоста бездруго зависи и од вештината на пишување. Многу луѓе знаат што сакаат да кажат, но зборуваат и пишуваат конфузно. Верувам дека овие статии ќе им помогнат да ја совладаат таа своја слабост. Но, поважно од сѐ е работите да бидат јасни во главата на авторот – ако таму не е јасно, ако е збркана мислата, тука помош нема. Затоа, пред да почнеме да пишуваме, треба да ги средиме своите мисли (идеи, тези) во низа од едноставни и логични искази. Ако можеме да го сториме тоа, време е за пишување – ако не, мора да се обидеме нештата да ги разбистриме во нашите глави, а дури потоа да седнеме и да пишуваме.
Еве како би изгледала една таква постапка на конкретен пример. Авторот сака да напише коментар, говор или есеј, со кој ќе побара воведување казна доживотен затвор за осудените педофили. Пред да почне да пишува, тој треба да се обиде во својата глава – уште подобро и на хартија – да формулира неколку логични искази (тези), кои ќе одговорат на неколку едноставни прашања и кои ќе ја одбранат неговата почетна хипотеза. Првото прашање, природно, е зошто сака да се воведе таква казна за такво кривично дело. Затоа што педофилијата претставува најгруб атак врз физичкиот и моралниот интегритет на детето. Во ред, ја има првата теза, првиот аргумент. И затоа што педофилијата станува сѐ пораширена појава. Ете го и вториот аргумент. И затоа што практиката покажува дека педофилите се непоправливи злосторници, кои не можат да се рехабилитираат. На повидок е уште една интересна теза.
Според основните правила на логичко расудување, на своите тези авторот треба да спротивстави антитези и да понуди одговор на некои малку посложени прашања. Ако педофилијата се казнува со доживотен затвор, како ќе се казнува свирепото убиство на дете? Треба ли да се направи некакво степенување во тежината на тие две злосторства? Треба ли можеби да се воведе смртна казна за свирепо убиство на дете? Авторот мора да се обиде да пронајде едноставни и логични одговори на овие дилеми, бидејќи тие би можеле да бидат клучни за одбрана на неговата хипотеза. Во конкретниот пример, таа задача нема да биде лесна, бидејќи станува збор за контроверзна тема.
Како и да е, целта ми е да нагласам дека низата од неколку јасни и логични идеи во главата на авторот, кои можат да се формулираат во неколку кратки реченици, е основа за пишување добар текст. А без основа, без темел, куќа не се гради.

Секој има омилени грешки

Четврто, предуслов за добро пишување е доброто планирање на структурата на текстот. Тој што мисли дека е доволно да има идеја и концепција во главата, подобро да се откаже од пишување. Важно е да се има добар план на хартија. Тоа помага да го развиеме текстот и да не заскитаме во слепа улица. Прецизното планирање нема да дозволи нешто важно да пропуштиме или на нешто неважно да му посветиме преголемо внимание. Со текот на времето, ќе научиме да планираме брзо и ефикасно, но секогаш треба да се има на ум дека времето посветено на таа задача не е изгубено. Напротив.
Петто, тој што нема намера да преправа, доправа, препишува и притоа да учи, не треба ни да пишува. Пишувањето, меѓу другото, е и постојано учење како се пишува. Секој текст треба внимателно и неколкукратно да се редактира. Секој автор, колку и да е искусен, треба внимателно да го саморедактира својот текст и при тоа да ги открие сите смисловни, јазични и стилски грешки и слабости. Затоа, откако ќе го напишеме и ќе го саморедактираме нашиот текст, треба да замолиме поискусен и повешт автор (постар колега или уредник) внимателно да го изредактира. При тоа, не треба да бидеме суетени, туку вредни – да земеме бележник в рака, да седнеме покрај редакторот додека го „касапи“ нашиот текст и внимателно да бележиме.
Секој од нас има свои омилени грешки, кои често и упорно ги повторува. Затоа е важно додека нашиот текст се редактира, да ги откриваме своите омилени грешки и да ги бележиме во бележникот. Овој едноставен совет може да ни помогне многу брзо да оствариме голем напредок во пишувањето. За жал, многу наши новинари и автори мислат дека сето тоа е излишно – затоа бавно напредуваат и стануваат робови на своите омилени грешки.
Шестата, многу важна причина да се откажеме од пишување е отсуството на желба и навика за читање. Тој што не чита, не знае да пишува. Колку повеќе се чита, толку подобро се пишува. При тоа, треба да бидеме отворени, „либерални“. Знам дека е важно да се чита стручна литература, поврзана со нашата професија или со областа што не интересира. Но, тоа не е доволно. Многу е важно да се чита сѐ, ама буквално сѐ – весници, магазини, проза, поезија, афоризми, вицеви, огласи…. Да, важно е да се чита со молив в рака (да се учи, значи), но прекрасно е да се чита и в кревет и да се заспие читајќи. Читањето ја подобрува нашата вештина на изразување, го збогатува нашиот дух. Но, читањето е и едно големо уживање.

Nula dies sine linea – ни ден без напишан ред

И седмо, ако не веруваме во латинската поговорка nule dies sine linea, ниту е ден без ред, тоа е уште една добра причина да се откажеме од пишување. Тој што сака да научи да пишува, мора да пишува буквално секој ден. Не мора секој ден да пишува по еден расказ, глава од роман, есеј или коментар, но може да стави на хартија барем некој ред. Наједноставната вежба е водењето личен дневник. Поамбициозните нека отворат блог или профил на Фејсбук или на Твитер и нека постираат секој ден. Треба да бидеме активни, бидејќи пишувањето, како и многу други вештини, се совладува со секојдневно вежбање.
Сакам овде да нагласам дека овие седум совети делумно се совпаѓаат со советите од една стара, но мошне инспиративна книшка, која мене, кога бев млад, многу ми помогна да научам да пишувам. Станува збор за книгата под наслов „Прави пут и странпутице у писању“ од д-р Драгиша Живковиќ (БИГЗ, Белград, 1978 година). Ја спомнувам не само зашто ја користев во создавањето на овој труд, туку пред сѐ за да ја нагласам потребата секој да создаде сопствена колекција од слични изданија, иако тие на пазарот се ретки. Тие книги, а се надевам и мојата (која на крајот на овој серијал ќе им ја подарам на сите што ќе ми ја побараат во Ворд верзија, а на најактивните и како книга), ќе нѐ убедат дека пишувањето е вештина што се учи и што се надградува во текот на целиот живот.
Во совладувањето на таа вештина во оваа книга ќе одиме чекор по чекор, постапно. Прво ќе научиме како се избираат вистинските зборови, потоа како се составуваат, како се делат и како се развиваат речениците, па ќе учиме како се конструираат и се поврзуваат параграфите, за на крајот да зборуваме за принципите и постапките на развојот на дејствието и на структурирање на текстот.

(Во следното продолжение: На почетокот беше зборот – како да го изберам вистинскиот?)
26-04-2020, 05:11 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#2

Quote:На почетокот беше зборот – како да го изберам вистинскиот?

[Image: penkalo-dnevnik-pixabay-750x430.jpg]

26.04.2020
Зборовите се основни клетки на нашиот текст. Тие се како камчиња во мозаик – секое камче има свој облик, боја, значење, свое точно определено место. Сите заедно ја исполнуваат нашата замисла. Пишувањето е како склопување мозаик. Затоа, токму како и камчињата во мозаикот, внимателно ги избираме вистинските зборови и уште повнимателно склопуваме реченици. Доволно е едно камче или еден збор да недостасува или можеби да штрчи во мозаикот, за да се наруши целината.
Многу познати светски автори му посветуваат внимание на прашањето на изборот на вистинските зборови. Така, Џорџ Орвел ги наведува следните шест правила при изборот на зборовите:
  1. Никогаш не употребувај метафора, компарација споредба или друга стилска фигура која често се употребува во печатот.
  2. Никогаш не употребувај долг збор ако краткиот може да заврши работа.
  3. Ако е можно да се отстрани еден збор, отстрани го.
  4. Никогаш не употребувај пасив, ако можеш актив.
  5. Никогаш не употребувај странски збор, научен термин или жаргонски израз, ако можеш да смислиш секојдневен збор.
  6. Подобро прекрши кое било од овие правила отколку да напишеш нешто бесмислено.
Од малку теорија штета нема

Но, пред да се впуштиме во поставување на правилата на избирање на вистинските зборови, малку ќе се занимаваме со теорија. Ќе почнеме од основното прашање – што е тоа збор?
Јазичарите велат дека зборот е самостојна јазична единица, која настанува како резултат на конвенционална врска меѓу звукот и значењето. Дефиницијата навидум звучи страшно, дури и нејасно. Да се обидеме да ги разјасниме нештата. Одредена комбинација на звуци односно гласови – чиј материјален, симболичен израз се знаците односно буквите – асоцира на определена, релативно константна појмовна содржина. Така, на пример, ако ги изговориме гласовите „д“, „е“, „т“ и „е“ по точно тој редослед, добиваме збор кој определува точно определен поим со основно значење – човек на мала возраст, дете.
Комбинацијата на гласовите е произволна и договорна (конвенционална). Ако ја промениме комбинацијата од овие четири гласа, во конкретниов случај нема да добиеме никаков резултат. Но, во други случаи, можеме да добиеме зборови со сосема друго значење: багрем – вид дрво, гребам – глагол, Магреб – област во Африка. Станува збор за анаграмите. Тие понекогаш се користат дури и како стилска фигура (дилер и лидер – некои интересни наслови се изведени од овој анаграм).
За да го означиме истиот поим што го наведовме на почетокот (дете), во некои сродни јазици ќе ја употребиме истата комбинација од гласови (во српскиот и во бугарскиот јазик, на пример), но во други јазици ќе употребиме сосема друга комбинација – кид (kid) или чајлд (child) во англискиот јазик, киндер (kinder) во германскиот јазик итн. Се случува исти комбинации на гласови во различни јазици да означуваат различни поими – така, зборот вреди во македонскиот јазик значи дека нешто има вредност, а во бугарскиот јазик дека нешто нанесува штета (пушењето вреди здравето – пушењето му штети на здравјето).
Понекогаш една иста комбинација на гласови, односно еден ист збор, може да има две или повеќе значења, кои меѓу себе немаат никаква врска. Така, зборот град, на пример, означува урбана единица (град во кој живееме), но и специфична природна појава (замрзнат дожд кој ги уништува лозјата). Ваквите случаи ги нарекуваме хомоними. Значи, да повториме – главна одлика на хомонимите е што не постои никаква логичка врска меѓу значењето на едниот и значењето на другиот збор.
Почести се случаите кога имаме ист збор со повеќе значења, при што меѓу тие значења постои некаква логичка врска. Оваа појава се нарекува полисемија. Така, зборот глава може да има повеќе значења, од кои едно е основно или неутрално значење, а другите се преносни или метафорични значења, кои на логичен начин произлегуваат од основното значење. Глава е дел од човековото тело во кој се сместени мозокот и некои други органи. Тоа е основното, неутрално значење на овој збор. Но, велиме и глава на семејството, со значење – човек кој е главен и кој управува со семејството. Имаме израз и глава во книга, со значење – дел од книга. Во автомобилот има еден многу важен дел кој се вика глава на мотор. Во сите овие фрази зборот глава е употребен во преносни, односно метафорични значења.
Зборот куќа исто така има едно основно значење (зграда во која се живее), но и десетина други преносни значења: Бела куќа (зградата во која живее претседателот на САД), жената ја води куќата (домаќинството), Робевци е прочуена куќа во Охрид (семејство), стоковна куќа (трговски објект), новинска куќа (редакција), вечна куќа (гроб), божја куќа (црква) итн.
Обратен случај е кога различни комбинации на гласови (различни зборови) имаат исто значење. Тогаш зборуваме за синоними. Синоними за зборот куќа се зборовите дом, зграда, колиба (скромна куќа), палата и дворец (богата куќа). Синонимијата има огромно значење при збогатувањето на речникот и подолу во книгата ќе ѝ посветиме посебно вмимание.
Зборовите се групираат во групи, фрази. Во граматиката често се употребува и поимот синтагма. Значењето на фразата најчесто претставува сума на значењата на зборовите кои ја сочинуваат фразата. Така, именската фраза добар ученик се состои од два збора – ученик и добар – чие значење се обединува во едно. Така е и во предикатната фраза чита книга.
Но, има и групи на зборови кои имаат посебно значење (специфично за еден јазик или за сродни јазици), кое не е проста, понекогаш дури не е ни логична сума на значењата на зборовите кои ги сочинуваат. Такви се изразите ситна риба, мачка во вреќа, му работи зад грб. Тогаш зборуваме за идиоми.
И уште нешто. Зборот фраза има и друго значење – вештачки надуен израз без вистинска смисла. Така, кога велиме дека некој фразира или е фразер, сакаме да кажеме дека зборува празни зборови и бесмислици.

Секој збор алтан вреди

Сите овие поими кои ги засегаат зборовите, нивните значења и нивните меѓусебни односи – како и многу други поими, кои ќе ги осознаеме при изучувањето на јазичните науки – ќе ни помогнат при изборот на вистинските зборови, вистинските камчиња за нашиот мозаик.
На прв поглед, се чини дека изборот на зборовите е едноставна работа. Кога зборуваме или пишуваме, ние речиси и да не размислуваме многу за зборовите. Тие ни доаѓаат некако „природно“, сами од себе. Но, денеска ќе решиме тоа да го промениме. Од денеска ќе размислуваме за зборовите што ги употребуваме додека пишуваме – ќе размислуваме за нивното значење, за нивното потекло, за нивните меѓусебни односи и за многу други нешта за кои до сега воопшто не сме размислувале.
Со тоа не сакам да кажам дека нема да ја следиме својата мисла, дека ќе ги игнорираме зборовите што ни навираат во моментот додека пишуваме. Се разбира дека нема да биде страшно ако кажеме и напишеме Мојата баба подготвува вкусни јадења. На прв поглед, нема ништо чудно и необично во оваа едноставна реченица. Тоа е така, зашто кај нас, во секојдневниот говор, се употребуваат многу зборови кои не припаѓаат во стандардниот јазик, многу зборови со погрешно значење или семантички непрецизни зборови и фрази.
Можеби ќе ве интересира
Некој веројатно веќе се буни и прашува што има лошо во тоа што неговата баба подготвува вкусни јадења. Вицот е во тоа што во оваа реченица има збор кој е употребен со погрешно значење. Тоа е зборот подготвува – јадење не се подготвува, туку се приготвува.  Значи, треба да кажеме Мојата баба приготвува вкусни јадења. Бабата, се разбира, нема да ја забележи разликата. А и да ја забележи, нема да се налути. Но, ние ќе ја забележиме разликата – ако сакаме да научиме да пишуваме, секогаш мора да ги избираме вистинските зборови.
Секој автор треба да ја развие свесноста за овој проблем и да ги научи правилата што ќе му помогнат да ги избере вистинските зборови. Ако се потруди, многу брзо ќе го збогати својот речник и тоа сите ќе го забележат.

Употребуваме зборови од стандардниот јазик

Веќе го употребивме терминот стандарден јазик. Што е тоа?
Сите современи јазици се кодифицирани и нормирани, а тоа значи – стандардизирани. Така е и со македонскиот литературен јазик. Зборовите од стандардниот јазик се наоѓаат во правописниот речник. За жал, попишувањето на целокупниот инвентар на лексички единици во македонскиот јазик не е завршен процес, така што сосема е можно многу зборови кои ќе ги наоѓаме во секојдневната употреба да ги нема во правописниот речник. Во таков случај, користиме други речници, а бездруго разговараме и со лекторите.
Поради историските околности на развојот на нашиот современ јазик, пред сѐ поради неговата задоцнета кодификација, тој е силно подложен на влијанието на зборови позајмени од туѓи јазици. Тоа не е случај само со македонскиот јазик. Глобализацијата на светот придонесува сите модерни јазици да бидат подложни на интернационализми. Денес, на пример, е незамисливо да се бара локална замена за зборовите телефон или компјутер. Сепак, јазичните пуританци понекогаш се обидуваат и тоа да го сторат (компјутерот долго време биеше битка со сметачот и – победи). Но, кога јазичните влијанија од надвор придонесуваат да се минимизира, па дури и да се занемари нуждата да се употребуваат зборови од фонтот на македонскиот стандарден јазик – време е да се вклучи алармот.
Такво влијание врз нашиот јазик долги години имаше српскиот јазик. Факт е дека повеќе од половина век живеевме во заедничка држава и на единствен информативен и културен простор со другите југословенски народи. Во тој период српскиот јазик (тогаш српско-хрватски) во секој поглед беше јазик со престиж во споредба со македонскиот – гледавме филмови изработени или титлувани на српски јазик, читавме книги на српски јазик, слушавме музика од тоа говорно подрачје. Тоа придонесе во нашиот јазик многу често да употребуваме србизми, а понекогаш дури и да „размислуваме“ на српски јазик.
Денес тоа влијание не е толку изразено, бидејќи помладите генерации веќе не го знаат тој јазик. Но, затоа расте доминацијата на англискиот јазик. Во македонскиот разговорен јазик се среќаваат и многу турцизми, та дури и зборови од други јазици кои во нашиот се одомаќени преку турскиот јазик (малкумина знаат дека чорапи е персиски збор, кој преку турскиот јазик стасал и кај нас). Но, турцизмите почесто ги доживуваме како дијалектни зборови или како архаизми одошто како лексички грешки.

Не сме јазични пуританци, но не правиме лексички грешки

Во принцип, јас сум против јазичниот пуританизам. Лексичкиот фонд на македонскиот литературен јазик е поскромен од лексичките фондови и на сродните словенски јазици, а бездруго и од светските јазици. Затоа, мислам дека треба да бидеме отворени за позитивни влијанија од странските јазици, да ги истражуваме нашите богати локални дијалекти и да коваме нови зборови. Понекогаш, особено во белетристичките текстови и во слободните новинарски форми (репортажи, колумни и слично), дозволена е дури и употребата на нестандардни зборови. Но, изневерувањето на граматиката и на лексиката (солецизам) мора да се прави свесно, со оправдана цел – да се постигне хуморен или некаков сличен стилски ефект. И се разбира, тоа секогаш треба да се прави во договор со лекторот.
Не смееме да заборавиме на последново. Ако заборавиме, може да ни се случи некоја глупост. Последната моја глупост што ја паметам е кога една моја колумна ја озаглавив со зборовите Од кафане до кафане. За жал, заборавив да ја предупредам младата лекторка дека насловот е инспириран од стиховите на една стара турбофолкерска песна, Од кафане до кафане, лечим срцу ране... Насловот во весник осамна прописно излекториран – Од кафеана до кафеана. Вицот пропадна.
Но, наспроти овие отстапки – кои, повторувам, мора да бидат свесни, а не резултат на непознавање на јазикот – кога пишуваме, се придржуваме до основното, едноставно правило: употребуваме зборови од стандардниот јазик. Не е голема трагедија човек да употреби нестандарден збор. Но, при редактирањето на наште текстови, треба да ги откриеме сите нестандардни зборови и веднаш да ги замениме со стандардни.
Тоа не е лесна задача. Често не сме свесни за употребата на погрешни зборови. Во реченицата На новите сметки највеќе се жалат граѓаните на Скопје, на прв поглед нема ништо сомнително. Но, не е така. Не се вели највеќе, туку најмногу. Во реченицата Топлификација започна да исклучува навидум сѐ е во ред, но сепак не е – не се вели започна, туку почна. И во реченицата Возачот е должен да ја надокнади штетата има грешка – не велиме надокнади, туку надомести.
Малку потешко е да се направи разлика помеѓу поради и заради. Зборот поради означува причина, а зборот заради – цел. Но, младите новинари, а и многу други поискусни автори, просто го обожаваат зборот заради (влијание од српскиот јазик). Така, во реченицата Островите се од вулканско потекло и имаат посебен шмек токму заради тоа, зборот заради мора да се замени со поради (вулканското потекло е причина за посебниот шмек на островите). Поретко среќавам примери кога поради треба да се замени со заради. Затоа, ако се двоумиме кој збор да го употребиме, веројатноста да згрешиме е помала ако се определиме за поради.
Сѐ уште често се греши и во употребата на зборовите зошто и зашто. Нека нема забуна – зошто е прашално зборче, а зашто е скратена форма од затоа што.
Уште една многу честа грешка се јавува при употребата на зборовите подготвен и спремен. Во реченицата Светска банка е подготвена да ги поддржи реформите, сакаме да кажеме дека Светска банка има волја, дека сака да ги поддржи реформите. Во таков случај, се употребува зборот спремен. Значи, Светска банка е спремна да ги поддржи реформите. Обратно, во реченицата Вардар е спремен за новата сезона, сакаме да кажеме дека во клубот се завршени подготовките и дека Вардар е подготвен за новата сезона.
Еве еден мал список на нестандардни зборови, кои често се употребуваат и кои треба да се заменат со стандардни: таласи – бранови, пропрати – проследи, запрепастен – вџашен, пратечки – придружен, карти – билети (автобуски) или мапи (географски), сваќа – сфаќа (освен ако не станува збор за сватовска работа), приморен – принуден, недостаток (од струја) – недостиг, се бави со – се занимава со, тој вчера зема пари за колата – зеде (минато свршено време), вероисповест – вероисповед, добавувач – набавувач, крстарење – крстосување, позадина – заднина, два кревети – два кревета (двоина има и во македонскиот јазик), гужва – метеж, изборен список – избирачки, бира – избира, во склоп на – во состав на, во склад со законот – во согласност, согласно законот – во согласност со законот, лабараторија – лабораторија, доктор (тој што лекува) – лекар, прилагоди – приспособи, допринос – придонес, отвара – отвора, терет – товар, званично – официјално, завера – заговор
Бележник или посебен фајл во нашиот компјутер во кои внимателно ќе ги бележиме своите лексички грешки – тоа е добра идеја! Рековме веќе, секој од нас има свои омилени грешки. Колку побрзо ги откриеме, толку полесно ќе ги поправиме. За кратко време нашиот бележник ќе биде полн, а нашите текстови – подобри.
26-04-2020, 05:15 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#3

Quote:Како да не биде „сакам кажам не знам речам“?

27.04.2020
Веќе рековме, секој збор определува еден поим. Врската меѓу зборот и поимот што го определува треба да биде колку што е можно појасна и попрецизна. Тоа е мерката за нејзината семантичка вредност.
Има зборови чија семантичка вредност е нула. Тоа се семантички празни зборови. Тие најчесто дури и немаат извор во зборообразувањето. Таков пример е зборот костец, употребен во реченицата Министерот за земјоделство се фати во костец со проблемите.  Ние, секако, насетуваме што сакал авторот да каже – дека амбициозниот министер сака да се зафати со решавање на проблемите. Но, од каде доаѓа зборот костец? Што значи тој? Постои ли некакво тело (коска?) или некаков предмет што се нарекува костец? Верувале или не, тој збор нема никакво основно значење, не постои нешто што се нарекува костец. Преносното значење е последица на директен превод на српската фраза укоштац (ухватио се укоштац за проблемима).

Бегаме од семантички празните зборови и фрази

Еве уште една семантички празна фраза, која е директен превод од српскиот јазик: Средината во која живее и тоа како влијае врз убиецот. Јасно, фразата и тоа како е превод од српскиот збор итекако. Лош превод. И уште еден сличен пример на слично влијание од српскиот јазик: По последните случувања во ИВЗ, кризата кулминира. Зборот случувања, толку омилен во последно време, е груб превод на српскиот збор дешавања. А може и мора да се употреби зборот настани.
Не е само некритичкото преведување од српскиот јазик извор на семантички празни зборови. Во реченицата Енормно зголемената телесна тежина предизвикува срцеви заболувања, зборот енормно (со значење претерано) е превод од англискиот јазик.
Многу често зборови со едно значење добиваат неблагодарна задача да прикажат сосема друго значење, па така целосно ја губат својата семантичка вредност. Во последно време многу често го среќаваме зборот позиција, со значење како во реченицата Пратениците од опозицијата и од позицијата не се согласуваат за законот за полиција. Зборот позиција овде е употребен со значењето на зборот власт.
Еве уште еден пример од нашите известувачи од парламентот: Првиот парламентарец, Георгиевски, е на боледување. Малкумина знаат дека зборот парламентарец значи преговарач. Тој не може да се употреби со значење пратеник односно член на парламентот. И во реченицата Партијата е истоштена од разврски, среќаваме збор кој е семантички празен – разврски. Само посредно заклучуваме што сакал авторот да каже, дека партијата е истоштена од кавги, од барање решенија.
Да заклучиме: кога ги избираме вистинските зборови, внимателно ја определуваме нивната семантичка вредност. При тоа, треба да бидеме свесни дека до семантичка збрка најчесто доаѓа при употребата на зборови со преносно значење и жаргонски изрази, но и при претераната употреба на интернационализми, или, како што видовме, при невештото преведување странски зборови и фрази. Затоа, најсигурно е да употребуваме стандардни зборови со неутрално значење. Така, никогаш нема да напишеме првиот полицаец за министерот за внатрешни работи. Човекот не мора да биде полицаец по професија, а и да е тоа, кога ќе стане министер, тој веќе не е полицаец, туку политичар. Но, за тоа ќе зборуваме малку подолу.

Да бидеме семантички прецизни

Нашите млади новинари, но и искусните автори, понекогаш пишуваат во стилот „сакам кажам не знам речам“ (информација за љубопитните: стилската фигура употребена во овој израз се вика асиндетон – намерно испуштање на сврзниците). Тоа се ситуации, значи, во кои читателот со голема доза на сигурност насетува што сака авторот да каже, но погрешниот избор на зборови го нагрдува изразот.
Таква е, на пример, реченицата Многу жени денес прават нестручни диети. Авторот сакал да каже една од следниве две работи: или тоа дека многу жени денес изработуваат нестручни диети (и ги продаваат, можеби) или дека многу жени денес држат нестручни диети. Поверојатно е второво. За жал, употребен е семантички непрецизен израз – прават диети. Семантичката збрка е неизбежна.
Обрни внимание, семантичката непрецизност во изразот е голема болка на нашите автори. Затоа, секогаш треба да употребуваме колку што е можно попрецизни изрази, такви што најблиску го определуваат поимот. Освен тоа, треба да научиме брзо да ги препознаваме непрецизните изрази. Како се прави тоа? Пред сѐ, на тој начин што размислуваме за односите меѓу зборовите во реченицата.
Така, реченицата Плажата во потполност е заобиколена од изградба на големи хотели и клубови треба да нѐ натера да си го поставиме следното прашање: Како може плажата да биде заобиколена од изградба? Следното прашање гласи: Како да го решиме овој проблем? Можеби, како во случајов, ќе биде неопходно реченицата целосно одново да се напише (да се препише). Целата плажа е опколена од големи хотели и клубови во изградба. Вака е појасно.
Рековме веќе дека претераната употреба на зборови со преносно значење, жаргон и клишеа најчесто доведува до семантичка непрецизност. Таков пример е реченицата Во други земји психичкото насилство се регулира со кривичниот закон. Што треба, во случајов, да каже зборот регулира? Веројатно дека се казнува. Значи, многу попрецизно е ако се напише Во други земји психичкото насилство се казнува со кривичниот закон. Зборот регулира е едно од многуте клишеа од бирократскиот говор, кое со својата општост тежнее да опфати многу значења – така, зборуваме за регулирање на сметката во кафеана (наместо за плаќање), за регулирање на кривични дела (наместо за казнување), за регулирање на обврските кон брачниот партнер (наместо за исполнување) итн.

