Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 0 Vote(s) - 0 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
ЦРНА ХРОНИКА НА МАКЕДОНСКАТА САМОСТОЈНОСТ
Author Message
ЈорданПетровски Online
ЈорданПетровски-ЦРНИ
*****

Posts: 17,143
Joined: Mar 2010
Reputation: 36
#1

Quote:Дали созреваме како држава?!


ЦРНА ХРОНИКА НА МАКЕДОНСКАТА САМОСТОЈНОСТ



Работите во државата и по шеснаесет години не стојат како што посакуваме. Проодувавме, станувавме, паѓавме и ни се случија толку многу нешта. Многу повеќе грди, отколку добри. Впрочем, се потсетуваме на нив не само за да ги евидентираме, туку и за да знаеме како не треба



Пишува: Серјожа НЕДЕЛКОСКИ



На 8 септември 1991 г. беше одржан Референдумот за прогласување сувереност и отцепување на тогаш веќе Република Македонија од федерацијата што се распаѓаше. И покрај тогаш поттурената неумесна, но и содржински опасна по вистинската македонската самостојност додавка, граѓаните во најголем број, имајќи го предвид само првиот дел, дадоа масовна поддршка на изјаснувањето за самостојноста на нивната држава. Може да се каже дека тоа беше очекуван македонски израз на она што веќе се случуваше претходно во другите држави произлезени од некогашната сојузна. Дури и оние политички сили коишто по секоја цена се трудеа и физички да ја задржат Македонија во Југославија, сметаа дека со Референдумот само ќе се амортизира во тие моменти силно нараснатиот македонски патриотизам, предизвикан од градењето суверени национални држави на народите коишто тогаш, до пред само една година, живееја во истата заедница. Воедно, сметајќи дека тоа е неодминлив “домино-ефект”, зад кој во тие моменти стоеше и најголемиот дел од меѓународната заедница, плашејќи се од нови крвопролевања и с¢ уште немајќи јасна претстава како да се справи со катастрофата во СФРЈ. Секако, имаше обиди од страна на с¢ уште присутната пропагандна машинерија на Белград да се застраши населението или, пак, да се минимизира значењето на Референдумот и воопшто самостојноста на Република Македонија.

На таквата состојба секако £ погодуваше колебливоста на дел од тогашните штотуку формирани македонски политички партии, претежно од левиот блок, кои и претходно под превезот на претпазливоста постојано настојуваа да го успорат неминовниот процес на конечно создавање самостојна суверена македонска држава. Да се потсетиме само на нивните реакции околу сите иницијативи што беа во контекстот на независноста: од споменувањето на македонските спортски репрезентации, па до потценувачкиот однос кон економското осамостојување и опстојување на државата.

СОПКИ ОД ПОЧЕТОКОТ Ова кусо непретенциозно потсетување на спомнатиот период, всушност претставува вовед во една исто така непретенциозна ретроспектива на настаните што досега го карактеризираат опстојувањето на Република Македонија.

Многумина ќе кажат дека деценија и пол и не е период од кој може да се извлече констатација за функционирањето на една држава, па и дека е сосема разбирливо таа временска кусотрајност да биде проследена со многу турбуленции, особено кога ќе се има предвид преминот од едно во сосема спротивно општествено уредување. Сепак, од другата страна на таквото гледиште постојат размислувањата дека Македонија со своите капацитети и перформанси (стопански, економски, човечки, геостратешки во регионот...), уште на почетокот имаше голема можност брзо да прерасне во навистина функционална и просперитетна држава. И, воедно, да предничи пред другите поранешни ЈУ-републики во коишто се разгоруваше страшна војна.

