28
28.11.2006, 17:41
Западни компании ја бираат Бугарија за ангажирање стручни лица
Бугарија стана атрактивна поради евтиниот, високо образуван и многујазичен кадар
СОФИЈА - Насекаде низ главниот град на Бугарија видливи се начините на транзиција кон економија со слободен пазар. На билбордите се рекламираат меѓународни училишта, брендови на ликери од Запад и црноморски агенции за неподвижен имот, додека, пак, сталинистичките владини згради се издигнуваат веднаш до трошните, но шармантни згради во париски стил од крајот на 19 век, кога Бугарија доби независност од Отоманската Империја. Оваа мала балканска држава во која живеат 7,7 милиони луѓе на прв поглед изгледа неспособна да се натпреварува со Индија и Кина за поголем дел од светските бизнис-услуги кои ги минуваат националните граници во потрага по намалување на трошоците. Но, благодарение на тековната посткомунистичка економска трансформација и неодамнешните движења во глобалниот бизнис, Бугарија се најде во жариштето на релативно недефинираните процеси на ангажирање надворешни лица наречен „ниар шоринг“ - релоцирање на бизнисот на локација која е поевтина и географски поблиска. Иако намалувањето на трошоците се' уште е причината за користење надворешни лица, ширењето и зрелоста на практиката доведе до подем на друг важен фактор: локацијата. Додека компаниите се специјализираат за давање повеќе услуги низ повеќе земји, Бугарија стана атрактивна не само поради евтиниот, високообразован и многујазичен кадар, туку и поради нејзината близина, културна и географска, со клиентите од Запад. „Обуката насекаде е иста, но културата е важна за комуникацијата“, вели Џон Хазлвуд, извршен директор на
http://www.TravelStoreMaker.com, он-лајн туристичка агенција со центар за примање повици и операции за унапредување на софтверските операции во земјата. „Бугарија е многу поблиска до бизнис-менталитетот на Западот, отколку што тоа е случај со Индија или Кина“.
Тешко е да се дојде до индустриските податоци, со оглед на тоа дека поради конкуренцијата компаниите почнаа внимателно да ги заштитуваат своите бизнис-детали. Но, според Бугарската агенција за инвестиции, од 2001 година во Бугарија се отворени околу 33 центри за примање повици. Во моментов во тој сектор работат околу 3.600 лица, а бројката постојано се зголемува. Повеќе од 17.000 лица работат во софтверската индустрија во Бугарија, а 31.000 во информатичката технологија во целина, според информациите добиени од меѓународниот консултант за технологија ИДЦ, кој очекува овие бројки да продолжат да се зголемуваат.
Според индексот на „А.Т. Керни“ за глобални локации за 2005 година, Бугарија е рангирана на 15. место во светот, а на второ во Европа зад Чешката Република во однос на атрактивноста. Студијата покажува дека со зголемувањето на животниот стандард, на платите и трошоците во подобро ситуираните офшор земји во Централна Европа како што се Полска и Унгарија, компаниите почнаа повеќе да се вртат кон исток. „Првично компаниите почнаа со идентификација ’Боже има голем извор на таленти во Индија или Источна Европа, па ајде да го искористиме тоа‘“, вели Симон Бел, директор на Советот за глобална бизнис политика во „А.Т Керни“. Меѓутоа, со се' поголемата „софистицираност“ на компаниите, вели тој, „тие признаваат дека нема една локација - решение за сите. За одредени софтверски вештини Бангалор можеби е најдобар, додека, пак, за центар за примање повици на германски јазик, Прага можеби е најдоброто место“.
Секако дека Кина и Индија се' уште се наоѓаат на врвот на секоја листа за ангажирање надворешни лица, бидејќи големината на нивната расположлива работна сила им дозволува да доминираат над другите земји. Но, Бел вели дека иако трошоците се важни, сепак, компаниите се' повеќе своите одлуки ги базираат на расположливоста на квалификуваната работна сила. „Бугарија има можност“, вели Бел, „да ги привлече компаниите кои сега во регионот бараат техничка поддршка, центри за примање повици, процесуирање на податоци и софтверски дизајн“. Макроекономските податоци за Бугарија растат многу посолидно отколку во Европската унија, на која земјата планира да и' се приклучи во 2007 година. Секако, појдовната точка беше многу пониска. Бугарија во 2005 година имаше 5,5 отсто пораст во БДП, во споредба со 1,8 отсто во ЕУ, и просек на пораст од повеќе од 5 отсто годишно во последните пет години. Директните странски инвестиции во Бугарија во 2005 година изнесуваа 2,2 милијарди долари или 9,8 отсто од БДП, поголем процент отколку во Република Чешка, Унгарија, Романија или Словачка. Сепак, иако платите се зголемуваат за околу 10 отсто на годишно ниво, месечните примања се' уште се во просек по 225 долари, и бугарските плати и цените на неподвижниот имот ќе бидат најниски во неодамна проширената ЕУ.