Не поскапуваат цените, туку производите

Во основа, проблемот се јавува тогаш кога нашиот речник е сиромашен и кога тоа нѐ тера да употребуваме зборови со широко значење. За жал, тоа го осиромашува изразот во целина. Еве еден карактеристичен пример за таква слабост: Мостот Влајко вчера проработе. Мост не може да проработи. Мостот може да биде пуштен во употреба. Дури и тој израз е излитен од употреба. Ако се обидеме, можеме да најдеме други зборови и да напишеме сосема нова реченица. Можеби вака: Мостот Влајко вчера ја премости Партизанска.
Уште еден поучен пример: Мирко и Весна се свесни дека не можат да функционираат како сопружници. Дали си свесен дека зборот функционира баш и не функционира во реченицава? Многу подобро е да се каже дека Мирко и Весна се свесни дека не можат да живеат како сопружници.  Или, пократко, Мирко и Весна се свесни дека не можат да бидат сопружници.
Толку сме контаминирани од вакви изрази, што секогаш не е лесно да се препознаат непрецизните зборови и фрази. Во реченицата Граѓаните малку се информирани околу своите права, на прв поглед веројатно нема да забележиме ништо сомнително. Тоа е така зашто веќе се навикнавме зборот околу да го среќаваме во многу значења – за означување приближно количество (Околу сто луѓе загинаа во авионската несреќа, но и во комичниот пример Околу 25 евра чини ноќевање во двокреветна соба), а многу често и како замена за предлогот за. Така е во наведената реченица, како и во реченицата Пратениците нема да расправаат околу предлог-законот за полиција (уште погрдо е кога предлогот за во оваа реченица се заменува со бирократското по, па добиваме Пратениците нема да расправаат по предлог-законот за полиција).
Ајде да вежбаме уште малку. Да го откриеме проблемот во реченицата Еднаш до два пати во месецот тој јаде таблети екстази. Проблем е зборот јаде. Се прашуваме, што се прави со таблетите? Се јадат? Не, се јаде бурек. Се пијат? Непрецизно, се пие вода, сок, сируп. Се лижат? Некои таблети, како тие за смирување на желудочните киселини, да. Но, во принцип, не се лижат. Екстази веројатно не се лижат, иако некои го тврдат спротивното. Се голтаат? Да, мислам дека го имаме најпрецизниот термин. Значи, Еднаш до два пати во месецот тој голта таблети екстази.
Еве малку потежок пример: Правата на пациентите ќе бидат истакнати на огласни табли. Каде е проблемот? Во зборот истакнати. Проблемот се родил при усвојувањето на вообичаената фраза истакнување на огласна табла. Но, не може правата да се истакнат на огласна табла, може да се истакне соопштението за правата на пациентите. Сепак е подобро да се каже дека правата се објавени на огласни табли. Слично на ова, во реченицата Проектот за обнова на Цареви Кули ќе чини 4,6 милиони евра, не може да се каже дека проектот ќе чини толку пари, туку обновата (проектот е парче хартија, кое чини многу поевтино). Токму како што цените не можат да поскапат, туку да се зголемат или да рипнат, а да поскапат можат производите.

Зборовите имаат стилска вредност

Освен кон лексичка коректност и значенска прецизност на изразот, кои се постигнуваат со употреба на стандардни, неутрални и семантички полни и прецизни зборови, ние тежнееме и кон тоа нашето изразување да биде убаво, сликовито и впечатливо. Зборовите кои ги употребуваме имаат и определена стилска вредност. Твојата цел е да ги определиш сопствените стилистички барања и приоритети и да ги задоволиш, употребувајќи зборови чија стилска вредност ќе одговара на поставената цел.
Така, ако слушател на твојата драматична приказна за невремето во твојата улица е тригодишно дете, доволно е да се каже Дувна силен ветер и едно големо дрво падна на патот. Речникот на тригодишно дете е скромен и се сведува главно на зборови со широко значење – ветер и дрво, силен и големо. Но, ако пишуваш извештај или приказна наменета за возрасни читатели со побогат речник, стилистичките приоритети се менуваат.
Нема да биде доволно да кажеш силен ветер. Мораш попрецизно да го опишеш тој проклет ветер – можеби станува збор за бура, можеби е југо, а можеби еден од оние чудни охридски ветришта со необични имиња. Бездруго ќе мораш да ја прецизираш и придавката силен. Колку силен? Или, уште попрецизно, силен како, на кој начин? Големото дрво секако има име – бор, даб, бука, јавор, орев, липа. Колку е големо тоа чудно дрво? Огромно? Столетно?
Значи, употребата на семантички прецизни изрази не е цел сама за себе – нејзината смисла е збогатувањето на стилската вредност на изразот. За таа цел употребуваме и зборови со преносно, метафорично значење односно фигуративни изрази. Со употреба на епитети, компарации, метафори, рими и други стилски фигури (или тропи), твојот израз станува богат, сликовит, жив, пластичен, динамичен.
(Во следното продолжение: Се сеќавате ли на најважните стилски фигури? Ајде да се потсетиме!)
27-04-2020, 09:56 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#4

Quote:Очекувам и оваа, четврта по ред во серијата статии со практични совети за сите луѓе што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, да предизвика интерес и да ве поттикне, почитувани читатели, да споделите искуства, примери од секојдневната пракса, сопствени видувања и совети. Коментирајте! Во овие денови на социјално дистанцирање, да се обидеме да се зближиме со нашиот прекрасен македонски јазик.

[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар



Quote:Се сеќавате ли на најважните стилски фигури? Ајде да се потсетиме!

[Image: masina-za-kucanje-pixabay-750x430.jpg]

28.04.2020
Во третата статија од овој серијал рековме дека употребата на семантички прецизни изрази не е цел сама за себе – нејзината смисла е збогатувањето на стилската вредност на изразот. За таа цел употребуваме и зборови со преносно, метафорично значење, односно фигуративни изрази. Често ги употребуваме најфреквентните стилски фигури, дури и тогаш кога не сме свесни за тоа. Време е да ги обновиме знаењата за нив или да научиме нешто што досега не сме го знаеле.
Најчеста стилска фигура е епитетот. Тоа е придавка која сликовито нагласува некои својства на предметот или на појавата. Јазичарите велат дека поголем поетски ефект се постигнува со т.н. живи епитети. Во фразата немирно море придавката немирно е мртов епитет. Жив епитет е ако се каже бесно море или гневно море. Секогаш треба да се трудиме да употребуваме живи епитети.
И споредбата односно компарацијата е стилска фигура што се употребува многу често. Таа претставува равенство на два израза, кои често се сврзуваат со сврзниците како, ко, налик и други. Пример: Скопје вчера се печеше како гуштер на сонце. Избегнувај клиширани компарации, како во примерот Новите прописи никнат како печурки по дожд.
Метафора, персонификација, хипербола…
Метафора е промена на значењето на зборот, поточно пренесување на значењето од еден на друг збор. Во поново време поимот метафора дефинира секаква невообичаена употреба на зборовите. Во примерот Свилен гајтан за уредникот, фразата свилен гајтан има преносно значење и означува специфична закана.      
Алегоријата е проширена метафора, стилска фигура со која метафоричното значење се реализира во целата слика. Карактеристична е за басните, но и за козериите.
Персонификацијата е кога на неживите нешта им се припишуваат особини на живи суштества. Пример: Брезите треперат. Се употребува најчесто во поезијата, но понекогаш му дава необична свежина и на новинарскиот израз.
Хипербола е претерување. Кога врне, велиме: Надвор е потоп! Тоа е хипербола. Обратно од хипербола е литота. Пример: Само што зароси, Македонија под вода.
Синегдоха е кога употребуваме еднина за множина или кога делот го сфаќаме како целина. Примери: Немам ни денар со значење – немам пари. Или, Немам покрив над глава со значење – немам дом, куќа за живеење.
Постојат и фигури на повторување на зборовите, на почетокот или на крајот на стихот или на реченицата. Најчесто употребувана во поезијата е анафората – повторување на еден збор или израз на почетокот на два или повеќе последователни стиха. Пример: Не, ја не можам овде да седам, / Не, ја не можам мразој да гледам! Интересно е дека повторувањата од овој тип се употребуваат и во говорите, за да се постигне специфичен стилски ефект. Пример: Денес не е храброст да се рече “јас сум патриот” и да се тупне по градите. Денес не е храброст да се нападне противникот додека толпата го линчува. Денес е храброст да се види подалеку од носот.

Прашањето што не заслужува одговор се вика реторичко прашање

Римата е целосно или делумно гласовно совпаѓање на крајот од стиховите или на делови од реченицата. И таа е типична за поезијата, додека во новинарскиот израз често се користи во наслови. Понекогаш тоа е израз на невкус и на маниризам, но се сеќавам на многу одлични римувани наслови. Еве еден таков од стариот “Дневник”: Филипче носи, Филипче коси.
Амфиболија е свесна употреба на двосмислени зборови. Пример: Во Охрид гости и има и нема.
Перифраза, пак, е свесно користење на вишок зборови. Перифраза е кога наместо умре, велиме отиде на другиот свет или го напушти телото.
Иронија и сарказам е кога се кажува едно, а се мисли спротивното. Пример: Се виде, тој е голем маж.
Оксиморон е кога се прави синтагма од два спротивни поима. Примери: светол мрак, дрвено железо, скромен раскош. Идејата е да се нагласат спротивставените агли на поимите.
Парадокс е кога се нагласуваат нешта кои се спротивставени на логиката. Пример: Не сме толку богати за да купуваме евтини работи. Или: Нека врне, нека вее, само времето да е убаво.


Реторичното прашање е прашална реченица која служи како исказна. Прашањето не се поставува за да добиеме одговор, туку да го изразиме чувствениот однос. Пример: Зарем уште не знаеме која е заднината на оваа парада со апсењата?


Метафоризација, но со вкус и со мерка

Употребата на стилски фигури се нарекува и метафоризација на текстот. Таа го збогатува нашиот израз. Дури и во едноставните писмени состави и новинарски текстови, инвентивната употреба на зборовите со преносно значење е пожелна. И во најбаналниот извештај за временската прогноза, наместо Утрово во Скопје свети октомвриско сонце, може да се каже Утрово на скопскиот асфалт се разлеа срамежливо октомвриско сонце. Со една персонификација (сонце се разлеа) и со еден жив епитет (срамежливо сонце), исказот добива една посебна свежина.
Јас жестоко се спротивставувам на упорното настојување на некои јазични експерти и колеги по секоја цена да го стерилизираат јазикот во печатот.  Се согласувам, неутралните зборови се безбедни, тие го намалуваат ризикот од семантички непрецизности и збрки. Освен тоа, понекогаш зборовите со неутрално значење се важни и поради феноменот на т.н. политичка коректност. Така, не смееме да кажеме педер за хомосексуалец, наркоман за зависник од дрога, ќор за слеп, инвалид за хендикепирано лице (во поново време во мода е изразот лице со посебни потреби), Шиптар за Албанец, Каурин или Славомакедонец за Македонец итн.
Но, зборовите со преносно значење, па и странските зборови кога се неопходни и особено кога се усвоени во секојдневниот говор, жаргонските и колоквијалните изрази, дијалектните зборови, та дури и уличниот сленг, многу често го збогатуваат изразот. За жал, проблемот настанува тогаш кога употребата на ваквите изрази е последица на неинвентивност, кога безглаво се влетува во клишеа, кога се подлегнува на бирократскиот јазик и на излитените професионални жаргони, кога се нема желба и знаење едно нагрдено изразување да се „преведе“ на секојдневниот јазик разбирлив за општата публика.
Затоа, треба да ја избегнуваме зачестената употреба на изрази со преносно значење кои се излитени од употреба, кои се клиширани или се дел од бирократскиот говор. Така, на пример, нема никаква разумна причина во реченицата Стопирана е изградбата на дивоградбите во Тетово странскиот збор стопирана да не се замени со зборот запрена. Зборот стопира е еден од многуте странцизми кои неоправдано се употребуваат пречесто.

Кога пациентот не умира, туку егзитира…

Новинарите и другите автори многу фреквентно и некритички ги употребуваат овие изрази, подлегнувајќи под влијанието на своите извори, кои го форсираат својот професионален жаргон. Таков е случајот со новинарите кои го покриваат здравството, на пример. По извесно време, повеќето од нив зборуваат како примариуси. Така, сосема е веројатно просечно образован македонски читател да не разбере за што станува збор кога ќе ја прочита реченицата Пациентот егзитира во 21 часот. За неупатените, егзитирал значи дека човекот умрел. Ќе се обидеме да ја преведеме на секојдневен, разговорен јазик и реченицата Лекарите изјавија дека со таква срцева слабост бебето објективно не можело да опстои во живот. Можеби вака: Лекарите изјавија дека со таква срцева слабост бебето не можело да преживее.
Еве примери од жаргонот што се користи во нашите политички кулоари. Во јавноста веќе се прават комбинаторики со имињата на кандидатите за лидерската позиција. Во овој случај не само што е употребен странски збор, туку од неговата основа (комбинација) е создаден сосема нов збор – комбинаторики. Ужас! Зошто не може едноставно да се каже дека Во јавноста веќе се зборува за имињата на кандидатите за лидерската позиција? Политичкиот жаргон понекогаш се комбинира и со спортскиот. Најважно да се создаде рамен терен за игра за сите инвеститори. Неутралниот израз еднакви услови тука може да го замени изразот рамен терен, по што реченицата ќе биде многу појасна.
Кога ќе ја развиеме свесноста за претераната употреба на ваквите изрази, ќе сфатиме зошто бирократскиот говор е нашиот најголем непријател. Бирократите зборуваат на еден целосно извештачен јазик, кој опасно го труе секојдневниот говор. Навистина, ние никогаш нема да кажеме Баба ми ќе ми даде средства да си купам гитара, но зборот средства толку често се употребува наместо зборот пари, што веројатно нема да ни пречи во реченицата Македонија ќе ги добие овие средства во 2008 година. И така, чекор по чекор, јазикот ни станува целосно неразбирлив.
Не сме сосема начисто што сакал да каже авторот со реченицата Јавното комунално претпријатие нема транспортен капацитет за да ја расчисти дивата депонија. На каков транспортен капацитет мисли авторот? Веројатно на камиони. Затоа, странцизмите и жаргонските изрази, кои се одлика на бирократскиот говор, секогаш ги заменуваме со зборови од разговорниот јазик. Во реченицата Новите патни исправи ќе бидат готови до крајот на годината, зборот патните исправи ќе го замениме со пасоши. Финансиските средства, да запомниме, секогаш се пари. Ако конзилиумот објави дека Претседателот на парламентот има нарушено здравје, ние ќе преведеме: Претседателот на парламентот е болен.
Многу автори мислат дека со употребата на странцизми, тогаш кога за нив има соодветна замена во стандардниот јазик, покажуваат знаење и стил. Тоа е обична глупост. Што има учено, умно и убаво во реченицата Се предвидува и симплификација на даночните процедури? Во неа имаме дури два странски збора – симплификација и процедури. И двата можат да се преведат: Се предвидува упростување на даночните постапки.
Претераната и неоправдана употреба на странски зборови и изрази во теоријата се нарекува и варваризам. Тој збор кажува сѐ. Затоа, ајде уште малку да преведуваме.
Тоа е рефлексија на нашата политичка ситуација. Наместо рефлексија треба одраз. А наместо ситуација? Немаме добра замена, освен ако поширокиот контекст се согласува со зборот состојба. Во реченицата Лицата на аутистите се без експресија, може да се употреби фразата без израз. А може ли да се замени зборот ресурси во реченицата Луѓето треба да се свртат кон природата и кон нејзините ресурси? Може, но бидете внимателни, бидејќи не треба да го преведеме директно (извори), туку малку послободно – Луѓето треба да се свртат кон природата и кон нејзините богатства.
(Во следното продолжение: Вистинските зборови се силните, магични зборови!)
29-04-2020, 12:14 AM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#5

Quote:Вистинските зборови се силните, магични зборови!

29.04.2020
Неколку пати го употребивме терминот клише, означувајќи го како нешто што треба да се избегнува. Но, што е тоа клише? Станува збор за воспоставена стилска или структурална постапка што ја изгубила својата уметничка значајност и изразност, но и понатаму се употребува како своевиден механички образец. Виталноста на клишираното изразување се објаснува со тоа што тоа сепак обезбедува извесна прегледност и брзо разбирање и снаоѓање во јазикот, особено при состојба на мрзеливост на духот.
Во реченицата Инспекторите ги чешлаат студентските домови, наводниците многу не помагаат – тие само потврдуваат дека авторот бил свесен дека морал некако да ја обележи метафората, но тажно е што воопшто ја употребил, бидејќи таа е едно изветвено клише. Токму како и изразите зелено светло и амин (со значење дозвола), црвено светло (забрана), веќе спомнатите печурки по дожд и многу, многу други изрази.
Ако сакаме да пишуваме инвентивно, клишеата треба да ги прогласиме за наши непријатели. Во нашите бележници во кои ги запишуваме своите омилени грешки, за клишираните изрази треба да има посебна рубрика.

Не повторуваме, употребуваме синоними

Повторувањето на исти зборови во текстот, дури и кога се токму вистинските, не само што е монотоно, туку создава и нејаснотии и сведочи за нашиот скромен речник што мора да се збогати.  Ваква реченица неодамна напиша еден мој колега: Автохтоните Албанци од подшарпланинските села бараат да им се заштитат селата, бидејќи по последните порои им беа загрозени селата. Човекот мора сериозно да се замисли и да најде време и начин да ја унапреди својата вештина на пишување, кога веќе му се случува во една реченица три пати да употреби ист збор (села).
Не смее да дозволиме тоа нам да ни се случува. За да не повторуваме исти зборови, употребуваме синоними. Ајде заедно да го анализираме следниот текст, за да ги утврдиме зборовите и фразите што се повторуваат:
Пристаништето во Свети Наум ќе се санира, најави Охридската капетанија. Доколку тендерската постапка помине успешно, се очекува санацијата на пристаништето да заврши есенва. Со санацијата ќе се уреди пристапот до пристаништето и ќе се исчисти дното од тиња и од песок.
Во три реченици се употребуваат зборовите санира и санација, кои се и странцизми. Еве како изгледа текстот откако ќе употребиме синоними:
Пристаништето во Свети Наум ќе се преуреди, најави Охридската капетанија. Доколку тендерската постапка помине успешно, се очекува санацијата на пристаништето да заврши есенва. Ќе се подобри пристапот до пристаништето и ќе се исчисти дното од тиња и од песок.
Да го погледнеме сега и следниот текст:
Нема жртви во пожарот што завчера во 15 часот на улицата Јордан Златановски во Тетово запали магацин со мебел и пет стана од блиската зграда. Во пожарот изгореле излозите и инвентарот во магацинот, а становите биле делумно опожарени. Пожарот бил локализиран после еден час. Од МВР велат дека причините за пожарот не се познати. Ова е втор пожар во Тетово оваа недела.
Јасно, имаме мака со повторувањето на зборот пожар. Ќе се обидеме истиот текст (на кој му се неопходни и други интервенции), да го подобриме со употреба на синоними:
Нема жртви во огнената стихија што завчера во 15 часот на улицата Јордан Златановски во Тетово проголта магацин со мебел и пет стана од блиската зграда. Во огнот изгореле излозите и инвентарот во магацинот, а становите биле делумно оштетени. Пламените јазици биле совладани после еден час. Од МВР велат дека причините за несреќата не се познати. Ова е втор пожар во Тетово оваа недела.
Што направивме, всушност?
Зборот пожар го употребивме само еднаш, а во другите реченици ги употребивме следните синоними: огнената стихија, огнот, пламените јазици и несреќата. Но, направивме и нешто друго. Во изменетиот текст, пожарот, однсоно сега огнената стихија, не запалила, туку проголтала магацин со мебел и пет стана. Наместо слаб неутрален збор, употребивме силен збор со преносно значење. Пожарникарското клише кое вели дека Пожарот бил локализиран, го заменивме со реченицата Пламените јазици биле совладани. Пак метафора избрана за синоним и збор од разговорниот јазик (совладан наместо локализиран). Така, во неколку реченици, добивме една почитлива и повозбудлива вест од онаа веројатно препишана од полицискиот билтен.

Кои зборови се силни?

Време е да ја заклучиме нашава расправа за изборот на зборовите (англискиот термин е word choice). Полека, чекор по чекор, ја откриваме тајната на изборот на вистинските зборови – треба да се пронајдат силните зборови. Вистинските зборови се силните зборови. Кои се тие?
Веќе научивме, тоа пред сѐ се семантички полните и прецизни зборови. Во реченицата Напаѓачот пукал со ракетен фрлач, глаголот пукал е непрецизен. Тоа ја прави реченицата слаба, токму како пукот во празно. Зошто? Зашто со ракетен фрлач не се пука, туку се стрела. Еве прецизен, силен збор: Напаѓачот стрелал со ракетен фрлач.
Треба, значи, да се биде прецизен, да се избере зборот кој директно, прецизно, најблиску го определува поимот. Тоа најчесто се однесува на глаголите. И во реченицата Османовски ја задушил Ајше врзувајќи ја со шамија околу вратот, токму глаголот е непрецизен. Ајше навистина се задушила, но убиецот ја задавил. И како тоа ја врзал со шамија, небаре ја дотерувал за на корзо? Значи, вака е пократко, подиректно и посилно: Османовски ја задавил Ајше со шамија.
Како што веќе видовме, кон прецизноста и кон силината на изразот придонесува и заменувањето на бирократскиот говор и на другите жаргонски и клиширани изрази со зборови и фрази од секојдневниот, разговорен јазик. Така, зачудувачки едноставно, се засилува изразот.
Реченицата Силно електрично празнење го усмрти Николовски, нанесувајќи му изгореници од трет степен е напишана во некаков чуден спој на „електричарски“ и медицински жаргон. Таа просто мора да се преведе на разговорен јазик, за така да стане појасна и посилна. Значи, силното електрично празнење ќе го преведеме едноставно – тоа е гром. Во оваа пригода ќе го дозволиме медицинскиот жаргон, иако со поамбициозно препишување реченицата може уште повеќе да се видоизмени. Значи, остануваме на варијантата Гром го уби Николовски, нанесувајќи му изгореници од трет степен.

Опиши, направи да видам и да почувствувам!

Силни зборови се описните придавки, а не општите. Не е доволно прецизно да се каже Ручекот е добар. Добар? Шпоретот на кој бил зготвен ручекот може да биде добар. Готвачот е способен, вешт, талентиран. Придавката мора да биде многу, многу попрецизна. Ајде да размислиме, каков ли можел да биде ручекот, неинвентивно опишан со придавката добар? Вкусен? Обилен? Богат? Мора да се потрудиме да го пронајдеме вистинскиот збор.
Силни се зборовите кои создаваат слика во главата на читателот. Ајде да ја анализираме следнава реченица: Дупката на паркингот кај Скопски саем, во која вчера падна девојче, беше отворена и денеска. Формално, оваа реченица е коректна. Но, изразот беше отворена буквално ја убива сликата. Да биде отворена може врата, на пример, но не и дупка во која паднало и се повредило девојче. Таа дупка мора да се опише пострашно. Треба да пронајдеме збор што во главата на нашиот читател ќе создаде слика која плаши, опоменува, предупредува. На помош треба да ги повикаме зборовите со преносно, метафорично значење. Јас би се определил за персонификацијата зјае. Значи, Дупката на паркингот кај Скопски саем, во која вчера падна девојче, зјаеше и денеска.

Силни се активните наспроти пасивните глаголски форми, како и глаголите кои „прават“ нешто конкретно, наспроти тие што статично опишуваат некаква состојба. Така, можеме да кажеме Јас сум студент на новинарство, но подобро е да напишеме Јас студирам новинарство. Втората реченица е поактивна, посилна. Запомни, секогаш кога е можно, пасивните глаголски форми замени ги со активни. Секогаш актив наместо пасив. Така, на пример, реченицата Во парламентот беше донесена одлука за формирање анкетна комисија, треба да се замени со следнава реченица – Парламентот одлучи да формира анкетна комисија.
Силни се и зборовите кои прецизно ги опишуваат чувствата. Само неталентиран и мрзелив автор може да напише Мајката е тажна поради смртта на своето чедо. Придавката тажна е преопшта и во случајов сосема несоодветна. Тажен е човек кој ќе изгуби паричник со двесте денари и со лична карта, но човек што ќе го изгуби своето чедо во најмала рака е очаен.
И кога ги заменуваме клишираните и бирократски изрази, го засилуваме говорот. Ако ја преведеме реченицата Владата има намера да им доделува финансиска помош на сиромашните семејства во руралните средини, можеби ќе добиеме реченица која ќе може лесно да се прочита и која на читателот нешто навистина ќе му каже „од прва рака“. Вака, на пример: Владата има намера да им дава пари на сиромашните семејства во селата. Колку поедноставно и поразбирливо!
Следната реченица покажува зошто авторите многу често избираат непрецизни и клиширани фрази наместо директни и силни зборови. Децата без родители се пожалија дека Јовановиќ физички ги малтретирал. Секако дека реченицата мора да се преведе на разговорен јазик: Децата без родители се пожалија дека Јовановиќ ги тепал. Но, јасно е дека авторот сметал дека употребата на зборот тепа како замена за физички малтретира остава впечаток на недоволна ерудиција, на „непознавање на материјата“, можеби дури и впечаток на прост израз.
Не смееме да подлегнуваме на таквите предрасуди. Секогаш кога можеме да се сетиме на едноставен, силен збор од разговорниот јазик, што може да ги замени клишираните изрази од стерилниот бирократски говор, нема дилеми дека ќе се определиме за тој збор.

Еве како може перото да направи разлика

И конечно, да завршиме со она за што веќе говоревме: секогаш кога можеме нашиот текст да го збогатиме со метафори и со зборови со преносно значење, ќе го сториме тоа. Печатот полека ја губи трката со изговорениот збор и затоа му преостанува да ја бие битката со „оружјето“ што го има на располагање – убавината на метафората, богатството на речникот, силните и магични зборови.
Еве како може еден недоволно инвентивен текст да се збогати на таков начин. Текстот е објавен во „Шпиц“ од 23 септември 2008 година, под наслов „Денот без автомобили одбележан зад волан“:
Стотина граѓани, ученици и членови на невладини организации, заедно со градската администрација и неколку амбасадори, се возеа со велосипеди вчера низ центарот на Скопје за да го одбележат Меѓународниот ден без автомобили под мотото ”Чист воздух за сите”.
Но, освен нив, речиси сите други се однесуваа како во секој друг ден, па присуството на автомобили по улиците беше стандардно. Целта на ваквите денови инаку е да се промовираат алтернативни превозни средства, како велосипедот.
Официјално, во употреба вчера беше пуштена и велосипедската патека од Железничката станица, која треба да се протега до населбата Ѓорче Петров, но досега е обележана само до трговскиот центар ”Буњаковец”. Велосипедистите, секој со налепница ”еден автомобил помалку” и со балон в рака, на чело со градоначалникот Трифун Костовски, министерот за животна средина Неxати Јакупи и британскиот амбасадор Ендрју Ки, возеа од станицата до плоштадот.
Таму тие доделија четири велосипеди за присутните, а амбасадорката на Холандија, Симона Филипини рече дека еден велосипед ќе му подари на премиерот Никола Груевски. Градот, пак, доби донација од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот – триесетина семафори кои ќе бидат поставени долж велосипедската патека.
Поголемиот дел од присутните ѝ се израдуваа на манифестацијата и на возењето велосипед низ центарот на Скопје. Имаше и такви кои рекоа дека патеката речиси никогаш не е слободна за возење.
– Веќе дваесет години истиот проблем го имаме, автомобилите се паркирани каде што треба да се возат велосипеди – вели скопјанецот Јовица Стојанов.
Граѓаните на плоштадот во студениот ден ги затопли и песната на децата од ”Златно славејче”.
Еве една мала анализа на проблематичните зборови и фрази употребени во овој текст. Прво, неразбирлива е фразата зад волан во насловот. Што сакал авторот да каже? Веројатно дека Меѓународниот ден без автомобили луѓето сепак го минале во автомобили. Но, зад волан биле и тие што возеле велосипеди, бидејќи и велосипедите имаат волани, зарем не?
Присуството на автомибили на улиците било стандардно, вели авторот. Здодевна, бирократска фраза. Колку е тоа „стандардно“? И нема да дозволиме велосипедската патека да се „протега“.  И секако ќе кажеме нешто што новинарот не го знаел или пропуштил да го каже – градоначалникот Костовски и министерот Јакупи на работа дошле со службените автомобили. Здодевно е опишана и епизодата со велосипедот што холандската амбасадорка му го подарила на премиерот Груевски. Всушност, воопшто и не е опишана – ниту новиот велосипед на премиерот ниту приказната за премиерот кој се сликаше како пеш оди на работа.
Еве сега како би можело да се напише овој текст:
Задушени од смог, стуткани во топли палта и качени на тазе светнати велосипеди, македонските политичари вчера предводеа група од стотина граѓани, ученици и невладини активисти, во парада под мотото Чист воздух за сите, со која Скопје го одбележа Меѓународниот ден без автомобили.
Возачот на премиерот Никола Груевски имаше слободен ден. Сам, следен само од телевизиските камери и од полицајци во цивил кои глумеа случајни минувачи, Груевски пеш патуваше половина час од дома во Црниче до работа. Таму го дочека нов велосипед, накитен како новогодишна елка во портокалови бои, подарок од холандската амбасадорка Симоне Филипини.
Градоначалникот Трифун Костовски, министерот за животна средина Неxати Јакупи и британскиот амбасадор Ендрју Ки беа на чело на експедицијата што ја испроба новата велосипедска патека од Железничката станица до плоштадот Македонија. На неа наскоро ќе никнат триесеттина нови семафори. Велосипедистите носеа налепници Еден автомобил помалку, но службените  автомобили на Костовски и на Јакупи трпеливо чекаа пред нивните канцеларии да заврши парадата за да ги вратат дома.
Скопјани се израдуваа на настанот, но не пропуштија да се пожалат дека велосипедите во метрополата сѐ уште ја губат трката со автомобилите. Фамозната велосипедска патека води до Ѓорче Петров, но обележана е само до Буњаковец и слободна е само кога сообраќајот ќе стивне. Улиците и паркинзите се преполни со автомобили. Така беше и вчера пред Собранието и пред Владата.
Денеска е ден со автомобили. Велосипедите ќе чекаат 364 дена за да се покажат.
Има разлика, нели?
(Во следното продолжение: Како да пишуваме прецизни и впечатливи описи?)
30-04-2020, 04:36 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#6

Quote:Како да пишуваме прецизни и впечатливи описи?