Секако, причината за тоа најпрво ќе се побара во неможењето или несакањето на дел од тогашна македонска политичка номенклатура да сфати дека тенденциите што ги зафатија екскомунистичките држави, неминовно го наложуваат нивното што поскоро раскинување на врските со Белград како нивен дотогашен патрон. Притоа, да се присетиме на фамозниот договор Изетбеговиќ-Глигоров, кој не претставуваше ништо друго туку обид без секакво чувство за реалноста да се спаси заедницата во распаѓање. Па дури и години подоцна, во услови на воведено ембарго за нашиот северен сосед, се правеше с¢ за да некому не му биде прекината папочната врска со Србија. Бездруго, тоа може да се коментира и како чисто криминална активност мотивирана од желбата за брзо збогатување. Но кога, пак, ќе се има предвид дека тоа не можеше да се случува без согласност, логистика и контрола од политиката, тоа веќе не може да биде карактеризирано само како шверц, туку како непатриотизам и диверзија кон сопствената држава, чиишто основи на овој начин беа силно разнишувани.

Враќајќи се на присетувањето на овие години минати во самостојност, се наметнуваат повеќе теми за кои би можело да се каже дека ја проектираа траекторијата по која се движи државата. Зашто, ќе се согласиме, и покрај сите усилби, сегашноста не ни е добра. Најмалку е онаква каква што ја посакуваме и ја замислувавме кога се осамостои државата, ниту во економска, ниту во безбедносна смисла. За тоа придонесоа многу настани, за жал повеќето грди и во доменот на аферите, при што постојано се актуелни прашањата за опстанокот на македонската држава. И, притоа, неминовно ќе мора да си споменеме на еден од македонските апсурди: оние коишто во 1990 г. го ставаа под прашање опстојувањето на самостојна Македонија, по '91/'92 ги обвинуваа сите други дека ќе ја делат или дека ја уништуваат!

ГИНЕА ПОЛИЦАјЦИ Во првите две години од процесот на осамостојувањето на државата се случуваше и реформирање на безбедносните сили, првенствено преструктуирање на полициските редови. Трансформацијата на оваа структура, всушност, почна пред 90-тите години на минатиот век, со аферата за “Осуммината”. Некои тоа го карактеризираа како нови ветришта во сегментот на власта што дотогаш се сметаше за репресирачки. Но, имаше и спротиставени мислења. Подоцна овие “осуммина” гравитираа кон партиите што до 1998 г. беа во опозиција, некои политички се активираа, а од нив неразјаснето остана (само)убиството на Миле Илиевски.


Интересно за анализирање е тоа што по формирањето на експертската влада на Никола Кљусев, во чиј што кабинет влегоа и двајца партиски определени министри од ВМРО-ДПМНЕ: Јордан Мијалков, како министер за внатрешни работи, и Александар Лепавцов, тогаш министер за убранизам и транспорт, острицата на тогашните државни медиуми под контрола на делови од поранешната политичка номенклатура, беше најмногу насочена кон полицијата, иако во тоа време македонската полиција, сосема менувајќи го односот кон сопствените граѓани, со неколку акции запре да се мобилизираат македонските регрути, грабнувајќи ја и криејќи ја воената евиденција, а имаше и навистина смели подвизи во спречувањето на изнесувањето на воената опрема од македонските касарни и нејзино запленување за потребите на државата. Оттаму, министерот Мијалков беше постојано под притисоци на одредени домашни политички структури и на воениот врв на ЈНА. Дел од македонските политички партии отворено заговараа негова смена, но премиерот Кљусев, познавајќи го одамна, во него ја темелеше и својата лична безбедност и сигурноста на земјата. Затоа, и загинувањето, но и причината за самото заминување на пат на Јордан Мијалков од една седница во Собранието, до денес остана мистерија. Дали станува збор само за несреќа или, пак, за првиот политички атентат во поновата македонска историја?! Имено, според нејасните околности и по чиј повик од Белград и по чија сугестија од Скопје тој заминува на пат, но уште повеќе според кажувањата на очевидците на настанот, оние што имаат некаква поврзаност со увидот од местото на несреќата и од обдукцијата на Мијалков, постојат многу сомневања дека не се работи за обична сообраќајка. Интересно е да се напомене дека како еден од причинителите на несреќата се споменуваше возило лада со регистерски таблички од Врање, управувана од Албанец од Бујановац, а за кој подоцна ништо не се слушна. Исто така, интригантно е што исто таква лада со врањски таблички по две години беше апострофирана како предизвикувач на незгода, којашто, за среќа, не заврши фатално, на службениот автомобил на Стојан Андов, тогашен претседател на Собранието. Набргу по загинувањето, или убиството, на Мијалков, беше лиферувана информацијата дека воениот врв на ЈНА планирал и физичка ликвидација на премиерот Никола Кљусев, како дел од плановите за отворање “Јужен фронт”, со цел на Македонија да не £ се дозволи отцепување од планираната трета Југославија, којашто тогаш многумина ја нарекуваа Србославија.

