39
07.12.2006, 18:28
Македонија не може да стои настрана околу притисокот врз малцинството во Бугарија
Бугарија кон одлуките на Стразбур се однесува како во турско: плати арач на султанот и терај по свое, вели Фрчкоски
ДИМИТАР ЧУЛЕВ
Акцијата на бугарската држава преку комбинирано полициско-пописни методи да ја „провери“ бројноста на членовите и симпатизерите на ОМО „Илинден“ – ПИРИН, во најмала рака, е скандалозна и пред очигледната тортура насочена кон македонското малцинство во Бугарија изненадувачки е молкот на македонската држава, сметаат нашите интелектуалци. Целта на засилената хајка е да ја елиминира бројноста на партијата околу која гравитира македонското малцинство во Бугарија, иако цензусот од 5.000 потписи потребен за регистрирање политичка партија е постигнат и иако Софија има пресуда од Судот во Стразбур која е изречена токму поради забраната за регистрација. Членови од партијата сведочат за заплашување, проверки на личните податоци, изнудување признанија дека добиле пари за да бидат зачленети во ОМО, односно дека некој ги фалсификувал нивните лични податоци...
„Погрешно е прашањето дали воопшто е возможно она што го прави Бугарија. Тоа се случува...“, вели поранешниот шеф на дипломатијата Љубомир Фрчкоски. Според него, со начинот на кој постапуваат бугарските власти практично се активира проблемот на реализирање на одлуките од Судот во Стразбур. „Се прашувам дали Бугарија ги третира ваквите одлуки како во времето на постоењето на таканаречените милет-системи, како, на пример, во времето на Отоманското царство. Тогаш било практика на султанот да му се плати данок за одредена културна автономија и по плаќањето на арачот продолжувате да правите што сакате. Со таквиот начин на третирање на одлуките на Судот сметам дека Бугарија ќе има сериозни проблеми“, нагласува Фрчковски.
Околу молкот на македонската дипломатија Фрчкоски вели дека треба да реагира секако, но не знае како. „Не треба, не може и не смее да се мешаме во внатрешните работи на таа земја, не треба да патронираме, зашто тоа би било грешка. Меѓутоа, тоа не не' попречува да преземеме еден правно заснован лобинг за да се постават прашања за евидентното кршење на човековите права. Секој може да ја праша Бугарија за постапките. Зошто од германската Партија на зелените би биле позаинтересирани отколку ние, меѓутоа дипломатијата или, подобро кажано, централата овде, е во конфузија и тоа е една од најслабите точки на новата власт. Сметам дека треба да се лобира, да се испраќаат писма и перманентно да се известува Европа за она што го прави Бугарија врз припадниците на ОМО ’Илинден‘ - ПИРИН и припадниците на македонското малцинство“, вели Фрчкоски.
Мето Јовановски, почесен претседател на Хелсиншкиот комитет, вели дека имаат директни информации од Бугарскиот хелсиншки комитет и од претседателот Красимир Канев, кој ги уверил дека нема неправилности во начинот на кој биле собирани потписите на членството.
Јовановски вели дека државата има формално право да легитимира, да проверува некои податоци во случајот со членството на партијата ОМО „Илинден“ - ПИРИН. „Меѓутоа, доколку со една операција во која е вклучена и полицијата се опфатени шест илјади луѓе и ако се земат предвид нивните членови на семејства, имате бројка од 20.000 луѓе врз кои евидентно се прави притисок. Луѓето се преплашени за безбедноста и за работата. Трпат психички последици и тоа е рамно на репресија.
Очигледно, Бугарија се обидува да ја заобиколи одлуката на Судот во Стразбур. Судските одлуки не се ни коментираат, а официјална Софија се обидува да ја негира“, вели Јовановски. Според него, во целата оваа ситуација зачудуваат европските држави и јавноста, кои не реагираат на таквата постапка на една држава, која од 1 јануари треба да стане нивна членка.
Истовремено, необично е тоа што молчи и македонското Министерство за надворешни работи. Иако, вели Јовановски, тоа е предизвикано од јавноста да реагира. „Симпатизерите на партијата и македонското малцинство сега се збунети, ставени во стапица и им треба поддршка“. Наместо тоа, според Јовановски, сведоци сме на непријатни, па дури и скандалозни ситуации кога висок македонски функционер положува цвеќе на некои гробови на врховисти во Софија, а не го ни споменува Мисирков, чиј гроб е напуштен.
За академик Блаже Ристовски, македонскиот Устав, дури и по промените што беа направени, дава можности Македонија да се грижи за своето малцинство во соседните земји, па дури и за Македонците во дијаспората. „Тоа не се коси со Уставот, бидејќи сосема е нормално една држава да се интересира за својот народ, особено во случај како овој, кога има случај на кршење на човековите права. Реакцијата не би била мешање“, вели Ристовски. „Но, знаете дека некои соседи имаат сосема одреден однос спрема Македонија и тоа што им се случува на Македонците во Бугарија сега е резултат на тој континуиран однос“.
Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Петров, вели дека не станува збор за никаков молк на македонската дипломатија. „Настаните се следат и, секако, ќе побараме дополнителни информации за настаните за кои јавуваат и бугарските и македонските медиуми, по што ќе следува и реакција“, ни изјави Петров. Според него, за поздравување е иницијативата Собранието да усвои декларација за поддршка на Македонците во Бугарија.
Во средата пратеничката на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, предложи парламентот да подготви и да донесе декларација за правата на македонското малцинство во Бугарија. Поповска, чија идеја наиде на поддршка од повеќемина пратеници кои со свои изјави ги критикуваа кршењето на човековите права во Бугарија и побараа ЕУ да ги стави во погон своите механизми да ја притиснат оваа земја демократски да се однесува, повика декларацијата да биде донесена со мнозинство во парламентот, зашто само како таква би имала смисла.
http://utrinski.com.mk/?ItemID=30F04A770...F0DBF944D2