Од Бранко Героски Објавено 30/04/2020 18:30:19
[Image: reka-pixabay-750x430.jpg]

Во изминатите пет продолженија од мојата серија статии со практични совети за сите луѓе што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, без оглед со каква професија се занимаваат, се фоксуирав на изборот на зборовите. Пред да се префрлам на полето на семантиката, на проблемите поврзани со реченичните конструкции, ќе објавам една статија од последната глава на мојата книга „Научи да пишуваш“. Тоа е главата во која се опишани основните стилски постапки на развојот на пишаниот текст: опишување (дескрипција), раскажување (нарација), анегдотска нарација (хумор и сатира), пренесување на директен говор (цитати и дијалог), известување (рапорт), аргументирање (расправа) и беседење (говор) .
Стилските постапки не треба да се мешаат со жанровите. Зборуваме за карактеристични постапки со чија помош го развиваме пишаниот текст, кои можат да се употребуваат ексклузивно или комбинирано. Една амбициозна и богата репортажа за Старата скопска чаршија, на пример, би можела да содржи описи, раскажување на нејзината историја, изводи од директен говор на луѓе кои ќе зборуваат за чаршијата, извештај за последните напори на градските власти за оживување на ова урбано јадро, аргументи и противаргументи (расправа) како тоа да се изведе, а можеби и елементи на хумор или дури и јасна декламација односно порака што авторот на овој сложен писмен состав сака непосредно да ја соопшти.
Во овој серијал секако ќе им посветам внимание на сите стилски постапки, но во оваа статија ќе стане збор само за опишувањето (дескрипцијата), постапка која има најсуштинска врска со темите за кои пишував во претходните пет продолженија.

Нашата цел е да создадеме слика во главата на читателот

Опишуваме од моментот кога нашите први контакти со околината ги изразуваме со изговорен збор. Безмалку, откако знаеме за себе. Описите се дел од првите четива што го брануваат нашиот дух – приказните, бајките, басните. Подоцна, првите состави што ги пишуваме уште од мали нозе се токму описите.
Ги опишуваме природата, луѓето, сцените на настаните и нивниот тек, но многу често и чувствата на луѓето. Кога опишуваме, нашата цел е да создадеме слика во главата на нашиот читател – слика што тој би можел да ја види со голо око кога би бил присутен како и ние, или слика на она што тој би можел да го почувствува, кога би можел заедно со нас да ги сподели чувствата. Нашиот опис треба да ја совлада таа дистанца што го дели од предметот што го опишуваме.
Не можеме да го опишеме она што нема да го видиме или она што нема да го почувствуваме. Затоа е важно да ја развиваме нашата способност за перцепција. Треба да се обидеме со едноставни вежби за перцепција да научиме да го забележуваме она што досега воопшто не сме го забележувале. Постојат повеќе книги со ефикасни упатства за тоа – ќе нѐ изненади откритието колку многу можеме да постигнеме за кратко време.
Исто така, многу е важно да ја развиеме свесноста дека го опишуваме нашиот контакт со надворешноста на појавите, но и начинот на кој ги доживуваме. Двајца луѓе на еден ист предмет или појава гледаат со различни очи. Зошто? Затоа што нивната способност на перцепција е различна, но и затоа што нивните доживувања и чувства се различни. Затоа, треба да бидеме свесни дека нашиот опис секогаш е субјективен и дека тој нѐ опишува и нас самите.
Еве еден опис од книгата „Месечев цвет“ од Ким Мехмети:
Таа бела точка над селото што личи на сино детско око и блеска како огледало во кое што се прекршуваат сончевите зраци, всушност е изворот на реката. Белиот ширит што виси на карпите е водопадот. Водата паѓа врз еден голем камен за потоа да се слее во една длабнатинка опкружена со венци цвеќиња и високи тополи. Тука се формира мало езерце со мазна површина над која што се прекршуваат сончевите зраци или пак се отсликуваат облаците кога е со нив покриено небото. Езерото наликува на одморалиште за водата откако бучно се спушта низ височините на карпите, а пред да потече низ долината. Тоа е преполно со риби и од тука започнува течението на Кратката река. Се разбира, ако не се смета изворот стотина метри погоре и водопадот што со својата бучава ја заглушува радосната песна на птиците. Самото име обзнанува дека станува збор за река што нема долг тек, налик на оние што исчезнуваат во подземните темнини или пак се слеваат во некоја поголема водена површина во која што се ништожи нивната посебност.
Не само што во овој опис ја препознавам митската, а сепак секојдневна слика на просторот во кој поголем дел од годината јас и мојот пријател Ким Мехмети живееме заедно (тоа е, веројатно, Треска под Матка до Грчец), туку го препознавам и него самиот. Неговите метафори, кои го разбиваат навидум студениот и прецизен (новинарски?) опис на просторот, е слика на творечкиот карактер на Мехмети, та дури и слика на неговиот филозофски дискурс. Неговиот опис, значи, зборува за него самиот, но и за луѓето слични на него, всушност за нас околу него.

Тајната е во деталите

Сосема друг простор и друг менталитет и сензибилитет запознаваме во книгата „Рибарска трска за дедо ми“ од нобеловецот Ѓао Синѓан. Еве еден опис од таа книга:
Паметам, тоа беше еден двор какви што беа некогаш, во еден мошне обмислен стил, со ѕид-пано на кој беа врежани зборовите „среќа“, „долговечност“ и „радост“, беше насликан и еден „чичко Долговечен“ а половина од неговиот череп беше избришан, потпрен со бастун со рачка како глава на змеј, исто така делумно избришан, но кога бевме мали ние добро знаевме дека тој бастун се викаше „бастун со змејска глава“, а на ѕидот-пано беше насликан и еден шарен елен-лопатар, а неговите дамки исто така беа нејасни, дупките на неговата наметка беа дамки и секогаш кога влегувавме или излегувавме ги допиравме дрвените делови кои веќе беа патинирани и светнати, дворот беше поделен на два дела, одзади живееја едно девојче што го викаа Заова, кога таа гледаше во луѓето нејзините тркалезни очи имаа нешто необично но истовремено и прекрасно.
Како и да е, тој двор едноставно постоеше и во него едноставно имаше жужулови дрвја што ги засадил дедо ми, а под стреата висеа кафези во кои дедо ми чуваше дрозд и кос со пувче, но кај мајка ми косот беше многу мачен за чување и дедо ми го продаде, го замени со црвеноглава сеница која по кусо време умре од тага зашто не можеше да издржи во кафез (…)
Ѕид-пано со необични слики, бастун со змејска глава, шарен елен-лопатар, жужулови дрвја, дрозд и кос со пувче – еве сме во еден чуден двор, на еден егзотичен простор, од онаа страна на светот. Синѓан е кинески писател, но овие описи откриваат и тоа дека е и сликар, поет и филозоф.
Како што може да се забележи и од овие два извадока, тајната на умешното опишување е во деталите. Необичните и несекојдневни детали, всушност, ја даваат доминантната боја на нашиот опис. Избледената слика на бастунот со змејска глава буди сеќавање на една секвенца од детството. Косот, мачен за чување, буди друга слика, друга асоцијација. Тоа се, всушност, внатрешни слики, кои произлегуваат од опитот и чувствата на авторот.
Описот мора да биде прецизен и впечатлив – а тоа се постигнува со употреба на семантички прецизни и силни зборови. Мехмети опишува длабнатинка опкружена со венци цвеќиња (а не некаква со многу цвеќиња). Синѓан вели дека под стреата висеа кафези (а не имаше кафези), но и ѕид-пано на кој беа врежани зборовите (а не напишани зборовите).
Опишувањето е постапка која дозволува и дури и бара нагласена метафоризација на текстот. Во овие два описа се употребени многу фигуративни изрази. Да издвојам само три од описот на Кратката река на Мехмети: белиот ширит што виси на карпите, езерото наликува на одморалиште за водата, водена површина во која што се ништожи нивната посебност.

Ритамот на речениците

Така како што погледот го „скенира“ просторот во еден потег, во еден „швенк“, така и описот, иако често долг (како и погледот, впрочем), бара да биде соопштен во еден здив. Тоа може да наложи специфично барање во поглед на должината на речениците. Затоа и не е чудно што и во двата примера забележуваме долги и сложени реченици. Посебен ритам се добива кога таквите развиени реченици се прекинуваат со кратки, флеш-реченици, кои понекогаш се сведени на предикатот.
Но, Синѓан, на пример, е бескомпромисен. Тој го развива описот и не трпи граматичко омеѓување на мислата – дури и таму каде што речениците формално завршуваат, авторот става запирка и продолжува, во желба да ја задржи сликата во неговиот долготраен и незапирлив „швенк“. Во таа смисла, описот во прозата на некој начин се доближува до поезијата.
Треба уште да се каже дека описите ги збогатуваат и некнижевните пишани состави. Тоа е особено карактеристично во новинарското изразување. Описите се нужни при известувањето од местото на настанот, а особено при пишувањето репортажи. Но, дури и сериозните политички коментари и анализи можат да бидат освежени со дескрипции. Така, неодамна, една анализа на политичката ситуација, анализа која претендира да биде сериозна, ја почнав со еден ваков опис:
Пред некој ден го видов Никола Груевски на улица, спроти Градска болница. Облечен во својата спортска кожена јакна путинка, со своите големи чевли чаплинки на нозете што оддаваат впечаток на големина во секој поглед, со своите невешти, цврсти и симпатични преродбенички чекори, премиерот иташе бавно, носејќи пи-ар насмевка на лицето, ловејќи ги сите воодушевени погледи и испружени раце на случајните минувачи. Покрај случајните, се разбира, имаше и неслучајни минувачи, задолжени дискретно да се грижат за безбедноста на нашето земно божество.
Како што е познато, „јазикот на телото“ понекогаш кажува многу повеќе од јазикот со кој се служи политичарот. Барем од стилистички аспект, описот има свое оправдување и прецизна функција во спомнатиот текст.
(Во следното продолжение: Зошто толку многу грешиме кога ги редиме зборовите во реченицата?)
02-05-2020, 08:25 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#7

Quote: Зошто толку многу грешиме кога ги редиме зборовите во реченицата?

Од Бранко Героски Објавено 01/05/2020 20:21:17
[Image: laptop-kafe-pixabay-750x430.jpg]
 
Стасавме до синтаксата. Тоа е јазична наука која ги изучува принципите по кои зборовите формираат реченици, како целовити единици во усмената или во писмената комуникација. Синтаксата го проучува и распоредот на зборовите во реченицата, збороредот. Иако овде нема да се занимаваме со многу теорија (тие делови од мојата книга „Научи да пишуваш“ ќе ги прескокнам), сепак, за почеток, мора да го дефинираме поимот реченица и да објасниме  некои основни поими.
Реченицата е јасно одделена целина од текстот, чија основна карактеристика е тоа што содржи најмалку еден прирок – носител на дејство или состојба, кој вообичаено е глагол во лична форма. Подметот е именска фраза или конструкција која типично му претходи на прирокот и со него е тесно поврзана. Тие заедно ја сочинуваат клаузата на реченицата, основниот дејствен (предикатен) однос во неа.
Постојат прости, проширени и сложени реченици. Сложените реченици се составени од две или повеќе дел-реченици. Тие можат да бидат зависно-сложени и независно-сложени. Системот на независни реченици се нарекува паратакса. Системот на зависни реченици се нарекува хипотакса. Зависноста се состои во тоа што зависната дел-реченица не може сама да опстои без независната дел-реченица.
И тука, помалку или повеќе, завршуваме со набројувањето на основните дефиниции, кои би требало да не потсетат на основните познавања на граматиката и на синтаксата на македонскиот литературен јазик. Тие знаења, како што нагласивме на почетокот, сме морале да ги усвоиме во основното и во средното образование. Ако не, тука треба да подзапреме и веднаш да ја прочитаме граматиката на нашиот стандарден јазик од Блаже Конески, која во разни скратени верзии може да се пронајде и на интернет.

Граматика, граматика…

Зборовите во фразата и во реченицата мора да се согласуваат според граматичките категории лице, род и број. Тоа е основното правило за реченицата да биде формално коректна. Ова мора да се прифати и строго да се почитува. Тоа е како кога возиме автомобил – основното барање за таа операција да биде формално коректна е да возиме по коловозот, на нашата лента, на десната страна. Во спротивно, веднаш ќе дојде до судир.
Изненадувачки е колку авторите не внимаваат на ова едноставно правило. Во два текста од ист автор, кои на мојата уредничка маса стасаа во растојание од одвај половина час, ги забележав следните две реченици:  Од средбата со поранешниот лидер ќе зависи и дали СДСМ во септември ќе излезат на конгрес и ДПА никаде ги нема. Авторот кратенките СДСМ и ДПА ги доживеал како именки во множина и затоа ги комбинирал со глаголи во истата граматичка категорија (рековме веќе, по правило подметот ја определува граматичката категорија, со која мора да се согласат и прирокот и сите останати делови во реченицата). Но, авторот заборавил дека СДСМ е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, фраза чиј центар е зборот сојуз, а тој е во еднина. Според тоа, треба да се напише Од средбата со поранешниот лидер ќе зависи и дали СДСМ во септември ќе излезе на конгрес. ДПА е кратенка за Демократска партија на Албанците. Според тоа, подметот е именска конструкција во еднина и тоа во женски род. Оттаму, треба да се напише ДПА никаде ја нема.
Еве и обратен пример: Одземен им е камионот, тракторот, коњите и механизацијата, со која се сечеле дрвјата и се превезувале. Камионот, тракторот, коњите и механизацијата, сите заедно, прават множина. Затоа, треба да се каже Одземени им се камионот, тракторот, коњите и механизацијата, со кои се сечеле дрвјата и се превезувале. Некој ќе рече, која или кои, разликата не е голема. Но, тоа не е точно. Ако се остави зборот која, тогаш се добива сосема друго значење – тогаш само механизацијата е таа со која се сечеле дрвјата и се превезувале. Така во реченицата создаваме семантичка збрка.
Грешките кои произлегуваат од несогласувањето на зборовите според категоријата број (еднина, множина), најчесто се поткраднуваат во кратките заменски форми. Така е во реченицата Со измените се предвидува владата со уредба да отповикува амбасадори доколку утврди дека нивната работа му нанесува штета на државните интереси. Фразата државните интереси е во множина, па затоа кратката заменска форма му треба да се замени со им.
Многу често се греши и во примерите како следниов: Тој, заедно со двата сина, решиле да ја откријат тајната. Ако се каже Тој и двата сина решиле да ја откријат тајната, реченицата е во ред. Или така или Тој, заедно со двата сина, решил да ја открие тајната.
Зборовите треба да се согласуваат и по род. Тука поретко се греши, но сепак треба да се внимава. Во фразата еден од главните цели имаме груба грешка, бидејќи именката цел е од женски род, а не од машки. Затоа, треба да се каже една од главните цели.
Го прашавме министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, но таа не одговори на прашањето. Во оваа реченица несогласувањето според категоријата род произлегува од фактот што жените и јазичарите кај нас сѐ уште не се изборија за еманципација во јазикот. Веројатно поради „сериозноста“ на функцијата, министерот за внатрешни работи мора да биде во машки род, та дури и тогаш кога е жена. Но, незгодата настанува кога ќе се спомне нејзиното име, па не е згодно да се каже тој не одговори на прашањето. Според тоа, ситуацијата може да се реши на два начина – или за министер постојано ќе се избира маж, или реченицата ќе гласи Ја прашавме министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, но таа не одговори на прашањето.

Јасна мисла, јасна реченица

Реченицата понекогаш може да биде формално коректна, но сепак да не кажува ништо. Или, подобро речено, да кажува нешто што никој жив не може да го разбере. Таков пример е реченицата Ако се исклучи струјата, комбинатот ќе престане со работа, зашто производството нема да биде исплатливо.
Ништо, ама баш ништо во оваа реченица не е јасно. Ако се исклучи струјата, комбинатот секако ќе престане да работи, зашто сигурно не може да работи без струја. Како може тогаш производството да стане неисплатливо? Кое производство? Ако комбинатот престане со работа, производство нема ни да има. Од поширокиот контекст во кој е употребена оваа реченица, веројатно може да се насети што сакал авторот да каже – претпоставувам, сакал да каже дека поради високата цена на струјата, производство ќе стане неисплатливо, па комбинатот ќе престане да работи. Но, секоја реченица сама за себе мора да биде не само формално коректна, туку и јасна.
Затоа, мора да се обидеме да пишуваме јасни реченици. Како се прави тоа? Има само едно едноставно правило, за кое зборувавме и во воведот на книгава – јасно во главата, јасно на хартија. Значи, најважно е прво нештата да си ги објасниме во нашите глави, а дури потоа да арчиме хартија.
Еве еден пример од кој се гледа дека на авторот не му е сосема јасно што сака да каже: Наплатата на сметките која е под 50 отсто не дозволува претпријатието да работи позасилено. Мора да се обидеме да ја „дешифрираме“ мислата на авторот. Значи, ако добро разбирам, Претпријатието не може да работи подобро, зашто наплатата на сметките е помала од 50 отсто.
Уште еднаш предупредувам дека странцизмите, клишеата и бирократскиот говор предизвикуваат збрка и во главите и на хартија. Токму како во реченицата Постои голем дисбаланс меѓу добиените ингеренции и средствата за нивно финансирање. Ако се преведе на разговорен јазик, ќе биде малку појасно: Постои големо несогласување помеѓу добиените надлежности и парите за нивно остварување. Уште појасно: Парите што се обезбедени за остварување на добиените надлежности, не се доволни.
Еве еден бисер од жаргонот со кој се служат нашите новинари кои ги следат „културните случувања“: Дванаесеттото културно случување во програмските остварувања на манифестацијата Дојрански ракувања на летната сцена под јаворите во Стар Дојран, беше синоќа, со изведбата на претставата Есенска приказна од Јукио Мишима на Драмското студио Браќа Минкови од Куклиш. Кој ли знае какви „случувања“ се случиле во главата на авторот пред да ја напише оваа реченица.
За вакви конфузни и нејасни мисли и реченици, често се употребува терминот галиматијас.

Маки со збороредот

Кога пред точно десет години ја објавив мојата книшка Новинарска реченица, напишав дека редот на зборовите во реченицата е проблем кој најмногу ги измачува нашите новинари. Во меѓувреме, искуството ми покажа дека има и многу други сериозни проблеми, но збороредот секако е меѓу најголемите.  Веројатно тоа е така зашто синтаксата кај нас се изучува премногу теоретски, а премалку практично.
Стандардната шема на збороредот во македонскиот литературен јазик е прилично едноставна: подмет – прирок – директен предмет – индиректен предмет. Пример: Мајката (подмет) му раскажа (прирок) приказна (директен предмет) на детето (индиректен предмет).
Отстапувањето од стандардниот збороред создава проблеми, како во реченицата Германија на Албанија ќе ѝ додели поголем кредит. Незгодата во овој случај е што индиректниот предмет (Албанија) е вметнат меѓу подметот и прирокот. Треба Германија ќе ѝ додели поголем кредит на Албанија.  Лошо е и кога предметот оди на прво место во реченицата, па тоа може да создаде и нејаснотија, како во примерот Метеорскиот дожд детално го опишал астрономот Хамбл. Што е овде подмет, а што предмет? Кој кого опишал? Треба Астрономот Хамбл детално го опишал метеорскиот дожд.
Вториот крупен проблем настанува кога со вметнување повеќе, понекогаш и предолги и непотребни додатоци, подметот се одвојува од прирокот. Така читателот го губи чувството за клаузата, а тоа е најбитниот однос во реченицата.
Тоа се случило во реченицата Македонија, вчера, на првиот ден на Седмиот состанок на земјите пристапнички на Отава конвенцијата, се декларира за држава на чија територија нема поставени противпешадиски мини. Меѓу подметот Македонија и прирокот се декларира, вметната е долгата апозиција вчера, на првиот ден на Седмиот состанок на земјите пристапнички на Отава конвенцијата. Да запомниме, многу е важно подметот и прирокот да бидат што поблиску еден до друг. Затоа, задолжително ќе ја претумбаме оваа реченица: Вчера, на првиот ден на Седмиот состанок на земјите пристапнички на Отава конвенцијата, Македонија се декларира за држава на чија територија нема поставени противпешадиски мини.
Еве уште еден сличен пример: Активот на директорите на основните училишта во Аеродром се закани дека доколку и понатаму градоначалникот презема обврски што се во надлежност на директорите, ќе побара правна заштита. Треба: Активот на директорите на основните училишта во Аеродром се закани дека ќе побара правна заштита, ако градоначалникот и понатаму презема обврски што се во надлежност на директорите. Значи, освен што ги поврзавме зборовите активот се закани дека ќе побара правна заштита, го доближивме и прилогот и понатаму со прирокот презема во втората дел-реченица. Природно, модификаторите треба да бидат што поблиску до зборовите што ги објаснуваат.
Ќе го смениме редот на зборовите и во следнава реченица: Барбара почина пред петнаесетина дена, откако додека летуваше во Будва се затру со храна. Прирокот се затру во втората дел-реченица мора да дојде веднаш по сврзникот откако, за да го доближиме до подметот, кој се чувствува од првата дел-реченица (Барбара), но и за да го сочуваме логичниот причинско-последичен редослед на дејствието (почина зашто се затру додека летуваше). Значи, Барбара почина пред петнаесетина дена, откако се затру со храна додека летуваше во Будва.
И директниот предмет треба да биде што поблиску до прирокот, кој е центар на реченицата. А не е, на пример, во реченицата Сенатот ја усвои на вчерашната седница декларацијата за нов закон за високо образование. Прирокот усвои и директниот предмет декларацијата мора да ги поврземе, наједноставно вака: На вчерашната седница, Сенатот ја усвои декларацијата за нов закон за високо образование.
Многу треба да внимаваме вметнувањето на апозициите да не го нарушува правилниот збороред, односно врските меѓу подметот и прирокот и прирокот и директниот предмет. Така е во реченицата Индустриското производство во април, во споредба со истиот период лани, е зголемено за 0,8 отсто. Веднаш интервенираме: Индустриското производство во април е зголемено за 0,8 отсто, во споредба со истиот период лани.
И уште нешто: во прашалните реченици прирокот доаѓа веднаш по прашалниот збор. Така е, правилно, во примерот Што подготвувате на овој план? А не, како што некаде може да се прочита, Што на овој план подготвувате?

Реченично акцентирање

Свесното поместување на зборовите во реченицата односно свесното отстапување од стандардниот и вообичаен збороред е постапка позната уште од античко време. Говорите на Цицерон се познати по инверзиите, со кои тој постигнува исклучителна комуникативна динамика. Инверзијата била омилена и во времето на барокот, кога се претворила во украсна фигура. Таа е типична за лирската поезија, бидејќи изразува нагласена емоционалност.
Смислата на овие поместувања и пермутации, значи, е да се постигне определен стилски ефект – да се нагласат одделни зборови или делови од реченицата. Сличен ефект се постигнува и со додавање на одделни делови во реченицата (парентеза) или со нивно испуштање (елипса).
Во некои јазици, како во српскиот, на пример, посебен ефект се добива со намерно раздвојување на елементите во реченицата кои по правило одат еден до друг. Оваа фигура се нарекува хипербатон и со неа се добива многу необична стилска нијанса (како во примерот:  За јуначко питају те здравље).
Како и да е, редот на зборовите во реченицата битно придонесува за стилската обележеност на дискурсот. Со отстапувањето од стандардниот збороред, реченицата добива друг акцент. Затоа, понекогаш свесно отстапуваме од стандардниот збороред, зашто сакаме да акцентираме некои делови од реченицата, поместувајќи ги на почетокот. Тоа е особено карактеристично за новинарскиот израз, кој бара најважното да се каже на прво место (принцип на превртена пирамида). Ова правило важи при структурирањето на целиот текст, но може и треба да важи и при структурирањето на речениците, особено на тие во врвот на пирамидата, во лидот.
Така е сторено во реченицата Нестабилно со дожд и грмежи ќе биде времето во наредните неколку дена. Новинарот отстапил од стандардниот збороред, според кој реченицата требало да гласи вака: Во наредните неколку дена времето ќе биде нестабилно, со дожд и грмежи. Ова е класичен пример на реченично акцентирање, наметнато од специфичноста на новинарскиот израз. Авторот сака зборовите нестабилно, дожд и грмежи да се прочитаат или да се изговорат први и веднаш да го зграпчат вниманието на читателот.  Затоа се определил за реченична инверзија, која не ја нарушува смислата на исказот.
Исто е постапено и во реченицата Големи главоболки на илегалните минувачи им задава современиот систем за верификација на пасошите. Во неа авторот се определил во почетокот да пласира необичен, магичен збор (главоболки) и така веднаш да го заинтригира читателот.
Реченичното акцентирање е уште покарактеристично во сложените реченици, кога новинарот во почетокот ја пласира дел-реченицата со поголем импакт. Така, наместо Охридската капетанија најави дека пристаништето во Свети Наум ќе се санира, добриот новинар ќе напише:  Пристаништето во Свети Наум ќе се санира, најави Охридската капетанија.
Знам дека нашите јазичари во принцип не ги одобруваат овие отстапувања од стандардниот збороред и сметаат дека инверзиите не се дозволени во новинарското изразување. Тоа е така зашто тие недоволно ги следат промените во модерниот журнализам. Мислам дека заеднички треба да ги надминеме тие предрасуди – можно е да одговориме на потребите за реченично акцентирање, а при тоа отстапувањето од стандардниот збороред да не ја наруши когнитивната функција на исказот.