Мистериозните загинувања, самоубиства или незгоди на вработени во полицијата продолжија и подоцна. Некаде 1994 г. пред Прилеп се случи сообраќајна несреќа во којашто со сето семејство загина службеник на МВР, за кој постоеја сомневања дека анонимно доставува информации до тогашните опозициски медиуми. Во Кочани, пак, полицискиот инспектор Спасе Атанасов “се самозастрела” откако јавно проговорил дека ембаргото кон СРЈ со крши со амин од политичари во власта. На многу сличен начин над скопската населба Црниче беше пронајдена (само)убиена и Татјана Павловска, вработена во УДБК, како контраразузнавач ангажирана на прислушување, при што темелејќи ги своите тези на сознанија и начинот на кој се самоубила, медиумите шпекулираа дека Павловска дошла до сознанија за тесна поврзаност на криминални структури со политичари. Притоа, не треба да го заборавиме и загинувањето на еден од телохранителите на Киро Глигоров, очевидец на атентатот врз поранешниот претседател.



ЖЕСТОКИ ГОДИНИ Оваа своевидна црна хроника, за жал, не застанува тука. Македонија воопшто не беше одмината од она што се случуваше во регионалното опкружување, па колку ние поинаку и да размислуваме самите за себе.

Не можат да се одминат ниту настаните какви што беа загадочното самобесење на новинарот на Радио Скопје и Глас на ВМРО, Љупчо Атанасовски, коешто се поврзува со неговото жестоко критикување и разобличување на посткомунистичките велможи ситуирани тогаш во новото македонско политичко милје. Покрај ова, за споменување е свирепата ликвидација на целото струмичко семејство Мудинови, која беше прикриена со мистеријата дали се работи само за бизнис-пресметка и застрашувачка казна или, пак, за шпионско-политичка егзекуција. Затоа што, да се потсетиме, во 1997 г. на една црна листа за ликвидација на српската мафија се најдоа неколкумина пратеници-бизнисмени, меѓу кои најзвучни беа имињата на Ванчо Чифлиганец и Зоре Темелковски, а кои честопати во домашните медиуми беа доведувани во поврзаност со неколку бизнис-групации од Србија и од Бугарија. Оваа тогашна афера со повеќе протагонисти од нарачатели до потенцијални жртви беше поврзувана со кршењето на ембаргото кон Србија, неплатени услуги и затскривање на трагите коишто наводно водеа до големи политички фигури. Зад Чифлиганец, на пример, се влечеше една од најголемите афери за помагање во “претопувањето” на српското злато и бакар во бучимски, што овозможуваше трансакции со него во странство. А тоа, истовремено, значеше и финансиска поддршка на режимот на Слободан Милошевиќ.

Во меѓувреме, откако СДСМ со своевиден политички пуч и манипулации, а со неграмотност на пратениците и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ја собори владата на Кљусев во Собранието и ја оформи првата политичка влада со помош на партиите од левиот блок и ПДП, тогаш единствената партија на Албанците во Македонија, се случуваа многу непријатности во доменот на функционирањето, пред с¢, на правната држава. Најверојатно под импресиите од добиените функции и умислата дека е изнајден начинот како да се управува со државата, релативно младиот кабинет на Црвенковски за кусо време си дозволи да ги партизира и за свои интереси да ги инструментализира државните институции.

