Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 1 Vote(s) - 5 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Македонските медии за България
Author Message
Топорчо Offline
Posting Freak
*****

Posts: 1,000
Joined: Jul 2011
Reputation: 9

Фељтон

Како беа ликвидирани македонските Евреи (4)


Зошто беше тргната плочата за царот во Ерусалим. За спасување на Евреите од Бугарија најголема заслуга има потпретседателот на Собранието, Димитар Пешев, кој повел акција да се спречи нивното депортирање и успеал. Но, за Евреите од Македонија и од Тракија немало спас

Виктор Цветаноски


За симнувањето на плочата на цар Борис Трети во Ерусалим тогашните бугарски власти ги обвинија потомците на малкуте преживеани македонски Евреи. „И јас се стресувам од омразата кон се' што е бугарско што го покажуваат потомците на депортираните Евреи во Македонија“, изјави бугарскиот професор Михаил Огњанов. Причините за тоа професорот ги гледа во наводната бугарофобија што им се всадувала во Македонија, а не во тоа што нивните предци биле ликвидирани од бугарската профашистичка влада.

Плочата била демонтирана откако Еврејската заедница од Македонија испратила писмо потпишано од Виктор Мизрахи, во кое се посочувало дека одговорноста за депортирањето и ликвидирањето на речиси сите Евреи од Македонија била на царот Борис и тогашната бугарска фашистичка влада.

Додека официјална Софија бараше од Израел да ја преиспита одлуката за симнување на плочата, 14 познати бугарски интелектуалци напишаа декларација во која решението за симнување го окарактеризираа како „комплимент и гест на врвна справедливост кон бугарскиот народ“, зашто, според нив, Евреите не ги спасил царот, туку народот и црквата.

Тогаш реагираше и израелската амбасада, подвлекувајќи дека спомен-плочите не се бугарска сопственост, дека тие се поставени од американски Евреи кои се иселиле од Бугарија и дека сите израелски влади покажувале уважување кон бугарскиот народ, но, од друга страна, не можеле да го заборават депортирањето и уништувањето во концентрациониот логор „Треблинка“ на 11.000 Евреи од Тракија и од Македонија.

За поставување спомен-плоча на цар Борис инсистирале бугарски Евреи кои живееле во Лос Анџелес. Тие сакале да му изразат благодарност што успеал да ги спасил од нацистичките логори 50.000 нивни сограѓани во Бугарија. Меѓутоа, израелскиот весник „Хар Арес“ публикувал текст во кој со аргументи се тврдело дека царот Борис учествувал во создавање репресивен закон за заштита на нацијата, кој подоцна станал силен аргумент за засилувањето на антисемитизмот и страдањето на Евреите во Бугарија и ја поддржал оската Рим - Берлин. Друг израелски весник, пак, објавил слика на цар Борис како цврсто му ја стиска раката на Хитлер.

По многуте реакции што уследиле потоа, се формирала посебна комисија, која излегла со соопштение во кое се вели дека царот ги исполнувал упатствата на нацистите за депортирање на тракиските и македонските Евреи во логорот „Треблинка“. Екстрадирањето целосно било извршено од бугарската полиција и војска, кои тогаш го окупирале тој реон на Балканот.

Проблемите на бугарските Евреи започнаа многу порано, уште при крајот на триесеттите години на минатиот век, кога под влијание на фашистичката идеологија некои бугарски политички движења, пред се', Сојузот на националните легионари, организирале кампања против нив. Тие ги кршеле излозите на еврејските продавници и канцеларии, така што дел од Евреите под притисок се иселиле во САД и во Франција.

Законот за заштита на нацијата, што бугарската држава го донела во 1940 година, бил насочен токму против Евреите. Законот ги обврзувал да носат жолти шесткраки ѕвезди, да го декларираат имотот, сметките во банките, а стопанската активност им била ограничена. Царот, и покрај тоа што имал огромна моќ, не се спротивставил на антиеврејските прогонувања.

Пратеникот Ансен Бехар, инаку Евреин, раскажа како за време на војната, поради антисемитската политика на тогашната влада, Евреите биле затворени во своите домови. Сите граѓани од „новите територии“, како што Бугарите ги нарекуваат окупираните области од бугарската војска за време на Втората светска војна, можеле да добијат бугарско државјанство, но не и Евреите, со што уште полесно можела да се изврши нивна депортација.