(Во следното продолжение: Одвишните зборови се скратат, мора да пишуваме економично)
02-05-2020, 08:42 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#8

Quote:Одвишните зборови се кратат, мора да пишуваме економично


Од Бранко Героски Објавено 02/05/2020 19:00:06
[Image: moliv-i-gumicka-pixabay-750x430.jpg]

Денеска ќе научиме еден нов збор. Редунданција. За некои од нас не е нов, но верувам дека за мнозина е. Зборот редунданција е странцизам (по потекло од латински и од англиски) и означува изобилие, натрупаност на зборови, одвишност, но и преопширност и развлеченост во излагањето. Лингвистите пресметале дека приближно 40 до 60 отсто од зборовите и елементите во говорниот јазик се неинформативни, а тоа значи и редундантни. Но, многу од нив го обезбедуваат брзото и сигурно пренесување на информациите.

Да се ослободиме од редундантните зборови

Овде зборуваме за нуждата од безмилосно кратење на секој одвишен збор или фраза во реченицата (или на секоја реченица во текстот) кои се експлицитно редундантни и без кои текстот не губи апсолутно ништо. Напротив, тие зборови ја оптоваруваат реченицата, ја прават неекономична, а понекогаш и нејасна.
Нема нужда да се каже временски период, бидејќи зборот период во себе го содржи значењето на одвишната придавка временски – секој период е временски. Според тоа, кратиме безмилосно. Така и во примерот влезни билети (нема излезни билети, има само влезни), малечко селце, студени зимски ветрови итн. Овде, значи, станува збор за класични плеоназми, кои се сметаат за стилски грешки, освен во случаите на намерно истакнување и нагласување за да се зајакне афективното значење на текстот (тогаш зборуваме за стилската фигура емфаза).
Примери на експлицитна редунданција забележуваме и во цели фрази во речениците, чија одвишност е смисловна и можеби не се забележува на прв поглед. Во реченицата Тој ја изнесе сликата на Мартиновски надвор од земјата, зборот надвор е одвишен – доволно е да се каже Тој ја изнесе сликата на Мартиновски од земјата. Во реченицата Парламентот ќе се изјасни дали ќе го прифати или не барањето на стечајците, фразата или не е одвишна.
Вистинските мајстори на пишаниот збор откриваат редундантни зборови и фрази и таму каде што не е лесно да се забележат. Така е со реченицата Повредената била пренесена во болница, каде што по укажаната лекарска помош е пуштена на домашно лекување. На прв поглед, тука нема ништо необично. Но сепак, да размислиме малку – зошто мора да се каже дека на повредената во болница ѝ е укажана лекарска помош (по што е пуштена дома)? А што друго треба да ѝ се направи на повредената во болница? Да ѝ биде зготвен богат ручек? Да одигра партија шах? Реченицата ништо не губи од своето значење ако гласи вака: Повредената била пренесена во болница, а потоа е пуштена на домашно лекување.
Ајде да размислуваме заедно и да ги откриеме редундантните зборови и фрази во следниве примери: Млади девојчиња пијат алкохол во Градскиот парк. Постојат ли стари девојчиња? Диви надрилекари ги напаѓаат пациентите во Прилеп. Постојат ли питоми надрилекари? Многу малку се говори за потребите на децата со аутизам. Многу или малку? Студентите на отсекот маркетинг се целосно збунети. Може и вака: Студентите на маркетинг се збунети.

Бисери, бисери…

Малку повеќе интервенции ќе направиме во реченицата Казна во износ од 1.000 евра ќе му се изрече на здравствен работник кој ќе изврши лекарска интервенција без посредник. Прво, фразата во износ е експлицитно редундантна. Здравствен работник ќе го преведеме со лекар, а потоа во фразата лекарска интервенција зборот лекарска ќе стане непотребен. Така: Казна од 1.000 евра ќе му се изрече на лекар кој ќе изврши интервенција без посредник.
Еве еден интересен пример: Ќе ги обноват Царевите кули, со цел да привлечат туристи од земјата и од странство. Има ли некој трет вид туристи, покрај тие од земјата и тие од странство? Според тоа, Ќе ги обноват Царевите кули, за да привлечат туристи.
Уште еден бисер, од речникот на геометрите: Мостот ќе се изгради во месноста наречена Црвен Дол. Во слични примери ја среќавам дури и фразата местото викано, токму како во катастарската документација. Значи, доволно е да се каже Мостот ќе се изгради во Црвен Дол.
Бисери, бисери… Дедо Крсте Тасевски е 86-годишен битолчанец, кој живее во старскиот дом. Ептен дедо е човекот, штом има 86 години – но зошто ни е потребно ова редундантно интимизирање? Сметките за парно греење ќе поскапат за околу 49,3 отсто. Што ќе поскапи – сметките или парното греење? И колку е тоа околу 49,3 отсто? Да речеме – 49,36 отсто? Во овој пример гледаме како редунданцијата создава семантичка збрка или можеби обратно, дека е последица на збрка во главата на авторот.
На туристите кои се на плажите во Будва воопшто не им е здодевно. Има ли туристи во Будва кои не се на плажите, макар дел од денот? Вкупно се оштетени околу 5.150 хектари лозови плантажи. Баш вкупно или поединечно? Агроберзата е формирана во далечната 1992 година. Колку е далечна далечната 1992 година?
Внимавај, отстранувањето на редундантните зборови не е исто што и кратење на речениците од стилистички или од причини поврзани со економијата на изразот. За тоа ќе стане збор подоцна. Овде зборуваме за зборови и фрази со чие отстранување речениците не губат апсолутно ништо во своето значење. Затоа, отстранувањето на експлицитната редунданција не е прашање на избор – тоа е наша обврска.
Но, можеби сега е моментот да ја развиеме свесноста за потребата од кратење на деловите од реченицата кои не се експлицитно односно формално редундантни, но без нив нашиот исказ во суштина не губи ништо. Еве една таква типична реченица: Според неофицијални процени, во Тетовско како невести се доселени повеќе од 100 невести од Албанија, речиси исклучиво христијанки од католичка вероисповед.
Ако во фразата христијанки од католичка вероисповед има експлицитна редунданција (сите жени од католичка вероисповед се христијанки), не е така и со фразата според неофицијални процени. Имено, можеби не е сосема исто ако таа фраза ја замениме со зборот неофицијално – нема да биде стопроцентно јасно дали изнесуваме сигурен податок што сме го добиле од неофицијални извори или изнесуваме процени од неофицијални извори. Но, зарем е тоа толку важно? Мислам дека во случајов контекстот ќе ни дозволи слободно да се определиме за едно вакво скратување. И секако ќе се ослободиме од непријатното повторување на зборот невести во оваа реченица. Така, го добиваме следниот резултат:  Неофицијално, во Тетовско се доселени повеќе од 100 невести од Албанија, речиси исклучиво од католичка вероисповед.

Секогаш актив наместо пасив

Ќе се навратиме сега на последниот пример од претходната одредница: Неофицијално, во Тетовско се доселени повеќе од 100 невести од Албанија. Нема ли да звучи подинамично ако пасивната конструкција се доселени ја замениме со активната форма се доселиле? Можеби во оваа конкретна реченица нема така лесно да ја почувствуваме разликата, но многу други примери ќе не уверат дека употребата на активни глаголски форми го засилува изразот и придонесува за неговата јасност.
Така, ако реченицата Сопственикот на кафулето беше застрелан од страна на убиецот ја замениме со реченица со активен глагол, Убиецот го застрела сопственикот на кафулето, не само што добиваме појасен израз, туку ја избегнуваме и фразата од страна на, карактеристична за пасивните форми во бирократскиот говор. Во реченицата Европската Унија од нас бара реформирање на судството, пасивна е глаголската именка реформирање ќе ја замениме со активен глагол:  Европската Унија бара да го реформираме судството (фразата од нас сега е експлицитно редундантна, така што реченицата станува и пократка).
Бирократскиот говор е најчест извор на пасивни конструкции, кои буквално ја убиваат динамиката на изразот. Така е, на пример, во реченицата Вчера во Собранието беше донесена одлука за формирање анкетна комисија. Пократко, појасно и подиректно е да се напише: Вчера Собранието формира анкетна комисија.
Пасивните форми често се и смисловни, како во примерот Епископот Методиј Златанов изјави дека денеска ќе има молк од страна на Синодот. Иако тука формално немаме пасивна глаголска форма, фразата од страна на веднаш ни сигнализира присуство на една долга и тешка пасивна конструкција – ќе има молк од страна на Синодот. Таа може да се замени со активен глагол: Епископот Методиј Златанов најави дека денеска Синодот ќе молчи.
Определбата за активни наместо за пасивни глаголски форми има јасно стилистичко оправдување, но истовремено придонесува и за економичноста во изразувањето. Иако не секогаш, речениците со активни глаголи се пократки одошто речениците со пасивни конструкции.
(Во следното продолжение: Кратки или долги реченици, прашање е сега)
02-05-2020, 08:46 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#9

Quote:Кратки или долги реченици, прашање е сега!

[Image: cita-kniga-pixabay-750x430.jpg]

03.05.2020
Дилемата не е токму Хамлетовска, но е сериозна. Многубројни и сериозни аргументи говорат во прилог на определбата за кратки наместо за долги реченици. Кратките реченици – а особено тие во кои се употребени активни наместо пасивни глаголски форми – во принцип се појасни, полесни за изговарање и за читање, а ако му се верува на Густав Флобер, бездруго и поубави. Според тоа, не треба многу да се размислуваме – секогаш кога можеме нашата мисла да ја изразиме со кратка наместо со долга реченица, треба да го сториме го тоа.
Веќе нагласивме дека наједноставниот и најбезболен начин за кратење на речениците е отстранувањето на т.н. експлицитна редунданција, како во примерите: заедничка соработка (секоја соработка е заедничка), Тој победи на крајот на натпреварот (може ли да се победи среде натпреварот?), 2.300 долари по глава на жител (не е неопходно она по глава, доволно е да се каже по жител) итн.

Импрегнирање на речениците

Речениците можеме да ги импрегнираме и со употреба на синоними (сети се на зборовите на Орвел: „Никогаш не употребувај долг збор, ако краток може да заврши работа“), но и со кратење на сите зборови или фрази кои не се експлицитно редундантни, а сепак не се неопходни или се веќе  спомнати во поширокиот контекст.
Ќе се обидеме така да ја скратиме реченицата Потпретседателот на Владата на Република Македонија за економски прашања, Зоран Ставревски, во интервју за Глас на Америка, програма на македонски јазик, вели дека во Македонија може да се очекуваат промени во правец на намалување на сиромаштијата и на невработеноста во следните две години.
Фразата Потпретседателот на Владата на Република Македонија за економски прашања, Зоран Ставревски, ќе ја скратиме заменувајќи ја со синоним – вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски (експлицитно редундантна е додавката на Република Македонија и затоа неа, едноставно, ќе ја избришеме). Фразата програма на македонски, која ја дообјаснува фразата Глас на Америка, не е експлицитно редундантна, но не е неопходна. Можеме да ја скратиме и да ја поедноставиме и бирократската конструкција може да се очекуваат промени во правец на намалување на сиромаштијата и на невработеноста – пократко и појасно е да се каже дека може да се очекува намалување на сиромаштијата и на невработеноста.
Така, кога ќе ги извршиме сите неопходни скратувања, ја добиваме следнава реченица: Вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски, во интервју за Глас на Америка, вели дека во Македонија може да се очекува намалување на сиромаштијата и на невработеноста во следните две години. Можеме да одиме и чекор понатаму – да ги доближиме подметот и прирокот и да се определиме за поинаков акцент во реченицата: Сиромаштијата и невработеноста во Македонија може да се намалат во следните две години, изјави вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски, во интервју за Глас на Америка.
Ајде сега малку да експериментираме. Да се обидеме да ја скратиме оваа реченица до ниво на една куса, лапидарна мисла. Можеме со голема доза на сигурност да претпоставиме дека Ставревски е доволно познат и актуелен што самото негово презиме е синоним на фразата вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски. Исто така, ќе претпоставиме дека во случајов е поважна содржината на изјавата одошто медиумот за кој кажана, па фразата во интервју за Глас на Америка ќе ја исфрлиме како одвишна. Уште малку препишување (rewriting) и еве го резултатот: Помалку невработеност и сиромаштија за две години, вети Ставревски. Добивме една флеш- реченица, која се доближува до нешто што би можело да биде воведна (интро) реченица во нашиот лид или дури и наслов на текстот. Ваквото кратење е техника карактеристична за новинарскиот израз.

Клаузата не смее да настрада

Значи, да заклучиме: речениците се кратат со отстранување на редундантните зборови и фрази, со исфрлање на непотребните секундарни елементи во реченицата (атрибути, апозиции и прилошки форми), како и со исфрлање на сите модални фрази кои не се битни за смислата на реченицата, а и онака немаат никаква граматичка функција.
Но, мора да бидеме многу внимателни, зашто кратењето не смее да ги засегне примарните делови на реченицата и особено нејзиниот најважен дел, клаузата. За жал, денес, особено во јазикот присутен на телевизија, тоа е многу чест случај – речениците го губат најважното, прирокот (глаголот), кој е носител на дејствието, на предикатниот однос. Така е во примерот: ВМРО-ДПМНЕ со остра осуда на изјавата на Заев, дека за СДСМ е прифатливо име со географска одредница.  Малку подолу, во истиот текст, пак истата груба грешка: СДСМ веднаш со одговор. Никаде го нема глаголот.
Стана манир телевизиските извештаи да почнуваат со серии реченици во кои е испуштен глаголот, како во следниов пример: Два дена пред црковно-народниот собор, неединство меѓу македонските владици. Во синодот две струи. Едните, во името да се додаде и Охридска архиепископија. Другите, нема потреба од какви било интервенции. Просто неверојатно, во сите четири реченици е испуштен глаголот! Новинарот тоа веројатно го сторил со силна желба воведните реченици во неговиот извештај да добијат силина на ударни наслови (и навистина, потоа спомнатиот извештај продолжува со нормални реченици). Но, ппомислата дека отсуството на глаголот ги прави ваквите конструкции насловни е апсолутно погрешна – авторот не знае дека едно од најважните стилистички барања е насловот да содржи токму активен глагол.
Според тоа, пристапот на новинарот е лош. Неговите реченици не само што ништо не би изгубиле, туку би добиле сила, ако содржат глаголи. На пример, вака: Два дена пред црковно-народниот собор, владее неединство меѓу македонските владици. Во Синодот битка бијат  две струи. Едните бараат во името да се додаде и Охридска архиепископија. Другите велат дека нема потреба од какви било интервенции. Со малку послободни интервенции во текстот, може и посилно: Два дена пред црковно-народниот собор, македонските владици се поделија. Во Синодот војуваат две струи. Едните атакуваат во името да се додаде и Охридска архиепископија, а другите се бранат и не сакаат да слушнат за какви било интервенции.

Телеграфскиот стил го уништува ритамот

Императивот да се пишуваат јасни и кратки реченици може да прерасне и во непријатен манир. Тоа пак нѐ враќа на „Хамлетовската“ дилема што ја поставивме – дали секогаш кратките реченици се најдобриот избор? Следниот пример ќе ни помогне да ја решиме дилемата:
Четириесет слаткарници се затворени во Старата скопска чаршија. Министерството за здравство, Санитарната инспекција и Дирекцијата за храна беа во заедничка акција. Инспекторите прочешлале 137 објекти. Утврдиле дека една третина не ги исполнуваат хигиенските услови. Првичните резултати покажале дека во слаткарницата Ринија врие од бактерии, повеќето фекални. Пронајдени се ешерихија коли, стафилокока, протсу, колифирмни бактерии. На Инфективната клиника помош побарале 80 луѓе. Од нив 64 се хоспитализирани. Никој не е во критична состојба, велат лекарите. Тие не паметат ваква епидемија на труење досега. Семејствата на затруените се огорчени. За сопственикот на Ринија тие најавуваат кривични пријави.
Недостасува меѓу речениците да пишува уште по едно „стоп“, па да добиеме една убава телеграма. Пишувањето на ваков начин го нарекуваме и телеграфски стил. Тој го уништува нормалниот ритам во реченицата. Нашиот текст како да боледува од тахикардија. Нормален ритам се добива со наизменична употреба на долги и кратки реченици. Затоа, многу често е неопходно кратките реченици да се комбинираат во подолги, а понекогаш и во сложени реченици.
Еве како во наведениот пример можат да се спојат две речници: реченицата Министерството, Санитарната инспекција и Дирекцијата за храна беа во заедничка акција и реченицата Инспекторите прочешлале 137 објекти. Бидејќи инспекторите се од трите наведени институции (станува збор за заедничка акција, нели), зборот може да се исфрли како експлицитно редундантен. Фразата во заедничка акција е имплицитно редунданта и може да се исфрли или да се замени со зборот заедно. Да не заборавиме, клишираниот израз прочешлале ќе го замениме со неутралниот збор испитале. И така, двете реченици ќе ги споиме во една: Министерството, Санитарната инспекција и Дирекцијата за храна заедно испитале 137 објекти.
Со едноставно пребројување може да заклучиме дека наместо 12 зборови во двете кратки реченици (без сврзници и предлози), сега имаме 9 зборови, во единствена, развиена реченица. Наспроти претпоставката дека кратките реченици секогаш, без исклучок, штедат простор, ефектот од процесот на развивање на реченицата е евидентен- се зголемува економичноста на изразот. А да не зборуваме за стилистичкиот ефект, во поглед на нормализирањето на ритамот во реченицата.
На сличен начин можат да се поврзат и други реченици во текстот. На пример, реченицата Првичните резултати покажале дека во слаткарницата Ринија врие од бактерии, повеќето фекални и реченицата Пронајдени се ешерихија коли, стафилокока, протсу, колифирмни бактерии. Вака: Првичните резултати покажале дека во слаткарницата Ринија врие од ешерихија коли, стафилокока, протсу, колифирмни и други, главно фекални бактерии. И тука заштедивме еден збор.
Можеме да ги споиме и следните две реченици: Семејствата на затруените се огорчени и За сопственикот на Ринија тие најавуваат кривични пријави. Малку покреативно: Огорчени, семејствата на затруените за сопственикот на Ринија најавуваат кривични пријави. Развивме убава реченица и ќаривме уште еден збор.
Еве го сега целиот текст, после наведените интервенции: Четириесет слаткарници се затворени во Старата скопска чаршија. Министерството, Санитарната инспекција и Дирекцијата за храна заедно испитале 137 објекти. Утврдиле дека една третина не ги исполнуваат хигиенски услови. Првичните резултати покажале дека во слаткарницата Ринија врие од ешерихија коли, стафилокока, протсу, колифирмни и други, главно фекални бактерии. На Инфективната клиника помош побарале 80 луѓе. Од нив 64 се хоспитализирани. Никој не е во критична состојба, велат лекарите. Тие не паметат ваква епидемија на труење досега. Огорчени, семејствата на затруените за сопственикот на Ринија најавуваат кривични пријави.

Како до развиена реченица?

Еве сличен пример на текст напишан во телеграфски стил: Поканата за НАТО цврсто останува. Но, само ако се реши името. Разочарувањето од изборите отвора нови стравувања. Јаап де хоп Шефер праќа загрижувачки пораки и околу кохабитацијата во Македонија. И Европската унија со слични предупредувања. Оли Рен ги потсетува властите во Скопје каде е всушност клучот. Политичкиот дијалог помеѓу партиите е важен елемент на демократијата, потсетува тој. Црвенковски го уверува Рен дека во Македонија има политичка воља за исполнување на условите.
Кога читаме еден ваков текст, се потсетуваме на еден факт што веројатно го подзаборавивме во оваа наша дебата за долгите и за кратките реченици – императив број еден бездруго е да не се загрози когнитивната функција на исказот. Со други зборови, попусто е речениците да се кратки и економични, ако читателот не знае за што станува збор. Не мора сите да знаат кои се и што се господата Шефер и Рен, па дури ни кој е и што е Црвенковски – но, тие информации се од суштинско значење за овој конкретен текст да добие смисла.
Затоа, со употреба на соодветни атрибути и апозиции, мора јасно да соопштиме дека во текстот станува збор за важна размена на политички оцени меѓу генералниот секретар на НАТО, комесарот на ЕУ за проширување и шефот на нашата држава. Освен тоа, неопходно е да се изврши проширување за реченицата Но, само ако се реши името, за таа да стане јасна (како тоа, да се реши името?). Во реченицата И Европската Унија со слични предупредувања, пак, ќе мора да додадеме глагол, за да воспоставиме предикатен однос.
Така, со развивање на речениците и со други помали интервенции, добиваме еден ваков, малку подолг, но многу појасен текст: Поканата за НАТО цврсто останува, но  само ако се реши проблемот со името. Разочарувањето од изборите отвора нови стравувања. Генералниот секретар на НАТО, Јаап де хоп Шефер, испраќа загрижувачки пораки и за кохабитацијата во Македонија. И Европската унија упатува слични предупредувања. Оли Рен, нејзиниот комесар за проширување, ги потсетува властите во Скопје каде е всушност клучот. Политичкиот дијалог е важен елемент на демократијата, вели тој. Претседателот Бранко Црвенковски го уверува Рен дека во Македонија има политичка воља за исполнување на условите.

Мајсторот Маркес…

Расправата за долгите и за кратките реченици ја почнавме со тезата дека кратката реченица е привилегија на вистинските мајстори на перото. Но, не помала мајсторија е да се напише и долга реченица. Еве пример на една таква реченица, реченица-приказна, од романот Есента на патријархот на Габриел Гарсија Маркес:
Јас и генералов бевме генерали во федералистичката војска во граѓанската војна и со помош на морнаричката пешадија на грингосите од Англија го урнисавме стариот режим на аристократијата за да воспоставиме воена хунта од шест генерали, во која секој од нас си имаше своја територија и своја војска, а господинов генерал, бидејќи појак од секој од нас поединечно но послаб од двајца од нас здружени, ни беше претседател кај кого се собиравме за со печење од мисир и пола гуде да си славиме родендени, имендени и такви веселби на кои ние двајцата никогаш не пиевме, а другите четворица, заедно со своите телохранители, се опиваа како магариња и се резилеа на најгрд начин, при што еднаш се случило пијани како земја и со оружјето на готовс да позаспијат во ноќта кога трештил гром а тие, вџашени, отвориле оган едни на други и се испотепале, а јас, без да знам што точно се случило, помислив дека генералов решил да ни ја скине сенката на сите, па од страв избегав во џунглата и потем неколку години се криев по селата, преправен како патувачки свирач на лира, следејќи како генералов откако остана сам во хунтата изгради пруги до најзафрлените места од нашата татковина и почна да патува со воз, интересирајќи се божем за секојдневниот живот на луѓето, а всушност неговите телохранители цело време ме ловеа мене безуспешно, оти јас секогаш успевав да им побегнам, поради што се раширил глас дека сум дух, дека можам да се претворам во разни животни, дека сум можел дури и да се претворам во дрво покрај патот, сѐ до оној ден кога генералов случајно, на една железничка станица, во толпата која му извикуваше пароли за вечен живот, ме здогледал, ама наместо да ги нас’ска своите џелати кон мене, тој самиот, невооружен, ми пријде и ме поздрави весело, од што јас повеќе се исплашив иако имав оружје и бев спремен со мачетата шницли да го направам, ама помислив дека неговата вооружена придружба веднаш ќе ме парчоса, па затоа му се поклонив и му понудив да му станам пријател и негов телохранител, на што тој се насмеа и прифати, велејќи дека против непобедлив непријател единствено оружје кое ни преостанува е пријателството и затоа оттогаш па сѐ до ден денес верно му служам.
Погрешно е мислењето дека долгите реченици не можат да се прочитаат и да се запаметат. Верно, во новинарството има едно вакво правило – добра е таа реченица што може да се изговори лесно и во еден здив, да се запамети и веднаш да се повтори. Тука се крие и еден од најдобрите совети за саморедактирање: секоја реченица прочитај ја на глас и повтори ја – ако врви, добра е. Но сепак, кој вели дека мора да се чита и да се репродуцира реченица по реченица?
Развиените, јасни, прегледни и убави, иако долги реченици, се одликуваат со интонациски амплитуди и пресврти, што предизвикуваат уживање кога се читаат. Можете ли да замислите какво доживување би било кога оваа прекрасна реченица на Маркес би ја прочитал еден добар актер, кој во неа би внел богатство на интонациски пресврти? Зарем е толку тешко да се запомни приказната во оваа реченица, ако внимателно се ислуша? И не вреди ли понекогаш да се вложи напор нешто да се разбере, за во него да се ужива?

(Во следното продолжение: Сложените реченици – на делење! Но и тука име едно „но“…)
09-05-2020, 09:03 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#10

Quote:Сложените реченици – на делење! Но и тука име едно „но“…


Од Бранко Героски Објавено 04/05/2020 19:00:50
[Image: man-tablet-1-750x430.jpg]

Веќе зборувавме за сложените реченици и за меѓусебните односи меѓу дел-речениците (паратакса и хипотакса). Во својата книга Синтакса на македонскиот стандарден јазик, која е референтен труд од оваа област, авторката Лиљана Минова-Ѓуркова зборува и за односи на координација меѓу независните дел-реченици (паратакса) и субординација меѓу зависните дел-реченици (хипотакса).
Важно е да се знае дека и од меѓусебните односи на дел-речениците во сложената реченица, а не само од нашите стилистички определби, зависи дали ќе се определиме за разделување на сложените реченици во помали (прости) реченици или, обратно, ќе одиме кон спојување на простите реченици во сложени. Затоа, важен дел од нашето елементарно предзнаење за синтаксата на нашиот јазик треба да биде класификацијата на сложените реченици и врските меѓу дел-речениците.