Во прв ред тоа се случи со полицијата којашто под раководството на Љубомир Фрчкоски, претходно експертски советник во кабинетот на Кљусев, уставотворец и поборник за демократија, не умееше или не сакаше да се оттргне од стариот начин на работа. Секако, станува збор за една влијателна група полициски челници коишто и во минатиот режим беа тесно поврзани со политичките структури.

Така се случи да имаме тепање на народот во скопската населба Ѓорче Петров затоа што протестираа во нивната населба да биде изграден камп за бегалци од Босна и за Роми-азиланти. Всушност, зад оваа акција се одвиваше една финансиска афера бидејќи не беше исполнета обврската да се изгради таков кампус со донираните средства од германската покраина Северна Рајна Вестфалија, а средствата беа потрошени. “Убедувањето” на ѓорчепетровци освен со пендреци, беше проследено и со употреба на залихите од ЈНА на боев солзавец. Оваа многу напната ситуација, за среќа, беше надмината со повлекување на идејата на тогашната влада, затоа што веќе имаше организирани поддршки од студентите и од други градови за спротивставување на полицијата. На тоа, пак, му претходеше судирот на македонските полициски сили со демонстрантите Албанци кај Бит-пазар, кој започна најпрво како реакција по полициска бруталност и губење на животот на еден Албанец, па се префрлија во жестока пресметка во којашто провејуваше, тогаш првпат јавно манифестирана, меѓуетничка нетрпеливост.

Во следниот период, имавме многу случаи на претепувања партиски активисти, протестирачи од ограбените претпријатија, приведувања новинари и партиски членови на информативни разговори, што беше особено изразено при атентатот врз Глигоров.

Најбрутален, секако, е примерот кога на протестниот митинг на тогашната опозиција, а по повод незадоволството од лажирањето на изборните резултати, беа ангажирани снајперисти. Тоа и од странскиот дипломатски кор тогаш беше оценето како незабележливо невкусна провокација или безбедносна мерка којашто лесно можеше да доведе до растење на тензијата и до фатални последици за самата безбедност и функционирањето на државата.

Следеше посуптилна реакција на заинтересираните политичко-финансиски групации за очувување на таквата позиција, па во еден период имавме масовна појава на локални рекет-групи коишто за одредени отстапки од властите ја вршеа валканата работа во “убедувањето”. Дури таквите лица се најдоа и во личните обезбедувања на претседателот, премиерот и други министри. Таквите појави експлодираа на изборите 1994 г., кога со автобуси се носеа екипи за “убедувања”, а најбрутални беа судирите на овие групации со граѓаните и со - по таа основа - формирани групи на другите партии во Прилеп и во Кочани. Бевме сведоци на многу пресметки што ги вршеа ваквите групи под закрила на политички моќници во речиси сите градови на Македонија. А таквата осиленост финализираше со трилер-сцени на скопските улици, кога Аце Боцевски Циганот го егзекутираше Сеад Ибраими, при што новинарските истражувања доведоа до поврзаност на интереси на високи државни и полициски функционери со случајот.

ПРИСЛУШУВАЊА НА ОПОНЕНТИТЕ Во овој домен, уште во почетокот се наметна аферата “Бугарски летоци”, којашто подоцна стана синоним за меѓупартиски поттурки. Станува збор за лиферувањето летоци во коишто на бугарски јазик беше испишана содржина што требаше да го компромитира тогашното раководство, како и целата партија ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно проценките на тогашните с¢ уште влијателни структури што се противеа и на промената на општественото уредување и на осамостојувањето на Република Македонија, а секако не без учество на централата надвор од државата, одеа во прилог дека новопројавената партија со историскиот акроним претставува политичко артикулирање на македонскиот патриотизам и голема загроза на нивните интереси.