Ова тема уште еднаш ги разгоре страстите во Бугарија во деновите кога беше организирано потсетување на големото дело на Димитар Пешев, потпретседател на бугарското Собрание, кој во 1943 година собрал 43 потписи од пратениците на владејачкото мнозинство за да го спречи депортирањето на бугарските Евреи. Кога дознал дека владата подготвувала депортирање на Евреите од Бугарија и дека возовите веќе се товареле да тргнат за нацистичките концентрациони логори, интервенирал кај министерот за внатрешни работи, Петар Габровски, и притоа успеал да се избори да се одложи депортирањето кое веќе почнало да се подготвува во Ќустендил. Наредните денови подготвил и петиција. Поради неговото ангажирање да се спасат Евреите, владата побарала да биде сменет од потпретседател на Народното собрание, а пратениците што ставиле потпис на петицијата да бидат предупредени дека можат да бидат исклучени од него. Подоцна некои од нив ги повлекле потписите, а Пешев бил сменет од функцијата.

Говорејќи за значењето на делото на Пешев, тогашниот парламентарен спикер, Јордан Соколов, рече дека со прославата се ставало крај на митот дека бугарските Евреи биле спасени од Живков и од комунистите.

Реакциите на социјалистите и бугарските антифашисти беа огромни. Лидерот на БСП, Георги Прванов, го повика Соколов на јавна дискусија на темата за Евреите. Тој истакна дека со донесувањето на Законот за заштита на нацијата во 1940 година во Бугарија се создала основа за официјална политика за антисемистички прогонувања. Според него, овој закон создаден според нацистички образец довел до силно ограничени граѓански права на бугарските Евреи, а пронацистичкиот бугарски режим од 1941-1944 година формирал Комесаријат за еврејски прашања.

„Во крајна линија тој режим е одговорен за трагичната судбина на повеќе од 11 илјади Евреи од Македонија и Тракија, кои во тоа време беа под бугарска управа“, подвлече Прванов.

По повод искажувањето на Соколов, реагираше и Бугарскиот антифашистички сојуз, а неговиот претседател Велко Волканов прочита стенографски записници од тогашното бугарско Собрание.

„Бугарските Евреи најдобро знаат што им се случи и кој ги спасуваше, но јавноста целосно е збркана од срамните изјави како на таа на Јордан Соколов. Немало фашизам, но Евреите се спасени. Од кого и како се спасени? Од фашизам со човечко лице? Од еден добар фашизам, кој што ем ги осудил Евреите на смрт ем си ги спасил самиот”, изјави Анжел Вагенштајн, бугарски Евреин. Според него, сите членови на тогашната влада и претставници на Народното собрание биле директни учесници во уништувањето на Евреите од Македонија и од Тракија.

„Дали може, од една страна, да се симулира пред Европа уважување кон Евреите, а од друга страна, да се рехабилитираат фашистите и фашизмот“ праша тој.

Од Тел Авив со писмо се јави и Евреинот Мони Папо, подвлекувајќи дека Бугарија била и си останала единствената држава во Европа, чијшто Врховен суд го рехабилитирал фашизмот. Неговата реакција беше предизвикана од фактот што Врховниот суд на Бугарија ги стави надвор од сила пресудите на Народниот суд од 1 февруари 1945 година и, притоа, рехабилитира 51 лице. Многумина од нив биле главни актери на драмата на бугарските Евреи и трагедијата на нивните сононародници во Македонија и во Тракија, но имало и такви кои биле против депортацијата на Евреите. Сите нив комунистичката власт ги осудила за вовлекување на Бугарија во Втората светска војна, против сојузничките народи и за злосторства сврзани со народот... Од нив 93 биле осудени на смрт, а останатите на временски казни. На смрт беше осуден и тогашниот премиер Богдан Филов и егзекутиран на софиските гробишта од стрелачки вод истата вечер.

Парадоксално е што тогаш бил осуден и Димитар Пешев, на кого должна почит за спасување на бугарските Евреи му беше оддадена и во Стразбур од Советот на Европа. Обвинет бил за антисемитизам и противник на Советскиот Сојуз. За него била побарана дури и смртна пресуда (од пратениците што ја потпишале пресудата, 20 биле осудени на смрт). Меѓутоа, Пешев бил спасен од својот адвокат – Евреин. Умрел во 1973 година.

(Крај)

http://utrinski.com.mk/?ItemID=88A597DDE...00EA4DF74C
Без Ботев няма България
11-01-2013, 06:41 AM
Reply


Messages In This Thread
RE: Македонските медии за България - by Топорчо - 11-01-2013, 06:41 AM