Златното правило

Како и да е, основното правило што мора да го почитуваме е прилично едноставно: Секогаш кога можеме една сложена реченица да ја поделиме на две или повеќе, ќе го сториме тоа! Има многу аргументи во прилог на ова златно правило. Сложените реченици по правило се долги и тешко се следат. Освен тоа, тие се плодна почва за виреење на семантички збрки и нејаснотии.
Таков случај забележуваме, на пример, во сложената реченица Како што соопшти полицијата, грабежот бил извршен ноќта помеѓу трети и четврти, во време од 20.30 часот до 5 часот, на тој начин што сторителите со погоден предмет ја отвориле влезната врата од имамот, влегле внатре и по извршено пребарување оѕеле 1.000 денари и парагон-блокчиња, а потоа ја отвориле влезната врата од xамијата, влегле внатре и од стаклен сад, каде се чувале пари за доброволни прилози, одзеле околу 18.000 денари и го напуштиле лице местото. Освен што има „бисерни“ фрази, како лице местото, но и редундантни информации, како таа за украдените парагон-блокчиња (многу важно, џанам), исказот е нејасен и поради тоа што авторот посакал во една единствена реченица да ја опише целата приказна. И така ја утнал работата.
Затоа, сложената реченица внимателно ќе ја поделиме на неколку реченици: Полицијата соопшти дека грабежот бил извршен ноќта помеѓу 3 и 4 април, меѓу 20.30 часот и 5 часот изутрина. Со погоден предмет, сторителите ја отвориле вратата од имамот, го пребарале објектот и одзеле 1.000 денари. Потоа ја отвориле и вратата од џамијата. Таму, од стаклен сад, во кој се чувале пари за доброволни прилози, зеле околу 18.000 денари и избегале. Нормално, попатно извршивме и некои други нужни интервенции: нема влезни и излезни врати (затоа напишавме само врати), одвишно и бесмислено е да се каже дека по обивањето на вратата крадците влегле внатре и потоа го ограбиле имамот, а важно е да се внимава и на збороредот во реченицата. Но, најважната интервенција е што сложената реченица ја поделивме на четири реченици, кои заедно чинат едноставен и разбирлив текст.
Најлесно се делат независните дел-реченици. Како во примерот Јанкуловска и Михов ќе разговараат за повеќе теми, ќе стане збор и за заедничката канцеларија за размена на информации на граничните премини Деве Баир и Ѓуешево, како и за предлогот за потпишување  билатерален договор меѓу двете земји за локалниот граничен сообраќај. Оваа реченица ќе ја поделиме едноставно:  Јанкуловска и Михов ќе разговараат за повеќе теми. Ќе стане збор и за заедничката канцеларија за размена на информации на граничните премини Деве Баир и Ѓуешево. Тема на разговорите ќе биде и предлогот за потпишување билатерален договор меѓу двете земји за локалниот граничен сообраќај.
Не е тешко да се подели и оваа сложена реченица: Две девојчиња на тригодишна возраст изгореле во пожарот кој избувнал во нивната куќа во селото Језерце, во косовскиот град Урошевац, додека без повреди успеале да се спасат останатите пет члена од семејството, но куќата била целосно уништена, јави тиранската телевизија Топ-ченел. Ќе постапиме логично: Две девојчиња на тригодишна возраст изгореле во пожарот кој избувнал во нивната куќа во селото Језерце, во косовскиот град Урошевац. Според тиранската телевизија Топ-ченел, без повреди успеале да се спасат останатите пет члена од семејството, но куќата била целосно уништена. Оваа е типичен пример кога поделбата на сложената реченица, која е формално коректна и во основа јасна, сепак се наметнува како нужна, поради нејзината должина, која го отежнува следењето.
Кога сложените и долги реченици се оптоварени и се со нејаснотии или со комплицирани конструкции од бирократски говор, потребата тие да се поделат е уште понагласена, но и задачата е потешка. Така е во примерот Дополнителната квота на билатерално-транзитни дозволи, обезбедена е на барање од Министерството за транспорт и врски, а се надоврзува на редовните 10.000 дозволи, наменети за македонските превозници кои превезуваат во Хрватска или транзитираат низ таа земја, со што вкупно за 2008 година се обезбедуваат 15.000 дозволи, информираат од ресорното министерство. Во случајов, мора добро да се размисли што сакал авторот да каже, па реченицата внимателно да се подели. Можеби вака: Дополнителната квота на билатерални транзитни дозволи е обезбедена на барање од македонското Министерство за транспорт и врски. Таа треба да ги надополни редовните 10.000 дозволи, наменети за македонските превозници кои превезуваат во Хрватска или транзитираат низ таа земја. Така, за 2008 година сега се обезбедени 15.000  дозволи, информираат од ресорот.
Еве уште еден таков пример: Доколку Македонија не го сочува националното достоинство како нереспектирана држава нема да оствари ниту една стратешка цел, и покрај приказните што ги слушаме од меѓународната заедница, а со губењето на националниот идентитет ќе оживеат вековните аспирации на нашето опкружување и со внатрешна дестабилизација сами ќе си ја растуриме својата национална држава. Проблемот на оваа реченица не е само нејзината сложеност и должината, туку и збрканите мисли во неа. Затоа, ќе ни биде потребно повеќе време да најдеме задоволувачко решение. Да речеме, вакво: Ако Македонија не го сочува националното достоинство, како непочитувана држава, нема да оствари ниту една стратешка цел. Ова ќе се случи наспроти  приказните што ги слушаме од меѓународната заедница. Со губењето на националниот идентитет, пак, ќе оживеат вековните аспирации на нашето опкружување. Со внатрешна дестабилизација, сами ќе си ја растуриме својата национална држава.

Quote:Прости или сложени реченици? Тоа е тема на оваа, десетта по ред статија, од серијата посветена на тие што сакаат да ја унапредат вештината за пишување. Се надевам дека во претходната статија ве предизвикав со малку поинакво гледање на нештата од „доктрината“ на јазичарите. Еве уште еден предизвик за вас.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар


Зошто просто, кога поубаво е сложено?

Многу често дилемата дали да се подели една сложена реченица на две или на неколку прости, или, обратно, од две или неколку прости да се создаде една сложена реченица, има првенствено стилистичка димензија. Еве карактеристичен пример за тоа. Макпетрол од утре ќе престане да испорачува керозин за потребите на националниот авиопревозник МАТ. На ваков чекор нафтената компанија се одлучила бидејќи МАТ кон неа има долг од околу 1 милион евра. Прашање е дали е подобро овие две реченици да се поврзат во една?
Спојувањето на двете реченици во една ќе биде поекономично, но дали во овој случај авторот ќе постапи така, сепак, е негова автономна одлука. Таа одлука зависи од целината на текстот, од тоа дали соседните реченици се сложени или прости, од ритамот на исказот и слично. Ако сепак се определи за спојување, еве го решението: Макпетрол од утре ќе престане да му испорачува керозин на МАТ, бидејќи националниот авиопревозник му должи 1 милион евра.
Веќе научивме дека секако мора да го избегнуваме нижењето кратки реченици во телеграфски стил, за што веќе стана збор. Како во следниот пример. Двајца разбојници вчера во 8.45 часот го ограбиле С.Р. (39) од Скопје. Тој е вработен во ЈП “Македонски пошти”. Тие од поштарот украле 400.000 денари. Составувањето на една сложена реченица во овој случај се наметнува како императив: Двајца разбојници вчера во 8.45 часот го ограбиле поштарот С.Р. (39) од Скопје и му зеле 400.000 денари. Патем, информацијата дека човекот бил вработен во ЈП “Македонски пошти” е редундантна, бидејќи сите поштари во Македонија се вработени во тоа јавно претпријатие (друго нема).
Подолу во текстот, каде што детално се објаснува овој тривијален настан, има уште две реченици што мора да се поврзат. Напаѓачите ја пребарале чантата на поштарот и ги зеле парите. Веднаш потоа побегнале во непознат правец. Треба вака: Напаѓачите ја пребарале чантата на поштарот, ги зеле парите и избегале. Фразата веднаш потоа е редундантна, зашто кога се бега, по правило се бега веднаш, не се пие прво кафе. И клишираната фраза во непознат правец е редундантна – какво е тоа бегство кога човек бега во познат правец?
Важно е да се нагласи дека во претходните примери имаме координативно поврзување на простите реченици во сложена реченица: дел-речениците на новата сложена реченица се во однос на координација односно паратакса.
Понекогаш е можно дури и три реченици да се спојат во една сложена. Еве пример. Премиерот на Камбоџа, Хун Сен, овие денови донесе необична одлука. Тој ги забрани изборите на најубави девојки, што во изминатите години во оваа будистичка земја беа чести спектакли. Тие го зголемија бројот на кандидатките и влијанието во јавноста, посебно кај медиумите. Сложената реченица би гласела вака: Премиерот на Камбоџа, Хун Сен, овие денови донесе необична одлука и ги забрани изборите на најубави девојки, што во изминатите години во оваа будистичка земја беа чести спектакли, кои го зголемија бројот на кандидатките и влијанието во јавноста, посебно кај медиумите. Како што забележуваме, речениците тука се поврзуваат главно субординативно, што ја прави структурата на сложената реченица поцврста.

Техники на спојување на простите реченици

Типичен пример на субординативно поврзување е користењето на т.н. партиципативни фрази. Остануваме со текстот за камбоџанските убавици. Ќе ги поврземе следните реченици: Претседателот на Владата, кој ужива голем углед меѓу сонародниците, уште пред две години имал намера да ги прекине изборите за убавица. Тој се води од идејата дека парите кои се трошат за оваа приредба, би било подобро да се употребат за развој на земјоделството. Зборовите тој се води од идејата ќе ги замениме со фразата водејќи се од идејата, која ќе биде врската меѓу дел-речениците. Така: Претседателот на Владата, кој ужива голем углед меѓу сонародниците, уште пред две години имал намера да ги прекине изборите за убавица, водејќи се од идејата дека парите кои се трошат за оваа приредба би било подобро да се употребат за развој на земјоделството.
Еве сличен пример. Неодамна Владата беше принудена да ја национализира третата по големина банка во земјата, Глитнир. Владата плати 600 милиони евра за 75 проценти од нејзините акции. Сложената реченица гласи вака: Неодамна Владата беше принудена да ја национализира третата по големина банка во земјата, Глитнир, плаќајќи 600 милиони евра за 75 проценти од нејзините акции.
Односот на субординација е послаб во примерот на поврзувањето на следните реченици. Во август САД и Либија потпишаа договор за обесштетување на жртвите од конфликтот меѓу двете држави. Договорот ќе овозможи меѓусебно зближување после неколку десетици години од прекинувањето на дипломатските односи. Спојувањето ќе го завршиме со едноставно заменување на зборот договорот од втората реченица, со заменката кој. Така: Во август САД и Либија потпишаа договор за обесштетување на жртвите од конфликтот меѓу двете држави, кој ќе овозможи меѓусебно зближување после неколку десетици години од прекинувањето на дипломатските односи. Ваквата врска што се воспоставува меѓу дел-речениците се нарекува референтна врска.
Во примерот кога врската е зборот бидејќи (веќе ја наведовме реченицата Макпетрол од утре ќе престане да му испорачува керозин на МАТ, бидејќи националниот авиопревозник му должи 1 милион евра), зборуваме за причинско-последична врска.
Еве уште еден таков пример. Во Белгија денеска има национален штрајк на синдикатите. Јавниот сообраќај е многу отежнат. Железничкиот сообраќај на линиите на брзите возови Евростар и Талис е во прекин. Трите реченици ги доведуваме во причинско-последична врска: Во Белгија денеска има национален штрајк на синдикатите, поради што јавниот сообраќај е многу отежнат, а железничкиот сообраќај на линиите на брзите возови Евростар и Талис е во прекин.
Во другите случаи што ги наведовме, зборуваме за граматичка или за логична врска меѓу дел-речениците. Еве уште еден таков пример: Синдикатите протестираат затоа што Владата не успеа да одговори на зголемувањето на цените. Тие ја повикуваат да преземе чекори за ублажување на последиците од инфлацијата. Овие две реченици ги поврзуваме едноставно, паратаксично, логично:  Синдикатите протестираат затоа што Владата не успеа да одговори на зголемувањето на цените и ја повикуваат да преземе чекори за ублажување на последиците од инфлацијата.
Пример на логична врска е и вметнување временска одредница меѓу дел-речениците. Американскиот синџир на популарни кафетерии Старбакс е обвинет од екологистите за неразумно трошење и расфрлање со водата. Претходно, беше откриено дека неговите локали трошат 23 милиони литри вода за пиење. Овие две реченици ќе ги споиме во сложена, употребувајќи го зборот откако. Така: Американскиот синџир на популарни кафетерии Старбакс е обвинет од екологистите за неразумно трошење и расфрлање со водата, откако беше откриено дека неговите локали трошат 23 милиони литри вода за пиење.
Токму како и при разделувањето на долгите и конфузни сложени реченици, така и при спојувањето на кратките збркани реченици во сложена, многу често се потребни поголеми интервенции во исказот, промена на реченичниот акцент и слично. Така е со следниве реченици. Вчера се одржа големиот хуманитарен меѓународен концерт Те сакаме сите, Тоше, на Градскиот стадион во Скопје. Концертот, во чест на македонската музичка икона Тоше Проески, собра над 40.000 луѓе од земјава и од регионот. Тие скоро четири часа пееја за него. Ќе ги поврземе во единствена сложена реченица, но со поинаков реченичен акцент: Големиот хуманитарен меѓународен концерт Те сакаме сите, Тоше, кој вчера се одржа на Градскиот стадион во Скопје, во чест на македонската музичка икона Тоше Проески, собра над 40.000 луѓе од земјава и од регионот, кои четири часа пееја за него.

(Во следното продолжение: На кажувај, раскажувај!)
09-05-2020, 09:06 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#11

Quote:Не кажувај, раскажувај!

Од Бранко Героски Објавено 05/05/2020 
[Image: moliv-hartija-pixabay-750x430.jpg]


Сега, после десет статии посветени на зборовите и на речениците – кои, се надевам, ви помогнаа барем малку да ја унапредите вештината на пишување – можеби е време повторно да се навратиме на постапки на развојот на пишаниот текст. Како што веќе рековме, станува збор за следните постапки: опишување (дескрипција), раскажување (нарација), анегдотска нарација (хумор и сатира), пренесување на директен говор (цитати и дијалог), известување (рапорт), аргументирање (расправа) и беседење (говор). Во мојата книга „Научи да пишуваш“, која ќе ви ја подарам на крајот од овој серијал, на овие постапки се осврнувам во последната глава.
Една статија веќе посветивме на опишувањето (дескрипцијата). Оваа статија ќе ја посветиме на раскажувањето (нарацијата). Една од најголемите тајни на овој занает се содржи во едноставната максима – не кажувај, раскажувај! Раскажувањето има чудотворна моќ, тоа на исказот му дава магиска привлечност. Нарацијата го поттикнува и го одржува вниманието на читателот, го подготвува за кулминацијата на возбудата, создава очекувања за пресврти.
Приказните, полни со интересни ликови, заводливи описи и со богати. а сепак едноставни фабули, се првата лектира во нашиот живот. Да се потсетиме: нашата прва средба со прозата се приказните како Црвенкапа, Снежана и седумте џуџиња, Пепелашка, Пинокио и други. Ги слушавме како деца, а сега им ги раскажуваме на нашите потомци. Тие, едноставно, се евергрини.
Но, што е она што ги чини такви? Одговорот на ова прашање е многу едноставен – читателот ги препознава фабулите како класични обрасци на безвремените животни приказни (борбата на доброто и злото, на пример), лесно се идентификува со оформените и стандардизирани ликови и секако, ужива во мајсторијата на раскажувачот. Впрочем, тоа се основните причини поради кои и возрасниот читател ужива во раскажувањето, а наративните елементи сѐ повеќе се составен дел и на журналистичкиот израз.


Quote:Една статија веќе посветивме на опишувањето (дескрипцијата). Оваа статија ќе ја посветиме на раскажувањето (нарацијата). Една од најголемите тајни на овој занает се содржи во едноставната максима - не кажувај, раскажувај! Нарацијата е постапка на развојот на текстот која е присутна во многу новинарски и белетристички жанрови, но и во други форми на изразување, дури и во научните трудови. Затоа, обрнете внимание на овој текст.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар


Перспективата на нараторот

Основниот модел на нарација е раскажувањето во трето лице, тогаш кога авторот раскажува од перспективата на непознат или скриен наратор, кој не е ограничен од сопственото присуство во просторот и времето. Но, многу користен модел на нарација е и тој кога авторот раскажува во прво лице. Еве еден извадок од расказот Раби божји пасквелски од Живко Чинго, во кој се испреплетени двата модела на раскажување, иако сепак доминира основниот модел:
Видомалци беа исфрлани на плуската и под плуската. Низ Видомаало течеше Вилинската река. Во неа го фрлавме крстот за Свети Јон. Тоа е голем и многу тежок празник. Свети Јон. Тогаш се крштаваше водата, се попрскуваа лозјата, со ‘ржаница натопена во крстената вода ги врзувавме черешните и другите емивчиња, ја поевме стоката, децата, младите. Најпознати видомалци беа Пумпалоските и Латкоските. Пумпалоските Стојан, Паско, Коле, Вангел, Крсте Талашата, Климе и уште многу други ги имаше. Пумпалоските беа воденичари и имаа многу чисто срце. Како леб беа добри. Не ги мамеше ниту власт ниту политика. Беа многу весел сој луѓе. Ги викаа о п е р а. Латкоските беа големи политичари и големи газди. Од Ламбета беа Кире, Здравко, Донка, Косте, Димче и Стефка. Од Ташко Јонче, Трајан, Косте, Томе и Драгица. Сватот Ташко целиот беше занесен во политиката, а знаеше и времињата да ги толкува. По ветрот погодуваше какво време ќе има. Но најпрочуен од видомаалците беше Коле Јоноски Пумпалоски – Голтакот. Овој беше прв народен поет, астроном и филозоф. Тој небото го знаеше како својата рака, далечните yвезди тој само со неколку зборови та слегуваше близу до земјата, до вршињата на дрвјата. Никогаш веќе не се изнагледавме ѕвезди од тие денови со поетот низ градините. Бели, сини, црвени, златни, зелени секакви ѕвезди тогаш имаше по небото, запливани, заитани, како море, како многу мориња, безброј… Сите него го имаа напуштено, жена, деца, браќа, родот, сите освен децата, младите од селото. Тој над се беше раб народен. Да поживее песната негова за векови. Еднаш три години занеме, тоа беше во времето на колективот. Еднаш во тие години го видов како плаче, одеше по навискиот пат и плачеше, о ѕвезди, о ѕвезди, о високи ѕвезди, шепотеше и ништо друго не говореше. О ѕвезди, ѕвезди, високи ѕвезди…      
Забележливо е дека во овој текст авторот се колеба во поглед на моделот на раскажување – тој главно раскажува во трето лице, но повремено и во прво лице множина (го фрлавме крстот, не се изнагледавме ѕвезди, го видов како плаче итн). Се разбира, тоа не е случајно. Поентата на тоа менување на перспективата е во следново: кога раскажува во прво лице, нараторот создава впечаток на блискост со читателот и на веродостојност на исказот; но, тој модел на раскажување има и извесни ограничувања, бидејќи нараторот  раскажува само за работи што ги видел, доживеал, слушнал или ги забележал, а човековиот опит е ограничен со просторот и со времето (никој не може веродостојно во прво лице да раскажува за време во кое не живеел и за простор каде што нема стапнато). Затоа, мајсторот Чинго, кој си задал тешка задача да ги раскаже историите на „рабите божји пасквелски“, решил да се приклони кон моделот на нарација во трето лице, а тоа значи да раскажува од перспективата на еден скриен наратор, кој гледа сѐ, знае сѐ и помни сѐ.
Сепак, раскажувањето во прво лице има посебна привлечност. Типичен пример за тоа е романот Кога цветаа тиквите од Драгослав Михајловиќ, кој всушност е нарација во прво лице, исповед на еден обичен човек преточена на хартија низ перото на нараторот. Во оваа пригода, како типичен пример на раскажување во прво лице, ќе го наведеме расказот Поштарот на нашиот писател Драги Михајловски. Еве еден кус извадок од тој расказ:
Уште не сфаќам што навистина ми се случи тоа петочно утро во приземјето од она зградиште во Чаир. И, ми се чини, сѐ помали ми се шансите да сфатам, посебно сега дури се транкам, вака сплескан, со намален мозок, во затворениот вагон на еден од возовите македонски. Додуша, никогаш не сум можел ни да се пофалам со некаква си памет, малку господ ми делил, сполај му, затоа и сум или до скоро бев само обичен поштар. Перо Врвката ме викаат, прекар по мерка, оти годиње наназад, а се најдев малку во тесно, ќе речев работата е врвка“, а на луѓето толку им требаше, врвката овој, врвката оној, врвка ме завикаа иако сега, по сѐ што сторив и низ кое минав, може да ме викате и Перо Мафот оти работата, очигледно, ептен ми е врвка или поточно мав како што велеше покојниот ми татко, бог да го прости. Затоа сум смален, без виделце, телцето насекаде ме боли, не знам во кој правец се дрецкам, дали е дење или ноќе, дали ова сум влегол во пензијата до која бев толку близу или во смртта, или во животот по смртта, не дај боже. Или само ја издржувам божјата казна за она што го сторив па сега морам на темницата – ако има уши да ме чуе – по стопати, фрлен на валканиот под над раштраканите шини, да ѝ кажувам како се случи сѐ, во што зорт се најдов и како, ко на мајтап, стигнав до дереџево.
А беше обично, сиво, предбожикно утро. Мошоркаше снеже по расјето пред влезот од она зградиште број еден. Студ – цибрина. Влегов во приземјето со подноктица во душата и мразулиња на мустаќите. Ми се чини, за првпат, поштенските сандачиња ме препознаа и се наежија со зинати усти. Од торбата го извадив единственото писмо за таа седумкатна зграда. И таман сакав да ја смирам возбудата кај накострешените сандачиња кога синото писмо наеднаш се отвори и од пликот излезе еден силен чад и се направи еден облак пред мене и веднаш од облак што беше се престори на црн ѓавол со рогови, крила и опашка за триста стравови и туку ми свика на лутина…
Начело на прогресија
Најчестиот и наједноставен начин на раскажување е кога се следи хронолошкиот ред на настаните. При ваквото раскажување, кое им се препорачува на почетниците, ама го обожаваат и мајсторите на нарацијата, најважно е да се внимава на начелото на прогресија. Повремените епизоди и отклонувања од текот на приказната, како и описите и дијалозите кои го збогатуваат исказот, не смеат да го загрозат темпото со кое приказната напредува кон очекуваниот крај. Се разбира, темпото на прогресија понекогаш се забрзува или се забавува намерно, за да се постигнат драмски ефекти – изненадување, одложување, пресврт. Но, треба да се биде внимателен, за да не попушти вниманието на читателот.
Има, се разбира, многу други начини на раскажување. Еден од нив, на пример, е кога нараторот раскажува ретроспективно: на најблиските настани им посветува најголемо внимание, додека на подалечните – помало внимание. Практично, може да се каже дека нема цврсти правила за тоа како се развива фабулата. Понекогаш уметничката постапка бара приказната да се раскаже на најнеобичен начин, од крајот кон почетокот. Многу често раскажувањето почнува некаде „од средината“, па раскажувачот во времето се движи во најразлични насоки, а сепак успева да го одржи вниманието на читателот . Романот Дворови од орев од познатиот хрватски колумнист Миленко Јерговиќ е едно такво дело лое се одликува со развиена и необична наративна структура.
Од двата извадока од расказите на Чинго и на Михајловски, заклучуваме кои се стилистичките барања што му се наметнуваат на добриот раскажувач – да раскажува живо, пластично, впечатливо, допадливо. Тоа се постигнува со употреба на семантички прецизни зборови, но пред сѐ со богат лексички фонд, кој го плени читателот. И Чинго и Михајловски употребуваат несекојдневни зборови (кај Чинго – черешни, емивчиња, вршињата на дрвјата, ѕвезди запливани, заитани како море; , кај Михајловски – зградиште, се транкам, годиње наназад, се дрецкам, мошоркаше снеже по расјето). Се разбира, многу е важна и метафоризацијата на исказот односно употребата на фигуративни изрази.

Глаголите се основниот алат на раскажувачот

Сепак, за нараторот е најважно како ги употребува предикатните форми. Ако за придавките може да се каже дека се основен алат при опишувањето, глаголите се основно средство на нарацијата. Освен што од нас се очекува да употребуваме глаголи кои прецизно или метафорично го опишуваат дејствието, многу е важно да се демонстрира и разновидност во глаголските облици и времиња.
Така, во извадокот од расказот на Чинго среќаваме главно глаголи во минато определено време, но и во сегашно време (Тоа е голем и многу тежок празник), та дури и заповеден начин во една реченица (Да поживее песната негова за векови). И во извадокот од Михајловски се раскажува главно во минато определено време, но ја среќаваме и глаголската л-форма (Никогаш не сум можел ни да се пофалам со некаква си памет), идно минато време (а се најдев малку во тесно, ќе речев работата е врвка), а секако и сегашно време (Затоа сум смален, без виделце, телцето насекаде ме боли, не знам во кој правец се дрецкам…)
И во книжевноста, а особено во новинарството, многу често за раскажување се користи т.н. историско сегашно време. Нараторот раскажува во сегашно време, а всушност за минатото. Еве извадок од еден кус дневничен запис на Блаже Конески, озаглавен со датумот 24 септември 1986 година:
…Немаме поим каде се наоѓаме. Чекаме долго да запре некој такси. Фрчат покрај нас безброј камиони и коли. Особено камионите одат на нерви. Најпосле спас. Не зема еден приватен таксист и не остави кај хотел Росија од страната на реката. За ова време небото се изведри и сонцето раскошно го прелива градот…
Ова е класичен пример на употреба на историско сегашно време. Но, кај авторот на записот имаме извесно колебање во поглед на употребата на времињата. Тоа колебање може да се смета за битна стилска недоследност во наведениот текст. Имено, два пати авторот го напушта сегашното време и раскажува во минато определено време (Не остави кај хотел Росија и Небото се изведри). Се надевам дека нема да биде претенциозно ако забележиме дека двата глагола требало да се „преведат“ во сегашно време, за исказот да биде стилски подоследен.
Во слична функција како и сегашното време, нараторите го употребуваат и идното време. Како во следниов пример:
Утрото на 2 август 1903 година звукот на камбаните во Крушево ќе го означи почетокот на Илинденската епопеја. Востанието и десетдневната Крушевска република, прва на Балканот, ги означува стремежите на македонскиот народ за самостојна држава со демократско уредување. Републиката ќе биде инспирација за идните генерации македонски револуционери…
Македонскиот јазик нуди богатство на глаголски форми, кои на раскажувачот му овозможуваат комотно и инвентивно да ја развива фабулата. Сепак, младите, па и поискусните автори, треба да го имаат предвид фактот дека сѐ почесто се избегнува прекажувањето (односно употребата на минато неопределено време и глаголската л-форма), а во новинарските форми особено се инсистира да се избегнува мешањето на глаголските времиња, што може да доведе до нејаснотии во изразот.
Конечно, да го кажеме и тоа дека добриот наратор развивањето на фабулата го комбинира со описи кои даваат сликовитост на приказната, со дијалози кои ги засилуваат драмските ефекти и со рефлексии на авторот кои ја збогатуваат нејзината содржина.

(Во следното продолжение: Реченица по реченица – параграф)
09-05-2020, 09:09 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#12

Quote:Реченица по реченица – параграф!

Од Бранко Героски Објавено 06/05/2020 
[Image: masina-za-kucanje-pixabay-750x430.jpg]

Напредуваме. Посветивме многу внимание на зборовите и на фразите, а потоа научивме како од нив составуваме прости и сложени, кратки и развиени реченици. А речениците, пак, се групираат во параграфи (во нашиот јазик се среќава и терминот пасус, но ние сепак ќе се определиме за зборот параграф).
Како што е познато, параграфите се означуваат со посебни графички средства – секој параграф почнува со вовлечен, нов ред и трае до следниот нов ред. Смислата на ова обележување не е само да сигнализира дека параграфот е посебна, самостојна и основна структурна единица на композицијата на текстот – важно е и текстот графички да се „разбие“ во делови, за така полесно да се чита.

Еден параграф – една мисла

Главна одлика на параграфот е што содржи една главна, централна идеја, една фокусна мисла, една органски логичка, наративна, кохерентна и самостојна секвенца во рамките на текстот. Од оваа дефиниција произлегуваат следните карактеристики на параграфот.
Прво, тој мора да содржи една фокусна мисла. Еден параграф, една идеја – не две, три или повеќе. Исклучоци, се разбира, секогаш има, но мора да бидеме внимателни, бидејќи најчестата грешка во параграфирањето е кога се трудиме во еден параграф да соопштиме повеќе идеи, при што дури не е секогаш јасно кои од нив се главни, а кои споредни.
Второ, основната мисла во параграфот треба да се заврши, да се објасни, да се „одбрани“, пред да се премине на следната идеја и на следниот параграф. Не е препорачливо една идеја да се разбива во повеќе параграфи, бидејќи така се губи основната смисла на параграфирањето.
Важноста на идејата за целината на текстот ја определува големината на параграфот. На најважната идеја, природно, мора да ѝ посветиме најголемо внимание, а тоа секако ќе се одрази на големината на параграфот. Од друга страна, големината на параграфот понекогаш ја определуваат други фактори, кои не се нужно поврзани со неговата функција во композицијата на текстот. Така, на пример, новинарското изразување во печатот налага да пишуваме кратки параграфи. Ова барање е поврзано со навиките на читателот и со неговите потреби.
Quote:Оваа, дванаесетта по ред од серијата статии посветени на тие што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, како и следната, се за параграфирањето. Верувам дека до сега на разни места сте прочитале многу статии за јазикот, во кои се коментира за зборовите и за речениците, теми на кои и ние им посветивме големо внимание. Но, мислам дека стручните текстови публикувани за пошироката јавност, кои се однесуваат на прашањето на структурирањето на параграфите и на текстот како целина, се прилично ретки. Затоа, мојот совет е да им посветите посебно внимание на оваа и на следната статија.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар
Во таков, но и во други случаи, правилото „еден параграф – една мисла“ може да се судри со начелото на рамномерност, кое нѐ упатува на тоа дека параграфите во нашиот текст треба да имаат рамномерна големина. Решението на проблемот треба да се побара на друга страна – централната идеја може да се расчлени на неколку идеи, кои ќе бидат разработени во повеќе посебни параграфи, по кои ќе следи премин кон новата идејна секвенца, кој ќе се означи со посебна модална фраза или реченица од транзитивен карактер.
Трето, големината на параграфите често ја определува и видот на нашиот текст. Во прозните текстови, долгите параграфи вообичаено се одлика на доминација на дескриптивно-наративните над драмските елементи. Обратно, во кратките параграфи се чувствува присуство на емотивни и драмски елементи (драмски елемент е директниот говор, кој во новинарските текстови секогаш се пренесува во посебен параграф – цитатот треба да почне со нов ред и со него параграфот мора да заврши).
Повторувам, новинарите треба да знаат дека во новинарскиот израз се стремиме кон употреба на кратки параграфи. Според тоа, кон ова барање треба да се приспособи и начинот на нижење на идеите, нивната разработка и целокупната композиција на текстот.
И четврто, параграфите понекогаш се поврзуваат едноставно и логички, така како што се нижат и нашите мисли, но често е неопходно да се употребуваат транзитивни елементи. Поврзувањето на параграфите треба да обезбеди логично и ефикасно напредување на текстот од почетокот кон својот крај. Не е секогаш лесно тоа да се постигне. Напротив, за да се задоволи тоа барање, потребна е креативност, но и вештина и рутина.