Таквиот вид “специјална војна” против политичкиот противник беше изразена и со аферата “Сина птица” или “Македонска паравојска”, кога директно беа инволвирани високи безбедносни структури од полицијата и армијата во компромитација на вмровското членството, но и на дијаспортата којашто во тој период покажа голем патриотизам и приврзаност кон сувереноста на државата и кон сите што ја прокламираа таквата идеја. Притоа, на снимките направени со скриена камера беа споменувани и атентати, што подоцна беше ползувано како аргумент во хајката за атентатот на Глигоров. Во тој контекст ќе го споменеме и случајот со т.н. “Велешки бомбаши”, кога во услови на присутност на ЈУ-армијата беше конструиран случај со кој требаше да се докаже наводната милитантност на одредени македонски кругови и подготовки за војна, па дури и за ликвидација на високи државни функционери.

Тука ќе се вброи и аферата “Дувло”, односно појавувањето во јавноста на документи од Петтата управа на МВР, за прислушување на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и прислушување, следење и документирање на активностите на членовите на нејзиното раководство датирани од 1992 г. Подоцна, по отворањето на полициските архиви и поединечните досиеја, ќе се покаже дека таквите мерки со потписите на министрите од СДСМ заведувани под шифрата “македонски национализам” биле водени за илјадници граѓани, интелектуалци, новинари, уметници и опозиционери на тогашната власт.

На оваа афера СДСМ одговори во 2000 г., кога нејзиниот лидер Бранко Црвенковски од собраниската говорница обзнани дека поседува стенограми за прислушување на неговите членови и видни партиски активисти, новинари, па дури и странски дипломати, по наредба на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашниот прв човек на МВР, Доста Димовска, поднесе оставка која не беше прифатена од премиерот Љубчо Георгиевски, што опозицијата го толкуваше како доказ за вмешаноста на владејачката структура во случајот. Но, аферата позната во јавноста како “Големото уво”, сe` уште е непозната. Првенствено, затоа што од понудените документи не може да се види која служба и по чиј налог ги вршела прислушувањата, а судскиот процес што требаше да го расветли слученото, беше прекинат по аболицијата за Димовска од страна на починатиот претседател Борис Трајковски.

ЕКОНОМСКА ДИВЕРЗИЈА? Она што во моментот се случува во поглед на преиспитувањето на приватизациите - во случајов на Охис, Фершпед, ОКТА итн., како и актуелниот случај со набавката на резервни делови за тенковите Т-55 - е само логичен след на она на што од почетокот се предупредуваше и од страна на јавноста и од страна на независни економски стручњаци.

Грешката секако е направена уште во почетокот, најнапред со одбирањето на моделот на приватизација. Неспорно е дека тоа беше неминовен процес во заложбите за транзиција на општеството. Меѓутоа, колку и да има вистина во тврдењата дека на тој начин се поттикна заинтересираноста на одредени стопански фактори за поддршка на самостојноста, и покрај с¢ впечатокот кој надвладува е дека тоа е сторено на најлошиот начин.

Најпогубно за македонското стопанство беше длабокото пенетрирање на политичките интереси во процесот на трансформација на општествениот имот. Така се создаде група бизнисмени, сега нарекувани олигарси, кои чувствувајќи ја политичката закрила станаа енормно богати сопственици на поранешната државна сопственост, и тоа преку најболниот начин - со масовни отпуштања на работниците. Така се создаде привидот дека македонските стопански капацитети биле предимензионирани; наводно не можеле да функционираат во услови на распаѓање на поранешниот пазар. Но, тоа многу повеќе ја доведува под прашање компетенцијата и умешноста на поранешните директори кои подоцна станаа, наводно, успешни менаџери и деловни луѓе. Зошто тие не успеаја да го преориентираат производството на претпријатијата кон други пазари, туку с¢ беше оправдувано со пропаѓање на поранешните “традиционални пазари”, а оние кои с¢ уште функционираат беа откупени по цена драстично помала од вистинската?

