Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 1 Vote(s) - 5 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Македонските медии за България
Author Message
Valkanizater Offline
Senior Member
****

Posts: 431
Joined: Feb 2011
Reputation: 15

Датум: 16.07.2012, 17:58
БОРИС САРАФОВ
Го славиме востанието, ама не и водачот

Секое спомнување на Сарафов предизвикуваше сомнеж кон намерите и чистотата во разговорот за нашата историја. Во една таква дебата во Собранието дури доживеавме овој великан да биде ословуван како предавник, токму од луѓе кои немаат прочитано ниту еден ред за неговиот живот, потекло, убедувања и дело
„Ние, Македонците, не сме ни Срби ни Бугари, ами просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и од српскиот. Ние сочувствуваме и со едните и со другите, и Бугарите и Србите, и кој ќе го помогне нашето ослободување - нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците!“ Оваа изјава не е на никој друг, туку лично на Борис Сарафов, еден од најголемите водачи на Организацијата и водач на Илинденското востание (така го ословуваат светските весници од тоа време). Оваа изјава на Сарафов долго време е печатена како главно мото на весникот на Димитрија Чуповски, издаван во Русија. Ваква јасна, остра и прецизна изјава нема дадено ниту еден друг револуционер од неговото време. Тоа треба да се почитува.

Пред неколку години имав трема секогаш кога ќе требаше да го спомнам Сарафов. Знаев дека луѓето или не чуле за него или она што го слушнале е целосно искривоколчено на штета на неговата големина. Секое негово спомнување предизвикуваше сомнеж кон намерите и чистотата во разговорот за нашата историја. Во една таква дебата во Собранието на Република Македонија дури доживеавме овој великан да биде ословуван како предавник, токму од луѓе кои немаат прочитано ниту еден ред за неговиот живот, потекло, убедувања и дело. Така требало да биде, за жал, така некој ја кроел и ја прекројувал историјата.

Фактот дека раководел (заедно со Груев и Лозанчев) со востанието не бил доволен. Иронијата на нашето (не)знаење е во полн израз, го славиме востанието, ама не и неговиот водач. Фактот дека бил еден од најблиските соработници на Груев, на Шатев, на Чернодрински, на Матов за македонската историографија во периодот до 1990 година не бил значаен. Имав среќа да прочитам повеќе материјали за дејноста на велешките војводи во илинденскиот период и да осознаам дека токму тие, велешките војводи (Алабакот, Андреја Димов, Тодор Христов...) како директни учесници во ослободувањето на Kрушево, биле и најблиски соработници на Сарафов. Дури постои и се памети една изјава на најзначајниот велешки војвода Иван Наумов – Алабакот, кој вели дека ќе ја гази Бабуна и ќе биде сарафист. Во Велес (во мандат кога на власт беше СДСМ, но со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ) се направи споменик токму посветен на овие војводи. Повторно иронија, ги величаме неговите соработници, а Сарафов го негираме.

Долги години заборававме да го споменеме и фактот дека токму Сарафов е човекот кој ги обезбедува финансиските средства за спроведување на солунските атентати. Со парите што тој лажно пријавува дека ги потрошил на лесни жени во Софија е купен динамитот кој подоцна се користи за спроведување на атентатите. За ова постои јасен спомен на еден од гемиџиите, Павел Шатев, кој го пишува следното: „Не само Орце Попјорданов, туку и сите останати гемиџии се чувствувавме морално задолжени кон Борис Сарафов не само поради материјалната помош што ни ја даваше и големата доверба што (посебно Орце, но и другите) ја имавме во него, туку и поради оној гест што го направи за време на конгресот на ВK кога му побараа отчет за дадената ни сума... Во нашите очи Борис Сарафов се извишуваше далеку над сите останати водачи од кои никој не би го сторил тоа, што го стори тој - да си го поткопа сопствениот авторитет... За таа негова постапка Сарафов остана благословен од сите нас“. Иронија. Ги славиме гемиџиите, но човекот без кога веројатно немало ниту да се случат атентатите го негираме, го забораваме или го омаловажуваме. Фактот дека и во овој случај Сарафов е близок соработник на револуционери од мојот роден град Велес, ми дава само дополнителен потстрек да читам и да истражувам за неговото дело. Но, сепак, внимавам во текстот посветен на него да користам негови изјави и изјави на несомнени авторитети (Шатев и Kрсте Петков Мисирков) за да не дозволам мојот став да биде тема на политичко препукување. Овде пишувам за факти.