Структура на параграфот

Основната идеја на параграфот ја одразува неговата фокусна реченица. Таа е најважен елемент на структурата на параграфот. Да се обидеме да ги идентификуваме фокусните реченици во новинарскиот извештај под наслов Книжевната награда Балканика за српскиот писател Владислав Бајац, кој се состои од четири, релативно куси и рамномерни параграфи.
(1) Српскиот писател Владислав Бајац вчера ја доби книжевната награда Балканика, за книгата Хамам Балканија. Прогласувањето се случи во Скопје, а организатор на единаесеттото доделување на Балканика беше издавачката куќа Магор.
(2) Бајац (1954, Белград) е автор на неколку стихозбирки, книги раскази и романи, како и добитник на награди на светскиот конкурс за хаику-поезија во Токио, во 1991 и во 1993 година. Неговата проза и поезија се преведени на десетина странски јазици, а негови дела се објавени во Франција, Македонија, Бугарија и во Русија. Во моментов е директор на издавачката куќа Геопоетика во Белград и е потпретседател на српскиот ПЕН центар.
(3) За годинашната награда Балканика конкурираа четири романи и две поетски дела – на Алек Попов од Бугарија, Башким Шеху од Албанија, Такис Теодоропулос од Грција, Аура Кристи од Романија и на македонската писателка Лиљана Дирјан. Со жирито претседаваше Василе Андру од Романија, а негов член од Македонија беше Елизабета Шелева.
(4) Единствен македонски добитник на високото книжевно признание на Балканот е писателот Венко Андоновски. Тој Балканика ја доби во 2002 година, за романот Папокот на светот.
Да ги идентификуваме сега фокусните реченици односно носечките идеи во секој параграф. 1. Српскиот писател Владислав Бајац ја доби книжевната награда Балканика, за книгата Хамам Балканија. 2. Бајац е автор на неколку стихозбирки, книги раскази и романи. 3. За годинешната награда Балканика конкурираа четири романи и две поетски дела. 4. Единствен македонски добитник на највисокото книжевно признание на Балканот е писателот Венко Андоновски.
 
Фокусните реченици – ‘рбетот на текстот
Како што може да се забележи, со просто поврзување на фокусните реченици, можеме да составиме дури и куса вест за настанот, што зборува дека извештајот е структуриран едноставно, школски. Но, сега ќе анализираме малку посложен текст. Станува збор за интересна приказна пренесена од лондонски Гардијан, под наслов Крф сака независност од Атина. Текстот се состои од пет поголеми, но рамномерни параграфи:
(1) Островот Крф, една од најатрактивните туристички дестинации во Медитеранот, за прв пат во својата историја најавува дека ќе покрене процес за автономија и за отцепување од Атина, пишува лондонски Гардијан. Весникот наведува дека разидувањето меѓу локалното население и тамошните бизнисмени и владата во Атина е мошне големо, а луѓето од островот се гневни на грчките политичари, кои го имаат целосно заборавено Крф, иако од него секоја година извлекуваат милијарди евра.
(2) Политичарите во главниот грчки град се обвинуваат дека се вовлечени во многубројни скандали и дека големите пари што ги добиваат од Европската унија за побрз развој на недоволно развиените подрачја на земјата, главно завршуваат во нивните џебови. Затоа, група од најугледни претставници на островот ќе формираат партија која за две години ќе се појави на локалните избори и ако победи, таа веднаш ќе организира референдум за отцепување од Грција.
(3) Хари Цукалас, истакнат претприемач од островот, кој стои зад барањето за автономија, вели дека приклучувањето на Крф кон Грција во 1864 година било голема грешка, поради која луѓето од островот ќе жалат засекогаш. Автономистите се жалат дека грчката централна влада на Крф не вложува ништо, па островот изгледа запоставен и запустен, со патна мрежа која е изградена уште од времето кога Британците владееле со Крф во средината на 19 век. Островјаните се жалат дека ниту во 2008 година Крф нема болница, а новороденчиња сѐ уште умираат поради тоа, иако таму живеат 150.000 луѓе, меѓу кои и 15.000 британски државјани.
(4) Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф, за Гардијан вели дека плановите за автономија се чиста глупост. Тој се заканува дека Атина никогаш нема да прифати разговори за автономија, ниту пак за отцепување на островот. Весникот потсетува дека политичката состојба на Крф е отежната по крвавите немири што се организирани од незадоволните островјани, во кои при интервенција на специјалната полиција, дојдена од Атина, загинаа една жена и две деца. Ниту во времето на диктатурата на полковниците, грчките влади не испраќаа специјалци против голоракиот народ, вели Цукалас.
(5) Крф во својата историја имал многу господари, а дел од Грција е од 1864 година, кога Британците одлучиле да им го предадат на атинските власти. За возврат, Грците се согласиле да прифатат крал кој бил близок до британската круна.
Еве ги фокусните реченици на параграфите. 1. Островот Крф за прв пат најавува дека ќе покрене процес за автономија и за отцепување од Атина. 2. Група од најугледни претставници на островот ќе формираат партија, која ќе се појави на локалните избори и ако победи, ќе организира референдум за отцепување од Грција. 3. Автономистите се жалат дека грчката централна влада на Крф не вложува ништо, па островот е запоставен и запустен. 4. Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф се заканува дека Атина никогаш нема да прифати разговори за отцепување на островот. 5. Крф е дел од Грција од 1864 година, кога Британците одлучиле да им го предадат на атинските власти.
Ваквото разложување и определувањето на фокусните реченици на параграфите е многу полезна вежба, но не само за да разбереме дека околу нив се развива целата структура на параграфот и на целината на текстот. Има и една друга, практична причина да посветиме посебно внимание на ваквите вежби. Имено, наједноставниот начин да се испланира и да се организира еден текст е да се смислат и да напишат фокусните реченици, кои ќе бидат ‘рбетот на текстот.

Други елементи на параграфот

Фокусната реченица вообичаено е воведната реченица во параграфот. Така е со сите фокусни реченици во извештајот за лауреатот Бајац, на пример. Но, не мора секогаш да биде така. Всушност, често се случува потребата од покреативна транзиција меѓу параграфите да нѐ наведе воведната реченица во параграфот да биде посебна, транзитивна реченица. Нејзината задача е да го поврзе новиот параграф со претходниот, вообичаено со последната реченица од претходниот параграф.
Пример за тоа е вториот параграф во приказната за Крф. Тој се состои од две реченици, од кои фокусната, таа за најавата за партија и за референдум за отцепување, сепак е втората реченица. Првата реченица во параграфот е транзитивна – таа зборува за политичарите во Атина кои своите џебови ги полнат со пари од Европската унија и така се надоврзува на последната реченица од првиот параграф, во која се зборува дека луѓето од островот се гневни на политичарите.
И во четвртиот параграф фокусната реченица не е првата, туку втората. Воведната реченица (Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф, за “Гардијан” вели дека плановите за автономија се чиста глупост) го поврзува четвртиот со крајот од вториот параграф. Ова може да се смета за грешка во поврзувањето на параграфите, која се нарекува „коњички скок“. Но, се разбира, структурирањето на текстот не може секогаш да биде математички прецизно и совршено. Би било дури и здодевно да е така.
Покрај транзитивната и фокусната реченица, параграфот содржи една или повеќе реченици со поддржувачки факти. Така, на пример, воведната фокусна реченица во вториот параграф во извештајот за добитникот на „Балканика“ (Бајац е автор на неколку стихозбирки, книги раскази и романи, како и добитник на награди на светскиот конкурс за хаику-поезија во Токио, во 1991 и во 1993 година.) е поддржана од две реченици со поддржувачки факти, кои ја дообјаснуваат главната мисла (Неговата проза и поезија се преведени на десетина странски јазици, а негови дела се објавени во Франција, Македонија, Бугарија и во Русија. Во моментов е директор на издавачката куќа “Геопоетика” во Белград и е потпретседател на српскиот ПЕН центар.)
Конечно, параграфот може, но не мора да содржи и излезна реченица, чија цел е да послужи како ефектен крај или заклучок на темата на параграфот или како можност за поврзување со следниот параграф. Еве, на пример, како изгледа разложена структурата на четвртиот параграф од приказната за Крф.
Транзитивна реченица: Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф, за „Гардијан“ вели дека плановите за автономија се „чиста глупост’. Фокусна реченица: Тој се заканува дека Атина никогаш нема да прифати разговори за автономија, ниту пак за отцепување на островот. Реченица со поддржувачки факти: Весникот потсетува дека политичката состојба на Крф е отежната по крвавите немири што се организирани од незадоволните островјани, во кои при интервенција на специјалната полиција, дојдена од Атина, загинаа една жена и две деца. Излезна реченица: Ниту во времето на диктатурата на полковниците, грчките влади не испраќаа специјалци против голоракиот народ, вели Цукалас.

(Во следното продолжение: Техники на поврзување на параграфите)
09-05-2020, 09:12 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#13

Quote:Техники на поврзување на параграфите

Од Бранко Героски Објавено 07/05/2020 17:30:04
[Image: listovi-paragrafi-pixabay-750x430.jpg]

Веќе рековме дека фокусната реченица ја искажува главната мисла односно централната идеја на параграфот. Таа е неговиот фокус. При објаснувањето на структурата на реченицата, зборувавме за реченичниот акцент – тоа е воведниот дел од реченицата, кој го одразува нејзиниот најважен, фокусен дел.  И така како што со отстапување од стандардниот збороред и со инверзии во реченицата можеме да го менуваме акцентот, можеме да го менуваме и фокусот во параграфот. Еве пример за тоа:
Смртната казна не влијае врз криминалот во САД. Статистиката покажува дека во државите каде што постои смртна казна има речиси исто толку убиства како и во државите каде што капиталната казна е укината. Од друга страна, смртната казна се применува неправедно. Така, статистиката покажува дека сите вакви казни им се изречени на мажи, а девет од десет смртни пресуди им се изречени на црнци.
Анализата на овој параграф покажува дека неговата фокусна реченица е воведната: Смртната казна не влијае врз криминалот во САД. Последната, излезна реченица (Статистиката покажува дека сите смртни казни им се изречени на мажи, а девет од десет смртни пресуди им се изречени на црнци), ја навестува воведната транзитивна реченица од следниот пасус, која би можело да гласи, на пример, вака: Според тоа, врз изрекувањето на капиталната казна влијаат половите и расните предрасуди. Дали оваа реченица ќе биде фокусна во параграфот што следи или само транзитивна, ќе одлучи авторот.
Но, да се вратиме на нашиот параграф. Според моето мислење, идејата изразена во излезната реченица на овој параграф е поатрактивна од неговата воведна, фокусна идеја. Имено, општо е познато дека смртната казна битно не влијае врз намалување на стапката на криминалот, како што вообичаено мислат нејзините заговорници. Но, за мене барем, нов е фактот дека сите смртни казни во САД им се изречени на мажи, а девет од десет – на црнци. Јас би се определил тоа да биде фокусната идеја во параграфот:
Смртната казна не влијае врз криминалот во САД, но уште полошо – таа ги продлабочува половите и расните предрасуди. Статистиката покажува дека сите смртни казни им се изречени на мажи, а девет од десет смртни пресуди им се изречени на црнци. Наспроти ова, во државите каде што постои смртна казна има речиси исто толку убиства како и во државите каде што капиталната казна е укината.
Со ова извршивме целосна промена или шифтување на фокусот на параграфот. Оваа постапка е важна при саморедактирањето и при редактирањето на текстот. Но сепак, препорачливо е да направиме сѐ што е неопходно во нашите текстови да не бидат нужни вакви сложени претумбации во параграфите, кои понекогаш доведуваат и до нужно шифтување на другите параграфи и можеби до менување на целокупната композиција на текстот.
Затоа е важно пред да седнеме да пишуваме, темелно да ја обмислиме композицијата на параграфите и да ги скицираме нивните фокусни реченици. Тие треба да обезбедат кохерентна композиција и логично прогресирање на текстот.

Рамномерност, прогресија и кохеренција

Веќе нагласивме дека е важно параграфите да бидат со рамномерна должина. Зборуваме, значи, за начелото на рамномерност. Но, што значи зборот рамномерност? Од една страна, неспорна е потребата на секоја од фокусните идеи во текстот да ѝ биде посветено соодветно внимание. Но, сите идеи немаат иста важност за основната тема на нашиот текст – затоа инсистираме должината на параграфите да се одмери праведно и рамномерно, а сепак не како со шублер.
Второто битно начело што ја определува композицијата на еден текст е начелото на прогресија. Тоа налага текстот постојано да напредува од својот почеток кон својот крај, од параграф во параграф, следејќи ја мислата на авторот од почетниот мотив или идеја, до завршната слика или поента. Темпото со кое напредува текстот зависи од неговата должина, од жанровските особености и од многу други нешта, но едно е неспорно – текстот мора да тече постојано и незапирливо, како река.

Quote:Стручните текстови, публикувани за пошироката јавност, кои се однесуваат на прашањето на структурирањето на параграфите и на текстот како целина, се прилично ретки. Ова е вториот текст во овој серијал посветен на оваа тема. Веќе од следното продолжение продолжуваме со основните постапки во развојот на пишаниот текст. Веќе зборувавме за опишувањето и за раскажувањето, а следните статии ќе бидат посветени на анегдотската нарација (хумор и сатира), на пренесувањето директен говор (цитати и дијалог), на известувањето (рапорт), на аргументирањето (расправа) и на беседењето (говор).
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар

Повремените отстапувања од начелото на прогресија се нарекуваат дигресии. Тоа се делови од текстот кои се отклонуваат од главната тема, како што реката понекогаш се излева од своето корито. Дигресиите можат да ја збогатат целината на исказот, но мора да се користат внимателно и препорачливо е секогаш да се поврзат со модална фраза, со која авторот јасно и недвосмислено ќе укаже дека станува збор за намерна дигресија, односно за смислен прекин на течението на текстот. Во научните расправи работата ја олеснува тоа што дигресиите можат да се поместат во фусноти.
Во контекст на темата за која зборуваме, параграфирањето, посебно внимание ќе посветиме на начелото на кохеренција. Иако секој од параграфите има своја фокусна идеја и реченица што ја изразува, сите заедно мора да одговараат на темата и на тежиштето на нашиот текст. Така како што реченицата има свој акцент, а речениците во параграфот се обединуваат околу фокусната мисла, така и параграфите се поврзуваат на тој начин што ја третираат единствената тема и ја бранат единствената фокусна мисла на нашиот текст.
Поврзувањето на параграфите, значи, треба да биде кохерентно и цврсто. Во примерите што веќе ги спомнавме, извештајот за лауреатот на „Балканика“ и приказната за Крф, параграфите се поврзани едноставно и логично, во единствена, кохерентна композиција. Во едноставните новинарски форми (вест, извештај, приказна), во кои композицијата го следи хронолошкото или логичното нижење на фокусните идеи во параграфите, не е потребно тие да се поврзуваат со посебни врски меѓу излезните и влезните реченици или со посебни модални зборови и фрази. Токму обратно, младите новинари ги подучуваме да не ги „швајцуваат“ параграфите со одвишни модални зборови и фрази, кои многу често непотребно го пресекуваат природниот, логичен тек на мислата.

Отсуството на кохерентни врски создава нејаснотии

Но, мора да бидеме свесни и за фактот дека понекогаш и во наједноставните текстови среќаваме примери на отсуство на кохерентни врски меѓу параграфите, поради што тие наликуваат на купишта зборови натрупани без ред и поредок. Еве еден таков пример.
(1) Шумската полиција во Тетово не располага со доволен број вработени за да може професионално да им се спротивстави на дрвокрадците. Поради големите опустошени шумски пространства, дрвокрадците почнаа да посегаат и по приватни имоти.
(2) – Последните дождови ја турнаа земјата од селскиот рид и потоци вода почнаа да се слеваат по селските улици. Ридот на селото до пред три години беше целосно пошумен. Денес нема ниту едно дрво. Дневно гледаме и по десетина трактори и камиони кои натоварени со исечени дрва, заминуваат кон Мала Речица и кон Тетово – вели Шпетим Ајвази, жител на Мала Речица.
Од крајот на првиот параграф, овој текст буквално влетува во нов параграф со извод од директен говор (цитат), кој збунува, зашто сѐ до крајот на параграфот не е јасно кој зборува и за чиј опустошен селски рид и за чии селски улици по кои се слеваат потоци вода станува збор. Оваа слабост во композицијата создава нејаснотии и развива дури и мала нервоза кај читателот, која е доволна тој едноставно да престане да чита. Затоа, во ваквите случаи е потребно да пронајдеме посебни средства со кои ќе ги поврземе параграфите во кохерентна целина.
Еве уште еден пример на нарушување на начелото на кохеренција.
(1) Од почетокот на годината, на граничниот премин Богородица се откриени 28 случаи на фалсификувани патни документи од странски државјани, претежно жители на Косово. По издржувањето на триесетдневниот притвор, лицата се депортирани во нивната земја, а изречена им е и заштитна мерка забрана за влез во Македонија од три години.
(2) Минатата година, во периодот од јануари до август, биле регистрирани 32 случаи на откриени нелегални документи за патување во странство. Лицата најчесто се обидувале на нелегален начин преку овој премин да стигнат до европските земји – Швајцарија, Италија, Грција и други.
(3) На граничниот премин Богородица минуваат 730 патници и 150 возила на час, а  македонската гранична контрола извршува проверка на документите за патување во странство и ја констатира нивната валидност. Во почетокот на годинава, таму е инсталиран современ систем за верификација на патни исправи.
Во првиот параграф авторот зборува за преминувањето на Богородица со фалсификувани пасоши. Во вториот параграф веќе читаме некаква полугодишна статистика за лани, за која дури кон крајот на параграфот сфаќаме дека се однесува на овој граничен премин (а не на сите гранични премини во Македонија, како што би можело да се помисли). Во третиот параграф авторот пак се враќа на Богородица, но фокусната идеја односно носечката информација, за модерниот систем за проверка на пасошите, ја пласира предоцна, како неважна, секундарна мисла. Резултатот е една забележлива збрка во текстот.

Средства за поврзување на параграфите

Како ќе постапиме во овие два конкретни примера?
Во првиот пример, тој за дрвокрадците, вториот параграф ќе почне со  именска фраза, која на читателот веднаш ќе му ја понуди битната информација што недостасува – кој зборува и за што зборува:
(1) Шумската полиција во Тетово не располага со доволен број вработени и за да може професионално да им се спротивстави на дрвокрадците. Поради големите опустошени шумски пространства, дрвокрадците почнаа да посегаат и по приватни имоти.
(2) Шпетим Ајвази, жител на Мала Речица, раскажува за последиците од бесправната сеча за неговото село:
(3) – Последните дождови ја турнаа земјата од селскиот рид и потоци вода почнаа да се слеваат по селските улици.  Ридот на селото до пред три години беше целосно пошумен. Денес нема ниту едно дрво. Дневно гледаме и по десетина трактори и камиони, кои натоварени со исечени дрва, заминуваат кон Мала Речица и кон Тетово.
Зошто беше нужно вториот параграф да го поделиме на два? Потсети се – изводите од директниот говор (цитатите) секогаш почнуваат во нов ред (со цртичка или со наводници, зависно од изборот) и со нив параграфот завршува.
Вториот пример, текстот за преминот Богородица, бара повеќе интервенции. Еве го резултатот:
(1) Од почетокот на годината, на граничниот премин Богородица се откриени 28 случаи на фалсификувани пасоши од странски државјани, претежно жители на Косово. По издржувањето на триесетдневниот притвор, лицата се депортирани во нивната земја, а изречена им е и заштитна мерка забрана за влез во Македонија од три години.
(2) На овој граничен премин лани од јануари до август биле регистрирани 32 случаи на откриени нелегални документи за патување во странство. Лицата најчесто се обидувале преку овој премин илегално да отпатуваат во Швајцарија, Италија, Грција и во други европски земји.
(3) Големи главоболки на илегалните минувачи им задава современиот систем за верификација на пасошите, кој на Богородица е инсталиран во почетокот на годинава. Овој систем врши контрола на 730 патници и 150 возила на час, колку што е просечната фреквенција на преминот.
Еден од честите начини за поврзување на параграфите е воспоставувањето референтна врска – извлекуваме збор или фраза од претходниот параграф, со која ќе почне новиот параграф. Така, првиот и вториот параграф во нашиот текст за преминот Богородица се поврзани со фразата граничен премин – во првиот параграф се зборува за граничниот премин Богородица, а вториот почнува со фразата на овој граничен премин. Вториот и третиот параграф, пак, се поврзани со нова транзитивна реченица (Големи главоболки на илегалните минувачи им задава современиот систем за верификација на пасошите), чија цел е фразата илегалните минувачи да оствари референтна врска со лицата кои се обидувале нелегално да отпатуваат во европските земји, за кои станува збор во претходниот параграф.
Еве уште еден пример за воспоставена референтна врска меѓу два параграфа. Зборот активен ја означува врската:
Пожарот во Коџа Чаир на планината Беласица, меѓу селата Костурино и Куклиш, сѐ уште е активен. Огнот што напредуваше кон селото Дорламбос е ставен под контрола, информира Центарот за управување со кризи. 
Активен, но со намален интензитет, е и пожарот над селата Куклиш и Свидовица. Во гасењето вчера учествуваа хеликоптери на АРМ, кои ќе дејствуваат и денеска. За совладување на огнената стихија на терен се испратени 160 лица.

Модалните зборови и фрази на помош

Понекогаш е пожелно логичното поврзување на параграфите да се засили со модални зборови, како во овој пример:
Вчера попладне е пријавен пожар на планината Еленица, помеѓу селата Вељуса и Варварица. Во гасењето на огнот учествувале пожарникари од Струмица. Пожарот е сѐ уште активен, но е со намален интензитет.
Исто така, сѐ уште се активни пожарите околу кичевското селото Цер, каде што е зафатена нискостеблеста шума. Тлее и огнот во атарот на селото Дворци во Македонски Брод, на површина од 20 хектари.
Веројатно може и без модалната фраза исто така, но факт е дека таа сепак ја засилува логичката, редоследна врска меѓу двата параграфа.
Врска меѓу параграфите може да се оствари и со контраст, како во овој пример:
За прекинувањето на студената војна најмногу придонесе советскиот лидер Михаил Горбачов, кој дојде на власт во 1985 година и чија политика на перестројка и гласност ги отвори првите пукнатини во источниот блок. Се заврши со распуштањето Варшавскиот договор и со распаѓањето на Советскиот Сојуз. Запад се прогласи за победник во студената војна.
Но, гледај чудо. Неполни две децении подоцна, една од поразените сили, Русија, повторно изби на прв план. Таа се осмели со оружје да ја казни авантурата на вжештената претседателска глава од Тбилиси.
Мора да се признае дека кратката заповедна реченица Но, гледај чудо, која е носител на контрастот, многу елегантно ги поврзува двата параграфа. Во други случаи, носител на контрастот се вообичаените модални фрази од друга страна, наспроти тоа и слично.
Модална фраза, која упатува на бекграунд, исто така може да спои два параграфа. Фразата Како што е познато има таква задача во следниот пример:
На средбите на медијаторот Метју Нимиц со македонските и со грчките преговарачи за спорот за денеска и утре во Њујорк, нема да има преговори, туку тој само ќе го изложи својот предлог. Пред средбите во Њујорк, вчера за името заседаваше македонскиот државен и партиски врв, но не успеа да усогласи заедничка позиција.
Како што е познато, владејачката ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека двојната формула е најдоброто решение за надминување на спорот. Претседателот Бранко Црвенковски, пак, смета дека со тоа им се скратува можноста на македонските преговарачи активно да учествуваат на средбите со Нимиц и да ги претстават сугестиите на Македонија за подобрување на неговите досегашни предлози.
Врската меѓу два параграфа може да биде и причинско-последична. Зборот поради сигнализира таква врска во следниот пример:
Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија овој месец ќе биде поставена изложба на фотографии на Ива Димеска, насловена како Еден. Ова е втора, скратена верзија од премиерната изложба, која со поинаква концепција беше прикажана во Македонскиот културен центар во Њујорк.
Поради ограничените просторни можности, за изложбата се селектирани само 15 плотерски отисоци со големи димензии, создадени помеѓу 2002 и 2006 година. Во нив доминира јазикот на модата, сведен на чист жаргон.
Наспроти примерот на слабиот цитат од приказната за дрвокрадците на Шара, еден силен цитат исто така може да оствари врска меѓу два параграфа. Како во овој случај:
За струмичките домати нема извоз. Натоварени камиони и трактори скапуваат по дворовите на земјоделците и по патиштата, на екстремно топлото време. Струмичките земјоделци, разочарани и револтирани, не знаат што да прават со собраниот род, кој тежи стотици тони домати.
– Состојбата со доматите е катастрофална. Нема откуп. Род има, нема кој да го земе. Досега фрлив четири тони домати, а за десетина дена ќе ми пропаднат уште десет тони, ако продолжи вака – вели Ристо Велков од селото Василево.

Посложените жанровски форми бараат посилна врски меѓу параграфите

Многу често врска меѓу параграфите е заклучна фраза, или попрецизно, фраза со која почнува параграф кој содржи некаква заклучна мисла во однос на претходниот или на претходните параграфи. Такви модални фрази се затоа, според тоа, оттаму, да заклучиме и слично. Еве таков пример од една колумна:
Како и да е и што и да сме, премиерот си ја кркна статуетката за годишнината од смртта на Тоше Проески, за посебни заслуги за ликот и делото на оваа наша ѕвезда. Ајде ќе му простиме што беше облечен како шофер на пик-ап, ајде ќе му простиме за немуштиот, бездарен говор што го склепа, ама примитивниот, егоистички и утилитарен инстинкт да се нацрта каде што има маса-популос и каде се исплатува, е бескрајно одбивен.
Значи, теоретските маки отстапија за малку пред јакната на премиерот (на која, некој треба да му каже, да ѝ ги скрати ракавите, оти изгледа ко Ѕинго при југоносталгичарски говор или ко К. Монтено кога цепа емоција). Ми се наметнува реторичкото прашање: Има ли шнајдери во оваа држава, по ѓаволите? Да, има, но сите шнајдери се во политиката.
Еве дел од еден коментар во кој неколку последователни параграфи се поврзуваат со прашален збор или фраза, со емотивна модална фраза (какви што се за жал, за среќа и други) и со илустрација (на што упатува модалната фраза на пример):
Премиерот и претседателот влегоа во серија вербални политички рафали, која нема никаква смисла, а веќе му направи штета на нашето интеграциско конто во Брисел. Бараното единство се претвори во проблем, а кавгата во решение на проблемот. И покрај целиот апсурд, премиерот Груевски бара граѓаните да решат кому повеќе ќе му веруваат – нему или на Црвенковски?
Кому? Граѓаните ќе им веруваат на политичарите што ги решаваат проблемите, а не на тие што со кавга ги мултиплицираат. Ќе им веруваат на тие што дејствуваат како лидери на одговорноста, а не како дилери на неодговорноста. Тоа е вистинскиот македонски бенчмарк што некој треба да го исполни за да ја добие довербата на граѓаните.
За жал, засега нема индиции дека нешто ќе се смени во политичката култура. Воопшто и не треба да се прави длабока вивисекција, за да се види колкави димензии може да добие апсурдот.
На пример, Груевски неколкупати јавно побара од Црвенковски во Њујорк да го реши проблемот со името. Се разбира, ваквата понуда на одврзани раце беше дадена со голема иронија, а потоа повторувана и од други членови на Владата.
Што остана под превезот на таа иронија? Пораката дека премиерот не може да го реши проблемот и дека нема единство за тоа прашање. Дека имаме еден Нимиц во спорот со Грција, но дека ни треба уште еден за да ги пегла и несогласувањата на домашен терен.
Посочивме само неколку примери на поврзување со модални зборови и фрази, кои ја сигнализираат и ја засилуваат врската меѓу параграфите, во согласност со односите меѓу фокусните реченици во нив. Колку што се посложени жанровските форми, толку повеќе се усложнуваат односите на синтетизирање, спротивставување, компарирање, заклучување, сумирање итн. Затоа и се јавува нагласена потреба од поврзување на параграфите со посебни средства. За среќа, нашиот јазик нуди огромно богатство на модални зборови и фрази, кое може да го изрази богатството на односите меѓу фокусните идеи во параграфите и нивната комуникација со централната идеја во текстот.