Сепак, вистината за тоа е дека македонскиот стил на приватизација претставуваше најбрутално обезвреднување на имотот на претпријатијата, со што за многу ниска цена се стануваше сопственик на вредни капацитети. Некои од нив беа пренаменувани и препродавани, а некои продолжија да функционираат како партиски спонзори. Покрај споменатите, сигурно за анализирање се и пропаѓањата на некогашните гиганти како Газела, Годел, Треска, Македонија табак, Цементарница Усје, Технометал-Вардар (од којшто на пример произлегоа купче успешни бизнисмени,а фирмата отиде во амбис!?), трговските фирми Славија, Центро, Трготекстил, кои, покрај другото, останаа и без скапиот имот што го имаа во поранешна Југославија, велешки Лозар, затворените рудници, Руен Кочани, тутунските комбинати во Прилеп и во Куманово, дрвните и градежните индустрии во Скопје и во Битола, текстилните високоценети штипски брендови Астибо, Македонка и безброј поголеми и покрупни фирми. Не остана град во Македонија каде што приватизација - од многумина карактеризирана како криминална - всушност се претвори во производство на отпуштени од работа и на социјалци. Како резултат на тоа, крстосниците пред Владата и пред Собранието станаа локации за протести и изразување на незадоволството на граѓаните. Бројката од повеќе од 350.000 невработени што и ден-денес го обременува македонското општество, исто така, исклучиво е ефектот на нашата транзиција, кога либералната демократија первертирано сфатена ја претворивме во див либерализам, налик на оној од времето на освојувањето на “новите светови”.

Секоја промена на сопственичката структура претставуваше трагедија за многу семејства, градови и региони, па така осиромашените граѓани стануваа лесен плен за смислени пљачкосувања. Така беше патентиран изумот на пирамидалните штедилници, преку коишто граѓаните бескрупулозно беа мамени и ограбувани. Секако и тоа не можеше да се случи без аминување на политичарите, кои на овој начин сакаа привидно да ја амортизираат бедата на населението, а поточно направија систем преку кој го доограбија и истовремено си ги финансираа сопствените политички кампањи. И сето тоа припишувајќи го на наивноста на народот или на неговата желба за брзо богатење. Џамаданче, Македонија реклам, Алфа С, Ака банка, Лавци, Либерти интернационал и најпосле експлозијата ТАТ.

Грабежот на граѓаните, надоврзувајќи се на “заробените” девизи на штедачите, и оштетувањето на државата преку приватизацијата, придонесе пред 1998 г. финансиската дупка на Република Македонија да изнесува сегашни 5 милиони евра. И иако во следниот период се направија и се прават напори таа да се санира, ќе мора да мине подолг период кога последиците од тоа ќе бидат надминати.

ШТО ДА СЕ ПРАВИ? Секако дека и досега зафатениот простор не дозволува да се набројат и попрецизно да се детерминираат настаните, случувањата и аферите и во другите сегменти од општественото живеење што во негативна конотација ги одбележуваат годините на самостојност. Може да се спори со тоа дека многу црнила се содржани на овие страници. Но, вистината е таква, и овие настани, за жал, и бројно преовладуваат пред оние светли моменти, како што е одржувањето на Референдумот за самостојност, на пример. Освен тоа, тие се во насока на тезата дека ситуацијата во државата е таква најмногу под влијание на ваквите грди случувања. А, тоа е факт што го потврдуваат и економските проблеми со кои се соочуваат и државата и граѓаните. Но, уште повеќе го поткрепува податокот дека Република Македонија с¢ уште грчевито се бори за својот меѓународен статус, во смисла на евро-атлантските интеграции, при што постојано е потсетувана дека треба уште многу да сработи во поглед и на законодавството и во смисла на сузбивањето на корупцијата и криминалот за да ги достигне стандардите на современите западни општества. Беспоговорно, тоа е сметката што ја плаќаме како резултат од повеќегодишното работење. Зашто, да се потсетиме, иако пред шест години беше потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, а Република Македонија беше оценета како најперспективна од групата земји од т.н. “Западен Балкан”, во меѓувреме повеќето држави од регионот или се здобија со статусот членки на ЕУ или, пак, сега се подобро оценети од нас.

Секако дека војната од 2001 г. е една од поголемите причини за тоа. Но, тоа не може да го намали влијанието на она што претходно го спомнавме врз создавањето на севкупната оценка за состојбите во земјата. Меѓу другото, затоа што таквите настани ни се повторуваат.

