Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 1 Vote(s) - 5 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Македонските медии за България
Author Message
Топорчо Offline
Posting Freak
*****

Posts: 1,000
Joined: Jul 2011
Reputation: 9

Како се ѕидаше бугарското вето

Софија одамна си ја пробуваше силата во ЕУ, а сега само јавно го кажа тоа

Слободанка Јовановска


Можеше ли да се избегне бугарското вето за Македонија во Европската унија или, пак, таквиот расплет беше неизбежен, со оглед на анимозитетот што со децении владее меѓу едната и другата држава? Тоа што последниве месеци од Софија стигаат силни повици да и се покаже заби на Македонија, сепак никого не изненадува, бидејќи ѕидањето на бугарското вето практично почна само една година откако оваа земја стана членка на Унијата, во 2007-та година.

Најава што можеше да се очекува беше промоцијата на бугарскиот Алманах за Македонија, не во Софија туку во Брисел, иако за овој настан немаше никаков интерес во ЕУ престолнината.

Прв што го отвори фронтот кон нашата држава во 2008-та година беше Евгениј Кирилов, како единствен што во расправата за извештајот за Македонија во ЕП ја поддржа грчката позиција, гласно тврдејќи дека македонската нација и јазик се вештачки создадени, па својствено на тоа таква ни е и историјата.

„Сакам да ве уверам дека ние сме едни од најдобрите пријатели на Македонија. Ве молам верувајте во тоа“, тврдеше премиерот Бојко Борисов среде Брисел во 2009-та година, отфрлајќи ги сомневањата од македонска страна дека намерно ги влошува односите користејќи ја бродската несреќа.

„Имам прекрасни односи со вашиот премиер“, уверуваше тој, но единствена формална средба што ја остварија со Никола Груевски се случи идната година, по посетата на нашиот премиер на Австралија, од која деталите и сега и се непознати на јавноста.

Од 2009-та година веќе се исцртуваше јасно бугарската намера споровите со Македонија да се решаваат од, за нив посилната позиција - Европската унија. Таа година пирамидата на обвинувања кон нашата држава растеше со неконтролирана пропорција, и во однос на забелешките и во однос на тие што учествуваа, вклучувајќи го и шефот на дипломатијата Николај Младенов, кој тогаш како европарламентарец беше еден од најгласните. Иницијална каписла беше најавата дека Македонија за првпат ќе добие препорака за преговори со ЕУ, по што следеше лавина од амандмани околу нашиот извештај во ЕП. Намерата беше преку Брисел да се притисне Скопје да ја прифати едностраната Декларација за пријателство и соработка што ни беше испорачана, на која одговори нашето МНР, но инсистирањето на реципроцитет не беше по вкусот на Софија. Со оглед на барањата во неа медиумите коментираа дека, ако прифатиме се', на крајот ќе треба да пропееме и бугарски песни за да влеземе во Унијата. На јануарската расправа за Македонија во ЕП бугарските парламентарци јавно ги испорачаа барањата, а меѓу нив ревидирање на историјата, запирање на негативната пропаганда кон нивната држава, крај на наводно малтретирање и тепање на Бугарите во Македонија, на отпуштања, заплашувања, психички тортури и попречувања на слободни здружувања, заштита на бугарски споменици, а на Младенов му пречеше и името на Македонската православна црква барајќи да се употреби зборот „православно христијанство“. Истиот тој Младенов летово изјави дека „Бугарија треба да гледа напред, зашто ако гледа назад во тоа што ја дели со Македонија, ќе најде повеќе од доволно причини“.

„Можеме да си зборуваме многу за 1913 година, но така ќе ја испуштиме 2013 година“, порача тој неодамна во интервју. Како европарламентарец тој беше меѓу 17 -те што испратија писмо до Оли Рен драматизирајќи го случајот со Спаска Митрова, а откако пропадна препораката, се фалеа дека тоа е и нивна заслуга, а не само на Грција.

Синхронизираноста со Грција, па и копирање на методите на грчката политика кон Македонија беа веќе видливи, па уште тогаш медиумски се коментираше дека се создава грчко-бугарски сојуз против нашата држава во ЕУ. И покрај тоа, во политичките кругови кај нас трендот на заострување на односите со Бугарија се игнорираше, па и се правеа потези со кои се поттикнуваше, т.е. се одеше на нивна воденица. Во 2010 година Младенов објави дека Софија дига раце од договорот за пријателство и соработка, односно дека проблемите со Македонија ќе ги решаваат „низ процесот на евроинтеграцијата“. Како ќе изгледа тоа, се виде наредната година, кога бугарските амандмани за заедничко славење на историјата и за заштита на спомениците успеаја да влезат во препораките на ЕП за нашата држава, и оттогаш бугарските политичари на тоа се повикуваат како на став на ЕУ. Во меѓувреме барањата еволуираа, бидејќи за некои се виде дека се конструкција и претерувања, а други премногу закопани во историјата.

Првата јасна и директна закана за вето стигна во мај годинава, кога сите бугарски функционери се изредија со порака дека Македонија треба да се однесува соодветно на поддршката што и ја давала Бугарија, а повод беше инцидентот со нивниот амбасадор на гробот на Гоце Делчев. На расправата за извештајот за Македонија во ЕП во март грчките и бугарските европарламентарци дури беа опоменати од останатите за националистичка реторика кога тврдеа дека проблем за преговорите не е името, туку пропагандата од нашата држава.