Позицијата на Бугарија беше потпомогната од овогодинешниот потег на „Хјулит - Пакарт“ за креирање „глобален центар за испорака“ во Софија во кој ќе работат 1.000 лица, за обезбедување технички услуги и за поддршка за своите клиенти во Европа, Блискиот Исток и Африка. Саша Безуханова, генерален менаџер на „ХП Бугарија“, изјави дека земјата е избрана меѓу 14 други во Централна и Источна Европа по едногодишна студија. „Односот меѓу нивото на образованост на работната сила и цената е многу конкурентен“, изјави таа. „Бугарија ќе остане една од главните дестинации за европските проекти за релоцирање на бизнисот на локација која е поевтина и географски поблиска во следните 5-10 години“.
Повеќе проекти има во цевоводот. Во јули постариот потпретседател на „Мајкрософт“, Ерик Рудер, обелодени дека софтверскиот гигант во текот на следната година ќе отвори служба за корисниците и центар за техничка поддршка во Софија за своите клиенти во Југоисточна Европа. Потпретседателот на „Гугл“, Винтон Керф, на собирот на професионалци во информатичката технологија во Софија што се одржа во јули, изјави дека тим од истражувачка компанија за мотори ја посети Бугарија во потрага по локација. „Во Бугарија ние ги постигнавме и надминавме очекувањата“, изјави Џоел Морс, извршен директор на Ц3И, американски провајдер на техничка поддршка за организации за клинички истражувачки. Ц3И во октомври минатата година отвори центар за примање повици во Софија, примарно за своите европски клиенти од секторот фармација. Во него работата 45 агенти на англиски, германски, француски, шпански, италијански, јапонски, корејски и кинески јазик. Компанијата, исто така, вработува околу 350 лица во центрите за примање повици во Њу Џерси и 225 во Хајдерабад, Индија. Трошоците во Софија се за околу 25 отсто повисоки отколку во Хајдерабад, во зависност од јазикот, вели тој. Меѓутоа, Бугарија „има се', достапност на европските јазици што не можете да ги добиете во Азија“, изјави Морс.
До некој степен, Бугарија им се враќа на своите корени. Усовршувањето на земјата во поранешниот источен блок беше во производството и дизајнот на компјутерски хардвери и софтвери. Имаше околу 20.000 специјалисти во таа област, за време на кулминацијата на оваа индустрија во осумдесеттите години од минатиот век, според Георги Брашнаров потпретседател на Бугарската асоцијација на софтверски компании. Меѓутоа, индустријата колабираше заедно со социјалистичкиот поредок и голем број од програмерите заминаа на Запад. Потоа земјата во средината на деведесеттите години по падот на Берлинскиот ѕид и отворањето на Источна Европа се појави како меѓународна локација за развој на софтверскиот бизнис. Сега во земјата има доволно работа, вели Брашнаров, па приватниот сектор соработува со владата за финансирање академии за обука на поголем број компјутерски експерти. Индустријата дури врши и притисок врз бугарската влада да издава високотехнолошки дозволи за градежниците од соседните земји како што се Србија и Македонија.
Еволуцијата на ангажирањето надворешни лица за одредени активности на компанијата покажува дека прозорецот за можности во Бугарија нема вечно да биде отворен. Додека земјите се натпреваруваат за обезбедување повеќе работа, и со зголемувањето на животните стандарди и трошоците, некои бизниси ќе одат уште подалеку. „За пет-десет години Бугарија нема да сака да отвора основни центри за примање повици, основни прописи за надминување на неспособностите и програмирање на многу ниско ниво“, изјави Бел од „А.Т. Керни“. Но, „изведувањето повеќе основни работи е единствениот начин да се креира кредибилитет кој ќе ги однесе кон работи на повисоко ниво. Тоа е критичен чекор“. (Интернешенел хералд трибјун)
http://utrinski.com.mk/?ItemID=B15645BFD...5EEC722213