А, токму Kрсте Петков Мисирков, како еден од најголемите дејци и поборници на македонизмот, нема дилема околу улогата на Сарафов. Сите оние што го побиваат и негираат делото на Сарафов, го негираат и Мисирков, зошто тој за Сарафов го вели следното: „Борис Сарафов по потекло е Македонец и целиот свој живот го посвети во борбата за ослободување на Македонија... И не во Турција од турски куршум, туку во престолнината на Бугарија, од предавнички куршум падна тој за слободата на Македонија. Го убија Сарафов и заборавија на него, иако едно време тој беше центар на македонското движење против Турците за ослободување на Македонија. Вистина, тој имаше непријатели и сред раководителите на Внатрешната македонска организација, а да не зборуваме пак за Централниот македонски комитет во Софија под раководство на генерал Цончев. Но, Борис Сарафов беше идолот на македонскиот народ: на селаните и на граѓаните. Тој беше претставник на македонските идеали во странство, заради што ги посетуваше европските престолнини, разговараше со претставниците на европскиот печат, па дури и ги посетуваше дипломатските канцеларии. Борис Сарафов претставува идеален борец за слободата на Македонија. Па, сепак, каде е споменот за Борис Сарафов? Зошто веќе не зборуваат за него? Зошто тој толку бргу е заборавен од страна на Бугарите со чувство на признание? Бугарите, Ботев го креваат до небеси, а Б. Сарафов? Сарафов треба до небеси да го крева Македонија: но каде е таа? Благодарение на непријателите на Сарафов, таа е разделена на три дела и поднесува ропство неспоредливо потешко од турското. Сарафов е убиен физички и морално во престолнината на Бугарија... ,,Авантуризмот” на Б. Сарафов и нему сличните лица се состои во тоа што стојат здраво врз единството и неделивоста на Македонија; тие водат чисто македонска политика што никако не се совпаѓа со бугарската политика. Единството и автономијата на Македонија - тоа е идеалот на Б. Сарафов; разграбувањето на Македонија од Бугарија или, во најмала рака, нејзина поделба помеѓу Бугарија и Србија со присоединување на поголем дел од Македонија кон Бугарија - тоа е идеалот на бугарските националисти.“

Овој текст е посветен на мојата желба за надминување на идеолошките разлики во македонското национално ткиво. Мораме да разбереме дека треба да се обединуваме, а не да се делиме и етикетираме. Борбата за слобода на Македонија не е ексклузивно право или наследство ниту на левите ниту на десните. Kако Сарафов, неправилно запоставени и негирани, досега, има многу: Матов, Чаулев, Александров, Прличев, Шанданов, Шарло, Шатев, Брашнаров, Полежина, Ченто, Пирузе... Долг е списокот на оние на кои конечно треба да им се одолжиме и да ги почитуваме. Не заради нив, туку заради следните генерации кои не смеат да живеат во мисла за нашите несреќни поделби. До Сандански треба да застане Сарафов, а до Ченто треба да застане Апостолски. Така ќе покажеме јасна намера да градиме држава со капацитет за обединување на националното ткиво.

П.С. Им благодарам на сите оние што со мене ги споделуваат историските факти, досега недоволно познати во македонската јавност.

П.С.С. За сите оние што само од партиска перспектива ќе почнат да ме навредуваат за овој текст, замолувам, пред да почнат да етикетираат, да пробаат да прочитаат нешто повеќе за да знаат за што пишувам. Еве, нека почнат да го бараат следниот факт. Kој е човекот што од Софија го носи динамитот за гемиџиите? Kога ќе го дознаат неговото име, ќе знаат дека треба да престанат да говорат без да прочитаат нешто повеќе.
Илија ДИМОВСКИ
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?It...D67CB6BA57

31-07-2012, 06:23 PM
Reply


Messages In This Thread
RE: Македонските медии за България - by Valkanizater - 31-07-2012, 06:23 PM