Сепак, просторот за бугарските поплаки почна да се шири во извештаите на ЕП, што даде сила на националистичките кругови во оваа држава да бараат најотворено исцртување на бугарски црвени линии. На амбициозната расправа што беше организирана на тема Македонија главно обвинување беше дека се обидуваме да градиме идентитет на сметка на Бугарија и дека крадеме историја, па нивната црвена линија треба да биде нашиот устав и учебниците по историја. Еден од учесниците побара жолт, па црвен картон за Македонија, ако се нема слух за овие барања. Увод на оваа расправа беше неочекуваната изјава на премиерот Борисов дека за Бугарија предлогот Северна Македонија бил неприфатлив, бидејќи ќе имплицирал територијални претензии кон неговата држава.

Црвените линии пак ги најави Младенов, најавувајќи наедно и државна стратегија за односите со нашата држава, расправа за Македонија во бугарскиот парламент и турнеја низ пиринскиот дел, за да слушне што мислат граѓаните за ова прашање. Идејата беше да се прати порака до Брисел дека сите стојат зад критиките кон Македонија. Паралелно, за една недела писма со поплаки стигнаа до УНЕСКО, до Филе, до Ричард Ховит, до Жозе Мануел Баросо и други адреси за наводни репресии врз тие што се изјаснуваат како Бугари. Таа врева не можеше да ја игнорира во Брисел, па бугарското досие ЕК го вклучи во условот добрососедство, иако не така како што посакуваше Софија.

Слабоста на бугарската тактика е што без Грција нивното досие во ЕУ нема тежина, а вака пред се' ги одработуваат интересите на Атина. Ако Македонија еден ден го реши спорот за името со Грција, Бугарија ќе остане на чистина, без моќ да ги спроведе условувањата со кои сега ни се заканува. Вака заканата е сериозна, но штетата што бугарското вето би ја предизвикало за самата Бугарија ќе биде голема, бидејќи македонските граѓани се многу почувствителни кон бугарските подметнувања од тие на Грција. Анкетите тоа впрочем постојано го покажуваат.

Изјавата на Груевски во Австралија „кец на десетка“

Пораката на премиерот Никола Груевски до македонските иселеници во Австралија во октомври 2010 година -дека никој не смее да ги дели на „Вардарци, Пиринци и Егејци, бидејќи има само Македонци “, од бугарскиот државен врв беше искористена како причина да не' обвинат за територијални претензии и неевропско однесување.

„Отсекогаш сум им велел на нашите соседи од Македонија, дека откако тргнаа по патот кон членство во ЕУ и во НАТО, треба да прочитаат какви се вредностите што таму се признаваат. А, тие се Европа без граници, Европа на добрососедство, Европа во која проблемите не се решаваат со такви изјави, туку со мир, разбирање, толерантност“, коментираше тогаш Борисов.

Груба провокација за Борисов беше и филмот „Трето полувреме“, пред се бидејќи е правен и со пари од државниот буџет.

„Бугарија никогаш не се меша во внатрешните работи на други земји, освен кога правите хитлеровски филмови за нас. Бугарија никогаш немала свастика на знамето. Ние никогаш не се мешаме. Напротив, први ја признавме Македонија, работевме да се укинат визите за вас, ви помагаме и сега како ни одговоривте – со хитлерски филм“, нервозно одговори Борисов на новинарското прашање.
Ерик Мајер контра Евгениј Кирилов

Дали Македонците се Бугари, е прашање во генезата на бугарско-македонските проблеми, но како членка на ЕУ, Бугарија вака отворено веќе не си дозволува да го постави, па се обидува да го одработи преку историските комисии. Единствениот обид тоа прашање да се најде пред ЕП, заврши со европска лекција за Евгениј Кирилов.

„Дали Македонците се Бугари е расправа што се води одамна во Бугарија. Мнозинството во Македонија сметаат дека не е така. Затоа, ние како европарламентарци околу оваа тема не можеме да направиме ништо, бидејќи станува збор за чувствително прашање. Македонците се чувствуваат блиски, но не и дел од Бугарите. И тоа треба да се почитува“, му порача на Кирилов известувачот за Македонија во тој период, Ерик Мaјер.

Македонскиот голем литерат претставен како „бугарски поет“

Европратеникот Евгениј Кирилов денес ќе го слави јубилејот за Никола Вапцаров во Брисел

Бугарскиот европратеник Евгениj Кирилов утре во Европскиот парламент во Брисел организира конференција по повод 70 години од убиството на македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров. Со помош на групата на Социјалдемократската партија во ЕП, пратеникот Кирилов ја организира оваа конференција со наслов „Што ќе ни дадеш историја од твоите пожолтени страници“, при што ќе бидат читани поемите на Вапцаров кој е претставен како бугарски поет.

На конференција, како што јави МИА, е најавено учество и на друго европратеници и бугарски дипломати, историчари и поети, како и на Никола Вапцаров, внук на поетот, при што шпанскиот писател Мануел Муњоз Идалго ќе говори за посланијата на поетот.

Евгениј Кирилов е познат како бугарски политичар со изразени антимакедонски ставови, чија помошничка во Европарламентот беше и познатата македонска „Бугарка“ Спаска Митрова, која беше судена за граѓански спор со својот поранешен сопруг во Македонија. (МИА)

Статијата е прочитана 1931 пати.

http://utrinski.com.mk/?ItemID=C69FC9F9E...5C1E16DB31
Без Ботев няма България
15-11-2012, 06:02 PM
Reply


Messages In This Thread
RE: Македонските медии за България - by Топорчо - 15-11-2012, 06:02 PM