(Во следното продолжение: Елементите на хумор и сатира го збогатуваат нашиот текст)
09-05-2020, 09:15 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#14

Quote:Елементите на хумор и сатира го збогатуваат нашиот текст

Од Бранко Героски Објавено 08/05/2020 19:00:41
[Image: smiley-humor-pixabay-750x430.jpg]

Посебна форма на развивање на дејствието е т.н. анегдотска нарација. Зборуваме за раскажување збогатено со шеговити изрази и со мноштво стилски фигури со кои авторот постигнува хуморен ефект. Ваков тип нарација најчесто среќаваме во некои специфични книжевни форми (хуморески, козерии), но сѐ повеќе и во слободните новинарски форми (коментари, колумни, репортажи).

Кишон – еден од големите мајстори на хуморот

Еве еден извадок од расказот Великан на малиот екран од Ефрем Кишон:
Пред големиот пресврт живеев во апсолутна анонимност. Многу ретко ме погодуваше среќата да доживеам јавно признание. Така, на пример, мојата Еврејска енциклопедија(во два тома) најде посебно место во рубриката Нови книги на извесно женско списание: Е. Киш. Евр.Енц. том 24. Еднаш додека бев на годишен одмор успеав да се качам на врвот на Килиманџаро, и во случај дописникот на агенцијата Ројтер да не фатеше грип баш тогаш, сигурно ќе ме споменаа на радио. Неколку години подоцна, кога ја искомпонирав Десеттата Бетовенова симфонија, добив во ено списание кое излегува на јидиш сосем пристојна критика во рубриката Направи сам. Паметам уште еден светол момент во животот: кога го открив лекот против рак, ме прими министерот за здравство и цели седум минути се задржа во разговор со мене, до моментот кога стигна уругвајската делегација. Има ли уште нешто? Ах, да, кога излезе мојата Куса историја на еврејскиот народ од Аврам до Голда, дадов интервју за ноќната програма на радиото. Но, за обичниот човек од улица, останав непознат.
И тогаш, како што реков, настапи големиот пресврт.
Дојде од ведро небо и тоа на среде улица. Ми пријде некое дете, ми стави пред устата микрофон и ме праша што мислам за општата состојба во светот.
– Нема причини за загриженост – одговорив.
Отидов дома и не мислев веќе на тоа.
Додека со најдобрата сопруга на светот бевме седнати да вечераме, одненадеж од соседната соба, каде што децата вечераа седејќи на подот и гледајќи телевизија, се зададе продорен извик. Веднаш потоа на вратата се појави мојот син Амир, растреперен од возбуда.
– Тато – рече со напор. – На телевизија… тато… беше на телевизија…!
Викаше уште нешто неразбирливо, сѐ додека толку не се закашла што не можеше ништо да каже. Докторот, кого што веднаш го повикавме, не можеше ни да дочека да влезе во собата, туку почна да вика уште од степениците:
– Ве видов! Чув што рековте на телевизија! Нема причини за загриженост!
Дури тогаш ми текна дека покрај она детено со микрофонот стоеше уште едно дете со некоја работа во раката и дека нешто тивко зуеше додека јас го изнесував моето мислење за општата состојба.
Во тој момент заѕвони телефонот.
– Ви благодарам од сѐ срце – изусти растреперен женски глас. – Веќе шеесет години живеам во Ерусалим и ви благодарам во името на човештвото.
Стаса и првото цвеќе. Претставник на парламентот ми испрати букет со пораката: Вашиот бестрашен оптимизам ми остави длабок впечаток. Ви посакувам успех во понатамошната работа и Ве молам да ми пратите две фотографии со автограм.

Quote:Оваа, четириенаесетта по ред статија од серијалот посветен на сите што сакаат да ја унапредат својата вештина на пишувањем е посветена на анегдотската нарација (хумор и сатира). Прочитајте зошто и понудете и вие свои примери.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар

Расказот на Кишон продолжува, развивајќи ја големата хипербола, стилска фигура толку типична за хумористичните раскази на овој познат автор. Можеби Кишон е еден од најдобрите примери за вистинските вредности на хуморот и на сатирата, кои во нивната длабока суштина не се облик на искажување злоба, туку обратно – на човештина.

Хуморот и сатирата во новинарските форми

Анегдотската нарација и елементите на хумор и сатира (афоризми, вицеви, епиграми и слично), многу често се користат и во новинарските форми. Меѓу македонските колумнисти има одлични искусни автори кои често користат такви елементи, но јас сепак се определив да претставам еден исклучително млад, но талентиран автор. Неговото име е Срѓан Стојанчев, а насловот на неговата колумна објавена во Шпиц гласи Сина крв. Еве извадок од таа колумна:
Царот си замина, а не го крунисавме. А според еуфоријата што го зафати, пред сѐ, црковниот врв, очекував на свечена литургија, откако ќе го покрстат, да го прогласат Газанфар Али Кан за крал на сите Македонци, одовде до Пакистан. Колку да се знае кое чијо е.
Зашто несомнено е дека ние и Хунзите сме ист народ. Нивните и наши предци, откако тргнале во поход по светот, барале место слично на ридестиот Балкан, за да се скрасат. И го нашле ридестиот Пакистан, да ги потсетува на дома. И покрај дупката од 2.300 години, сличностите со Хунзите се очигледни. И кај нив до пред дваесетина години жените не се бричеле под пазуви, мажите на плажа го вовлекуваат стомакот, а нивните деца често се успиваат кога на првиот час имаат математика. И ние како и нашите пакистански браќа не јадеме месо. Не знам од кои причини не јадат Хунзите, но Македонците стануваат вегетаријанци од економски причини.
Соседот Киро, стечаец од Газела, е исти принцот Газанфар. Чичко Киро едвај го подели имотот во прилепско со брат му. Ги продаде нивчињата што му припаднаа и го отплати општествениот стан. Со остатокот од парите ја загради големата тераса. Кај и да е, синот треба да се жени, па да имаат децата кај да спијат. Владата го донесе законот за стечајци и сега со тие пари ќе може да си го плаќа парното. И таман помисли завалијата дека и нему му тргнало во животот, кога на телевизија го гледа принцот како да се гледа себеси. Плукнат Киро.
 Соседите прикажуваат дека од страв, одамна изгубениот брат да не си побара половина од станот, Киро легнал болен и не разговарал со никого. Од кревет станал дури откако кралското семејство го накити владиката Агатангел, како што невоспитаните дечишта го китеа репортерот на Канал 5 за Нова година на скопскиот плоштад, и заминаа во далечните краишта на нашата древна татковина. Се раскажува дека потоа цели три часа Киро со уживање го препрочитувал имотниот лист, среќен дека си останал свој на своето.

Езоповски јазик

Хуморот и сатирата се нарекуваат и езоповски јазик, бидејќи во одредени општествени прилики тие се единствениот начин да се демонстрира критички однос кон стварноста. Тоа го почувствував пред околу четврт век, во Остен, каде што беше мојот прв професионален ангажман. Плејада извонредни автори, хумористи, сатиричари и афористичари ги нижеа своите дела секоја недела, исполнувајќи ја од комунистичката партија зададената улога весникот за хумор и сатира да биде мал процеп во гранитната структура на контролираните медиуми, процеп низ кој повремено ќе дува критичко и слободно мислење, за да се создава привид дека и во Македонија има слобода на говорот.
Во денешно време, кога основните демократски слободи се извојувани (да се надеваме, еднаш засекогаш), хуморот и сатирата сепак опстануваат, бидејќи понекогаш грдата вистина полесно се прифаќа ако биде кажана низ шега.

(Во следното продолжение: Што се пренесува во цитати, а што во индеректен говор?)
09-05-2020, 09:17 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#15

Quote:Што се пренесува во цитати, а што во индиректен говор?

Од Бранко Героски Објавено 09/05/2020 19:00:41
[Image: dijalog-baloncinja-pixabay-750x430.jpg]

Кога ги пренесуваме зборовите на говорникот така како што се кажани, при тоа издвоени со соодветни интерпункциски средства (цртички или наводници), велиме дека употребуваме директен говор.
Директниот говор се воведува со најавна реченица или фраза. Втор начин на поврзување на директниот говор е логичката врска со остатокот од текстот, при што веднаш по директното пренесувањето на зборовите на говорникот следува излезна реченица, одвоена со соодветен интерпункциски знак (цртичка, наводник или запирка). Излезната реченица ни соопштува кој зборува. Поретки се случаите кога реченицата што соопштува кој зборува се вметнува во средината на директниот исказ (цитатот).
Еве една реченица на францускиот претседател Саркози, што ќе ја пренесеме во директен говор, на трите наведени начини.
Францускиот претседател Николас Саркози изјави: Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам. Тоа е првиот начин – најавната реченица соопштува кој зборува. Наводниците можат да се заменат со цртички, но тогаш цитатот мора да почне во нов ред и со него параграфот мора да заврши (кога станува збор за печатот, тоа е интерпункција што јас ја преферирам).
Вториот начин е кога наместо најавна, имаме излезна реченица од цитатот. „Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам“, изјави францускиот претседател Николас Саркози. Ако се определиме за цртички наместо за наводници, тогаш цитатот и излезната реченица се разделуваат со цртичка (некои преферираат запирка, но јас мислам дека тоа е погрешно).
Еве го и третиот начин. Европа, изјави францускиот претседател Николас Саркози, мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам. Реченицата што соопштува кој зборува е вметната во цитатот. Овој начин почесто се среќава во книжевните одошто во новинарските форми.

Quote:Во оваа статија зборуваме за директниот и за индиректниот говор, за цитатите и за парафразите, како и за дијалогот. Станува збор за постапка која ја засилува уверливоста и драматичноста на нашиот исказ и затоа е многу важно да научиме како да ги употребуваме овие изразни средства.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар

Индиректен говор
е пренесување туѓи зборови на тој начин што се менува морфолошката и синтаксичката структура на реченицата, а содржината останува иста или приближно иста. Таквата реченица содржи главна реченица, т.н. вербум диценди, во која нараторот соопштува кој зборува, а кон неа, во облик на зависна реченица, се надоврзуваат зборовите што ги пренесуваме. За разлика од некои други јазици, македонскиот јазик е погоден за употреба на индиректен говор, зашто освен некои помали синтаксички интервенции, не се наложуваат позначајни морфолошки промени во исказот (во англискиот јазик, на пример, во т.н. reported speech, потребно е да се усогласуваат и глаголските времиња).
Значи, во нашиот пример, изјавата на Саркози можеме да ја пренесеме во индиректен говор: Францускиот претседател Николас Саркози изјави дека Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам.
Да се потсетиме на една важна работа. Кога зборувавме за реченичното акцентирање, нагласивме дека во новинарскиот израз често се инсистира на инверзии, чија цел е најважните делови од реченицата да дојдат напред. Во нашиот пример, во принцип, поважна е информацијата што зборува Саркози, одошто информацијата кој е тој што вели дека Европа треба да биде носител на идеите за новиот светски капитализам. Според тоа, реченицата може да ја пренесеме и вака: Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам, изјави францускиот претседател Николас Саркози. Ако се пренебрегнат интерпункциските знаци, ова е практично идентична реченица со вториот начин на пренесување на директниот говор. Сепак, формално, овде станува збор за индиректен говор, типичен за новинарското изразување.
Од стилистички аспект, важно е да се нагласи дека пренесувањето на директниот говор има големо значење во нашиот исказ. Директниот говор придонесува тој да биде жив, веродостоен, уверлив, силен. Директните искази треба да се приспособат на развојот на текстот, да се пласираат одмерено и навремено, тогаш кога е потребно да се актуализира дејствието, да се засили основниот конфликт, да се подигне нивото на драмска напнатост и да се постигнат други стилски ефекти. Од друга страна, цитатите не треба да го задушат текстот и во нив да бидат пренесувани информации од второстепено значење, кои вообичаено се пласираат во парафрази.

Во цитатите пренесуваме мислења, ставови, емоции

Од последново произлегува уште една важна карактеристика на цитатите, особено на тие во новинарското изразување – во директен говор (во цитати) ги пренесуваме мислењата, ставовите и емоциите на говорникот. Понекогаш, во послободните форми, каква што е репортажата, на пример, или во книжевните форми, на говорникот ќе му дозволиме во директен говор и да раскажува, да опишува или да расправа. Но, во принцип, информациите ги пренесува нараторот, а во цитатите се пренесуваат силните изјави на говорникот – рековме веќе, тие што содржат мислења, ставови и емоции.
Спомнатата изјава на Саркози авторот ја комбинирал со една интересна парафраза: Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам”, изјави францускиот претседател Николас Саркози, додавајќи дека глобалната економска криза претставува предавство на вредностите на капитализмот. Мене ми се чини дека делот од изјавата на Саркози, во која тој нешто „додава“ за предавството на вредностите на капитализмот, што винарот ја пренел во индиректен говор, е мошне силен. Таа полуреченица содржи директен став, па дури и една нагласена емоција на говорникот, за што сведочи употребата на магичниот збор предавство. Според тоа, не само што новинарот морал и овој дел од изјавата да го пренесе во директен говор, туку пожелно е со него цитатот да почне. Вака: Глобалната економска криза претставува предавство на вредностите на капитализмот. Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам, изјави францускиот претседател Николас Саркози.
Нашите новинари многу често постапуваат обратно – највозбудливите делови од изјавите на говорниците ги парафразираат, додека во директен говор го пренесуваат она што треба да се парафразира. Еве еден таков пример:
Министерот за здравство Бујар Османи изјави дека е шокиран од скандалот на Хируршките клиники и дека ќе ја испитува кој е одговорен за расипаниот апарат во лабораторијата.
– Решив да формирам стручна комисија од Министерството, која ќе процени што се случило таа ноќ на клиниката – објасни Османи.
Новинарот треба уште еднаш внимателно да ја преслуша или да ја препрочита изјавата на министерот, да открие кои зборови ги соопштуваат ставот и емоциите на налутениот министер и нив да ги пренесе во директен говор. Еве вака:
– Шокиран сум од скандалот на Хируршките клиники. Ќе испитаме кој е одговорен за расипаниот апарат во лабораторијата – изјави министерот за здравство Бујар Османи.
Тој објасни дека решил да формира стручна комисија од Министерството, која ќе процени што се случило таа ноќ на клиниката.
И уште нешто важно за цитатите – во печатот тие секогаш внимателно се редактираат. Пожелно е луѓето да зборуваат користејќи го стандардниот јазик, во јасни и оформени реченици, без грешки. Но, тоа обично не се случува. Во печатот можеме ваквите искази да ги „преведеме“ во разбирлив, разговорен, но формално коректен исказ, кој нема да отстапува од суштината на кажаното. А кога веќе можеме, нема причина тоа да не го правиме.

Слободен индиректен говор


Посебен облик на индиректен говор е т.н. слободен индиректен говор. Слободниот индиректен говор има облик на индиректен говор, но лексика и фразеологија на директен говор. Со други зборови, исказот му припаѓа на ликот што зборува (за тоа сведочат употребената лексика, синтаксичката и интонациската вообличеност, сочуваната експресија), но формално е презентиран како да му припаѓа на нараторот. Понекогаш дури и не е јасно кога престанува да зборува ликот, а кога почнува нараторот.
Во нашиот пример со Саркози, неговата изјава ќе ја збогатиме и ќе ја пренесеме во слободен индиректен говор: Глобалната економска криза претставува предавство на вредностите на капитализмот, изјави францускиот претседател Николас Саркози. Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам. Невозможно е евро зоната да продолжи да функционира без јасно дефинирано економско управување. Затоа, Саркози предлага да се формира европска економска влада. Барем две реченици во овој мал текст формално му припаѓаат на нараторот (реченицата Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам и реченицата Невозможно е евро зоната да продолжи да функционира без јасно дефинирано економско управување). Но, од контекстот недвосмислено е јасно дека станува збор за изјави на Саркози.
Слободниот индиректен говор често се употребува во книжевноста, но и во есеите, расправите, новинарските анализи и колумни и во други жанрови. Сепак, оваа форма на пренесување на зборовите на говорникот треба да се користи мошне внимателно – контекстот секогаш треба јасно и недвосмислено да покажува кој зборува, ликот или нараторот (освен во ретките случаи, главно во литерарните нарации, кога мешањето всушност е смислена постапка што треба да предизвика посебен стилски ефект).

Дијалог за драмска напнатост

Многу почесто во литерарните форми и во филозофските расправи, а поретко во новинарскиот израз, се користи и дијалогот односно директното пренесување на разговор меѓу два или повеќе лика. Дијалогот вообичаено е приспособен на дејствието и ја нагласува индивидуализацијата на ликовите. Еве еден извонреден пример на дијалог, во извадок од расказот „Пеперуга со златен прав„ на Живко Чинго:
Девојките само името негово што го чуја, дланките на лице си ги ставија на устите. – Лем, Лем, – шепотеа, летаа, пеперуги стануваа.
– Лем не е ѓавол, – рекоа девојките.
– Сте полуделе, девојчиња, – им се заканивме – Внимавајте што говорите!
– Не сме полуделе, – се правдаа девојките? – Лем не е ѓавол.
– Што е тој, – прашаа сите момчиња. – Што е Лем?
– Ех, – издивнаа девојките, – Лем е нешто друго…
– Што друго, проклет да бидам, ќе излудеа сите момчиња, – што можеше да биде Лем?
– Не се објаснува, момчиња, – рекоа девојките, – не се објаснува тоа така…
Тие повторно почнаа да го шепнат Лемовото име. Лем, пеперуга со златна прав на криљата, пеперуга царица меѓу пеперугите, чинам мрмореа девојките или нешто слично, момчињата со ококорени очи гледаа во нив, – другарот Лако најде сили за да праша:
– Што ви е, девојки, здрави ли сте?
Девојките не слушаа, девојките беа во воздухот, девојките беа високо во небото.
– Можеби се маѓепсани, – шепна Брак, – ох, девојките се маѓепсани, помисливме девојките беа разболени, си ги подгризуваа устите изговорувајќи го Лемовото име. – Ех, Леме, братучед Леме, каде си сега, во рајот или во пеколот, – сеедно, девојките се растопија како утринска капка изговорувајќи го твоето име, мед од уста им капеше. Пеперуга со златна прав на крилата им леткаше во очите.
– Лем, – рекоа девојките, – Лем е вистинско момче!
Сите занемевме, никој не веруваше дека толку ги заслепил ѓаволскиот Лем. Некое од момчињата со слаб глас рече:
– Зборувајте, девојки, што е Лем, што е тој скот над скотовите!
– Лем е сѐ, – рече една од девојките. – Тој може сѐ…
– Што може уште, – прашаа момчињата одвај додржувајќи се да не прснат.
– Сѐ може, – рекоа во глас девојките, Лем е сонце, Лем е ветар, Лем е срце…
– Доста, – им заповеда другарот Лако на девојките, тие не умееја да запрат штом еднаш ќе почнеа да говорат за Лем. Потоа побара да влезе во записник –  Лем ги маѓепсал девојките, Лем е се, сонце, ветар, пеперуга со златна прав …
– Што сега, – прашаа момчињата, – тој сите ги опчинил, – како да се спасиме, – рекоа сите.
– Напред, – рече другарот Лако, – мораме да го пронајдеме, мораме да се спасиме.
Од овој пример јасно се гледа како дијалогот го актуализира дејствието и колку ја засилува драмската напнатост, подготвувајќи го теренот за амплитудата на возбудата што допрва следува. Тоа се причините поради кои дијалогот често се употребува и во некои новинарски форми. Еве како тоа изгледа во една моја колумна од 2005 година, чиј наслов е Задача:
Знаеш ли ти, ќерко, дека нашево школство пет пари на вреди? Овде, во весников, пишува дека ќе мора да учиш 24 часа дневно за да завршиш факултет. А џабе, сѐ што учиш немало врска со Европа. Еве, во црна книга нѐ запишале. Црно ти се пишува, така да знаеш.
Таа ја крева главата за миг. Ме гледа бело. Потоа пак го збрцува носот во учебникот по математика и со моливот нешто шара. Учи. Нема време за советите на својот родител, загрижен за нашиот нереформиран образовен систем. Ваму светот се распаѓа, а таа учи. Да поправи тројка.
Види, ќерко, овде пишува дека на нашите факултети немало кредит-систем. Знаеш ли што значи тоа? Ако учиш во Македонија, не ти се признава во Европа. Или, така некако. А знаеш ли што е чарето? Ќе мора да те запишеме во странство. Таму е скапо, ама полесно се учело. Се полагало со тестови со сликички, како кај нас возачки испит.
Таа ја подига главата и гледа низ мене како низ џам. Го грицка моливот. Размислува. Тато, дали можеш да ми помогнеш да решам една задача?
Јас и математиката секогаш сме биле два различни света. Ама, си велам, ќерка ми е прва година гимназија. Не е ни математичка, туку онаа на Маршалот. Мора да е нешто просто, делење-множење. Да слушнам!
Еве ја задачата. На прашањето колку години има синот, таткото одговорил: пред пет години бев пет пати постар од него, а по три години ќе бидам три пати постар од него. Колку години има синот, а колку таткото?
Боже, какви глупости ги учат децава! Имаат право странцине. Го земам моливот и чкртам. Овде икс, таму ипсилон, па заграда. Ќерка ми ме гледа право в очи. Сфаќа дека блефирам. Чкртам и со забите. Уште малку, ќе почнам да се препотувам. Слушај, ќерко, таткото секако имал доволно години да му врзе една на синот. Ете, тоа ти е мојот одговор.
Ама, тато, ова е задача од системот на линеарни равенки со две непознати!
Знам, ќерко, ама деца на твоја возраст треба да учат едноставни, практични работи. На пример, да дефинираат што е тоа птица. Ајде, кажи, што е тоа птица? Ете, не знаеш. Птица е животно со пердуви. Трт!
Таа ме гледа разочарано. Невина жртва на нашето нереформирано и непрактично образование. Потоа пак ја нурнува главата во учебникот. И глеј, миг потоа широка насмевка се разлева на нејзиното лице. Таа почнува весело и брзо да шара со моливот. Многу иксови, ипсилони и загради. Потоа го превртува листот и задоволно се смешка.
Добро де, ќе кажеш или уште ќе ме држиш во неизвесност?
Прво речи извини.
Извини, ќерко.
Синот има 13, а таткото 45 години. А тебе ти растат пердуви. Трт!
Како што забележавте, во оваа колумна сум решил директниот говор да не го издвојувам со интерпункциски знаци. Уметничката постапка тоа понекогаш го дозволува. Како и да е, овој, но и многу други примери во нашето новинарско творештво, покажуваат дека дијалозите можат значајно да го збогатат новинарскиот израз и да ги доближат новинарските текстови до магијата на „убавото писмо“ (belles lettres – француски збор од кој е изведен зборот белетристика).

(Во следното продолжение: Да ја искористиме силата на аргументите, а не аргументот на силата!)
09-05-2020, 09:20 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#16

Quote:Да ја искористиме силата на аргументите, а не аргументот на силата!

Од Бранко Героски Објавено 10/05/2020 19:00:24
[Image: debata-profil-pixabay-750x430.jpg]

Живееме во време кога пред нас се поставуваат многу отворени прашања и предизвици. Некои од нив се големи, понекогаш дури и историски. Други се мали, но за нас, сепак, значајни. Затоа, кога пишуваме, многу често чувствуваме потреба да го надминеме дискурсот на објективно и непристрасно раскажување и опишување на настаните и на состојбите и да заземеме ангажирана позиција.
Кога сакаме да пишуваме ангажирано – а тоа значи да коментираме, да оценуваме, да анализираме, да расправаме – се водиме од основните принципи на логичко расудување, кои се темелат на моќта на аргументите. Затоа овој процес го нарекуваме и аргументирање. Во основа, станува збор за стандардизирани постапки на дефинирање на темата на расправата, поставување на тезите и плетење синџири аргументи кои треба да нѐ доведат до исходишната точка, до резимето на расправата.