Оттаму, потребна е истрајност и искрена определеност за справување и сузбивање на сите појави што не носат перспективи, туку регрес, особено што тие се предмет на опсервација од асоцијациите кон чиешто членство претендираме. Потребно е исто така и вистинско прецизирање на државните интереси и нивна поддршка од сите политички субјекти. Поточно, да се престане со кодошењето и подметнувањето на политичките опоненти. Заслугите за успехот не треба да се сфатат како политички пораз на домашен терен. Таквото восприемање на нештата поттикнува на политички потези несообразени со целта. И, веќе имаме искуство со тоа. Едно од нештата што треба да се стори е да се детектираат работите што ни пречат во напредокот.

МАЛЕР СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ

Во 1995 г., веднаш по средбата со Милошевиќ во Белград, на 3 октомври беше извршен атентат врз Киро Глигоров. Претседателот, за среќа, беше само повреден, а жртви беа неговиот службен возач и случаен минувач. Тогашната власт ги обвини опозицијата и емиграцијата за атентатот, а министерот за внатрешни работи Фрчкоски ја обвини Мултигруп од Бугарија. Подоцна тој замина за САД, а се врати како министер за надворешни работи. Се шпекулираше и дека тоа е договорот на подземјето за најавената борба на Глигоров со организираниот криминал. Меѓутоа, остана впечатокот дека тоа беше пресметан акт сторен со инсајдери во полицијата, што беше искористен за пресметка и со политичките противници, но вистинската цел сепак беше стабилноста на Македонија.

На 26 февруари 2004 г., пак, при службен пат, крај Мостар се урна авионот на претседателот Борис Трајковски, при што загинаа и двајцата пилоти и телохранителите и членови на неговиот кабинет. Мистериозноста за оваа трагедија ја подгреаја спротивставените тврдења на претставниците на францускиот континент на КФОР дека местото на трагедијата е откриено цел ден подоцна, како и уверувањата на некои мештани дека временските прилики овозможувале непречена потрага по настраданите. Некои домашни медиуми изнесоа поткрепени тези дека станува збор за многу веројатна саботажа.

ДЕМОГРАФСКО ПРЕКРОЈУВАЊЕ

При пописот од 1994 г. бројот на албанското население во Република Македонија се зголеми за 150.000. Со тоа, процентуалната застапеност на оваа етничка заедница драстично се зголеми, со што погласни станаа и барањата за федерализација на државата. Статистичари и дел од новинарите обвинија дека овие 150.000 двојни државјанства, незаконски издадени по основа на одредбите за жители на другите ЈУ-републики, се силно нарушување на дотогашниот етничкиот сооднос во државата кој може погубно да се одрази врз нејзината унитарност, што и се случи во 2001 г.

Десет години подоцна, коалиционата власт на СДСМ и ДУИ, и покрај протестите, го донесе новиот Закон за територијална поделба и локална самоуправа, при што бројот на општините се намали, а некои со прекројувањето, иако дотогаш не беа, станаа доминантно албански. Некои аналитичари сметаат дека така е исцртана, всушност, картата на државата според етничката хомогеност, како и дека тоа претставува можна линија на етничко раздвојување.

ДИСКОТЕКИТЕ НА МЕТА

Дискотеката Хард рок стана синоним за рекетарството. Пред одржувањето на прославата на изборната победа на коалицијата Сојуз за Македонија, при што беа поканети и дипломати, таму упаднаа група жестоки момци и ја демолираа. Вината беше префрлена врз дотогашното приватно обезбедување на СДСМ. Но, подоцна се покажа дека зад аферата стојат меѓукоалициски и меѓупартиски подметнувања.

Кусо време месеци подоцна, во дискотеката Силекс од неидентификувани лица беше подметнат непознат гас од кој настанало силно задушување на присутните, по што во стампедото загина малолетната Калина Бабунска. Неколку затруени деца, за среќа беа спасени. Случајот беше забошотен, иако се шпекулираше дека тоа е одговор на рекетарските групи.

