7
31.10.2006, 16:28
Бугарија ги губи жителите, каде се луѓето?
Според предвидувањата, населението на Бугарија од 2005 до 2050 година ќе опадне од 7,7 милиони на 5 милиони
ЛАКИ - Овој социјалистички рударски град на иднината беше толку нов на основањето во 1959 година што имаше ново модерно одделение за мајчинство и немаше гробишта. Денес бројот на населението изнесува 4.000, што е намалување од 10.000 во 1990 година. Само два од петте олово-цинкови рудници се' уште работат, без можност да се натпреваруваат на светскиот пазар. Осум од деветте училишта во општината се затворени, бидејќи има многу малку деца. Одделението за мајчинство одамна ги затвори своите врати.
„Речиси ги искористивме гробиштата што ги имаме“, вели Тодор Тодоров, градоначалник на ова место во Родопските Планини на јужна Бугарија. „Брзаме да пронајдеме терен за нови“.
Истрошен но шармантен, Лаки не е занемарен. Улиците се чисти и организирани, а многу јавни згради се свежо бојосани. Единствено локалните жители можат да видат што недостасува - луѓе кои некогаш ги полнеа улиците. „Градот буквално умира“, вели Марија Иванова (49) која работи во кафуле на главната улица под борови сенки. „Нема работа и сите млади луѓе заминаа“.
Лаки е еден од поекстремните случаи на депопулација во Бугарија, каде што вкупното опаѓање на бројот на населението се смета за едно од најсериозните во светот. Дваесетте поголеми града го губат населението од 1989 година, освен главниот град Софија. Според предвидувањата на Бирото за популациски карактеристики, невладина организација во Вашингтон, населението на Бугарија ќе опадне за 34 проценти од 2005 до 2050 година, од 7,7 милиони на 5 милиони. Бирото предвиде дека единствената земја што ќе загуби повеќе свои жители во тој временски период е Свазиленд, каде што 38 отсто од населението има ХИВ.
„Иако намалувањето на населението погодува многу други земји во Европа, проблемот во Бугарија е покомплициран поради нискиот стандард на живеење“, вели Емилија Војнова, претседателка на канцеларијата за демографска политика во Министерството за труд и социјална политика во Софија. Војнова подготвува национална стратегија за подобрување на животните стандарди за да можат Бугарите да имаат повеќе деца, помалку да емигрираат и подолго да живеат.
Тешкотиите со кои се соочува Бугарија можат да се споредуваат со Италија, која, исто така е загрижена за населението - на секој пензионер во Италија има само четворица работници. Во Бугарија има само 1,5 работници за секои двајца пензионери и стапката уште повеќе се влошува. „Не постои начин системот на социјална заштита да биде независен“, истакнува Војнова.
Јордан Калчев, шеф за популациска статистика во Бугарскиот национален статистички институт, вели дека популациското опаѓање започнало за време на комунистичката ера и се забрзало кога бил окончан стариот систем во 1989 година, а економијата пропаднала. „Младите луѓе се чувствуваат несигурни за нивната иднина и тоа се одразува на нивното репродуктивно однесување“, вели тој. Стапката на плодност - просечен број на деца по жена - сега е 1,3 во Бугарија, исто како и во Германија. Стапката со која треба да се одржи нивото на популација е 2,2. Калчев проценува дека 800.000 Бугари емигрирале од 1989 до 2004 година, или околу 10 отсто од населението. Фактот дека многумина кои заминале се млади возрасни луѓе го зголемува опаѓањето.
Демографската дилема на Бугарија е евидентна во 144 села чија бројка на население сега изнесува 0. Дополнителни 337 села имаат 10 или помалку жители. Селото Балкан Махала, што се наоѓа околу 12 км од Лаки, има официјално население од осум луѓе. На ридовите се расфрлани околу 30 куќи, со камени покриви и пространи дворови, повеќето напуштени.
Никола Стоиков бил четврто одделение кога се затворило неговото училиште во 1964 година. Тој се' уште живее во селото со неговите родители, при што секој има посебна куќа. „Семејството има земјиште, вели тој, но нема кој да се грижи за тоа“. „Државата не може да направи ништо да ни помогне“, додава Стоиков во паузата од хранењето свињи. „Останаа само стари луѓе“.
Неговиот татко Васил Стоиков (84) се потпираше на еден стрмен рид јадејќи го ручекот од јогурт, салата и свинско, кои сам ги произведува. Целата негова облека е рачно изработена: дебели кафеави рачно предени волнени панталони, плетени волнени чорапи и кафеав плетен елек. „Овде станува многу здодевно“, вели тој, гледајќи преку панорамата од сини планини и зелени ридови.
Далеку на запад, во Дупница, 70 км јужно од Софија, населението опадна од 57.000 кон крајот на 1980-те години, на 44.000. Во комунистичкиот период, околу 70 отсто од жителите работеа во големи производствени фабрики, од кои повеќето сега се затворени, како што Лаки зависи од своите рудници.
Дупница им нуди на мотоциклистите на минување пост-апокалиптична визија за сериозно индустриско пропаѓање. Огромни за’рѓани фабрики и складишта со покриви од скршени прозорци го сочинуваат погледот во најголем дел од меѓународниот автопат што минува низ градот. Во центарот на градот, полн со распаднати згради, бетонски згради и модерни привлечни кафулиња, двајца пензионери седеа на клупа во паркот.
„Разговараме како беше, тука не можеше да се помине бидејќи имаше толку многу луѓе во летните вечери“, вели Иванка Христова. „Сега не се забележува ниту еден човек“. Нејзиниот сопруг Георги (60) беше раководител на производство во фабрика за машини која некогаш вработувала 1.400 луѓе. Сега е затворена. „Жално е и разочарувачки што моите деца треба да одат во странство за да најдат работа“, вели тој. „Некој кој е образуван како професор треба да оди во Шпанија и да стане чистач или градител за да живее подобро“.
(Интернешенел хералд трибјун)
http://utrinski.com.mk/?ItemID=378E4FE26...87056FC559