Фокусно прашање, хипотеза, антитези, заклучок

Прв чекор, значи, е јасно да се дефинира основниот проблем за кој расправаме. Тоа не е секогаш лесно, бидејќи понекогаш е потребна умешност од мноштвото дилеми и прашања кои се поврзани со определен феномен да се екстрахира едно прецизно прашање, кое ќе биде фокус на нашата расправа. Фокусното прашање ги определува основниот проблем и аголот на нашиот текст.
Откако ќе го поставиме фокусното прашање, ја поставуваме сопствената хипотеза. Таа е прелиминарен одговор на фокусното прашање, одговор што допрва треба да се поткрепи и да се потврди со аргументи или да се отфрли со противаргументи. Во исто време, ги идентификуваме и антитезите – тоа се судовите кои директно се спротивставуваат на нашата хипотеза, кои исто така ќе бидат предмет на докажување или оспорување во клучната фаза на расправата.
А клучната фаза на расправата е изложувањето на аргументите и фактите, пред кои, како што вели една поговорка, молчат и боговите. Аргументите се нижат како алки во синџир, се разгрануваат, за при крајот на расправата да се сумираат и да се резимираат. Така доаѓаме до исходишната точка на расправата, до заклучокот, кој е конечен одговор на фокусното прашање.
Еве пример на една  расправа, преземена од блогот на проф. д-р Мирјана Најчевска, која се однесува на владиниот проект „Компјутер за секое дете“. Постот е преземен со извесни скратувања и редакторски интервенции, но претставува школски пример за тоа како се води расправа.
Во почетокот, авторката ги дефинира проблемот и  фокусното прашање – каква е смислата на овој проект? – и веднаш ја поставува почетната хипотеза. Според неа, станува збор за незнаење, глупост и лакомост.  Еве како влегува Најчевска во расправата:
Навистина не знам дали се работи за незнаење, за глупост или за лакомост. Најверојатно станува збор за погубна комбинација од сите три елементи, дополнително зачинета со бескрупулозност и со големо количество на автократија.
Над 15 години сум вклучена во реформата на образованието. Во тие години различни тимови на експерти работеа на програми со кои се промовираа интерактивно учење, критичко мислење, животни вештини, работа во групи, комуникација, спремност за соработка и заедничко донесување одлуки.
И, одеднаш – компјутер за секое дете!
Доследно на правилата на секоја достојна расправа, Најчевска поставува и антитеза – станува ли, можеби, збор за обид да се обезбеди пристап до компјутер за секој ученик?
Прво помислив дека станува збор за тоа на секое дете да му се овозможи пристап до компјутер, можност за користење на компјутери и на интернет за одредени образовни цели, опремување по неколку кабинети во секое училиште во кои децата ќе можат да се обучуваат и да имаат пристап кон потребните образовни содржини. Меѓутоа, одеднаш гледам, во сите основни и средни училишта, во секоја училница и кабинет, се дупчи, се гради, се спроведуваат жици, кабли, се поставуваат штекери. Почнав да се распрашувам кај наставниците, кај луѓе од Бирото за развој на образованието, кај луѓе од Министерството за образование, дали знаат што всушност се случува. И не добив одговор. Најверојатно прашувам погрешни луѓе. Затоа овде ќе ги поставам моите прашања и загрижи.
Авторката идентификува уште една антитеза, во изјавите на официјалните лица кои го бранат проектот:
Што значи фразата компјутер за секое дете? Според изјавите на премиерот: Ќе бидеме земја која ќе биде спомнувана по тоа што секој ученик во основните и во средните училишта има компјутер пред себе. Или, според изјавите на министерот Ивановски: Секој ученик пред себе ќе има тастатура, глувче, монитор и компјутер или тинклиент.
Сега е време Најчевска да го сплете првиот синџир аргументи:
Ако е фразата точна, тогаш имаме голем проблем. Прво, тоа значи дека клупите во најголем дел од училниците ќе бидат заземени со екран, маус и тастатура. Местото за книги, за прибор, за цртежи, за прирачни средства ќе биде максимално ограничено. Второ, тоа значи фиксирање на клупите (тие стануваат неподвижни). Ова оневозможува било какво нивно изместување со цел работа во група, во круг или игровни активности. Трето, тоа значи помала комуникација со другарчињата и со наставникот. Четврто, тоа значи здравствени проблеми: деформации на скелетот на детето, зрачење и проблеми со очите, воспаление на мускулите на раката со која се држи маусот. Петто, тоа значи огромен број кабли, приклучоци, штекери, кои можат да повредат, да спрепнат, да предизвикаат пожар.
Втората серија аргументи авторката ја пласира во облик на прашања:
Ако фразата е точна, тогаш има уште неодговорени прашања. Прво, што ќе се случи ако во одделението следната година се запишат повеќе деца од предвидениот број компјутери? Второ, што ќе се случи кога ќе почнат да се расипуваат (оштетуваат) компјутерите и треба да се сервисираат и некои деца ќе останат без својот компјутер пред себе? Трето, што ќе се случи по две години, кога тоа веќе ќе биде застарена технологија (дали има план за замена и за посебни облици на складирање на овој вид на смет)? Четврто, што кога ќе падне напонот на струјата, кога ќе има рестрикции или, едноставно, ќе снема струја? Петто, дали наставниците ќе ја имаат сета опрема за работа на овој начин (проектори, соодветни алатки за покажување, пишување на екран и слично)? Шесто, дали сите наставници (над 5.000) ќе поминат соодветна обука за да работат со оваа технологија? Седмо, што со училиштата во кои нема соодветно затоплување и ладење, каде што капе вода од покривите односно има влага во ѕидовите? Осмо, дали се предвидени посебни компјутери (со посебни перформанси) или посебни места за седење за деца со посебни потреби во развојот? Деветто, зошто се зборува за 150.000 до 180.000 компјутери, а има над 300.000 деца во основното и во средното образование? Десетто, како ќе се регулира работата во училиштата во кои наставата се изведува во смени?
Пред резимето, Најчевска пласира и секундарна теза:
Она што можам да го видам како евидентна добивка се огромен број тендери, кои секогаш значат можност за остварување лична добивка – тендери за компјутери, за материјали за инсталација, за клупи и за столчиња, за поставување на инсталацијата (електричари, градежници, молери), за постојано сервисирање и одржување, за отстранување на расипаните компјутери.
Расправата завршува со резиме и заклучок, во две јасни реченици:
Целокупната активност ги негира сите претходни активности во образованието. Таа е спротивна на модерниот развој на образованието, отвора континуирани извори за лично богатење и штетна е за децата.

Quote:Во последниве години, поради популарноста на социјалните мрежи, коментирањето и дебатите станаа опсесија на многу автори. Често среќавам млади луѓе кои се цврсто решени својата новинарска кариера да ја почнат со пишување „колумни“. Немам ништо против било кој да пишува ангажирано, но кога веќе го прави тоа, мора да научи како да аргументира. И тоа се учи...
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар

Да се мисли коќно и да се пишува силно

Карактеристично за оваа расправа е што во неа доминираат јасни, семантички прецизни и неутрални изрази и јасни, кратки до развиени реченици. Расправата се следи лесно, а за тоа придонесува и добрата организација на текстот. Затоа рековме дека ова е школски пример за расправа, бидејќи се потпира на стандардизирана постапка и на изразни средства кои овозможуваат да доминира она што се кажува, а не како се кажува (иако на моменти Најчевска си допушта извесна слобода во метафоризацијата на изразот).
Се разбира, развиените реченици, компарациите, метафорите, ирониите, хиперболите, реторските прашања, духовитите поенти, моќните цитати, заводливите дигресии и другите стилски средства ги засилуваат впечатливоста на расправата и уверливоста на аргументите. Понекогаш тој впечаток е дури посилен од реалната сила на аргументите, што не е добро. Сепак, треба да се мисли моќно, ама и да се пишува силно.
Големо внимание треба да се посвети на параграфирањето. Нижењето на параграфите мора доследно да го следи процесот на аргументирање. За разлика од известувањето, каде што параграфите не мора цврсто да се поврзуваат еден со друг, аргументирањето налага употреба на модални фрази и посебни изразни средства (за кои веќе зборувавме), чија цел е да се засили кохерентноста на целиот текст. Како што се поврзуваат аргументите, така транзитираат и параграфите – како алки во синџир.

Кога расправата преминува во полемика

Расправата, во принцип, се води во трето лице. Секогаш расправаме за темата, за тезите, а не за личностите. Кога се дебатира ad hominem, тоа се смета за знак на сериозна слабост на авторот. Сепак, кога основниот проблем е цврсто поврзан со определена личност, кога ставовите и постапките за кои расправаме се доведуваат во тесна врска со одредена личност, тогаш расправата добива карактер на полемика. И полемиката може да се води во трето лице, но почесто среќаваме полемики кои се водат во прво лице.
Полемичарот не смее да го дисквалификува, да го омаловажува и да го навредува својот противник. За жал, во последниве години кај нас сѐ почесто читаме полемики во кои доминира говорот на омраза. За утеха на линчуваните, вистина е дека секој збор што ќе го изговориме е нашето индивидуално препознавање – тој е одраз на нашата личност, на нашето домашно воспитување, на нашата култура и образованост. Она што го пишуваме зборува за нашиот систем на вредности, за нашата лична определба и за нашиот личен ангажман.
Како пример на расправа со полемичен тон, приложувам една колумна од Никола Гелевски во „Утрински весник“ од 21 октомври 2008 година, под наслов Вратарот и борделот (извршени се извесни скратувања):
Главно политичко прашање во Македонија во моментов не е прашањето на името, ниту признавањето на Косово, ниту тензијата пред локалните и пред претседателските избори. Нашето главно политичко прашање, според мене, е следново: дали бескрупулозноста, примитивизмот и грубоста, со коишто владее актуелната македонска власт, се резултат на природна дарба, од бога дадените силеxиски перформанси или станува збор за добро осмислена политичка тактика?
Постојат силни аргументи и за двете тврдења: а) власта на Груевски едноставно има културен проблем, недоделкана е, невоспитана, груба, целата во афекти и одмазди, и се однесува токму според овде толку длабоко вкоренетиот ориентален табиет: кон горе биди ропски понизен, кон долу гази и понижувај безмилосно; б) фајтерството и грубоста на власта (дури и во односите спрема оние кон кои се стремиме, ЕУ и НАТО), се само вешто осмислена популистичка политика наменета исклучиво за внатрешни потреби, т.е. за подолго опстојување на власт. Притоа, не постојат други цели освен власта по себе! Целата тактика се троши на технологијата на владеење. Тоа е славниот модел на Слободан Милошевиќ: тактика без стратегија. Купи ден помини.
Во моментов, впечаток е, меѓу аналитичарите и политичарите, доминира втората верзија: власта на Груевски воопшто нема културен проблем, нејзиното силеџиство (дури и кон Шефер или кон Фуере, највисоките претставници на НАТО и ЕУ) е искалкулирано; политиката е сфатена како парада, како создавање впечаток. А Груевски прибегнува кон истата опасна политика на Милошевиќ: колку понепопуларен надвор, толку похерој дома.
Иако политичките аргументи на вторава теорија (за причините на манипулативното националистичко парадирање на Груевски) се убедливи и веројатно посилни од теоријата за културниот дефицит на нашата владејачка класа, мојата позиција, сепак, е поблиска до културолошките објаснувања. Со важна напомена: примитивизмот и нааканоста на нашите нови владејачки класи (не само политички) сѐ повеќе го губат ориенталниот шмек и стануваат дел од глобалното посељачување. Сељаштвото на новиве класи само делумно има врска со турбофолкот, со белите чорапи, со бахатоста и со малограѓанштината. Клучниот проблем полека се сели на друго место: опортунизмот, кариеризмот, бескрупулозноста, алчноста… станаа врвни доблести на новото време, насекаде.
Теророт на младите јапии кои немаат никакви посериозни морални, социјални или културни ориентири не е од вчера. Уште Хана Арент предупредуваше дека модерните општества добро нѐ увежбуваат да го кажеме она што од нас се очекува (или, кога треба, да се воздржиме од тоа), а не нѐ учат со зборови да го искажеме она што навистина го чувствуваме или го гледаме: Од детството, всушност, во сите наши институции, ние ги наградуваме еуфемизмите, трговската способност, слоганите, а ги казнуваме и спречуваме вистинитоста, оригиналноста, промисленоста. Со таа разлика што западните општества, сепак, имаат напластени слоеви демократија, многубројни автономни зони, поединци и институции, како брана од некаква порадикална брутализација на општеството. Таква заштита ние немаме и спојот меѓу ориенталната и јапиевската бескрупулозност кај нас навистина добива гротескни размери.
Кога, на пример, Ивица Боцевски (еден од највпечатливите симболи на тој нов бездушен јапиевски кариеризам, за кој не постојат никакви инхибитори освен желбата на актуелниот газда) на своите морничави прес- конференции искажува очигледни будалштини, тој со тоа не губи во очите на најшироката јавност! Напротив! Токму неговата поданичка тврдокорност е модел за успех! Летаат триста двокатни автобуси над небото на Скопје? Летаат! Сосе самарите! (И наспроти шамарите со кои се обидуваме да го разбудиме наркотизираниот со моќ претставник на Владата).
Можеби младиве теледиригирани проектили од типот на Боцевски, Ѓорчев, Јанакиески, Котевски, Бичиклиски итн. некому изгледаат како пилиња кои наоколу трчаат без глави на рамената, но преземањето на општествените ресурси од страна на младите јапиевци, сепак, повеќе личи на влез на лисицата во кокошарникот. Дури и на глобално ниво, повторувам (во светлина на крајно неодговорните финансиски политики), се случува преземање на борделот од страна на вратарот.
Во старите добри времиња (кои можеби се митска измислица, можеби никогаш не постоеле), одговорноста за светот стоеше во средиштето на политиката. Одговорноста за светот денес е сведена на одговорност за личниот стомак, а грижата за организацијата на светот речиси совршено е трансформирана во технологии за владеење на најразлични интересовни групи: банди, гангови и тајфи. Надежта, сепак, лежи во добрите страни на истиот предизвикувач – глобализацијата. Се надеваме дека токму вмреженоста на светот нема да дозволи радикални гниења на одредени места. Меѓу другото, и затоа на Република Македонија судбината ѝ е час поскоро да влезе во ЕУ и во НАТО.
Колумната на Гелевски има елементи на класична расправа, во која тој на почетокот поставува фокусно прашање (дали грубоста на актуелната власт е резултат на „природна“ дарба или е добро осмислена политичка тактика), пласира две спротивставени антитези и се определува за сопствената хипотеза ( мојата позиција, сепак, е поблиска до културолошките објаснувања, вели авторот). Синџирот на аргументи со кои авторот ја брани својата позиција е сликата на младите јапиевци,  кои ги преземаат општествените ресурси како што вратарот го презема борделот.
Колумната на Гелевски има и нагласен полемичен тон. Без двоумење, остро, авторот директно полемизира со ставови и постапки на конкретни личности, изложувајќи ги и на потсмев. Истовремено, тој демонстрира ерудиција, поглед на основниот проблем од глобална перспектива, како и нагласена општествена критика, изложена во препознатливиот стил на популарниот Коља.

(Во следното продолжение: Неколку „тајни“ за тоа како се пишува моќен говор)
10-05-2020, 08:39 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#17

Quote:Неколку „тајни“ за тоа како се пишува моќен говор

Од Бранко Героски Објавено 11/05/2020 19:00:59
[Image: martin-luter-king-pixabay-750x430.jpg]

Беседата е расправа што усно се соопштува пред група луѓе. Ефектот на тој чин секако зависи од уверливоста на напишаното, но и од вештината со која беседи говорникот. Таа вештина се нарекува реторика и во античко време била исклучително развиена духовна дисциплина. На задоволство на сите, во последно време во некои студентски кругови кај нас, се обновува интересот за вештината на ораторството, се организираат курсеви и натпревари.
На ова место, сепак, нема да стане збор за реториката, туку за елементите според кои овој модел на развивање на текстот се разликува од досега наведените модели, посебно од тој што му е најблизок – од расправата. Разликата, имено, произлегува од некои фактори што се поврзани со самиот чин на беседење и со очекуваните ефекти.

Quote:Во ова, претпоследно продолжение од мојата серија статии посветена на сите што сакаат да ја унапредат вештината на пишување, ќе стане збор за тоа како да се напише добра беседа. Се разбира, треба да се умее и моќно да се говори, но во принцип, говорот прво треба да се напише и по можност, да се запамети пред да се декламира. Еве неколку совети за тие што сакаат да пишуваат моќни говори.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар

Веднаш да се зграпчи вниманието на публиката

Пред сѐ, треба да се има на ум фактот дека беседата е временски ограничен феномен. Историјата, се разбира, памети и говори што траеле и по неколку дена (често се прикажуваат маратонските говори на Фидел Кастро, на пример), но денес веќе таквото трошење време е бесмислено. Најважните државнички говори вообичаено траат најмногу еден час, за пристојни се сметаат получасовните беседи, а говорењето во нашиот парламент од неодамна е ограничено на скромни десет минути. Како и да е, вештиот беседник секогаш смета на тоа дека времето и трпението на луѓето што го слушаат се ограничени. Тоа налага три битни новини при структурирањето на неговата расправа.
Прво, говорникот мора веднаш да го зграпчи вниманието на аудиториумот, а тоа значи дека мора да отстапи од стандардната шема на редоследното изложување на фокусното прашање, хипотезата, антитезите, аргументите и на резимето на расправата. Можеби смелоста на неговата хипотеза, можеби атрактивноста на некој аргумент или пак некој необичен детал или силен цитат би можеле да бидат првите магични зборови со кои говорникот ќе ја отвори својата беседа и веднаш ќе го привлече вниманието на слушателите.
Второ, кога еднаш ќе го зграпчи вниманието на публиката, работата е далеку од завршена. Вниманието мора постојано да се одржува, а тоа не е лесна задача. За разликата од расправата преточена на хартија, која може да се чита и да се препрочитува, беседата не може да се повтори. Тоа значи дека говорникот треба цврсто да се фокусира на главната идеја на својот говор и своите аргументи да ги пласира без широки и сложени експликации, а особено без погубни дигресии. Говорот треба да прогресира брзо и сигурно кон својот ефектен крај.
И трето, говорот се пишува во јасни и кратки реченици, кои лесно се изговараат и уште полесно се паметат. Ритамот се постигнува со уште пократки реченици, кои понекогаш се состојат од еден збор или фраза. Пожелна е употреба на метафорични изрази, но само такви што се општо познати (како што веќе рековме, најтипични се стилските фигури на повторување).

Како да се биде уверлив?

Треба да се има на ум и тоа дека една од најважните задачи на говорникот е да биде уверлив, да ја стекне довербата на луѓето што го слушаат и да им се допадне. Поради тоа, тој применува некои специфични постапки, техники, па дури и трикови.
Прво, тој беседи во прво лице еднина или во прво лице множина, ако зборува во име на група луѓе или во името на некоја институција (влада, партија и слично). Зборувањето во прво лице остава впечаток на искреност.
Второ, говорникот директно им се обраќа на луѓето што го слушаат, со фрази со кои му изразува почит на аудиториумот (почитувани граѓани, дами и господо, драги пријатели, браќа и сестри и слично). Говорникот треба да внимава неговото директно обраќање кон публиката да не биде препознаено како неискрено и блазирано, бидејќи тогаш говорот ќе заврши пред да почне.
Трето, за да постигне уверливост, говорникот се служи со едноставни и уверливи аргументи, при што најуверливи се едноставните примери, илустрации и компарации, кратките и силни цитати, бројките и слично. Никој нема време и трпение да слуша како аргументите се нижат во сложени синџири, кои само го збунуваат слушателот.
И четврто, говорникот зборува со разговорен јазик, но истовремено плени со ерудиција, духовитост и речитост. Тој зборува едноставно, разбирливо за секој што го слуша, но богато – неговиот речник е преполн со прекрасни зборови, со инвентивни фрази и со оригинални метафори, во кои известувачите ги бараат насловите за утрешните извештаи.

Така беседеше Мартин Лутер Кинг…

Само големите беседници умеат така да зборуваат и да ја почувствуваат магиската моќ на говорењето. Некогаш можат да ја употребат за добри цели, а некогаш – да ја злоупотребат. Многу големи светски диктатори истовремено биле и одлични говорници. Типичен пример за ова се нацистичките асови Хитлер и Гебелс (говорите на Гебелс неодамна се преведени на македонски јазик). Како чин на врвна манипулација се сметаат и говорите на српскиот водач Слободан Милошевиќ, кого го паметиме како диктатор, но и како извонреден говорник.
Сепак, како инспиративен пример, овој пат ќе посочам еден говор кој одигра многу важна улога во либерализирањето на американското општество во шеесеттите години на минатиот век. Станува збор за говорот на Мартин Лутер Кинг, под наслов „Јас имам сон“, изговорен во Вашингтон, на 28 август 1963 година. Еве извадок од таа впечатлива беседа:
Денес ви велам, пријатели мои, и покрај тешкотиите денес и утре, имам еден сон. Тоа е сон, кој е длабоко всаден во американскиот сон. Имам еден сон, дека еден ден оваа нација ќе се подигне и ќе живее во вистинското значење според кредото: Оваа слобода ја сметаме за подразбирлива: дека сите луѓе се подеднакво создадени.
Имам еден сон дека еден ден на црвените ридови на Џорџија синовите на поранешните робови и синовите на поранешните сопственици на робови заедно ќе седнат на масата на братството.
Имам еден сон дека еден ден дури и државата Мисисипи, држава која се мачи во жештината на неправедноста и угнетувањето, ќе се измени во оаза на праведноста.
Имам сон дека моите четири деца еден ден ќе живеат во една нација, во која се оценува не според бојата на кожата, туку според карактерот. Имам денес еден сон…
Имам еден сон дека еден ден во Алабама, со своите зли расисти, со својот гувернер, од чија уста излегуваат зборови како интервенција и анулирање на расната интеграција, дека еден ден токму таму, во Алабама, момчиња и девојчиња – црнци ќе се ракуваат со момчиња и девојчиња – белци, како браќа и сестри. Имам еден сон дека еден ден секоја долина ќе се подигне, а секој рид и планина ќе се спуштат. Нерамните места ќе бидат направени рамни. И перфекцијата на господарот ќе стане очигледна и сѐ што е од месо ќе го види тоа.
Тоа е нашата надеж. Со оваа вера се враќам назад на Југ. Со оваа вера ќе бидам способен од планината на очајот да издлетам камен на надежта. Со оваа вера ќе бидеме способни лошите звуци во нашата нација да ги измениме во една прекрасна симфонија на братството.
Со оваа вера ќе бидеме способни да соработуваме, да се молиме, заедно да се бориме, заедно да одиме в затвор, заедно да се подигнеме за слободата, со сознанието дека еден ден ќе бидеме слободни. Тоа ќе биде денот, на кој сите Божји деца ќе можат да ѝ дадат ново значење на оваа песна: Мојата земја, тебе ти пеам, земјо на слободата. Земја во која умреа моите татковци, гордоста на прочистените, нека одекне слободата од сите планини.
Ако Америка стане голема нација, тогаш ова ќе мора да се оствари.
Нека одекне слободата од огромните врвови на Њу Хемпшир. Нека одекне слободата од моќните планини на Њујорк, нека одекне слободата од високите Алженис во Пенсилванија. Нека одекне слободата од со снег покриените Роки Маунтинс во Колорадо. Нека одекне слободата од раширените висини на Калифорнија. Но, не само тоа, нека одекне слободата од Стоун Монтин во Џорџија. Нека одекне слободата од Лукаут Маунтин во Тенеси. Нека одекнува слободата од секој рид и секое ритче во Мисисипи, нека одекне слободата од секоја височина.
Ако слободата одекнува, ако дозволиме таа да одекнува од секој град и од секое местенце, од секоја држава и голем град, тогаш ќе можеме да го забрзаме процесот кога ќе дојде денот кога сите Божји деца, црни и бели луѓе, Евреи и атеисти, протестанти и католици, ќе си подадат раце и ќе ги пеат зборовите на стариот Негро Спиритуал: Конечно слободни! Конечно сдека лободни! Голем семоќен Боже, конечно сме слободни!“

(Во следното, последно продолжение: Кус есеј за пишувањето и подарок – книгата „Научи да пишуваш“ во Word)
11-05-2020, 11:19 PM
Reply
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,087
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#18

Quote: Кус есеј за пишувањето и подарок – книгата „Научи да пишуваш“ во Word

Од Бранко Героски Објавено 12/05/2020 11:01:19
[Image: laptop-kafe-pixabay-750x430.jpg]

Ете, почитувани читатели, стасавме до крајот на мојот мал маратон, до последната, осумнаесетта по ред статија, која всушност е и крајот на мојата книга „Научи да пишуваш“ (2009), чија содржина, всушност, беше пренесена во статиите посветени на сите што сакаат да ја унапредат својата вештина на пишување.
Ми останува, за крај, уште еднаш да повторам дека основните постапки на развојот на пишаниот текст, за кои веќе стана збор, во многу случаи успешно се комбинираат. Всушност, тоа е главна одлика особено на книжевните и на новинарските жанрови.

Quote:Ете, почитувани читатели, стасавме до крајот на мојата серија статии за пишувањето. Се надевам дека секој од вас во моите 18 статии што ги објавував ден за ден, можеше да пронајде нешто корисно, да научи нешто ново, да се потсети на нешто што го заборавил. Како што ветив, сосема на крајот на ова последно продолжение, објавувам линк од каде што можете да ја преземете мојата книга „Научи да пишуваш“, објавена во 2009 година. Симнете ја во Word и сочувајте ја. Ќе ви се најде. Но, пред тоа, ве молам да прочитате делови од еден прекрасен есеј на д-р Ферид Мухиќ, со кој, всушност, мојата книга завршува.
[Image: geroski-mala.jpg] Бранко Героски новинар

Physeter catadon“, извонреден есеј на Ферид Мухиќ

Веќе приложив извадоци од една духовита козерија на млад и талентиран автор, од интересен извештај и од една полемична расправа на наш познат колумнист – сите се збогатени со описи, со нарации, со интересни цитати, со елементи на хумор и сатира. Колку што се посложени и позахтевни формите на изразување (жанровите), толку поплодотворно е комбинирањето на постапките на развојот на пишаниот состав.
Книгата Штитот од злато на д-р Ферид Мухиќ нуди дузина извонредни есеи, во кои авторот води амбициозни филозофски расправи, користејќи при тоа интересни и необични приказни како литерарни предлошки и служејќи се со богати описи, со инспиративни цитати, со разновидни изразни средства и модели на развивање на дејствието. Ќе го издвојам мојот омилен есеј од оваа книга, под наслов „Physeter catadon“, не само зашто ја покажува умешноста во комбинирањето на постапките за кои зборувавме, туку пред сѐ зашто соопштува една многу важна поента со која сакам да го завршам овој труд.
Есејот почнува со мала расправа за афоризмот „Да се живее, не се мора; да се плови – да!“ и продолжува со раскажување на една необична случка што се случила на голем брод китоловец во Индиски Океан, што ја забележал капетанот во својот дневник. Еден голем кит-мажјак од родот Physeter catadon, кој со денови пловел на безбедна оддалеченост од бродот, во еден момент ќе нурне во морските длабочини и ќе изрони по неверојатни 112 минути. Мухиќ раскажува и опишува:
Додека морнарите се буделе од маѓепсаноста и брзо го местеле харпунскиот топ, капетанот бил како замаен (како што запишал во својот дневник, „I was mesmerized) и – низ ударите на брановите, силното прскање на капките, претворени, од снажниот здив на неверојатните катадонови дробови, во гејзир водена измаглина низ која се пробивала ненадејно вцртаната ѕуница – едноставно ја примил како проблесок на менталната евиденција, реченицата за која чувствувал дека директно доаѓа од големиот кит. Тврди оти таа реченица наполно јасно се обликувала во неговата свест во моментот кога заглушувачки пукнал харпунскиот топ и дека заправо остро се вцртала на звукот од китовиот ропот.
Подоцна во есејот, со низа реторски прашања, Мухиќ ја развива својата хипотеза дека китот можел да го избегне харпунот, дека можел да нурка поплитко и подалеку и дека напросто можел да избега од тој китоловец. И сега следува важна поента во есејот:
Но, суштество кое може, само со својата сила, да помине низ иљадници и иљадници долги миљи од овој свет, суштество кое во вистинска и буквална смисла, не ја знае смислата на границите, суштество кое ниту ги знае ниту ги има, такво суштество го укинало и самото физиолошко чувство на страв од смртта – кое е свест за границите и страв од крајот!  Зарем такво суштество некогаш може да се двоуми околу тоа што треба да прави? Зарем би можело да избере било што друго освен она што токму го избрал овој Physeter catadon: да се осиромаши за еден живот, и со тоа, да се збогати за еден подвиг!

Решавајќи еднаш да пишува, вистинскиот пистале решил и за својот живот!

Ете затоа, вели Мухиќ, неговото гесло, таа клучна реченица, капетанот точно ја чул и разбрал: Да се живее, не се мора; да се нурка – да! Тука некаде, авторот тежиштето на есејот го префрла на друга тема, споредувајќои го подвигот на големиот кит со подвигот на писателот:
Решавајќи еднаш да пишува, вистинскиот пистале решил и за својот живот! Како што, станувајќи кит, Physeter catadon решил за својот. На првиот му е дадено да пишува, на вториот – да нурка! Двајцата со тој чин ги определиле исходите од сите дилеми и значењата на тоа што треба да го прават! Соочени со исполнувањето на своето определување, покрај заканата од харпунот, и отстапувањето, како спас од таа закана – тие секогаш ќе изберат да продолжат со она што е услов на нивното постоење!
И еве ја, најпосле, завршната поента во овој инспиративен есеј на Мухиќ, со која завршува и мојата книга:
Тие што знаат дека секој ден е – судниот ден, тие знаат дека секое нуркање е најдобро тогаш кога се нурка како да е последно; и тие кои пишуваат знаат дека книгите треба да се пишуваат така како да ни е тоа последното што ни е дадено да го напишеме, и дека сите најдобри книги токму така се напишани, и дека поинаку не може добро да се пишува, ни длабоко да се нурка, ни вистински да се живее.

Книгата „Научи да пишуваш“ можете слободни и бесплатно да ја преземете:

КЛИКНИ ТУКА Научи да пишуваш
Книгата е за ваша лична употреба. Секое печатење и објавување на целата книга или на нејзини делови за комерцијални цели, без договор со авторот, ќе се смета за повреда на неговите авторски права.
16-05-2020, 01:06 PM
Reply