Пред извесно време го имавме случајот Процес, кога полицајци се пресметуваа со обезбедувањето на клубот, како реванш за претходен инцидент. Тука постојат обвинувања дека станува збор за меѓупартиска пресметка, но сторителите се идентификувани и обвинети.

КОКАИНОТ ИСПАРУВА

Изгледа неверојатно, но само кај нас може да се случи 25 кг претходно запленет висококвалитетен кокаин да исчезне од сефот во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Случајот беше објавен во 1999 г., а се случил две години порано, во времето на министерувањето на д-р Томислав Чокревски. Според сомневањата на истрагата, кокаинот му бил даден на Петрит Аме, човек добри етаблиран и во балканското подземје и во српските и македонските политички кругови. Неговата улога била да го препродаде за сметка на финансирање на политичка структура или, пак, на тајни полициски операции. Обидот за апсење на Аме, како и еден претходно, беше “провален”, а подоцна беше објавено дека Аме е ликвидиран во Приштина.

Но, две години потоа, се појави со години претходно снимена видеолента на која Аме на полициски службеници им ги појаснува релациите на политичари, бизнисмени и луѓе од криминалното милје.

И ИМЕТО И ЗНАМЕТО

Еквидистанцата што Глигоров своевремено ја прокламираше кон соседите, наводно требаше да ја гарантира безбедноста на државата. Но тоа, всушност, беше и остана политички блеф и дипломатски гаф, по што Македонија остана без партнери и сојузници и во регионот и воопшто во светот. Така, до денес се води рововска битка со Грција околу името на државата. Тоа не им пречеше на тогашниот државен врв и на парламентарното мнозинство да го сменат уставот и под наводното неопходно примање на државата во ОН, да го предадат уставното име во референцата БЈРМ, а подоцна и државното знаме. Со тоа станавме неидентификувана територија и, иако ни беше ветено дека тоа е само привремено, привременоста трае и трае. А, освен тоа, станува голема пречка од која зависат и нашите евро-атлантски интеграции.

ТАТ

Во март 1997 г. во Битола пропадна пирамидалната штедилница ТАТ, а со неа во неврат отидоа и сегашни 60 милиони евра. Исто така, таа повлече со себе и стотици жртви чиишто животни заштеди пропаднаа во желбата од привлечната камата да ги прехрануваат своите семејства.

Според тогашните сознанија, инволвирани во пропаѓањето беа тогашниот гувернер на НБМ, Борко Станоевски, и досега неидентификуван тогашен “министер во тренерки” кој претходно во вреќи изнесувал пари од ТАТ. Покрај обичните граѓани, од штедилницата камати печалеле и судии, полицајци и политичари. Всушност, и самата сопственичка Соња Николовска беше социјалдемократски советник на Општина Битола. Тајните списоци и “црните тетратки” со имињата на приоритетните вложувачи останаа тајна до ден-денес. Исто така, се шпекулираше и дека дури одредени суми странски кредитни линии биле ставени на “оплодување” во битолската пирамида, а оттаму биле носени во Албанија, во Вефа холдинг, чиешто пропаѓање се проценуваше на неколку милијарди долари.

Неколку години подоцна вмровската влада ја прифати обврската на државата и почна со обесштетување на оштетените.

НАПАДОТ НА АМБАСАДАТА НА САД


На почетокот од НАТО-интервенцијата во Србија, во Скопје беше нападната Американската амбасада. Преседан во светски рамки кога станува збор за европските простори, што една година подоцна најверојатно скапо ја чинеше државата, во смисла на губењето американска поддршка во справувањето со ОНА. Не е тајна дека инспираторите на влетувањето на толпата во дворот на Амбасадата, како и нападот и демолирањето на возилата на странските мисии, беа домашни структури во соработка и координација со припадниците на стариот КОС. Истото важи и за оружениот напад на францускиот контингент стациониран крај Скопје.

18-12-2014, 04:22 PM
Reply