Добредојдовте
  • Users with e-mails at mail ·ru, aol ·com and gmx ·com to contact admins for registration.
  • Новорегистрираните членови повратниот одговор од форумот за активирање на сметката нека го побараат и во Junk на нивните пошти.
  • Сите регистрирани членови кои неучествуваат во дискусиите три месеци автоматски им се брише регистрацијата

 

Thread Rating:
  • 1 Vote(s) - 5 Average
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
Македонските медии за България
Author Message
Топорчо Offline
Posting Freak
*****

Posts: 1,000
Joined: Jul 2011
Reputation: 9

Нашите историски дилеми (втор дел)

Нашите историски дилеми

Русите како историски факт би го прифатиле тврдењето дека првата руска држава, киевскаја Рус, настанала во и околу Киев, денешниот главен град на Украина (уверен сум дека не би го негирале ниту податокот дека руската царица Екатарина Велика била Германка по род)



Како што пишував минатата сабота, многумина во нашиве краишта љубат историјата да ја толкуваат небаре постанала на начин на којшто постанал светот во Стариот завет: за кратко време, однапред одредена, со јасно зацртани цели и идеи. Оттаму и постанокот и развојот на нациите го сметаат за процес детално испланиран и дефиниран во самиот старт, како нацијата да се прави на начин на кој се прави шише „кока-кола“: според подготвена хемиска формула, со зададен дизајн и физички димензии.

Големите нации немаат големи проблеми со ова. Така на пример, Шпанците не би се бунеле кога во нивно присуство би проговориле за присуството на арапските влијанија во нивната култура и нивните гени (на крајот на краиштата, евидентно е дека денешните жители на Андалузија визуелно се разликуваат од Визиготите, кои го населиле Пиринејскиот Полуостров пред инвазијата на Маврите). Русите како историски факт би го прифатиле тврдењето дека првата руска држава, киевскаја Рус, настанала во и околу Киев, денешниот главен град на Украина (уверен сум дека не би го негирале ниту податокот дека руската царица Екатарина Велика била Германка по род). Германците, пак, се свесни дека доколку пруско-австриската војна од 1866 година не завршила со победа на Прусија (која пет години подоцна ги обединила германските држави под своја круна), денес нивен главен град ќе беше Виена, а народите од германското говорно подрачје најверојатно ќе живееја во некакваси австриска федерација и ќе се нарекуваа себеси Австријци (па сепак, ниту еден современ Германец ниту, пак, Австриец нема дилеми за својата етничка припадност - со исклучок на Адолф Хитлер). А доколку би фатиле да убедувате некој Американец дека Џорџ Вашингтон, таткото на американската нација, самиот се чувствувал како Американец, гарант би ви се изнасмеал - бидејќи во времето кога Џорџ Вашингтон ги повел американските колонии во борба против британската круна, американската нација едноставно не постоела (иако, се разбира, на ниту еден Британец денес не би му текнало да ја негира американската самобитност). Кога сме веќе кај Џорџ Вашингтон, тој кариерата ја започнал како британски полковник и се чувствувал како британски поданик - и тоа го наведуваат и американската и британската историографија. Но кога јас за Јане Сандански би напишал дека бил бугарски офицер и се чувствувал како македонски Бугарин, голем дел од Македонците би ме нарекле бугарофил, а добар дел од Бугарите ваквото тврдење би го искористиле како аргумент во својата теза дека денешните Македонци се Бугари. За среќа, не се во право ниту едните ниту другите: Јане Сандански е дел од македонската историја и тоа никој нормален во Софија не би требало да го негира (исто како што никој во Лондон не негира дека Џорџ Вашингтон е дел од американската историја), а се борел против бугарската круна за политичка автономија на македонската република (слично на Џорџ Вашингтон, кој се борел против британската круна за независност на американската република).

Но која е тогаш причината што Американците и Британците со трезвена глава гледаат на настаните од заедничката историја, а Македонците и Бугарите за Сандански очи би си извадиле? Можеби за тоа придонесува фактот што Америка одамна е етаблирана како стабилна држава, којашто пет пари не дава за оние што евентуално би ги оспориле нејзиното минато и потекло - а можеби и затоа што никому (ама баш никому) во Велика Британија не му паѓа на ум да ги оспорува американската независност, самобитност и национална посебност. И можеби токму затоа Велика Британија си е велика без да рони солзи по загубените територии од онаа страна на Атлантикот, а Бугарија не може да биде Велика Бугарија без на нејзината мапа да биде вклучена античката земја Македонија (или барем оние нејзини територии на кои не се мнозинство Грците и Албанците). И, ете, затоа Бугарија никако да стане велика (барем во духот), а Македонија никако да стане стабилна (барем во умот) држава. Кога не би постоеле стравот, зависта, претензиите и политичката шизофренија, македонскиот и бугарскиот народ би си живееле мирно едни покрај други, на ист начин на којшто живеат франкофоните од двете страни на француско-белгиската граница: со заемна почит и уважување, без посегнување по туѓото, без омаловажување на другиот, без убедување на другиот дека не е друг и различен само затоа што обајцата дрвјата ги нарекуваат со исти зборови, а сирењето и на едните и на другите им е национален специјалитет. Звучи како да нема ништо пологично на светот, нели?

За жал, во бугарската политика сѐ уште не се нашол јунак што би се осмелил нештата да ги нарече со вистинско име и да го признае она што е очебијно: дека на нивната западна страна живее народ што се смета себеси за етнички засебен, кој зборува јазик што очебијно е различен од бугарскиот и дека фактот што тој народ минатото го поврзува со Бугарија (на начин на којшто меѓусебно се поврзани и десетици други земји во Европа) не значи дека тој народ нема право на сопствена иднина.

И за крај, да му одговорам и на оној мој македонски читател што веќе две седмици ме прозива како лажго затоа што наводно се повикувам на фалсификувани бугарски извори во тврдењето за етничката припадност на Јане Сандански. Драг читателе, не користам бугарски, туку директни извори - како што се на пример, мемоарските написи на американката Елен Стоун, којашто Јане лично го познавала. Кога не би си ја читале само својата литература и би ѕирнале што вели жената што осум месеци поминала со Јане и неговата чета, ем ти би увидел дека Сандански се изјаснувал како македонски Бугарин, ем бугарофилите би увиделе дека негов главен душман не бил турскиот аскер, туку врховистичките бугарски чети со кои на двапати во тие осум месеци имал оружена пресметка. И кога би продолжиле со читањето, би увиделе дека причината за пресметката не била ниту жени ниту фудбал, туку токму политичката иднина на Македонија.

Авторот е режисер и сценарист


Автор: Дарко Митревски

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.a...anie=22636
Без Ботев няма България
21-07-2012, 02:51 PM
Reply


Messages In This Thread
RE: Македонските медии за България - by Топорчо - 21-07-2012, 02:51 PM